Someone I look up to: Edward Snowden


In December 24, 2014 a Macedonian magazine asked me to name a person I look up to.

I chose Edward Snowden.

Here is my explanation why. It was published by the Tea Moderna magazine, www.teamoderna.com.mk No. 741, year XIV, Wednesday, December 24, 2014, p. 36-37.

Text intro by: Ivana Tasev (c)
Photo: Marko Markoski (c)

In Macedonian.










Ivana Tasev:

Професорката по книжевност, родови студии и теориска психоанализа за приватен херој го избра компјутерскиот маг Едвард Сноуден, кој по ко докажувањето дека постои масовно следење на најважните дигитални платформи денес, за неа стана симбол на опторот против корупцијата во дигиталниот свет и битка за похуман свет.



ГРАЃАНИНОТ 4: ЕДВАРД СНОУДЕН
CITIZEN 4: EDWARD SNOWDEN


За мој репер го избирам Едвард Сноуден, човекот кој го направи најважниот етички гест во современата дигитална цивилизација. Сноуден, американскиот професионалец за компјутери, во јуни 2013 декласираше 200,000 документи со кои покажа дека постои масовно следење на најважните дигитални платформи денес: Гугл, Фејсбук, Јутјуб. Сноуден обелодени дека интернет е најголемата дигитална набљудувачка мрежа во светот. Заканата по слободата што ја откри Сноуден е системска. Сноуден треба да се брани не само затоа што ја засрами американската тајна служба  - во однос на која, нашите комунистички кодошки страдања се само детска играчка - туку и затоа што покажа дека целата планета, од Кина до Русија, и од Германија до Израел, е базирана на злоупотреба на технологијата. Лекцијата на Сноуден е глобална. Од Сноуден знаеме дека прекрасниот нов свет не е така прекрасен како што се надевавме дека ќе биде. Илјадници луѓе имале пристап до базата на податоци со која работел Сноуден. Па сепак сите тие одлучиле да молчат. Сите освен Сноуден. Тој се одлучил за етички гест. 

Што значи етичкиот гест? Ние, луѓето, веруваме дека линијата помеѓу доброто и злото се пречекорува лесно. Веруваме дека понекогаш е нужно да ги изедеме сопствените зборови, само за да не останеме гладни. Но, драмата „Филоктет“ од Софокле, на пример, не’ учи дека поентата е токму обратната. 

Приказната оди вака: стариот херој Филоктет е оставен од своите соборци на пуст остров за да умре. Тој ја има стрелата на Хераклит, а пророштвото вели дека Грците ќе ја добијат Тројанската војна само со неговата стрела. Грците го испраќаат Неоптолем, оти тој личи на момче кое може да ја стекне довербата на стариот војник. И навистина, Филоктет го засакува Неоптолем и му ја доверува својата стрела на чување. Неоптолем има само уште неколку чекори до коработ со кој ќе замине заедно со стрелата. Но, тогаш застанува и се враќа. 




Неоптолем е исто толку голем колку и Филоктет. И по цена на пропаста на Грците под Троја, тоа што Неоптолем не може да го направи е да ја изневери довербата на старецот. Се враќа и на Филоктет му ја соопштува причината за своето доаѓање. Стариот Филоктет му одговара: „Дете мое, ти ја направи видлива суштината на твоето битие“. Книгите не’ учат дека постојат моменти кога и по цена целиот твој видлив свет да се распадне, тоа што не смееш да го сториш е да ги изедеш сопствените зборови. Оти тие се се’ што имаш... 

Современиот Неоптолем е Сноуден. Сноуден имал пристап до документи со кои можел да ја зајакне победата на империјата за која работел. Бил на чекор до коработ со кој можел да отплови кон својот професионален успех. Па сепак, застанал и одлучил да се врати. За да му соопшти на светот дека евентуалната победа нема да биде фер.


Сноуден е носителот на етичкиот гест во нашето дигитално време. Го одбрав Сноуден, но исто така можев да ги одберам и Џулијан Асанж или Челси Менинг. Тројцата/трите се моите современи херои.



Во септември 2014 Интернационалниот книжевен фестивал од Берлин организираше петиција за доделување на Нобеловата награда за мир за Сноуден. Петицијата ја потпишаа неколку нобеловци, како и автори од 54 земји, од Уругвај до Шведска и до Чиле. Петицијата ја потпишавме и Лидија Димковска и јас од Македонија. Нашите имиња на постерот, што го обиколи светот, стојат под нашето уставно име, Република Македонија. Заедно до потписите од нашите грчки колеги. Како што се знае, Сноуден не ја доби Нобеловата награда.

Сепак, еден месец подоцна, читателите на Гардијан, во анонимно гласање, му ја доделија алтернативната Нобелова награда токму на Сноуден. Во објаснувањето стоеше дека Сноуден изгубил се’: својата слобода, татковината, домот, семејството, анонимноста, платата, професијата, достоинството, иднината... [наведете тука се’ што мислите дека го чини еден човечки живот...]. Но, за возврат Сноуден ја покрена планетарната свест за опасноста од дигиталното набљудување. Сноуден изгуби се’, но ја врати довербата во нормалноста во светот, ја врати довербата во етичкиот гест.

До Сноуден најблиску се приближив кога разменив две реченици со Глен Гринвалд, новинарот на британскиот Гардијан, кому Сноуден за првпат му ги достави документите за масовните дигитални следења под псевдонимот „Граѓанинот 4“ во 2013 година. Двете реченици со Гринвалд ги разменив во 2012 година по повод читањето на логовите на Викиликс, чиј јавен поддржувач сум од почетоците на работата на Викиликс. За парадоксот да биде поголем, речениците ги разменивме токму дигитално, преку Твитер. 

Во минатото, еднаш, напишав книга за комунистичките тајни служби. Тогаш верував дека тие се најголемата опасност по светот. Денес знам повеќе. Не сум Сноуден. Но, од срце се радувам што во мојот историски век го посведочив неговото постоење. Не може секој да биде Сноуден. Но, секој може да го пронајде својот приватен „Граѓанин 4“ во себеси. Граѓанинот 4, Сноуден, за мене стана симбол за отпорот против корупцијата во дигиталниот свет, битка за похуман свет. Ова е причината зошто Сноуден во овој историски момент е мојот приватен херој.



 

Post a Comment