22.10.2005
ПОГРЕШЕН КАДАР
Јасна Котеска
Во една сцена од филмот “Боречки клуб” (Fight Club) на Финчер, Тајлер Дарден (го игра Бред Пит) ноќе работи на проектор во стари кина. Филмот не доаѓа на една голема ролна, туку на повеќе; неговата работа е кога ќе заврши првата ролна, истиот момент да ја пушти втората ролна на вториот проектор. Филмот продолжува и никој во публиката нема поим. Тоа што публиката не знае е дека Тајлер вметнува кадар по свој избор, вади парче од порнографски филм и го става во семеен филм. Веднаш по храброто куче и снобовското маче што имаат позајмени гласови и јадат од контејнери за ѓубре, се појавува придонесот на Тајлер. Децата од публиката збунети се загледуваат меѓусебно. Сопругата ненадејно престанува да влече газиран пијалок од цевчето и ја поминува нејасен ужас. Нејзиниот згрчен сопруг, полека се подига и се наслонува на седиштето. Една четириесетосмина од секунда. (Да нема забуна, поновите кино-ленти немаат 24, туку 48 слики во секунда). Толку е долго. Никој не знае дека го видел. Но, го виделе. Убав, голем сексуален орган.
Скриен во темната комора на кино салата Тајлер Дарден го ужива своето бескрајно задоволство: ја соблазнува десексуализираната стварност. Нема ништо секси во вашево неделно попладне. Затоа ви дозирам. Макар една 48-мина од секунда. За да видите. Што? Еден сексуален упад. Тајлер Дарден е терорист, па ако сакате и фашист. Формира легиони што ќе го уништат светот. Неговите методи се сомнителни, но тој завршува лошо. Па сепак, тој е филозоф и како таков, гледа извесна вистина за нашето доба.
Вистината што ја гледа Тајлер Дарден гласи дека нашето секојдневие е ужасно банално. Прашајте ги луѓето од што се состои нивното слободно време и тие ќе почнат да лажат. Одат на гости, во кино, водат љубов. Што во превод значи. 1. Им се качиле на глава на своите пријатели. 2. Го гледале истиот филм сто пати (со оглед на репертоарот). 3. И, како што вели еден мој пријател: "Сакам секс нон стоп, ама понекогаш си викам: кој ќе се соблекува сега?!"
Мислата ми беше, Тајлер Дарден гледа дека еротиката ја нема во нашиве животи. Што звучи чудно, зашто на прв поглед, сe’ е во ред. Сe’ во нашите животи е сексуализирано, дури и начинот на којшто живееме. Популарната култура диктира манири ала "Сексот и градот". Не е важно ако вашиот град не гарантира анонимност како Њујорк. Вам во секој случај ви тежи една благородна должност да се обидете.
Фатате се за што било и ќе видите дека тоа веќе станало фетиш. Храната денес е сексуален фетиш. По филмот "Девет и пол недели" дури и на фиферонките гледаме со други очи. Ако по ништо друго, Мики Рурк треба да остане запомнет по планетарниот придонес кон сексуализација на мексиканската кујна. Тетовирањето е сексуален запис. Еротско врежување наменето за другиот. Облеката и шминката се сексуална маска, ги ставаме како што актерите во пекиншката опера ставаат маски за борбено позиционирање. И баш затоа никогаш не ми стана сосема јасна економската логика што го одржува бизнисот со секси шоповите, особено денес кога секој зарзават е фетиш. Најмногу што во овие шопови може да испазарите е ликувачкото чувство дека сте фрлиле ракавица во лицето на јавниот морал со самиот факт дека сте влегле таму. Што баш и не е некој пазар. Сепак, ништо не ја посведочува килавата еротика толку силно како самата порно индустријата. Таа е револуционерен доказ за апсолутниот крах на сексуалната компензација.
Порното за културната теорија е како досаден шлагер. Од него секој аналитичар веќе си избриша нозе, обидувајќи се да го покаже како уште еден економски танц на Капиталот, кој од сексот прави добар пазар. Но, порното може да биде, и најчесто просто е, вивиден доказ дека без фантазматската рамка сексот е лоша, досадна гимнастика.
Парадоксалната присутност на сексуалноста во сe’ околу нас, нашата ера што и’ даде жанровски легитимитет на порнографијата, стои наспроти чувството дека додека сексот го има насекаде, тој некако исчезнал од нашата интима. Тогаш, што да се прави? Зависи. Обидот од Фајт Клаб испадна лузерска варијанта. На располагање ни стојат и помалку цинични решенија. Тие се обично и потешки.
Post a Comment