За колективната вина

За колективната вина (Карл Јасперс)


Извадок од „КОМУНИСТИЧКА ИНТИМА“ на Јасна Котеска, Темплум, Скопје, Скопје, 2008, 436страници, ISBN 978-9989-189-41-8


Како, тогаш, да се извлече некогашниот пациент на комунизмот од политичката анестезија? Како, значи, да се извлече од сонот (а не од носталгијата) кон минатото? Тоа е можно со извесен увид во прашањата за одговорноста во политиката.

Најкратката дефиниција на политиката е јавно искажување суд. Политиката постои заради јавноста, но парадоксално, во политиката се бројат само актерите на настаните. Ова реченово, е мошне важно токму за т.н. неутрални граѓани. Тоа е услов да се верува дека не постои колективна вина. Интернационалниот трибунал на Обединетите нации за воени злосторства на просторите на поранешна Југославија во Хаг во март 2007 пресуди дека поранешната Сојузна Република Југославија (држава што постоеше од 1992 до 2003) не е виновна за геноцидот во војните во Босна и Хрватска од почетокот на 1990-тите. Со други зборови, судот во Хаг пресуди дека една држава, а особено еден народ, не може да биде одговорен за злосторствата што нивната Држава ги направила во нивно име. Одлуката на Хаг потврдува дека колективна вина не постои, слично како што не постои ниеден документ од интернационалното право што вели дека цела Германија е колективно виновна за нацизмот, иако постојат редици интернационални правни документи со кои Германија била задолжена да ја отплаќа вината заради нацизмот, и наспроти фактот дека германските генерации по Втората светска војна растеле со чувството за колективна вина. Колективната вина никогаш не била официјално прогласена и мислам дека тоа е важно.

Лично сметам дека може да бидат виновни од сто до сто и педесет луѓе во една државна номенклатура, да бидат виновни извесен процент од владејачките структури, заедно со нивните најблиски помагачи. Другите не се виновни. Не постои колективна вина, постои вина што ја носат конкретни луѓе, со имиња и презимиња. Но затоа е важно прашањето: а што е со јавноста како примател на политиката?

Карл Јасперс во 1947 разграничи четири типа одговорност за заздравување на општеството, еднаш кога ќе следи отрезнувањето. Првиот тип одговорност е криминалниот – тоа е кога има јасно кршење на законот, вториот е политичкиот - секој човек е одговорен за начинот на кој со него се управува, третиот е моралиот – „наредбата е наредба“ е неприфатливо гесло затоа што злосторството останува злосторство кое ти си го извршил, дури и да го наредил друг човек. А четвртиот тип одговорност, за Јасперс, е метафизичката одговорност – тоа не е поплаката дека отепавме цел век на глупави општествени решенија и сега затоа ќе ги браниме – туку сосема обратно. Човекот треба да биде солидарен со друг човек – тоа е базичната планетарна метафизика, и ТАА е вистинската трансценденција која е тешка речиси до невозможност. Секој е со-одговорен за грешките и за неправдата, за неспречување да се случи злосторството. Тоа значи дека најопшто не постои колективна вина. Не може да биде виновно целото општество, може да бидат виновни тесни номенклатури и луѓето вклучени во непреченото одвивање на идеологијата. Другите не се виновни. Морално е апсурдно да се осудуваат луѓето. Не постои, вели Јасперс, заедничка црта на сите кои припаѓаат на една група, на една идеологија, затоа сите луѓе не може да бидат политички одговорни.

Но она што на сите луѓе без исклучок им треба, според Јасперс, е политичкото прочистување, тоа не им треба само на жртвите. Општественото прочистување подразбира свест за вината, за солидарноста и за соодговорноста. Тоа не е чувството дека јас лично сум виновен. Тоа е обрaтно, признавање на грешките направени во минатото, од системот во кој сум живеел, а не од мене, „неутралниот“ граѓанин. Политичките системи прават основа за терор, но теророт го прават поединци, тоа е одговорноста која е исправена пред луѓето. Тоа не значи дека некој треба да биде храна за партизаните или храна за жртвите на партизаните, но додека одбиваш да бидеш храна на политичките вампири, тоа истовремено значи дека си одговорен да видиш дека владеењето не е наивно. Дека тоа е честопати крваво.

 

Post a Comment