Биографии желби

2.
ИНТИМИСТ (ДОСИЕ 5622)


Извадок од „КОМУНИСТИЧКА ИНТИМА“ на Јасна Котеска, Темплум, Скопје, Скопје, 2008, 436страници, ISBN 978-9989-189-41-8


Биографии - желби


Зборовите не го донесуваат богатството од врвот, ниту она од утробата на бреговите. Иако, постои живото сеќавање кое го преместува богатството како рака што милува - преку сите работи вредни за сеќавање. Тоа сеќавање не може да се запише од невешта рака и со груб алат…
Кафка


Биографии. Биографиите се желби, најчесто се желби да се сочува, да се задржи платоновското сеќавање за човекот кој е предмет на биографијата. Дури и во најсувите биографии постои една скриена, а мегаломанска амбиција (препознаена макар во оној единствен тривијален детаљ), амбиција да го фати она нешто од-онаа-страна, каде што човекот што е предмет на биографијата пеел, љубел, мислел, танцувал, творел, живеел, амбицијата да го сретне во тоа пеење, љубење, мислење, танцување, творење, живеење…

А сепак, сите биографски средби не се исти, има, имено, најмалку два типа желби врзани за желбата да се меморира еден живот… Првиот тип желби се средбите кои тргнале да се поздрават, водени од потребата за еден секогаш веќе невозможен допир со оној што веќе го нема, тоа се средби како поздравување, средби во потрага по заедничкиот измешан мирис. А, вториот тип. Вторите, се желби за тврдо повторување на извесноста, средби како ужасна потреба од ремеморација, од репродуција на праглетката, на првата слика за човекот што е предмет на биографијата, потреба да се фати и да се замрзне неговата причина, неговото движење; желба да се досегне оној невидлив детаљ преку кој ќе се отвори, ќе се рашири се’ од неговиот живот, се’ што може да им биде (и баш затоа што може- баш затоа и ќе им биде) послужено на хиените од градот, желба да се фати се’ "до талогот" на еден човечки живот, за потоа тој цврсто воспоставен талог да стане услов за изобличување, за казна и за усмртување.

Секако, и двата типа биографски средби се записи, тие се записи составени од зборови, од зборови кои ја пробиваат невината хартија, ја уништуваат нејзината мазна површина, нејзината секогаш веќе спремност да го прими записот. Но токму заради тој пробој, важна е раката што го пишува записот, раката што го движи пробојот на хартијата. Затоа е важна желбата што ја движи потрагата по изгубеното минато, по меморијата за еден живот, по сеќавањето. Биографијата, како што рековме, е составена од зборови. Тие зборови се тука за да потсетуваат. Но како воопшто зборовите може да потсетуваат?

Биографијата како сцена на историјата, и особено, книжевната биографија како сеќавање за книжевната историја, секогаш веќе мора да биде запис кој е нежен, запис кој милува, запис кој не тргнал кон желбата да цементира, да усмртува и да уништува. Биографијата не може да се воспостави преку репродукција- секое прифаќање (кое заедно со мистеријата, го чини еден човечки живот) е можно само на симболичен начин, само во отсуство, in absentia, само кога самата биографија ќе застане на прагот пред влезот во туѓиот живот, и на прагот ќе реши да (се) самозапре...

 

Post a Comment