Забрана за потенцијалната мисла
Забрана за потенцијалната мисла
Извадок од „КОМУНИСТИЧКА ИНТИМА“ на Јасна Котеска, Темплум, Скопје, Скопје, 2008, 436страници, ISBN 978-9989-189-41-8
Се прикажува за некој благороден сој на коњи кои – кога се
страшно забревтани и изморени од трчањето – самите нагонски
си прегризуваат некоја жила, за да можат да прездивнат.
И мене често ми доаѓа така, би сакал
да си отворам некоја жила, што би ми дала вечна слобода.
Гете
Објавувањето на изводи од овој текст во декември 2005 година во македонскиот неделник "Фокус" се случи независно од иницијативата за меѓународна осуда на злосторствата на тоталитаритарните комунистички режими на Советот за Европа. Објавувањето, всушност "отворањето" на досието на татко ми, беше резултат на една случајност.
Македонскиот писател, Блаже Миневски, ме контактираше за да побара одобрување да објави податоци дека две "инкриминирани" книги "Сердарот" на Прличев и "Македонска крвава свадба" на Чернодрински му биле запленети на татко ми и никогаш не му биле вратени. Објавувањето на овој податок беше секако во ред, но јас со години веќе имав материјал кој беше многу похардкор - самото досие. (Подоцна се покажа дека тие книги му биле запленети на друг политички затвореник). Блаже Миневски пред тоа го знаев како веројатно единствениот македонски писател кој веќе во 1991 во весникот "Нова Македонија" објави текст "Уметноста се брани со уметност" каде што меѓу другото го постави прашањето: "Како е можно за судбината на поетот Јован Котески, во тоа време повеќе да се интересира еден Ален Гинзберг, одошто матичното Друштво на писателите?" И констатираше дека во Македонија во сите овие години нема класично цензурирана книга. "Дали македонскиот писател не знаел да напише книга што ќе биде забранета"?
Одговорите на прашањата што ги постави Блаже Минески пред 15 години, денес се чинат саморазбирливи од перспектива на полициските досиеја, како ова на татко ми. Тоа досие (заедно со останатите 14.572 лични досиеја што се водени за лица кои комунистичката власт во Македонија ги третирала како "внатрешни непријатели", од кои дел се работници во културната сфера, и соодветно биле контролирани од други "работници" во истата сфера) ја дава на увид ужасно зацементираната ментална матрица на македонската култура на заробен ум, култура во која скриено и субверзивно се работело на укинувањето, на ликвидацијата на вишокот прашања и вишокот смисла. Во таа ужасно напорна работа на ликвидација на мислата во Македонија учествувала една огромна смотра културни работници и случајни луѓе (да повториме, вкупната бројка на директни кодоши во годините меѓу 1950-1990 се проценува меѓу 12.000 и 40.000 луѓе). Во Македонија за наведениот период има околу 1000 луѓе што биле гонети и затворани во име на самостојна Македонија, а 200 од нив биле осудени на смрт или на 15-годишен затвор.
Значи пред „Резолуцијата за осуда на комунистичката идеологија и доктрина“ на Советот на Европа бр. 1481 од 2006 година, и особено пред да излезат текстовите на Ивица Боцевски „Соочување со сеништата на минатото“ и на Никола Гелевски „Светот на соништата и успаните“ во Утрински весник во јануари 2006, јас не успевав сосема јасно приказната на татко ми да ја врзам со комунистичкиот систем. Нивните текстови ми помогнаа оваа приказна да ја видам на тој начин. Студиите за политичките затвореници во Македонија покажуваат дека кај нас дисидентството помалку е идеолошко а повеќе национално, но тоа не значи дека тие меѓусебно се исклучуваат. Дебатата за вредностите и за заблудите на комунистичкиот систем, која во моментов е актуелна не само во Европа туку и во Македонија, мора да се прекрши и преку анализата на политичките досиеја. Во тоа соочување со минатото, ние во Македонија ќе здогледаме поглед врз нашата најблиска историја кој нема да биде нималку привлечен. Ќе видиме "Сталини во душите" на оние што ја граделе нашата култура. Ќе се соочиме со коренот на перманентната, суптилна и перфидна цензура што траела со децении, а што оставила многу пострашни последици од директната политичка цензура. Забраната била вршена преку движења на заканата, а не како директен конфликт. Кај нас реално не се забранувале (дури ниту) делата, туку се забранувале луѓето кои можеби имале сила да создадат такви дела, се забранувала нивната мисла пред таа да стане дело.
Во земја во која начелно сите биле слободни, никој не се осмелил да напише ништо навистина слободно. Како, во македонската верзија на комунизмот да не постоела дури ниту минимална потреба од провокација на системот. Системот не морал да ја сфати сериозно мислата (што е суштината на секоја "здрава" цензура) затоа што тој (веќе) сериозно ја сфатил потенцијалната сила на мислата, и ја демнел на секаков начин, а каде што можел – и физички ја укинувал.
Post a Comment