Анестезија

Анестезија

Извадок од „КОМУНИСТИЧКА ИНТИМА“ на Јасна Котеска, Темплум, Скопје, Скопје, 2008, 436страници, ISBN 978-9989-189-41-8


Лекарите потврдуваат дека нечувстувањето болка е поголема опасност за пациентот одошто болката. Но, проблемот со комунистичката анестезија е дека таа беше толку успешна што речиси сосема го умртви пациентот. Погледнете го културното распаѓање што владее во земјите на некогашниот реал-социјализам, каде што со чесни исклучоци, владее целосно „отсуство на филозофијата“ , во онаа смисла во која културата треба да произведува концепти, а не културни работници-фармацевти.

Зошто комунистичката анестезија беше толку успешна, толку поуспешна дури и од нацистичката? Освен неутралните граѓани и реал-социјализмот како левичарски сон (за кои зборувавме во претходните две подглави), еве уште дел од одговорите:

1. Убивањето на „Другите“ наспрема убивањето на „Своите“

Колку и да е звучи сурово, нацизмот имал некаква „логика“ зад своето варварство. Поддржани од нацистичките бизниси и од армијата, нацистите биле управени кон уништување на Другиот (Евреите, Словените, хомосексуалците, комунистите...). Просечниот Германец можел да стави розови очила и да го живее својот живот како под кој било друг режим. Комунистичките режими беа управени кон „своите“: соседите, генералите на својата армија, професионалната елита, дури и кон членовите на своите семејства (школски пример е односот на Сталин кон син му Јаков - кога во 1928 Јаков неуспешно пробал да се самоубие, Сталин го исмеал, а кога во 1941 Јаков бил уапсен од Германците, Сталин не само што одбил да преговара за неговото ослободување, туку кога Германците ја искористиле сликата на Јаков за памфлет, Сталин им наредил на шпанските комунисти да се инфилтрираат во редовите на агентите и да го убијат Јаков.) „Политиката на Сталин во потполност произлегува од неговата параноја. Сталин се свртел кон своите луѓе. Тој спровел војна над блиските.“ Имало само неколку луѓе најблиски до Сталин кои тој не посакал да ги убие и само неколку работи што ги ценел. Тоа што се случувало врз невините жртви во СССР не е различно од третманот на жртвите во тоталитарните режими секаде низ светот, но разликата е дека другите режими, ретко или никогаш, не се свртуваат кон „домашните“.

2. „Самите се виновни“

Во системот во кој не било јасно кој е пријател а кој непријател, во кој жртвите се регрутирале од истите етнички, раководни, професионални и семејни структури, важела нејасната „идеја“ дека оние 100 милиони жртви на комунизмот некако и го заслужиле тоа што ги снашло. Штом не биле Други, а сепак биле одредени за жртвување - тоа е доказ дека некаде сигурно – згрешиле. Просечниот жител на комунистичките режими можел да стави розови очила, но тоа никако не гарантирало дека ќе биде поштеден од управувачката идеологија. Оние што преживеале, своето преживување не го прифаќале како чист случај, туку како некаква телеологија, скриена смисла, која е гарантирана од некоја повисока логика, од фактот дека тие лично никаде – не згрешиле.

3. Згуснато наспрема раширено време/простор за злосторството

Нацизмот е тоталитарна идеологија и практика на Нацистичката (Национал-социјалистичката) партија под водство на Хитлер и се однесува на политиката на владата на Германија од 1933 до 1945 година, период познат како Третиот Рајх, а егзекутирањето на Евреите се одвивало во набиено време и простор. Обратно, комунизмот се рашири на 1/3 од планетата и во секоја земја доби обележја својствени за земјата. Во советската варијанта, комунизмот траеше 75 години, во источноевропските по 55 години, а некаде трае и денес.

Во нацистичките логори - смртта е цел. Во комунистичките логори - животот не вреди ни пет пари. Тоа е стратешки различна позиција (во смисла на Маркузе дека комунизмот е цивилизација, а фашизмот - варварство), но статистички не прави голема разлика. Во комунистичките гулази каде што се одело „на работа“ смртноста варирала од 0.6-25% во годините од 1920 до 1930, а до 60% во годините меѓу 1940-45, што значи дека за време на Втората светска војна, смртноста и во двата типа логори е идентична. Но нацистичките логори заради самата програма на своето постоење, за нашата меморија, останаа топос на злото, застрашувачки канцери, комунистичките логори се криеа зад привидното превоспитување и до денес таа нивна „декларативна“ определба остана нивниот најголем идеолошки штит.

4. Ревизија на се’ што знам?

Политичката амнезија се должи на епистемолошката неможност да се ревидира сето она што сте го научиле за системот во којшто сте живееле. Еден од истражувачите на советските архиви, Григориј Померанц, тоа го опишува вака: „Замислете дека сте возрасен, а речиси сета вистина што ја знаете за светот околу вас... мора да биде апсорбирана во период од една до две, или три години“. Луѓето по некое време ќе се заморат, нема да сакаат да зборуваат повеќе за жртвите, а и самите жртви ќе се чувствуваат измамени и несоодветно третирани.

5. Адаптација кон репресијата

Минатиот систем создал механизми за адаптација кон репресијата. Затворениците научиле дека животот е составен од неправда, семејствата морале да се прилагодат дека нивните најблиски се отсутни, дури и високите функционери морале да научат дека во секое време може да станат „жртвени јагниња“ на истиот репресивен апарат, да ја употребиме омилената себе-етикета на Јанош Кадар од 1989.

Кога во 1990 некои од поранешните партиски секретари во Македонија излегоа со тезите дека биле репресирани, од јавноста тие беа дочекани со неверие и смеа. Но класификацијата на жртвите од комунистичките режими покажува дека бројките на политичките жртви од редовите на номенклатурата се движат до 10 отсто, системот се базирал на постојана контрола која освен што била надворешна, упатена кон народот, била и внатрешна и периодично ги зафаќала и самите функционери. Ако е системот адаптиран на репресија, тогаш откритијата за злосторите и нивните официјални признавања – со себе носат ризик од дестабилизација на системот.

Нека ја забележиме ужасната пролиферација на „искреност “ кога лидерот еднаш ќе падне од власт – и Хрушчов и Горбачов молчеле кога биле во позиција активно да го сменат системот од највисоката можна точка, а проговориле дека и самите биле „жртви“, дури кога паднале од власта. По развластувањето, Хрушчов јавно обзнанува дека неговиот син, Леонид, бил жртва на Сталин. Во текот на Втората светска војна, син му паднал во нацистички логор, а бил ослободен од советските трупи. Последователно, како и милиони Совети во германско заробеништво, од режимот на Сталин, бил прогласен за воен непријател (виновен е што се допрел до фашизмот, макар како жртва, тие категории допрени до „нечистото“, му биле посебно сомнителни на параноичниот Сталин). Хрушчов праќал молби на сите страни, па и до Сталин, но Сталин се оглушил. (Првото официјално одбивање на сталинизмот е познатиот говор на Хрушчов на 12. Конгрес на Комунистичката партија на Советскиот Сојуз од 1956. Говорот бил испратен до КГБ и за него се дебатирало два дена. „Никој не се обиде да го постави прашањето што Митрохин е убеден дека било во сечија глава: Каде беше Хрушчов кога сиот овој криминал се случуваше?“ ).

Истото го знаеме и за Горбачов - дури кога паднал од власта се почувствувал доволно безбеден јавно да проговори дека и неговото семејство било жртва на репресијата, конкретно членовите на семејството на неговата сопруга Раиса Максимовна, биле апсени како кулаци и праќани по гулази. И двајцата знаеле дека судбините на нивните семејства не се осамени, дека истата судбина ја делеле „илјадници“ други, но од местото каде што ја пополнувале Власта, тие молчеле.

6. Историско-метафизичка правдина?

Драгош Калајиќ за еден српски весник, во почетокот на 1990, напиша: „Мислам дека искуството на рускиот народ е толку трагично и страотно што смислата на толкавите страдања мора да ја побараме некаде надвор од историјата. Ако 70-годишниот пат по маките не го изведе рускиот народ во триумф и не доведе до големото разрешување на драмата на современото човештво, тогаш со извесност може да заклучиме дека не постои Бог, ниту каква било смисла на човечкиот живот. Мислам дека рускиот народ ќе доживее уше поголема трагедија, трагедија на бесмислата ако својот пат го заврши во моделот на либерал-капиталистичко преживување“.

Ако признаеш дека комунизмот не чинел, на што тогаш, по ѓаволите, си потрошил цел еден животен век? Каде е тука историската логика? Се движи ли историјата некаде? Има ли правдина? Постои ли Бог?

7.Општество без последици

Комунизмот беше „општество без последици“, акциите не беа проследени со правен или со јавен суд и луѓето научија дека е доволно да си во анестезиран однос кон самиот режим за да преживееш. Ако постои некаква темелна разлика помеѓу капитализмот од една страна и комунизмот и фашизмот, од друга (со сите медиумски невозможности што го следат капитализмот), тоа е фактот дека од различното мислење во капитализмот може да профитираш, а тоа е услов различното мислење да се појави како возможно. Штом е возможно, твоите акции не мора, но сепак може да најдат некаква проверка во јавноста.

8. Жртвата мора да се исплати

Има ситуации кога сугерирањето е немоќно, еднa од нив е кога не може да помогнете при фактот дека децата на жртвите од комунизмот редовно се редат на страната на џелатите на нивните сопствени родители. Оваа појава не е карактеристична само за Македонија, ваков однос кон жртвеното минато е добро документиран во некогашниот Советски Сојуз – најчесто и самите наследници на жртвите во комунизмот, дури и самите жртви, дури и по долгодецениски голготи, сметаат дека комунизмот е најдобар возможен систем, а нека нивната жртва е оправдана само додека се сместува на олтарот на комунизмот. Се чини дека во овие случаи станува збор за побарување жртвата на родителот (или сопствената) да се легитимира не преку прифаќањето дека комунизмот бил жртвена идеологија, туку обратно, родителската жртва има смисла само ако е „вградена“ во телото на социјализмот.

Голем дел од јавните или скриените повици против лустрацијата во Македонија беа предводени од децата на жртвите во комунизмот (поистурени примери кај нас беа некогашната претседателка на Хелсиншкиот комитет за човекови права, Мирјана Најчевска и претседателот на Институтот „Отворено општество Македонија“, Владимир Милчин, овде наведени заради нивната важност за македонското општество). Иако како наследници на лица гонети во комунизмот, и самите, според термините на транзициската правдина, се жртви на минатиот систем, тие се огласија против отворањето на досиејата. Она што тука треба да се рече е дека комунизмот НЕ создавал монолитни, херојски жртви, жртви кои паднале заради некаква цел. Сосема обратно, димензиите на идеолошката катастрофа од нашето најблиско минато е дека напротив, жртвите на комунизмот, најчесто, биле сосема бесмислени жртви.

Комунистичкиот систем редовно распишувал повик: „Има ли меѓу вас некој кој доброволно ќе се подложи на нашата жртвена идеологија?“ Бидејќи таков немало, сами го одбирале. Да се признае тоа не е едноставно, исто така, да се игнорира тоа е неодговорно. Нашата бесконечна потрага по смислата, меѓутоа, тука не завршува, напротив.

9. Немаме време за минатото. (Или, како татко ми ги победи Штази-службите?)

Во Македонија постои идејата дека немаме ние време за минато, имаме ние поургентни прашања. Кога во 2006 година на интернет најдов повик од една германско-унгарска организација што се занимава со анализа на комунистичките наследства во нивните две земји, под покровителство на Европската Унија, се пријавив со тема. Не сум Германка, ниту Унгарка, но за Македонија овие теми беа премногу ретро, ние трчаме напред, кој сега ќе се врти назад?

Ме примија. Темата на татко ми испадна најболна од сите, се издвои од останатите по долготрајноста на шпионскиот надзор над татко ми и по комбинацијата на паланечкото сеирџиство и идеолошката конфузија на тој што вршел надзор. Со 53-годишен или 42-годишен полициски надзор, татко ми го освои „првото место“, како најдобра илустрација за односот на комунизмот кон човечката интима. (Текстот за татко ми, иронично, и навистина го освои првото место.)

Нашиот „невин“ комунизам испадна пострашен и од „нивните“ источноевропски искуства. И Иво Банац беше во право кога во книгата „Со Сталин против Тито“ (1990) прв во Југославија побара да го прифатиме простиот факт – дека југословенската верзија на комунизмот во првите години од постоењето била поригидна од другите земји на Источниот блок, и тоа покрај парадоксалниот факт дека Југославија важеше за најмека комунистичка диктатура, а ДДР за најтврда - парадоксалноста се состои во идеолошката хаотичност на „најслободниот“ режим, кој отвора уште поперверзен простор за бесмислени идеолошки жртвувања.

Тоа беше моментот кога татко ми ги победи дури и Штази-службите.


9. Проблематичен капитализам

Капитализмот денес ја организира целата препознатлива цивилизација, но така е и во годините на комунизмот. И Вердери дава генијален увид во комунистичката подреденост пред капиталистичката дефиниција на цивилизацијата: „Иронијата е дека ако должничките режими (од комунистичките земји, моја заб.) ги одбиеjа однадвор наметнатите дефиниции – ако заеднички и истовремено одбиеја да им ги враќаат своите долгови на западните земји, кои во 1981 изнесуваа преку 90 милијарди долари, можеби ќе можеа да го срушат светскиот финансиски систем и преку ноќ ќе го оствареа пророштвото на Хрушчов (се мисли на изјавата „Ќе ве покопаме“ –моја заб.). Фактот дека тоа не се случи покажува колку битен беше капиталистичкиот монопол над дефиницијата на општествената стварност.“

Aко е така уште во децениите на комунизмот, сега овој ултиматум е целосен- капитализмот, денес, има монопол над стварноста и нормално е дека луѓето не го сакаат. Исто така, транзицијата е ужасно проблематична, во македонскиот случај тоа не значи само дека луѓето се мрзливи и заситени со Титовите теми, туку и дека капиталистичката реалност е сурова, па либералот не сака да влезе во затворен епистемолошки круг – да биде фатен како поддржувач на капиталистичката доктрина, иако поентата е токму обратната – ако ги притиснете луѓето да се изјаснат, тие најчесто се против либералната демократија, а за некаква комунална верзија на минатото, што југословенството го прави се’ уште трауматичен топос, и молчењето се чини единствен излез, ем да се задржи официјалната маска на „солидарност“ со транзицијата (во смисла дека и онака нема друг „валиден“ политички избор), ем интимно да се сочува симпатијата за „минатото“, чие отворено пропагирање би ни залепило етикета на радикална политичка „незрелост“.

Но работата е сосема обратна. Денес е лесно да се мрази капитализмот, цел свет го мрази и сите ќе се согласат со вас. Исто така, најлошиот начин да пишувате за комунизмот е да се преправате дека ја имате формулата („третиот пат“) што им треба да левичарите. Капитализмот беше масовно отфрлан во повеќето европски земји веќе по Втората светска војна. Или да се сетиме дека ДДР беше доживувана како антифашистичка алтернатива на ГДР која пак се сметаше за некаков „историски наследник“ на Третиот Рајх. Кај левичарите отсекогаш постои импулсот да се бара новиот одговор – и тие се во право кога тврдат дека трите светски поредоци од 20 век, New Deal капитализмот, комунизмот и фашизмот се базираат на истата униформност, бирократска ориентација и администрирање. Но кога Бадју, Гатари, Жижек и левичарите се бунат дека денес е цензурирана можноста отворено да се пледира за фашистичката опција, тоа е тотална нeбулоза. Симптомот што тие го погаѓаат е точно обратниот - во извесна смисла, се’ што политички се зборува се само различни форми на општествениот фашизам.

 

Post a Comment