Индустрија на досиеја (и небулози)
Индустрија на досиеја (и небулози)
Извадок од „КОМУНИСТИЧКА ИНТИМА“ на Јасна Котеска, Темплум, Скопје, Скопје, 2008, 436страници, ISBN 978-9989-189-41-8
Околу половина милион Југословени биле следени од југословенските тајни служби. Тајните служби произведувале досиеја. „Првата голема социјалистичка индустрија е индустријата на досиеја. Таа нова индустрија имала војска работници: доушниците.“ Секој граѓанин постоел пред службите само преку своето досие. Произведувачите на досиејата биле многу подобро платени од произведувачите на стоки. А како и работниците од другите гранки, и полицијата ги преувеличувала резултатите од своето производство, честопати било поважно да се внесе некој податок, одошто дали тој е вистинит. Додека произведувачите на досиејата биле добро платени, кодошите од паланката во тајната полиција на Југославија не пристапувале со потписница, тие работеле на чесен збор, за мали пари, но од голем патриотизам (во Штази, на пример, соработниците од народот, потпишувале пристапница). Изборот на шпионирање се вршел по принципот Србин да следи Србин, муслиман да следи муслиман, Македонец да следи Македонец, и сл. - „со тоа се постигнувал привид на објективноста и се докажувала лојалноста на етничките групи кон власта. Најдоверливите судии биле оние што соработувале со политичката полиција, а тоа важело и за сведоците.“ Кога еднаш ќе ги предаделе документите до командантот, оперативците веќе не можеле да бидат во тек со судбината на следениот, па така оперативците најчесто го знаеле само она на што работеле.
Во Југославија работеле три тајни полиции, по углед на советските: КОС (контраразузнавачката служба на ЈНА) излезена од ОЗНА (Одделение за заштита на народот), УДБА (Уредба за државна безбедност, во 1966 преименувана во СДБ - Служба за државна безбедност) и СИД (Служба за информација и документација). Нема ниеден попознат југословенски политичар од постарата генерација кој го заобиколил министерството за внатрешни работи. „Да се биде полицаец било чест, а последните години од Југославија и срамота, затоа некои од политичарите ги криеле тие податоци од својата биографија“. Првите школи за контраразузнавачи се отворени во Сплит, па во Белград (Високата школа на УДБА, која работела од 1952-1967), потоа во Загреб (МУБ), во Земун, а кон крајот на 1970 во Скопје е отворена Факултетот за безбедност. Овие установи задоволувале само дел од потребите за оперативци на тајните полиции, другите кадри се регрутирале од списоците на проверените студенти од правниот, економскиот, филозофскиот, филолошкиот факултет и од факултетите за политички науки. Нивните стипендии биле трипати поголеми од републичките. КОС била помобилна единица, оттука била поопасна. КОС била „совршена политичка машина за убивање луѓе“ (Јакшиќ) , и затоа надмоќна во однос на УДБА (која повеќе одговарала на менталитетот на паланката и нејзината страст за архивирање на тривијалното секојдневие). КОС можел да ги апси удбашите или да врши притисок меѓусебно да се прогонуваат. Причината за моќта на КОС била нејзината мобилност, нешто под 80% од косовците биле оперативци на терен, а само 23% бирократија и администрација. УДБА била чиста бирократија, затоа почесто предмет на кадровски чистки. Половината од кадрите на КОС биле Срби, петтина Хрвати, а 6.5% од службениците на КОС биле Македонци.
Комунистичките тајни служби се едни од најголемите во историјата на овие подземни политички тела. Агенцијата на источногерманската тајна полиција, Штази, на пример, во најдобрите времиња вработувала 91.000 шпиони за надгледување на земјата од 16.4 милиони. Тоа била најголемата германска шпионска мрежа, трипати поголема од Гестапо на нацистите, а се шпионирало на територија само 1/4 од таа на нацистичка Германија. Шпионите во службите пристапувале своеволно (заради пари) или присилно. Вообичаено морале да потпишат декларација за пристапување која потоа била архивирана. До 1989, 173.000 соработници имале потпишано ваква декларација, од нив 91.000 работеле како активни шпиони. Шпионите редовно се среќавале со своите претпоставени и лично им рапортирале за колегите, пријателите и соседите. Штази индексирала повеќе од 5.6 милиони луѓе и е веројатно една од најголемите тајни бирократии на сите времиња. Имале досие за секој човек што кога било ја преминал границата на Источна Германија, макар за одмор. Во 1989, веднаш по паѓањето на Берлинскиот ѕид, Штази даваат директива да се уништуваат досиејата, а агентите, т.н. Papierwolfs, во превод: хартиени-волци, кога им се расипале апаратите за кинење хартија, кинеле на рака, 45 милиони тони хартија се искинати во рок од 2 месеци. Во последните 15 години, преку 1.7 милиони луѓе поднеле барања да видат што Штази знаеле за нив, а по филмот „Животот на другите“ (2006) побарувачката за досиеја е уште поголема.
Тајните служби архивирале секакви небулози. Пролетта 2007 за јавноста беше отворена една од најбизарните активности на тајните служби, воопшто. Тајните агенти на Штази упаѓале во куќите на шпионираните граѓани, ја наоѓале нивната валкана долна облека, го собирале мирисот од гаќите со специјални алатки и мирисот го конзервирале во тегли! Кога во 2007 го посетив Музејот на Штази, дел од сочуваните тегли се’ уште беа изложени на полиците. Идејата за чувањето телесни мириси е толку запрепастувачка што ниеден човек без грам елементарно здравје не може да го замисли ова бизарно колекционерство, надвор од парфемските мануфактури и од органските хемиски лаборатории. Но, Штази-службите, слично на психопатот од романот „Парфем“ на Зискинд, во долгите години од комунистичките режими, сепак успеале да се самоубедат дека може да го заробат битието на секој шпиониран граѓанин, само ако успеат во тегла да го сочуваат неговиот телесен мирис. Претпоставувам, за да може да го надушкаат со кучиња, ако сака да бега. Ништо друго нормално, во врска со тајното архивирање на нечии гомна, не ми паѓа на ум! Мирисните тегли на Штази, денес, се финалниот доказ дека паранојата на комунизмот не познавала граници. Тајните служби на комунизмот постоеја на рабовите од секаква логика. Комунистичката полиција беше и остана онтолошки скандал!
Од другата страна на Берлинскиот ѕид работела МАД (западногерманската тајна служба). Во 1984 беше откриено дека меѓу повеќе од половина милион граѓани, што МАД ги индексирала, се наоѓаат и имињата на 6-годишни деца! Како сомнителен бил заведен 6-годишниот Петар Л., заедно со своите другарчиња од градинката, а освен децата од претшколска и школска возраст, полициски биле следени и над 12.000 старци, постари од 80 години! Причината зошто денес знаеме олку валкани и небулозни детали од работата на Штази и МАД е повторно во фактот дека само Германија ги отвори своите архиви за научни истражувања. Советските, како и југословенските архиви, кријат тајни кои се’ уште не се достапни за увид.
Иако шпионажата е прастара активност чии пишани траги потекнуваат од глинени плочки пред 4.000 години од реката Еуфрат, првите цивилни и воени шпионажи се официјализираат во 17 век (Англија), 18 век (Франција) и 19 век (Прусија). Но дури 20 век им дава крила на контраразузнавачките служби во двете светски војни (најголемите центри за контраразузнавање во војната се Париз, Лондон, Казабланка, Истанбул, Каиро, Берлин, Рим), а најмногу во текот на Студената војна, кога станува актуелна т.н. „тотална шпионажа“, поважно е непријателот да се сосретне на „неговата“ територија.
За советските тајни служби знаеме малку. Во 1989 советските архиви се отворија за странските и за домашните истражувачи, но веќе по една година полека се затвораа, најнапред за недостапни беа прогласени претседателските архиви, а потоа целосно се затворија сите архиви, додека денешните ФСБ-архиви се достапни само за семејствата на репресираните и за поранешните вработени. Но нешто сепак успеа да го види светлото на денот. Во 1999 беше објавена една од најтајните и најдобро чувани архиви во светот, архивата на Првата главна управа на КГБ (заедно со најтајниот дел од таа архива - Директориумот С, списокот на странските шпиони за КГБ). Архивата беше во сопственост на Василиј Митрохин, мајор и постар архивар на КГБ. Кога германското списание „Фокус“ во 1996 година објави дека поранешен КГБ агент се наоѓа во Британија со имиња на „илјадници руски шпиони“, Татјана Самолис, портпаролка на руското СВР изјави дека станува збор за апсолутен нонсенс, дека секој може да има имиња на еден, двајца, или можеби тројца шпиони, но не и на илјадници! Пред паѓањето на Берлинскиот ѕид Митрохин бил оперативец, патувал и на Олимпијадата во Кина како агент, но се повлекол во архивистика кога во 1972 го назначиле да го надгледува селењето на 300.000 документи од стариот штаб на КГБ во нов и на тоа работно место останал 12 години. За сето време ги препишувал тајните документи, од кои најстарите датираат од 1918 година. Бил педантен, препишувал на рака со монашка виспреност и аскетска ригорозност. Во средите бил одговорен за запечатување на Директориумот С на КГБ. Копиите што ќе ги препишел ги носел дома, ги криел под кревет, потоа ги префрлал во викендичката, ги редел во картонски пакувања за млеко и на тој начин спакувал преку 25.000 страници. Во 1992, по 20 години препишување, кутиите со млеко ги однел во Талин, во американската амбасада во Естонија. ФБИ ја одбило архивата на Митрохин како фантазија. Но Британците ја прифатиле и офицерите на МИ-6 со тајна операција на извлекување, со шест куфери ги префрлиле материјалите на Митрохин во Лондон, а за неговото семејството издале британски пасоши. Шефот на Катедрата за историја на Универзитетот во Кембриџ, Кристофер Ендрју, ја проучил архивата на Митрохин и тие заедно ја публикуваа под наслов „Мечот и штитот, Архивата на Митрохин“ (1999). Американските историчари во 2001 сомнително изјавија: „...Сето тоа можеби е точно. Но како може да знаеме?“ Нивниот сомнеж е на место. „Привлечноста“ на темата тајни служби лежи во фактот дека никако не можете да бидете сигурни во тоа што го читате, тие документи се пишувани од луѓе тренирани на најтемелна недоверба, а се напишани за читатели со иста таква недоверба. И сомнежот на американските историчари е на место: читаш, а можеби сето тоа е бајка. Што доаѓа со авион, а така и си оди. Кој може да гарантира дека е точна?
Југославија и Советскиот Сојуз се различни по многу нешта, но слични по масовноста на тајните служби. Според најпознатиот проучувач на југословенските досиеја, Марко Лопушина, „толку големата концентрација на тајните полициски структури во власта на Југославија може да се објасни само со фактот дека Југославија е родена во војна“. Новите лидери биле или дел од органите за безбедност или војсководци. Уште од 1944 во Москва и Ленинград, во академиите на КГБ, се школувале југословенските специјалци, и денес постојат бројни фотографии на првите луѓе на југословенските тајни служби во униформите на Чека. Партиското школување во Москва било тесно врзано со полициското. Ова се однесува и на Тито лично кој станал контраразузнавач веќе во 1914 на австроунгарскиот фронт, а подоцна ги минал обуките на руското НКВД (Министерството за државна безбедност). Позната е случката кога во 1948 лут на Сталиновите напади, Тито на вечерата со Ранковиќ, Темпо и Крајачиќ, рекол: „Еве како не’ напаѓаат, а ние им ги дадовме своите најдобри кадри, дури и јас работев за НКВД“. Во околу 900 книги напишани за Тито во Југославија најмалку податоци има за неговата контраразузнавачка работа за Москва. Југословенските тајни служби започнуваат да работат уште во времето на Втората светска војна, а Тито во 1942 го донесува првото „Упатство за разузнавачката служба“. Како што се ослободувал некој дел од територијата на Југославија, така се формирале разузнавачки зони, мрежите биле високо централизирани, а на врвот на мрежата бил лично Тито. Заради затвореноста, службите лесно излегувале надвор од секаква контрола. Познато е дека Крсте Црвенковски (нетипичен пример за политичар во комунизмот, со авторитет врз југословенскиот врв, а кој сепак се залагал за либерални и промакедонски решенија, наспроти тврдото крило на Лазар Колишевски) барал од Тито поголема транспарентност во работата на КОС. Веќе од 1970-тите имало лоша соработка помеѓу централата во Белград и службите на теренот. Републичките и покраинските раководители на СДБ ги фалсификувале доверливите информации, заради свои интереси, и го кршеле светото правило дека во централата мора да ги достават сите информации, директно и без обработка. Службите така станувале затворени органи што лесно се претворале во оргии на удбаши, кои во свои раце ги држеле судбините на стотици илјадници луѓе.
Позната е случката од 1988 кога Слободан Милошевиќ (кој претходната година влегува на голема врата во југословенската политика) во својот стан наоѓа безжичен прислушкувач на ѕидот и од шефот на Службата за државна безбедност, Драган Митровиќ бара да ги види имињата на шифрираните соработници од своето досие. Добива изненадувачки одговор дека и да сака, Митровиќ не може да му ги каже кодошите затоа што ниту тој лично ги знае имињата, ниту началницните ги знаат. Вознемирен, Милошевиќ го повикува министерот за полиција Лаловиќ, но ни тој не знае кој го прислушкува Милошевиќ. Под притисок на Милошевиќ, во тајната служба се обиделе да ги реконструраат настаните и дошле до заклучок дека можеби прислушкувањето го наредил адмиралот Бранко Мамула, кој како сојузен секретар за народна одбрана не го трпел Милошевиќ како српски националист. Овој пример само покажува дека малкумина (па дури и политичките „газди“) можеле да интервенираат во полициските структури, тие биле поголеми и од партијата и од политичките игри. Дури и Милошевиќ, кој во годините што следат, ќе стане „газда“ на Србија не може да ги добие информациите од тајните служби. Во филмот „Борнов ултиматум“ (2007) на Пол Гринграс, заплетот е структуиран околу стравот на челниците на ЦИА дали ќе се открие дека ЦИА се радикализира до полициска држава, дека ја раководи земјата надвор од секаква политичка контрола. Тие се претвориле во врвно полициско водство, а материјалите за потврдата на тоа ги чуваат на доверливо место, во сеф – ова го открива главниот лик кој се обидува да се дограби до тајните документи.
Се поставува логичкото прашање, зошто во еден момент, некој од шефовите не ја запали содржината на тајниот сеф, зошто не ги изеде документите? Но ова не го прави филмот наивен, напротив, точно знаеме дека и Гестапо и КГБ и УДБА воделе опсежни архиви за своите акции, тајната полиција секогаш има багаж кој не може да биде уништен, ниту оставен – тајната полиција мора да се самоархивира. И прашањето не е зошто тајната полиција не може да се откаже од архивирањето, туку дали тајната служба потоа може така да се радикализира што ќе се претвори во паралелна (полициска) држава? Одговорот е двоен. Ако поверуваме дека тајната полиција може да се радикализира во полициска влада – ние сме во право (многу луѓе веруваат во конспиративни теории и постојат разни индиции дека анонимните шефчиња на тајните службите всушност раководат со државите). Ако поверуваме дека ова е само филм – повторно сме во право.
Трикот на тајните служби лежи во таа двојна улога, во исто време идејата дека сум постојано објектот на нечиј поглед - е фантазија, исто како што, фантазматски се плашам дека во идеологијата можеби јас воопшто и не сум видлив/а (зарем сум толку неважен/на?) Точно тој амбигвитет на погледот е централен за секоја идеологија и ја објаснува суштинската опсесија со тајните служби. Во документарниот филм „Неизгубено време“ (2004) еден од поранешните затвореници на Штази, Гинтер Хериг, вели: „Од денешна гледна точка, ги потценив и ги преценив Штази. Тие не беа омниприсутни како што мислев, од досието гледам дека биле невнимателни, многу работи не знаеле. Но исто така невозможно беше да се скриеш од нив.“ Тајните служби се тука за да биде почитувана моралноста, истовремено, ништо не е почитувано, тоа е радикално противречна позиција на која се базира успехот на тајните служби, врз кои потоа може да бидат проектирани секакви „валкани фантазии“. Таа неизвесност е една од причините зошто шпионот го има статусот на мистерија дури и за самите структури на УДБА. Суштината на постоењето на тајните служби е внатрешната невидливост. Никој не знае ништо за никого. Колку повеќе не знае, толку е посигурен, не системот, дури не ни шпионот, или евентуалниот откривач, туку точно - идеологијата.
Post a Comment