Шпанска серија (2007) Јасна Котеска
Глобус, 10.7.2007
Јасна Котеска
ШПАНСКА СЕРИЈА
Шпанската серија е слична со порно филмот. И во двете, нестрпливо се чека акцијата
Зошто страда жртвата во шпанската серија? Точниот одговор гласи: за гледачот да има причина да плаче
Некаде читав дека плачењето е пронајдок на доцниот 18 век. Дека се јавува со жанрот мелодрама. И дека мелодрамата е дизајнирана за да им даде на луѓето причина за да плачат. Се разбира дека ова не е сосема точно. Луѓето плачат отсекогаш. Хомер редовно ги опишувал своите херои како плачат. Патрокло плаче кога е ранет Диомед. Ахил плаче кога е убиен Патрокло. Во „Гилгамеш“, првото ремек дело на светот, Гилгамеш плаче кога умира неговиот најдобар пријател, Енкиду.
Но, во овие книги не се плаче заради љубовта. Античките народи високо ги вреднувале само мудроста и храброста. Ахил и Гилгамеш плачат заради поразот на храброста, отелотворена во мртвиот пријател. Така е во Антиката. Во долгите векови што следат, љубовта ги потиснува другите вредности и станува водечка сила. Тоа се случува со еднобожните религии, кои заговарале љубов за ближниот. Чесната сестра, на пример, е отелотворување на добрината како професија. Тоа е жена чија „професија“ е да го сака човекот.И тоа е грандиозно поместување во цивилизациските доблести. Нема ништо поважно на овој свет од побарувањето човек да е добар, милозлив и да сака.
Но, нешто се случува во 18 век, со подемот на капитализмот. Капитализмот е првата светска цивилизација без свет, така вели Бадју. Капитализмот е автоматизирана машина, десакрализиран свет од кој е темелно „исфрлен“ човекот. Човекот станува битие кое нема капацитет да воспоставува односи со другите луѓе. И таа неспособност ја компензира со многу солзи. Денес сме разденети во свет во кој на улица може да го згазнеш случајниот минувач кој од тебе бара помош, брзајќи да се испружиш на каучот за да се исплачеш над несреќните односи меѓу луѓето. Епитом на овој млитав универзум на мелодрами, шансони и псевдоврски, што го живееме денес, се шпанските серии. Неавтентичните односи во шпанската серија се слични со порно филмот. И во двете, гледачот нестрпливо чека што побрзо да се воспостави мизансценот, за ликовите конечно да ја почнат акцијата. Во порно филмовите –акцијата е сексот, а во шпанските серии - сентиментот кој произведува солзи.
Вообичаено мислиме дека шпанските серии се засноваат на конфликтот на ликовите. Тоа не е точно. Во шпанската серија никој не зборува вистински со никого. Кога првиот лик ќе ја заврши својата реплика, вториот започнува некоја друга реплика, која нема врска со првата. Дијалозите не се врзуваат во логичен след. Никој таму не слуша никого. И, соодветно, никој нема увид во вистинските мерки на Другиот. Ликовите се темелно осамени. Што е парадоксално бидејќи постојано се опкружени со други луѓе.
Приказната се одвива околу беспомошната и невина жртва, која страда без субјективна вина. Жртвата не е тука за да го реинсталира законот и за да го поврати урнатиот морал. Таа е тука за бесконечно да страда. Таа страда на таков начин што никаков авторитет не може никогаш да ја донесе посакуваната разрешница. Дури и кога ќе се случи, разрешницата доаѓа така задоцнето и случајно, што никако не ги задоволува нашите стандарди за правдина. Вистинската причина што ги движи шпанските серии, оттука, се солзите. Зошто страда оваа жена? Точниот одговор гласи: за гледачите да имаат причина да плачат.
На мета ниво, овие солзи на публиката се и најисконската реакција против нашиот омлитавен капиталистички универзум. Во кој некогашните доблести - од античките поклонувања пред храброста и мудроста, до религиските побарувања за љубов- се заменети со модерните и отуѓени површни сентименти.
Post a Comment