Јасна Котеска: „Скопје е
гностичко“, во: Скопско ехо, бр. 62, 3.8.2018,
Скопје, 2018, p. 13.
Интервју: Бранко Ѓорѓевски
Jasna Koteska, "Skopje is Gnostic", in Skopje's Echo, No. 62, 8 March 2018, Skopje, 2018, p. 13.
СКОПЈЕ Е ГНОСТИЧКО
Јасна Котеска
Кога ќе кажете Скопје, кои мисли и слики ви се појавуваат?
Бојата. Бојата на Скопје е пригушена, како во
сон, визија, како кај гностиците. Кај гностиците, универзумот се’ уште не е
целосно формиран. Скопје е гностичко: сирова земја, снопови трева, барокни
ѕидови издигнати над депониите, пукнатини во плочниците, искривени огради,
незавршени згради. Луѓето и боговите не сработеле доволно, го започнале
градот, па го запуштиле. Затоа мораат уште да
работат. Гностичката филозофија вели дека универзумот е намерно креиран
нецелосен, како периферија. Во таа смисла, Скопје e гностичко. Помалку личи на град, а повеќе на
жолтите полиња кај Ван Гог.
Со што најмногу се гордеете во Скопје?
Живеам блиску до железничката станица и секојдневно го слушам звукот на возовите. Ми се допаѓа што Скопје е град на излезот, може да излезете, да се качите во тој воз и засекогаш да си заминете. Никој не ве држи со сила. Има градови од коишто не може да излезете.
Во Скопје има пацифистичко растегнување на времето, кое го сакам. Некаква суспензија на итноста. Вегетацијата расте помеѓу ѕидовите, бетонските тунели, застојаната вода, животните што талкаат, остатоците од човечките артефакти. Некој појадувал, ама заборавил да ја фрли пластичната лажица во кантата за отпадоци. Сите тие работи го прават Скопје незавршен град. Некултивиран. Но, и таков е сепак хабитат.
Кое
Скопје го сакате повеќе: Ова сега или тоа од порано?
Не го сакав ни старото, ниту новото Скопје.
Но, после Скопје 2014 мојот однос кон градот се промени. Порано детски го одбивав
градот, мислев дека Скопје нешто ми должи. Денес знам повеќе. Сите сме
одговорни за градот, а не само властодршците. Без разлика колку се бунтувавме
против Скопје 2014, фактот дека не успеавме да го спречиме преоблекувањето на
градот, значи дека не сме се бореле доволно. Денес Скопје е наше заедничко
огледало. Дополнително, сите живееме во свој пост-трауматски однос кон Скопје
2014.
Што позитивно а што негативно влијаеше врз
вас живеењето во Скопје?
Скопје го сакам од истите причини од кои ја
сакам уметноста на Тарковски, на пример. Скопје е исполнето со објекти во
исчезнување, потрошени или надвор од употреба. Никој не ги средува, не ги фрла.
Никој не ги забележува, бидејќи никому не му недостигаат. Скопје е град во
обид. Има сигнали, пруги, патеки, влезови, огради, овде смеете, овде не смеете,
а всушност секаде смеете. Скопје е своевиден грабеж, но и како таков е град за
трагачите. Има своја синтакса, свој некој набор во пејсажот.
Веројатно Скопје е идеален град за уметниците
и филозофите. Тоа е позитивно. Но, во сета таа филозофија, Скопје не е
прагматичен град, а тоа никогаш не е добро за еден град.
Што му дадовте вие на Скопје?
Се обидувам на Скопје да му дадам образовани
луѓе веќе дваесет и пет години колку што предавам на Филолошкиот факултет. Исто
толку години се обидувам на Скопје да му оставам книжевни и филозофски книги.
Се обидувам да бидам пристојна во банка, во пошта, во такси, во автобус, на
клиника, во продавница, со соседите, со случајните намерници. Се обидувам да не
го вознемирувам градот. Сепак, Скопје е град што е немирен повеќе од
потребното, што значи дека нешто не правам како што треба.
Преголемо ли е Скопје за вас, треба ли да расте или да се намали?
Сите градови ќе растат во децениите што
доаѓаат. Градовите од иднината нема да се мерат во нашите мали димензии. Тие ќе
стануваат само поголеми. Поургентното прашање за мене е како другите градови во
Македонија да станат поголеми градови. Бидејќи во моментов личат на напуштени и
заборавени хабитати.
Што ви недостасува во градот, а што би одзеле?
Би сакала Скопје да не е град на излезот,
туку на влезот. Од друга страна, пак, уметноста е секогаш врзана за напуштањето.
Напуштањето на градот, мислата, навиката, пријателот, љубовникот, предметот,
прстот, територијата.
Уметноста е невозможна без напуштање. Напуштањето не е
себичен гест, напротив. Останувањето е себично. Заминувањето е она што го учиме
од земјата. Луѓето најчесто не знаат како да умрат, затоа што не знаат како да
напуштат. Животните, од друга страна, бараат ќоше за смрт, територија за
смртта. Животните знаат да ги напуштат просторите што се’ уште се
гостопримливи, локациите во кои се’ уште се живее. Во таа смисла Скопје е
автентично уметнички град, град што секој момент може да го напуштиш. Тоа е
убавата страна на Скопје.
Во какво Скопје сакате да живеете?
Би сакала да живеам во Скопје што личи на Будимпешта, Куала Лумпур, Лондон
или Њујорк. Тоа се четирите града што ги сакам. Но, Скопје не е ниеден од тие
градови, затоа што Скопје е свој град. Град на единечни
објекти: дрво, патека, сигнализација, човечка силуета, животно, железничка
пруга, кукла за облека, апарат за гаснење пожар.
Би сакала да живеам во Скопје што ќе го чувстувам како територија,
како историја и најважно, како приватно географско и политичко семејство, како
моја мала семејна афера. Сега го немам тоа чувство. Но, во некоја потенцијална
иднина Скопје би можело да биде и тоа. Во такво Скопје би сакала да живеам.
Post a Comment