Published in Publika, Dnevnik, 8 October 2011, 38-39
Дневник
Четврток 29 септември 2011
Утрото ме буди со покана
за разговор во својата канцеларија. Возбудена застанувам пред масивната врата,
изгледам речиси сосема соодветно за разговорот со таков голем и важен човек,
ако ништо друго барем делувам присебно. Бидејќи е достоинствен човек, во
општеството познат и ценет по своите ефикасни морални поуки, со широко влијание
врз народот, со одобрување климам со главата на се’ што ќе ми каже. Сака да ме
вплетка во некоја корумпирана зделка. На заминување, воодушевена што воопшто ми
посветил внимание, срдечно му ја стискам раката
и речиси го гушкам. Одам дома, но го немам стариот мир.
По цел ден плеткање, на крајот седнувам и му пишувам кратко но грубо писмо, нарекувајќи
го неговиот предлог корумпиран, и веднаш и неодложно целосно се изземам од
учеството во него. Мирно легнувам да спијам. Истата вечер, а веќе е навистина
доцна, ме буди со поразен глас и понизно ме моли да бидам дискретна околу
целата работа. Пред да потонам назад во сон помислувам: колку е напорно да се
гради сликата за достоинствен човек, додека за мене сите мислат дека само спијам
и ништо важно не придонесувам. Во полусон, сепак, ме отрезнува сознанието: тие
се во право. Ако придонесувам, сега треба да станам и неговата корупција да ја
разгласам на сите страни, во обид да ја спречам. Но, зарем правејќи го тој чин,
нема да вложам толку многу енергија за да го одржам достоинството на мојот
праведен потфат, што по сите сплетки, евентуално ќе почнам да личам на него,
ѕвонејќи и ваму и таму, лобирајќи го и овој и оној? Кревам раце од целата
комплицирана работа, местејќи ја перницата подобро. Имаат право, јас само спијам
и ништо важно не придонесувам.
Петок 30 септември 2011
Се наоѓаме на кафе и
ми ја раскажува незавидната психолошка состојба на нашиот заеднички пријател.
Како тој рамнодушно изјавил дека веќе нема намера да го заврши факултетот, иако
има само уште еден испит до дипломата, дека успехот и кариерата му се чинат
смешни, пријателството лажно, работата бесмислена, среќата недосеглива, здравјето
преценето, а веќе ниту семејството не му ја нуди старата утеха. Дека пријателот
е во состојба на некаков стврднат очај. Во паника сфаќам дека се препознавам во
секој еден ред. Вечерта доаѓам дома, земам нотес и запишувам. Од утре: да се
учи по шест наместо по пет часа дневно, да се читаат книги
по три наместо по два часа дневно, да се спие по осум
наместо по пет часа, комплетно да се пресечат сите врски со весниците,
телевизијата и со социјалните медиуми, потоа да се избегнуваат сите јавни
настапи, како и целосно да се стави крај на сите непродуктивни врски со случајните
луѓе. Задоволно го затворам нотесот, не сфаќајќи дека токму овој план конечно
ќе ги пресече и последните причини за радост и ќе го зацврсти мојот целосен пад
во бесмисла.
Сабота 1 октомври 2011
Еден возрасен маж
занесено игра фудбал на мали импровизирани голчиња со две дечиња во тревникот
пред зградата. Додека минувам покрај тревникот и со топлина ја гледам
идиличната сцена, одеднаш човекот дрско ми го возвраќа погледот. Не, тој не е
занесен во играта со дечињата, туку едвај го дочекал првиот случаен намерник,
за да му го демонстрира внимателно подготвеното сценарио за својата лежерна
игра со децата, со што автоматски си ја уништил токму безгрижната радост што би
го обземала, кога само за момент би заборавил на сопствениот имиџ.
Недела 2 октомври 2011
Не’ канат на гости.
Ни ги покажуваат дневната, детската и тоалетот. Најмногу се задржуваме околу
кафезот на хрчакот Цврчо. Долго го гледаме Цврчо како се врти во својот кафез.
Нема многу простор за движење, па најчесто само влегува и излегува низ
картонскиот цилиндер од употребена тоалетна хартија. Околу кафезот на Цврчо има
кесе со исушени мртви црви, Цврчо најмногу сака да јаде суви црви, а некои од
нив се паднати крај кафезот, па великодушно се наведнуваме и ги собираме,
покажувајќи зголемен интерес да се сродиме со домаќините. По разгледувањето,
заеднички седнуваме околу белата, прекрасно стилизирана маса во стилот на
минимализмот. Таму е сервиран бел тањир со сушени брусници и сушен ананас, со
сушен кокос, сушена папаја и сушени банани. Сите се поделени на тањирот како да
се огромни батаци што не смеат да се допираат.
Понеделник 3 октомври 2011
По часовите на факултетот,
наместо дома, одам директно во книжарницата во другиот дел на градот. Нервозно
барам книга што ќе ме заинтересира, покрај купиштата прирачници за фенг шуи и
популарна психологија, кога до касата, со задршка и страв, пристапува една
ниска и неуредна женичка во поодминати години, која впрочем речиси сосема личи
на искубана вештерка. И’ се обраќа директно на русокосата девојка зад касата,
која чита книга: „Се извинувам, но дали имате книги за риби?“, прашува.
Девојката победнички го крева погледот од книгата и потсмешливо ја погледнува
колешката која стои на метар оддалеченост: „Повторно вие. А нели пред малку
побаравте книга за море?“ и’ вели предупредувачки. Жената се повлекува еден
чекор наназад, речиси целосно удирајќи се во мене: „Секако, се извинувам, но не
најдов ниеден наслов на полицата каде што ме упативте. Ние, знаете, имаме
читателски клуб, а оваа недела нашата тема е морето“. Додека во прекорно
исчекување се вртам кон продавачките, тивко демнејќи го нивниот следен чекор
(заедно со уште еден упатен
муштерија, кој по копнежливиот коментар за морето веќе наместил сосема гневна
гримаса), тие хорски и’ одговараат: „Колку е тоа симпатично“.
Вторник 4 октомври 2011
Нема позлорада
радост од таа кога ќе откриете неодолива блискост кон поранешниот најдобар
пријател на вашиот сегашен најдобар пријател, во кој вашиот пријател горчливо и
темелно се разочарал, и најнакрај сосема го замразил, откако со многу
натчовечка трпеливост и исчекување му ги простувал долгогодишните и
повеќекратни изневери и повреди, залудно очекувајќи дека повторно во него ќе го
препознае убавото лице на некогашниот сакан пријател, за што доверливо и болно
ви се исповедал со часови како за свое темелно разочарување, неуспех и пораз на
пријателството, со право очекувајќи од вас целосна поддршка. Кога ненајавено и
неочекувано сте ја почувствувале слатката возбуда од блискоста кон отстранетиот, а гнил пријател, иако тој ви го раѓа нужното чувство на
издајство, вие иако сакате, никако не успевате да се откажете од поривот скришно да
се дружите со него, небаре наеднаш и без најава сте станале важен член во опасна
терористичка група, па самата возбуда од членството, истовремено ве спречува
таа матна зделка, веднаш да ја пријавите во полиција... Па, сега, гледајќи ги
двете писма, и тоа на мојот најдобар пријател и тоа на неговиот застранет
пријател, едно до друго во мојот инбокс, се’ уште не се одлучувам кому прво да
му одговорам, на првиот или на вториот, свесна дека од таа одлука ќе зависи
мојата понатамошна определба на грешник или на покајник. Најкомплицираниот дел,
сепак, е дека одлуката е веќе одамна донесена, а сега само лицемерно тажам над
човечката природа, скришно насладувајќи и’ се.
Среда 5 октомври 2011
Мојата пријателка и
јас седиме во нејзиното атеље, наведнати над работното и воедно продажно биро.
Упорно сака Библијата да ми ја запише на ноктите. Би работела со микроскоп, ми
вели, не знае дали знам, но на милиметар простор со специјална техника и алатки
возможно е да се запишат десетици реченици од Библијата. Упорно ја убедувам
дека нејзината минуциозна уметност е невозможна врз мене затоа што ги грицкам
ноктите. Најнакрај заеднички одлучуваме да ми ја закачи минијатурната Библија на
левата нога. Ја закачуваме со сребрено ланче што личи на синџир, чувствувајќи взаемно
задоволство од компромисот.
Photo (c) Бисера Станкоска, October 2011
Post a Comment