Родители на вештачко дишење

Родители на вештачко дишење
(за комунистичкиот сон)


Извадок од „КОМУНИСТИЧКА ИНТИМА“ на Јасна Котеска, Темплум, Скопје, Скопје, 2008, 436страници, ISBN 978-9989-189-41-8


Како, значи, да се разбуди некогашниот пациент на комунизмот од сонот? И за чиј сон, всушност, станува збор?

Најдобрата приказна на тема комунистички сон е раскажана во филмот „Збогум Ленин“ (2003) на Волфганг Бекер - мајката на главниот јунак се буди од кома, а докторите го предупредуваат синот дека за неа ќе биде шокантно да дознае дека Источна Германија повеќе не постои, додека таа била во кома. И синот започнува да ја ре-создава ДДР како што постоела во станот на мајка му. Од аспект на мајката, ова е извонредна лекција дека промените во реалниот политички универзум секогаш се случуваат како кошмар, додека луѓето се во кома. Од аспект на детето, овој филм ја допира точната дијагноза за историските пресврти – на детето паѓа товарот да ја одржува родителската хомеостаза. Во брилијантната анализа на комунизмот „Светот на соништата и катастрофите“ (2000) Сузан Бак-Морс вели: „Мораме да се разбудиме од светот на нашите родители. Но, што да се бара од генерацијата чиишто родители ништо не сонуваат?“

Проблемот, како што исправно го поставува филмот на Бекер, е дека родителите кои во комунизмот сонувале екстензивно, а биле рапидно прекинати поради политичките промени, запаѓаат во таков тип долготрајно сонување, во таква продолжена кома, што симптомот на тоа несвесно и’ го испорачуваат на следната генерација, на децата, во вид на прашање: Дали за мене, југословенскиот родител, се’ уште има место во овој свет? Во вториот семинар на Лакан има еден извонредно оперативен сон за толкување на механизмите на генерациските смени. Сонувачот кај Лакан сонувал дека плива во море кое е истовремено некаква материца, но и море составено исклучиво од бројки, и тоа точно бројките што го сочинуваат датумот на неговото раѓање. Сонувачот, всушност, преку сонот прашува: дали сум јас легитимно дете на моите родители? Во „Збогум Ленин“ обратно, сега мајката е во сон, а нејзиното несвесно прашува: дали сум јас се’ уште легимно „дете“ на новата епоха? На детето е оставено да одговори: до кој степен е мајката – легитимна.

Во речиси сите поранешни комунистички земји владее овој тип детска недоумица – дали да им давам вештачко дишење на родителите, дали да го чувам родителскиот, семеен универзум од слизнување во несвесното на историјата, лепејќи комунистички тапети и глумејќи дека комунизмот никаде не заминал (решението кај Бејкер), или ударнички да тргнам во преиспитување на нивниот свет? Голем дел од синовите го презедоа решението од „Збогум Ленин“ затоа што тоа е конечно некаква генерациска емпатија, но проблемот, како што исправно го поставува Бењамин, е кога да се случи будењето од нивниот свет? Во најчест број случаи, овие земји целосно ги преземаат решенијата на евроинтеграциите како единствена алтернатива, но некогашната југословенска драма: „Имавме се’ што имаше Европа, само се’ од втор квалитет“, останува да биде до збор истата - повторно имаме се’ што има Европа, но пак се’ од втор ранг, и овојпат го нема дури ниту комунистичкото оправдување дека виновни се докопаничарите од нашето маало - за разлика од комунистичките деца, тие имаа нешто што го немаше Европа, ама од прв ранг.

Дека комунистите екстензивно сонувале - тоа знаеме. Сонувањето, тие, го сфаќале дури и во најпротетичката, најмеханистичка смисла. Во 1929 во Советскиот Сојуз е предложена изградба на заедница за сон во околината на Москва, т.н. „Зелен град“, чија задача била да биде место на заеднички одмор, за опоравување од работата. Константин Мељников предложил во тој Зелен град да се изгради централен хотел, „Лабораторија на сонот“, со оправдување дека „Човек минува една третина од животот спиејќи...., дваесет години лежи без свест, никој не го води додека влегува во сферите на мистериозните светови...“ И Мељников предложил хотелот-лабораторија во која номенклатурно ќе се водат милионите следбеници, во она што го нарекол „соната на сонот“: „(С)о кревети, вградени како столови во лабораторија; за да не’ ни требаат перници, подовите да бидат благо навалени кон надворешните краеви на градбата. Голем дел од ѕидовите ќе бидат во стакло затоа што во секој дел од денот ќе поттикнуваме на сон“. Експертите ќе го поттикнуваат здравиот сон, но и ќе го диригираат: „Шушкањето на листовите, укањето на бувовите или нежниот звук на брановите ќе го опуштат и најизморениот ветеран од метрополата. Доколку не заспие, механизираните кревети ќе почнат лесно да се нишаат, се’ додека сонувачот не го напушти овој свет.“ До жирито за изработка на „Зелениот град“ Мељников испратил порака „Лечете низ сонот и менувајте го карактерот.... Болен е секој што мисли поинаку“.

Оваа идеја не е непозната и за капиталистичките New age варијанти, во експериментите со т.н. луцидни сни, сонувачот се тренира да биде свесен за сонот, додека сонува. Во револуционерната 1968 се појавува истоимената книга „Луцидни сни“ од Целија Грин, но целата идеја е античка (во практика, на пример, се среќава и во јога-вежбите на тибетантските будисти). (Зло)употребата на сонот ги привлекува сите позначајни идеологии, уште од антиката, а особено тоталитарните. Што е она што интригира во сонот, зошто на идеологијата и’ треба сонот?

Најпознатата „дисидентска“ дебата пред формирањето на Југославија, „Судирот на книжевната левица“ во еден битен текст, го споменува точно сонот. Најголемиот поддржувач на курсот на Крлежа за ослободување на литературата од соц-реализмот, е Марко Ристиќ, автор на есејот „Сонот и вистината на Дон Кихот“. Во есејот, Ристиќ патетично вели дека на патот на вистината и слободата сите мора да се покорат, но поетот не смее да спушти глава, за да не го заборави ѕвезденото небо. Со други зборови, сите беспоговорно да веруваат, но поетот да го задржи сомнежот. Поетското сонување, Ристиќ го врзува за идеологијата на Дон Кихот, со причина. Кај Сервантес, верникот со резерва е Санчо Панса. За Дон Кихот е лесно да оди напред – тоа би бил комунистичкиот водач, но вистинскиот поет во романот, обратно од толкувањата, е токму приземниот Санчо Панса кој вели „Мојот господар е луд, ама јас сепак ќе го следам“. Лесно е да следиш, ако си уверен дека твојот водач е мудар. Но за твојот водач да биде постојано мудар, ти мора да си постојано во сон, во тип на невозможна кома.

Кога водачот ќе биде разобличен како луд, тогаш обратно, сите паѓаат во колективна кома, и целиот пост-социјализам е ера на клиничка кома. Затоа сметам дека првиот гест на вистинско будење од комунистичкиот сон на родителите во Македонија, парадоксално, се случи со првите југоносталгични објекти „Броз Кафе“, „Кај Маршалот“, кои дадоа вртоглава потврда дека сме доживеале смена во политичкиот свет. Кога претседателот на новиот политички субјект „Сојузот на Титовите леви сили“ изјави дека го преферира „пензионерот како гласачко тело“ тоа е јасен сигнал за здравје – тие се пензионери и сакаат да зборуваат за проблемите со пензиите, но исто така, тоа беше доказ дека Титовите сили се дел од едно мртво, минато време, сега сакаме да ги провериме неговите решенија, дали се тие се’ уште оперативни, што имаше добро во тој систем? Со други зборови, јасната дистанца од комунистичката традиција, може да настане само тогаш кога комунизмот почнал да се доживува како „друго“ време од моето. Тоа е првиот клинички знак дека комунизмот конечно умрел и децата се слободни да ги симнат комунистичките тапети и да се разбудат од кошмарот на родителскиот универзум.

Кога во 2007 по улиците на Киев се распрашував дали има Музеј за комунизмот, луѓето ме гледаа во неверие и вртеа со главите, а еден човек ми рече: „Не ни треба музеј, се’ што гледаш околу тебе е музеј што оди.“ Има слобода од комунизот само таму каде што, парадоксално, тој повторно се враќа во живот, од некоја мртва позиција назад во светот, како носталгија, а не таму кадешто тој е се’ уште акутно секојдневие.

 

Post a Comment