Бројки за споредба
ЈОВАН КОТЕСКИ
Извадок од „КОМУНИСТИЧКА ИНТИМА“ на Јасна Котеска, Темплум, Скопје, Скопје, 2008, 436страници, ISBN 978-9989-189-41-8
Бројки за споредба
На моите деца Васил и Јасна
Во време на робијата
мојот затворeнички број беше: 6412.
Во Хомеровата „Илијада“
стихот 6412 гласи:
„Сега за татко ви ваш
ќе ја платите грдата грешка“.
Понекогаш нештата
во времето и во просторот
се римуваат и без наша волја.
Што се може.
(од збирката „Живожарица“, 1990)
Долги години, овие стихови на татко ми ги читав како грешка. Досието на татко ми се водело под бројот 5622, што значеше дека бројот 6412 никако не можел да биде точен. Кога за првпат ја објавив анализата на неговото досие „Јован Котески. Досие 5622“ (во списанието „Маргина“, 2006), бројот на досието остана во насловот, веројатно како мој несвесен обид да го избегнам повикот за хомеровски, судбински дијалог, што овие стихови го навестуваа.
Тоа што беше „ослободување“ за мене, едновремено значеше дека татко ми, од друга страна, би морал да го прифати само оној одговор што единствено ќе можам да го дадам. Дури кога ја пишував оваа книга, одеднаш ми стана јасно дека бројот за којшто зборува татко ми, не се однесува на досието, туку на затворот. Тоа беше моментот кога, обратно, јас за првпат го прифатив последниот стих од песната како единствено можен.
Post a Comment