„Нема ништо, нели?“

3.
ЖРТВЕНИОТ БИЛАНС НА КОМУНИЗМОТ
И ПОЛИТИЧКАТА АНЕСТЕЗИЈА

Извадок од „КОМУНИСТИЧКА ИНТИМА“ на Јасна Котеска, Темплум, Скопје, Скопје, 2008, 436страници, ISBN 978-9989-189-41-8


„Нема ништо, нели?“


Во септември 2007 го посетив некогашниот штаб на Штази-службата во Берлин. Огромната зграда, некогашна база на источногерманската тајна полиција, денес е претворена во музеј. Пред масивната капија, туристите, главно Американци, со весел глас ги лоцираа на мапата на Берлин останатите десетици згради на Штази-службата низ градот - сега сме на нултата точка, во самиот епицентар, во штабот - групата ведро се договараше да ги обиколи сите објекти за еден ден.

Жената која ни ги чекираше картите, обратно, беше нервозна. Побарав да купам книги, некаков материјал, филмови, што било, ме преупати до архивите на горните катови, таму има се’, се’ е достапно, таа лично не знае англиски, не е ова туризам, „нема ништо“ - ми вели и ме турка пред себе, нека влезам зад пултот (влегувам повеќе од срам одошто од потреба), гледам ли јас нешто за продавање? Се повлекувам, се извинувам во последователни низи, нејасно размислувам дека не е лесно секој ден да продаваш карти за нечиј поранешен пекол, не е таа тука за да им ја вдахне смислата на некогашните комунистички приказни на посетителите, по ѓаволите, продава карти за плата, има семејство што мора да го храни, не е таа тука за да се носи со нашата потрага по смисла, јасно ли ми е сега?

Тешко се качувам по скалите. На секој кат триесетина канцеларии. Многу катови. Во секоја од канцелариите само една супстанција, поточно една боја – административно сиво. Една фотелја, една работна маса, еден или два телефони, некаде и три, и шкафче за документи. Понекаде и мапа на Источна Германија. И тоа е буквално се’. Секоја канцеларија е слична на претходната, секоја е иста со следната. Никаква супстанција нема во оваа зграда. Тука некој ја вршел својата проклета задача за својата скромна плата. Се’ потешко се качувам на секој од погорните катови додека во мене педантно расте се’ поургентната нужност да влезам баш во секоја канцеларија. Што ако следната ми даде некакво објаснување?

Кога излегов од музејот, врнеше. Не можев да се мрднам од место. Не од шокот што го видов, туку затоа што не видов ништо. Смртта лебди во воздухот, на секој од тие застарени телефони, им се пресудувало на десетици и на стотици контрареволуционери во низи. Но денес таму мириса на доместос и има црвени конопи зад секоја офуцана фотелја. Пред портата, на дождот, ми пријде еден Германец. „Нема ништо, нели?“ „Ништо“ – гледав в земја. „Чудно е тоа.“- продолжи - „Ги изгубив сите што ги имав заради оваа зграда. Откако ја претворија во музеј, доаѓам секој ден. Не можам да престанам да доаѓам. Нема ништо, нели? Баш затоа доаѓам. Морам секој ден да гледам баш во тоа ништото. Ме разбираш ли?“

Во хотелската соба ги потрошив сите шампони. Се’ се чисти, секаква зазорна супстанција, ако некој ти поврати на новата кошула, ако се посереш над сопствената книга; тоа што не може да се измие е бирократската безинтересност, тоа сивило од мебел што останало зад нив. САМО ништото не може да се измие. На хотелскиот телевизор фатив Шрек 3. Барем тука чудовиштата имаат препознатливо лице - страшните изгледаат страшно, добрите изгледаат добро. И така заспав.

 

Post a Comment