Тврдо крило

Тврдо крило

Извадок од „КОМУНИСТИЧКА ИНТИМА“ на Јасна Котеска, Темплум, Скопје, Скопје, 2008, 436страници, ISBN 978-9989-189-41-8


Носовите на питомците треба да бидат тапи и подвиткани, тоа го заповедаат прописите, кои мислат на се’, и навистина сите наши орудија за мирис се понизно и срамежливо подвиткани. Како потсечени со остар нож. Нашите очи треба постојано да гледаат во празно, и ова го има во правилникот. Всушност, ние не би ни требало да имаме очи, бидејќи очите се дрски и љубопитни, а дрскоста и љубопитноста се осудени од сите здрави морални гледишта. Нашите уши се многу невообичаени. Тие одвај можат да чујат нешто поради постојаното напрегнато слушање.
Роберт Валзер


Но "лесниот" тип на надѕор кој е вршен врз татко ми (официјално од 1961, а неофицијално од доцните 1940-ти) трае се’ до доцните 1960-ти години. Во тој "лесен" надзор главни актери се неговите пријатели, писателите-полицајци.

Во доцните 1960-ти, одеднаш набљудувањето врз татко ми отврднува. Сега веќе не се доволни писатели-полицајци, туку непознатата агентура почнува да испраќа полицајци-писатели. Тие не се негови пријатели, но нивна работа е тоа да станат, и во тоа успеваат во текот на долги 4 години. Во досието се цензурирани сите документи за овој период, а него можеме да го реконструираме од изјавите на татко ми (и на другите актери) во текот на истражната постапка. Околу 1968 кај татко ми на врата тропа непознато лице. Тој е полицаец во униформа и е во активна служба во полициската станица во населбата Лисиче, кадешто во тоа време живее татко ми во бараката која му е доделена по скопскиот земјотрес. Полицаецот е сосед и е задолжен да оствари врска, преку литературата. Се претставува и бара татко ми да ги прочита неговите литературни материјали и да му напише препорака за објавување книга. Татко ми веќе има нејасно чувство дека е следен. Преплашен е од униформата што ја гледа и се согласува.

По неколку месеци кога татко ми оди кон автобуската станица го среќава истиот полицаец, сега во друштво на друг, за татко ми непознат човек, исто така полицаец во униформа. Првиот полицаец го запознава татко ми со вториот. Го претставува како "свој добар другар, голем Македонец, и страдалник исто како него". "Помислив дека тие, како службеници од милиција ме провоцираат и дека ме иследуваат… - пишува татко ми во изјавата. Се редат месеци бидејќи целата процедура трае вкупно 4 години. Во една прилика, татко ми оди во месарница. Го пресретнуваат истите двајца полицајци, го преупатуваат во друга месарница каде што се наоѓа куќата на едниот од нив и го канат на гости. По некое време, следи запознавање и со третиот човек од полицијата. И оваа средба е "случајна", во самопослуга. Таа вечер го викаат на гости. Не ми беше јасно што тие луѓе бараат од мене, но постојано ми велеа дека кој не е добар Македонец главата ќе му лета како на петел. Во мене се вгнезди страв и језа". Наведениве лица веќе "не ме оставаа никогаш на мира". „При неколку средби кога тие ме чекаа кога одев во самопослуга или слично, ми зборуваа дека тие ќе си ја вршат својата работа, а јас да седам мирен. До ден-денеска не ми е јасно зошто сето тоа се вршеше врз мене.“

Од 1968 натаму се случува пресврт во типот на следење. Сега нема само пријатели што кодошат, мноштво тела кои информираат "лесно", а со цел да ја отфрлат маската на овој сомнителен човек. Сега има продор на законот во најситните сегменти на животот и пријателството не се искористува, туку се конструира. Оваа група полицајци по некое време поставува неколку бомби на стратешки места низ градот. Го информираат татко ми, а тој избезумен се сели во друг дел од градот. При тоа не ја продава и не ја изнајмува својата барака, туку едноставно ја препушта на роднини и заминува под кирија. Во овој стан во 1972 доаѓа еден од полицајците кој му се заканува дека ако некому каже за нивните акции, ќе му го убијат семејството. При тоа за да го увери во сериозноста на нивните намери, „откако влезе во станот, колку што се сеќавам во кујната, од џебот на палтото извади една рачна бомба и фаќајќи ја за капачето, почна да го одвртува и тогаш ми се обрати со зборовите дека бомбата ќе ја фрли во станот.“ Татко ми, според изјавите пред истражните органи и според писмата на Предраг Матвеевиќ до Сојузниот суд на Југославија, во рацете ме држи мене, а јас имам две години. „.. (В)о станот бев со моето малолетно девојче – ќеркиче (ова сум јас- моја заб.) и ми рече: ’Гледаш ова во рацеве, ова е бомба. Ќе ти летне главата и главата на детето. Ние сме тие што фрламе бомби. Ајде зуцни.’“ Татко ми ветува дека ќе молчи и оттогаш живее во страв „Тогаш тој ме праша на што сме, а јас му реков дека ова длабоко ќе го закопам во себе како тајна. После ова Славе без да се задржува замина од станот“. Таа група по некое време го остава татко ми на мира и тие губат секакви контакти. „Од тој ден до денешен ден јас бев во длабок очај. Никогаш не им ги дознав намерите зошто со мене постапуваа така.“

Не сум криминолог и не можам да знам како и зошто ова второ "тврдо крило" што му врши постојан полициски надзор на татко ми, одеднаш се "радикализира". Но, неколку прашања мора да останат во игра. Дали постои такво нешто како "радикализирање" на полициски службеници? Во овој систем на правилна хиерархија, тие полицајци се исто така дел од паноптичкиот поглед, и нивната професионална агенда е (како што се гледа од секој сегмент на досието) постојана мета на контроли и натконтроли. Тие се свесни за својата постојана видливост затоа што само така се обезбедува автоматското функционирање на власта. Како активни полицајци тие знаат дека ефектите на надзорот се постојани и непрекинати. Дали таа група е дел од интерни полициски потструктури или не, дали тие имале некаква поскриена агенда?

Зошто цели 12 години во свет на една ваква постојана полициска и "полициска" контрола тие не се откриени, а се откриени дури во 1984? Кој ги штител и зошто? Зошто водачот на оваа група, инаку инспектор од СДБ, во текот на долгите години што следат, бил назначен на задачата да ја бара „бомбашката група“, што значи, да се бара самиот себеси? Зошто наеднаш се уапсени 12 години подоцна? Зошто еден од членовите на групата умира во затвор? Зошто друг е убиен од грчките контраразузнавачки служби во Канада? (До овој податок дојдов во јуни 2008 и не знам дали е точен). И конечно, зошто татко ми е уапсен заедно со нив? За овој долг период во досието недостасуваат сите документи. Бидејќи не можам да шпекулирам со никаква можност, овие прашања ги оставам отворени, со надеж дека ќе бидат расветлени од идните генерации македонски историчари.

Во јуни 2008 кај мене на работа дојде еден млад историчар кој веќе две години го проучувал случајот на „бомбашката група“ со која е затворен татко ми. Тој ми приопшти нови податоци до коишто дошол во меѓувреме. Дека е точно дека еден од групата полицајци од бомбашката група умира во затворот од тепање. Дека еден полицаец од групата успева да побегне од затворот, да прибави илегален пасош, да ја премине југословенската граница и да отиде во Канада кадешто е убиен на пешачки премин од грчките тајни служби. Зошто од грчките тајни служби? Која е вистината за суштината на дејствувањето на групата – тоа беа прашањата на кои тој не можеше да ми даде одговор. Го прашав дали смета дека групата дејствувала самоиницијативно или била дел од скриените агенди на ДБК, дали македонската тајна служба ја произвела оваа група за некакви свои цели? Зошто татко ми бил избран да биде „интелектуалецот“ на групата, дали „помогнало“ тоа што бил набљудуван веќе две децении? Посетителот ми рече дека разговарал со неименуван испектор од СДБ кој смета дека групата била самоиницијативно огранизирана, без учество на тајните служби – тоа е очекуван одговор од вработен во СДБ. Од друга страна, во последниве две години разговарав со неколку историчари кои сметаат дека ако дел од групата имала патриотски идеали, можно е другиот дел од нив да биле со „зададена“ удбашка задача која вклучувала и тероризам (двајца од групата полицајци биле експерти за експлозив). Младиот историчар ми рече дека во последниве две години (2007-2008) додека интензивно се распрашувал за „бомбашката група“ (во населбата Лисиче кадешто живееле членовите на групата, меѓу наследниците на членовите од групата, во Државниот архив на Република Македонија каде што ги барал нивните досиеја и меѓу инспекторите што го воделе случајот) добил анонимен повик со закана да престане да го проучува досието затоа што отишол „предлабоко“.

Овој тип закани не беа новина ниту за мене. Веќе во 2005 кога за првпат јавно прозборев за досието на татко ми, со денови добивав десетици анонимни повици со предупредувања дека ја доведувам во опасност безбедноста на моето семејство. Веќе во јануари 2006, и мајка ми беше повикана на „информативна“ вечера од еден од некогашните пријатели на татко ми, инаку поранешен вработен во Министерството за надворешни работи и дел од амбасадорските кругови. Мајка ми ми ја пренесе заканата дека ќе останам без работа, но и дека го загрозувам животот на моето семејство и на син ми. Мојот сопруг ги сфати сериозно вториве закани и се обиде да се распраша од каква природа се заканите. Дали се заканува некој уплашен „сосед“ или некоја од инстанците во тајните служби сака да ни пренесе порака? Повеќето луѓе велеа дека доколку некоја потструктура сака да те предупреди да не отвораш државни тајни, предупредувањето би требало да изгледа „поинаку“, но најпросто речено, никој не можеше да гарантира за природата и за сериозноста на заканите... Сето тоа само значеше дека темите од комунизмот се се’ уште трауматични за многумина и дека тие не се ниту навидум така невини како што ни се чинат. Овие теми ги оставам за расветлување на историчарите.

Во секој случај, во септември 1985 татко ми е спроведен и осуден на пет години робија поради "познанство" со оваа полициска група. На татко ми му се суди на затворен процес, без пристап на јавноста. Еден од обвинителите за татко ми бара обвинителна пресуда од 20 години. Главниот обвинител на случајот на татко ми е Јован Трпеновски, подоцна претседател на Антикорупциската комисија во независната, постјугословенска, Република Македонија. Другите обвинители се Ѓорѓи Наумов (министер во првата, експертска влада на Кљусев во независната Република Македонија) и Михајло Маневски (актуелниот министер за правда во Владата на Република Македонија- ова име ми го приопшти еден од историчарите-истражувачи кои се занимаваат со бомбашката група со која е затворен татко ми и не знам дали е точно, бидејќи го нема во документите кои мене ми се на увид). Малку подоцна пресудата за татко ми е преиначена и тој добива четиригодишна робија. Татко ми излегува од затвор по нецели две години во јули 1987.

Но овде не само што не завршува надзорот врз татко ми, туку тој сега се дуплира. Постојат документи кои бараат засилено следење и континуирана контрола на секое негово движење и изјава. На две страници има детални стратегии за повторно следење, разобличување на неговите интереси, проверка на сите лица што ќе стапат во контакт со него, планирање мерки и активности за обработка на интересите, коментарите, искажувањата на лицата што ќе стапат во контакт со него, "во зависност од потребите ќе бидат применети и мерките (чкртнато со фломастер)", а тоа е откако сите мерки, вклучително и мерката "продолжување на мерката контрола на телефонските разговори на претплатничкиот број" се веќе на сила. Значи, какви се дополнителните мерки? Во таа контрола, според документите од досието, повторно се појавуваат во игра неговите колеги, писателите, но овојпат дуплирани со службените лица на ДБК. Сега повторно се активира цела машинерија писатели-полицајци како доушници. Дали ја гледате ли апсурдноста на системот? Татко ми е цел живот максимално следен, невин одлежал во Идризово, но тој систем на следење само повеќе отврднува и се дуплира.

Ова покажува дека „комунистичката приказна“ на татко ми е далеку поголема само од „бомбашката група“ и далеку потраорна само од неговата робија во Идризово. Надзорот над татко ми е започнат кога тој бил дете и не престанал дури ни две години пред распаѓањето на Југославија. Мачната улога на „бомбашката група“ е само еден дел од комунистичката голгота на татко ми.

 

Post a Comment