Униформа (2007), Јасна Котеска
Списание „Глобус“, 29.05.2007
Јасна Котеска
УНИФОРМА
Од трите страсти: љубовта, омразата и рамнодушноста, последната е најсилна.
Работникот од Веро, откако ќе ја износи работната униформа од 7 до 3 може попладнето да го мине како панкер на скалите под Камениот мост.
Деновиве го гледав некогаш култниот британски документарец за панк движењето UK/DK на Кристофер Колинс од 1983. Од аспект на денешниот медиумскиот циркус, ништо во овој филм не е шокантно, уличните панкери само велеа дека од светот не бараат ништо, освен правото на визуелна различност. Би работеле што било, се’ додека нивните работодавачи не бараат од нив да го сменат изгледот, на пример, би работеле зад касите во Веро но со ирокез фризури, а тоа да не биде повод за инфаркт на купувачите. Смешно? Не баш. Барањето да изгледаш како што се чувствуваш не е нималку наивно. Панкерите бараа облеката да биде израз на внатрешните емоции, бараа луѓето да не глумат дека се рамнодушни, да не лажат дека им е сеедно. Панкерите, на пример, испраќаа порака против војните, со самиот факт што комбинираа баш парчиња од различни воени униформи.
Паралелно со нив, корпорациите смислуваа поуспешна стратегија за облекување на светот. Тие даваа привидна дозвола да си ја одбереш облеката, но само таа што ја носиш во своето слободно време. Да биде јасно што е работно, а што е слободно. Никој не му брани на шефот од Веро, откако ќе ја износи работната униформа од 7 до 3, попладнето да го помине како панкер на скалите под Камениот мост и таа дозвола, денес, се смета за големо демократско достигнување. Но, забележете дека со таа „дозвола за слобода“, корпорациите само купуваа време за еден посериозен, а скриен процес со кој успеаа да ја униформираат токму слободната облека.
Еден пример. Ако денес работите како продавач во бутиците на Гап, може да ја изберете својата униформа помеѓу петте понудени блузи со логото на Гап. Така не чувствувавате дека сте облекле униформа, туку дека сте дури и некаков „модел“ за Гап. А, и не носите нешто што и инаку не би го носеле во своето слободно време.
Перверзијата е дека и купувачот во бутикот го има истиот избор на маици со логото на Гап. Ако купувате во Гап, вие сте исто што и ако продавате во Гап. Нема надвор и внатре. Униформата ја носите од двете страни на решетките на продавниците, и во работното и во неработното време. Слободата на изборот на униформата се претвори во слобода на избор помеѓу S, M, L. Дури и овој избор не е слободен.
2.
Големите империи рано научија дека битките се добиваат со добра, рамнодушна униформа. Кога Американците се истоварија во Нормандија, беше милина да се гледа во тоа отсуство од емоции. Виктор Ерофеев вака ги опиша униформите на војниците: „Ја гледаш униформата и самиот сакаш да си американски војник. Удобни панталони со ергенски џепови, блуза што изгледа како комотна јакна, убав автомат, а чевлите- какви чевли! Во такви чевли не е страшно и да умреш!“ Пораката гласеше: одиш да убиваш? Изгледај како да одиш на прошетка.
Од трите страсти: љубовта, омразата и рамнодушноста, последната е најсилна. Игнорирањето е најмоќното чувство, токму затоа што е отсуство на чувство. И тоа интуитивно го знаат луѓето кога бараат светот или да ги сака или да ги мрази, најстрашно им е светот да биде рамнодушен кон нив. А корпорациските униформи се точно тоа. Тие се рамнодушни. Панкерското одело беше составено од емоции и затоа губеше.
„Панкот не е мртов“ оваа парола беше вградена во панкерското движење уште од неговите почетоци. Панкерите зборуваа за смрт во времето на сопственото раѓање, затоа што нејасно чувствуваа дека емоциите се вишок во современиот свет.
Документарецот на Колинс, ме потсети на една минимална, но важна разлика во ДВИЖЕЊЕТО на облеката. Панкерите бараа да дојдат на работа во својата домашна облека, во облеката на своите емоции. Корпорациите ги изнесоа работните униформи надвор, и тие станаа домашна облека за сите. Тоа доведе до претворање на светот во војска од рамнодушни униформи. Сега сме сите исто униформирани, во најпожелното што на светот постои- рамнодушноста.
Post a Comment