За комунистичката носталгија

„Подобро со 28 години во камп, одошто со 93 на слобода“
(за комунистичката носталгија)



Извадок од „КОМУНИСТИЧКА ИНТИМА“ на Јасна Котеска, Темплум, Скопје, Скопје, 2008, 436страници, ISBN 978-9989-189-41-8


Во 2007 на еден панел за комунистичката носталгија, еден унгарски Евреин ми рече: „Мајка ми денес има 93 години и се’ уште зборува за тоа колку била убава нејзината младост. Во 1942 година таа имала 28 години. Кога ја прашав како е можно да е носталгична по времето на Третиот Рајх, а таа била Еврејка, мајка ми, ми одговори: подобро е да си 28-годишна девојка, макар во нацистичка Унгарија, одошто 93-годишна баба во денешна Унгарија“.

Ова е веројатно едно од најточните објаснувања за носталгијата, кога жалам за минатото, јас жалам за младоста. Освен тоа, минатото е секогаш манипулирано со цел да може да кажам: „Јас бев среќен/на“, но сега не сум. Нештата не се помнат во „блокови меморија“, тоа е секогаш помнење како промашување, секогаш помнам нешто друго од тоа што било.

Психоанализата не’ учи дека човек никогаш не може да ја посакува состојбата во која се наоѓа. За човек е невозможно да каже: Јас го посакувам ова. Посакувањето е особено невозможно околу идеологиите. Најбазичните искуства со луѓето, не’ учат дека не може да сретнете човек кој без остаток, без отпор и без минимална комична дистанца, ќе ви каже: „Целосно го сакам животот во овој систем, боже, колку ми лежи оваа идеологија!“

Носталгијата за минатото секогаш се изедначува со некаква моралност на светот. „Во старите денови зборот се почитуваше“ – ова, на пример, е често место со кое луѓето го адресираат светот и неговата генерална надолна линија во корупцијата. Минатото останува некаков носител на „вистинските“ односи кои се корумпирале во меѓувреме.

Но што правиме кога минатото било засведочена диктатура? Јанош Кадар, контраверзниот унгарски водач на „најсреќната барака од советскиот блок“, убиец на популарниот ревизионист Имре Наѓ (кој по неуспешната револуција од 1956, бара засолниште од советските тенкови во југословенската амбасада во Белград, која меѓутоа го предава на советските трупи и во таен процес тој е осуден на смрт со бесење), во 1989 на последниот говор пред партијата вели „Се сеќавам само на убавите работи“. За него, во минатото имало и добро и лошо, но тој одлучува да се сеќава само на убавото, и ова не важи само за номенклатурата, која е и лично одговорна, туку и за т.н. „неутрални граѓани“. Унгарците, до ден-денес, имаат носталгија по Кадар-ерата како ера на „гулаш комунизам“, умерена „мека диктатура“, како што Македонците имаат носталгија за Титовата ера. Кадар ја преформулираше комунистичката максима на дикаторот Ракоши „Кој не е со нас е наш непријател“ во „Кој не е против нас, тој е со нас“ (оваа фраза, секако, имаше свои носители во секоја комунистичка земја, во Југославија лиценцата на „омекнатата“ верзија на непријателството ја имаше Кардељ). Поентата со носталгијата по тоталитарните минати времиња, е дека какви и да биле – тие биле „мои“.

Средбата со Реалното е секогаш некаква форма на разочарување, кога луѓето се враќаат кон минатото, тие го бараат уживањето што Сега и Овде не го добиваат, бегаат од сегашноста која се јавува како некаква не-реалност.

Францускиот сликар Рене Маргит има една слика „Изневера на сликите“ (1928) на која е нацртано нешто што многу личи на луле, а под него има текст „Ова не е луле“. Оваа слика е најблиска до „вистинската“ слика за Реалното. Реалното е кога таму имате нешто, некаква средба со Вистината, со Сега и Овде, но вам ви се чини дека постојано нешто како да недостасува, во онаа смисла во која коментарот на Маргит „Ова не е луле“ е точен. И средбата со Реалното навистина „НЕ Е ТОА“, она што недостасува е - точно забелешката „ова не е тоа“. Дури тој додаток го прави Реалното подносливо.

Во 2007 во неколку наврати во Унгарија и во Германија се среќавав со Артјом Кошмарски (роден во 1982), уредник на списанието „Комунитас“ од Москва. Неколку години по распаѓањето на Советскиот Сојуз, кога влегува во тинејџерските години, Артјом одлучува да слуша ретро-музика, британски поп од седумдесеттите, ала Генезис, флаути и мелотрони што асоцираат на калливите влезови од англиските предградија, се’ што нема никаква врска со неговото време, со пост-советската Русија. Артјом вели: „Мојот проект беше рафиниран и многу приватен, не тежнеев јас кон Европа, туку прифаќајќи ја англиската култура од 1970-тите, јас од себе направив Европеец“. Пред две-три години почнал да чувствува чудна носталгија за „херојските времиња на Советскиот Сојуз“, „за Гулазите да, но и за ентузијамот и вербата во утопијата“ и во таа фаза интензивно симнувал мп3-јки со советски песни од интернет. Кога го запознав лани, Артјом, слушаше ирска и француска 15-вековна трубадурска сонатна музика.

Искуството на Артјом ниту е ново, ниту необично. Масовноста на овие парадоксални искуства (другарка ми ми раскажуваше дека татко и’ во социјализмот сонувал за капитализмот, а сега со голема увереност го брани социјализмот) се познати. Кјеркегор не’ потсетува на познатите психолошки парови: мелахнолочниот човек има најмногу смисла за хумор, дебелиот за идила, развратниот за морал, сомничавиот за религија…

Прашањето е што ги тригерира овие парадокси? Евентуално може да се идентификувам со некакви идеолошки порции, со парчиња од тие системи, но дали можам со цели системи? Дали моите желби секогаш му припаѓаат само на Другиот - во смисла во која болшевикот сака да биде буржуј (да има пристап до западните самопослуги, што и’ беше дозволено на номенклатурата), и обратно, кога богатиот буржуј сонува за револуција (случајот на Енгелс)? Го знаеме случајот од „Злосторство и казна“ на Достоевски, кога Библијата го добива своето најцелосно значење дури кога се чита во будоар (случајот на Раскољников). Од ист ред се парадоксите: кога теолозите со најголема страст го проучуваа марксизмот (во време на комунизмот) под паролата: „подобро да го запознаеме непријателот“, односно, обратно, кога марксистите вернички и’ се поклонува на Партијата како на Црква (елементарен е примерот со францускиот марксист Лефевр кој во есејот „Тоталниот човек“, го спореди марксистот со Бого-човек, „единство на сите човечки елементи“, „завршен натурализам“, конечен крај и решение за „мистеријата на историјата“ ).

Ултимативниот одговор е дека Поредокот е амбивалентен, а и човекот во него е амбивалентен. Таа амбивалентност ги тера луѓето во целосни контрадикции, а оваа теза мора да се доведе до својот биолошки парадокс, и без никакво претерување да се констатира дека завршната желба ЗАД секоја хумана социјална програма е целосна анихилација на човечкото и пад во тотален анимализам - оној парадокс на „човекот во прозаичност“ што првпат го формулираше Кјеркегор, преку овој настан: „Во Лајпциг е основан комитет кој од соучество со тажниот крај на старите коњи, одлучил нив да ги изеде!“

 

Post a Comment