Брзина (2009)
Дневник, 24.03.2009
Брзина
Јасна Котеска
link
Во 19 век кралицата Елизабета од Унгарија, од народот нагалено наречена „кралицата-локомотива“, околу триста дена во годината минувала во патувања. Од Крф до Венеција и од Карпатите до Јадранот. Таа мобилност не и’ била доволна, била решена и своето тело да го изделка до совршена мобилна единица - водела рестриктивни диети со портокали за полесно да се преместува низ просторот и времето. Со други зборови, уште во 19 век, го навестила денешното глобално мото: Итајте! Само сопирањето е смрт!
На ова ми текна деновиве. Додека кандидатите минуваа стотици километри од еден до друг град во обиколка на што повеќе општини, некој ми кажа дека кампањата за локалните избори на ВМРО му заличела на серија лица што носат автостоперски знаци. „За Аеродром“, „За Карпош“, „За Скопје“... Како вектор-автомобили во криза, кои сепак несопирливо итаат, како локомоторна илузија со која универзумот се скусува, се редуцира до извесен партиски ефект.
Народот од општините, со оваа операција, е ставен во улога на „љубовничка“, која му се предава на партискиот автостопер, пред тој да замине кон својата следна дестинација. За разлика од „воениот брак“, склопен набрзина, во кој, ако војникот се врати од битките неповреден, најчесто е одбиен од саканата дома – тука имаме тип на „партиски брак“, сочинет од бесконечното меѓусебно заведување, се’ до денот на изборите. Паралелно пак, претседателските кандидати во петокот беа повикани да закочат и последните два часа од кампањата на А1 телевизија да ги соочат своите платформи. Од што, всушност, се состои ова кочење и соочување?
Минатиот четврток Џеј Лено на Барак Обама му го постави прашањето: „Како е да се биде претседател на Америка?“. Обама одговори дека чувството е исто како да стоиш пред најсуровиот судија од реалното шоу „Американски идол“.
Две недели порано, пак, угледниот „Економист“ објави писмо од еден читател со предлог трошењето на буџетските пари да се контролира според системот на истото музичко шоу, „Американски идол“. Сенаторите да добијат по пет минути за да објаснат како ќе ги трошат парите. Потоа панелот од тројца судии да ги испрашува. На крајот граѓаните да гласаат за предлозите по телефон. Ова најново скусување на политиката до шоу-бизнис е феномен што покажува дека брзините се важни за политиката, но и дека постојано се трага по што побрзи избирачки методи. Зошто?
Затоа што ултимативното прашање на секои политички избори, па и на овие, гласи: „А каква врска имаат изборите, и воопшто политиката, со тоа што инаку го нарекуваме вистина“? И одговорот гласи: Баш никаква!
Политиката не е процес на вистинитост. Кога во парламентарните демократии луѓето излегуваат да гласаат, тие не ја кажуваат вистината за светот, туку ја кажуваат само СВОЈАТА вистина за светот. Како што вели Бадју: ако им дадете на луѓето да гласаат, тие и ден-денес ќе изгласаат дека живееме во геоцентричен универзум. Тоа значи дека и при најдобра намера да ја изберат вистина, луѓето најчесто знаат многу малку за вистината. И кога сакаат да го изберат најдоброто, тие немаат начин да знаат дали, всушност, не го избрале најлошото. Кога Хајнер Милер во 1989 година ја постави драмата „Хамлет“, тоа беше негов начин да праша: „А зарем слободните избори не го донесоа Хитлер на власт?“
Но, ако политиката не е чин на вистина, што е тогаш политиката? Политиката се сведува на она што го нарекуваме јавност, маса, народ. „Јас мислам вака“ е, најкратко речено, исто така политика. И нашите разговори од пред колонијалите, од клупите, коментарите за прочитаните весници, сето тоа е политика, и таа неретко е исто толку квалитетна или неквалитетна, колку и дебатите во Парламентот. Секако, разликата е дека евентуалната вина паѓа само врз актерите во политичките процеси, а одговорноста останува подеднакво распоредена врз сите политички субјекти што гласаат.
И тука влегува објаснувањето на Обама дека да се биде претседател е како да стоиш пред најсуровиот судија од „Американскиот идол“. Ако нема инстанца „од-онаа-страна“ на светот, тогаш што ни гарантира дека луѓето избрале добро? Ништо, освен периодите кога кандидатите ќе ја сопрат вртоглавата брзина за, од најстрогиот судија – јавноста, да бидат „соголени“ до некаква вистина. Каква?
Филмот „Фул Монти“ (1997) е добар пример за тоа што може да биде соголено кај еден човек. Филмот ја раскажува приказната за петорица невработени мажи што изведуваат стриптиз во еден бар, за да може да преживејат. И допадливоста на филмот не се состои од премисата дека, иако сиромашни, тие сепак нашле начин да го сочуваат достоинството. Напротив. Филмот го прикажа нивното ултимативно понижување – моментот кога свесно креваат раце од својата гордост. Но, лекцијата лежи на друго место. Иако јунаците од филмот не беа вообичаените згодни стриптизери, туку срамежливи, средовечни мажи, токму во тој момент наместо во вулгарност, филмот се претвори во прекрасна симболичка лекција дека гордоста е всушност лажна категорија. Наместо вулгарен филм за стриптизот, добивме суштествена, дури спритуална лекција за важноста од скромноста.
Тоа што Обама го објасни во четвртокот. Кога наместо да одговори со вообичаената тафтолошка фраза: „Да се биде претседател е најодговорната работа на светот“, тој рече дека иако мора да работи со најголема брзина, разбира дека мора да запре и да ги сослуша најстрогите судии од реалното шоу наречено „јавност“. Со цел да добие проверка. Со цел да не се изгуби во лажната удобност на гордоста.
И доаѓаме до логичкиот заклучок за овој дел од изборната трка кај нас. Иако победата веројатно ќе ја однесе кандидатот на владејачката партија, пораката што тој ја испрати во петокот, гласеше дека тој нема време за сопирања, нема време за проверки, тој е над сето тоа, мора да ита, сите се ставени на тестот на соголувањето, но не и тој. И тоа го направи со перверзна двојност, играње со двете политички брзини едновремено, ем доаѓањето пред фајронт, ем заради фајронот, самото сочелување стана невозможно. Секако дека ова нема да ја пресуди евентуалната победа на Иванов на изборите. Ако победи, Иванов ќе победи САМО затоа што ја има безрезервната поддршка од Груевски.
Но, за изборните процеси е важно да се сетиме дека 21 век означи поместување во политичките брзини. Сега живееме во извесно собирање на просторот и времето во виртуелни „непостоечки“ точки на Интернет.
Што води до една важна генеричка и техничка забелешка. Во време на Интернет веќе станува неважно, се’ уште да се тера концептот за т.н. предизборен молк. Ако таа опција некогаш постоеше заради спречување на валканите игри во последен момент, со Интернет таа опција е веќе невозможно да се контролира. Па, затоа, наједноставно, веќе и не треба да се контролира. Просто, затоа што сега сите ги имаат истите можности за трка до последен миг.
Post a Comment