Обележаност (на телото, на духот и на делото)

Обележаност (на телото, на духот и на делото)


Извадок од „КОМУНИСТИЧКА ИНТИМА“ на Јасна Котеска, Темплум, Скопје, Скопје, 2008, 436страници, ISBN 978-9989-189-41-8


Полониј: Ме познавате ли, кнезу?
Хамлет: О, сосема, сосема добро. Вие сте рибар.
Шекспир

Честопати ми го поставиле прашањето: зошто токму татко ми? И тоа прашање во најмала рака нема добар одговор. Затоа што е прашање од типот на оние кои ги третира античката трагедија. Ти не си направил субјективна вина, но мора да страдаш затоа што боговите ти намениле такво пророштво. Да, но токму тоа е прашањето на смислата: зошто ти намениле такво пророштво? Дали е тоа затоа што си бил хибристичен, прекумерен во своите особини, дали си се лутел премногу, ако си конфузен дали си бил конфузен на начин на кој не и’ се допаѓал на власта, дали фактот дека си бил поет те прави сомнителен од овде до небото?

Дали си бил обележан? Во досието има документ од 18.3.1986 каде што се цитира некој писател (избришано е името): Уште со самата појава во македонската литература (иако тој е силен поет) физички е неугледен и честопати бил запоставуван. И додава дека: (П)озитивното во оваа трагикомедија на ’Интимист’ е што тој е осуден... затоа што ако не беше осуден од општеството, самите литературни творци едноставно ’ќе го изеделе’ затоа што не била едноставна работа да си трет литературен творец во Македонија (по Ацо Шопов и Славко Јаневски. (!?) Во друг документ стои дека: Иако имал огромен талент, бил низок и немал начин да се наметне во средината во која владееле "харизматични" лидери. Сакам да обрнеме внимание на овие детали. Затоа што дел од одговорот на прашањето во што се состои суштината на нашата модерна политичка трагедија од минатите децении - е дека некој страда (и) поради обележаност.

Војникот на системот е некој кој се препознава оддалеку. Тој се одликува со гордост, неговото тело зрачи срчаност и снага. Нема врска што тој не го познава занаетот (забележете како во гарда секогаш имате луѓе кои можеби не знаат да раководат со оружјето, но кои, како што пишува Фуко, се истакнуваат со маршот, со држењето на главата, со телесната граѓа и со достоинствениот изглед). Армијата на послушните тела е армија која е обликувана од телесно тесто кое научило како да се носи себеси. Во Македонија од 1960 натаму е проблем ако не знаете да го носите своето тело.

Објаснете ми кој знае да го носи своето тело, ако се занимава со "руските прашања" на смислата, на животот, на идеологиите, на слободата, на правата? Телото е објект и мета на власта. Тоа е тело со кое се манипулира, ако не знаеш да го носиш своето тело на начин на кој ќе ја претставуваш својата социјалистичка идеологија, ти си исто така сомнителен.

Проблем претставува и духот. Татко ми, на пример, е поопуштен одошто било препорачливо, зборувал и ваму и таму, како Дон Кихот, се бунтувал и за ова и за она. Во неговите изјави има и јасна национална идеолошка линија, но и социјалистичкиот поредок не му се допаѓа. И во сето тоа не е подобен за војник на системот, има вишок што системот сака да го укине.

И конечно, а најважно: проблем претставува твоето творештво. Во досието на татко ми постои еден документ со кој некој „влијателен писател“ (чкртнато е кој) на татко ми му нуди пазарење: слобода за престанок на творењето. Што е, ќе се согласите смешно, дури и според постмодернистичките стандарди за авторство. Во тој документ буквално стои дека овој писател му порачува: откажи се од пишување песни во иднина и ќе ти издејствувам слобода. Оваа македонска верзија на скалиеровштината е важна инспирација за поголем дел од оваа книга. Кога татко ми оди во затвор, излегуваат две различни верзии од списанието „Разгледи“ - во првото се поместени две песни од татко ми, а во второто тие се извадени и целиот тираж е препечатен. Кога татко ми оди во затвор, сите негови збирки се повлечени од книжарниците и од библиотеките. Еден дел од бунтот што Ален Гинзберг неуспешно сакал да го предизвика кај македонските поети се однесувал токму на цензурата на неговото творештво. Во оперативната забелешка од 15.10.1987 дадена од „нашата оперативна позиција вработена во библиотеката „Браќа Миладиновци“ стои дека: по затворањето на Котески сите негови дела се повлечени и забранети. Во една друга белешка од 26.6.1987, откако до Службите се пренесува веста за можното пуштање на татко ми од затвор, оперативниот коментар гласи дека е можно татко ми: да се издигне на случај кој е репресиран, заради што инспекторот бара: да му се одложи рокот за ослободување, односно да се избегне можноста да истиот присуствува на овогодишните СВП.

 

Post a Comment