Голи Оток

Голи Оток (Или, зошто Југославија не падна под власта на Сталин?)

Извадок од „КОМУНИСТИЧКА ИНТИМА“ на Јасна Котеска, Темплум, Скопје, Скопје, 2008, 436страници, ISBN 978-9989-189-41-8


Голи Оток не е мит, но парадоксално, Голи Оток фрли митска сенка на слепило за останатите Титови жртви, и во историјата остана запаметен како најголемото злодело што Тито го направил. Тоа е далеку од вистината. Тито, особено во првите децении, владее со сталинистички методи, и точно тоа е причината што бил единствениот жив човек на планетата што му се спротивставил на Сталин, а останал жив.

Тито речиси сигурно немал сила да се справи со евентуалната Сталинова агресија над земјата. За да ги проучат можностите за искористување на југословенско-советската криза во корист на Запад, американските контраразузнавачи даваат ваква слика на Југославија во 1950: „Југословенските оружени снаги не би можеле ... под ниедни услови да се одбранат од сериозен (воен) советски напад“.

„Зошто Источна Европа падна под власта на комунизмот? Обичен, груб одговор е дека Сталин тоа го сакаше и можеше да го изведе на крајот од Втората светска војна. Ако Сталин не интервенирал во Југославија во раните фази од конституирањето, а ја оставил под водство на КПЈ, тоа е затоа што не сакал, а не затоа што немал сила да ја окупира“ вели Бен Фоукс. Да, но прашањето е зошто не сакал? А одговорот, освен во квотите за влијанија од договорот Сталин- Черчил, лежи и во Титовата власт која се базирала на завластување по моделот на Сталин.

Сталин ја сметал Титовата независност за неподнослива. Пробал да го искористи Коминформбирото и да вметне свои луѓе во тајната полиција, но кога не му успеало, следела фуриозна размена на писма меѓу Сталин и Тито во март 1948, по што 12.000 од 470.000 членови на Партијата се уапсени и испратени на Голи Оток. Внатрешната политика на Југославија во првите неколку години не се разликувала од околните комунистички држави, освен по тоа дека била многу повеќе тиранска од се’ што Источна Европа дотогаш имала видено.

Според постоечката евиденција, 55.663 луѓе биле судени според информбировската линија, а од нив 12 учесници во Октомвриската револуција, 36 шпански борци, 23 републички и сојузни министри, два претседатела и два потпретседатела на републички влади, 39 помошници министри, 36 сојузни пратеници, над 21.000 учесници во НОБ, 1.673 носители на Споменица од 1941, 4.153 функционери на КПЈ, 1.722 полицајци и околу 2.600 воени лица.

Чистките од 1949-1953 се разликувале од земја до земја и ако се генерализира било пожелно да си си бил во Советскиот Сојуз за време на Втората светска војна, а не на друго место, а најопасно било да си бил во движењето на отпорот дома, или уште пострашно да си бил во Шпанската граѓанска војна. Чистките во Источна Европа по 1949 станале многу помасовни од тие во Југославија. Во Унгарија, на пример, а тоа е земја на „мека диктатура“ и „гулаш комунизам“ се изгонети 350.000 луѓе од Партијата, 150.000 се затворени, а 2.000 се убиени.

Но она по што се разликува југословенската рана сталинизација од Источниот блок е суровоста на Тито. Таа суровост е единствената причина за отсуството на потемелен отпор подоцна. Би можеле, со обратна логика да го кажеме она што и ден-денес го велат бранителите на Голи Оток, „Да не бил Голи Оток, цела држава ќе беше Голи Оток“ , всушност сосема обратно, заради педагошката сила на Голи Оток, целата држава подоцна и била голем Голи Оток.

Гулазите биле социјалистичка практика, иако, според Мишел Фуко, идејата е француска. На конгресот на криминолозите во Санкт Петерсбург во 1894 еден француски криминолог првпат им предложил на Русите да го искористат дивиот, огромен, ненаселен Сибир како складиште на затвореници, а Југославија аналогно, таква ненаселена земја нашла на јадранските острови.

На легендарниот Голи Оток првите логораши се донесени во јули 1949 година. За најживиот период, до февруари 1951 година, за животот на овој остров дознаваме главно од сведоштвата на логорашите. Првите две групи биле определени да работат физички работи, а психолошките тортури започнуваат со третата група која била приморана да минува низ т.н. „колони“ - најстрашниот дел од затворскиот живот по април 1950. Т.н. „топол зајак“ била постапка со која затворениците морале да минуват низ два реда излудени логораши со стапови кои морале да ги тепаат новодојдените за да покажат дека се превоспитале. Зависно од тоа кој како смета, колоните биле долги од 500 до 1.500 метри, а на средината стоел лекар кој го прегледувал затвореникот дали може да ја издржи колоната до крајот. Од колоните не биле поштедени ни бившите генерали. Освен колоните, постоеле и соби за тепање. Понекогаш логорашите биле тепани во кругови, а некогаш играле „лаење во сијалица“, неколку жртви се фаќаат заемно додека останатите ги тепаат. Најтешките аспекти на Голи Оток, според Иво Банац, сепак биле два други моменти. Затворениците биле мачени со сизифовска работа која подразбирала дека морале да носат камења од каменоломот до врвот на брегот, се’ додека не дојдела командата да ги враќаат назад.

Најстрашниот аспект на Голи Оток е дека затворениците начелно самите раководеле со кампот. Затворениците ги среќавале своите тепачи во лицата на претходните затвореници, но никогаш не се среќавале со заповедникот на логорот лично. Со затворот раководела затвореничката хиерархија, што значи дека колоните биле правени од претходни затвореници кои истовремено биле и тепани и морале да тепаат. И најмалиот знак на колебање да се учествува во „топлиот зајак“ бил толкуван како попустливост кон бандитите од Информбирото (кое трае од 1948 до 1955), и знак дека не си сосема преобразен. „Чист си само додека си активен (во тепањето други)“ – како што вели Банац. Еден од условите да се биде пуштен од Голи Оток било да се молчи за островот. Според податоците на Ранковиќ до ноември 1952 година 7.039 бивши информбировци се пуштени од Голи Оток. Само 1.9% од нив биле вратени на Голи Оток до истиот датум, што значи дека ниту зборувале за него, ниту зборувале за Информбирото.

Голи Оток денес е општо место за критика до Југословенската федерација и имаме чувство дека таа тема била неопределено долго отворена за критика во Југославија, најмалку од 1960-тите. Но првиот јавен одглас за Голи Оток не е постар од 1980, а забележете го искажувањето на Темпо од „Мемоари: кампања или полемика“ (1985), каде што објаснува зошто во ниедна книга од неговите „Мемоари“, до 1985 не го споменал Голи Оток: „Не за да избегнам да се изјаснувам за тоа, туку од проста причина што не знаев дека на тој остров се наоѓал логор за комунисти. Секако, знаев дека ги апсевме таквите комунисти, но мислев дека издржуваат казна во затворите.“ И да е лажно, и да е вистинито, искажувањето на Темпо, само го потврдува степенот на цензурата околу Голи Оток. Ако како член на најтесното партиско раководство, Темпо знаел а молчел, или уште повеќе ако не знаел, тоа само потврдува дека во Југославија владеел тип на теснокадровско одлучување во кое главен збор имале тајните служби.

Голи Оток е затворен дури во 1987 по Зимската олимпијада во Сараево, откако во словенечката „Младина“ излегува текстот на Доброслав Парага кој ги објавува сведоштвата за ужасите на островот.


* * *

Но овие „парчиња историја“ не се тука за да се каже конечната вистина за југословенскиот социјализам во сите негови децении. Ниту се тука за да ја појаснат поблиску суштината на комунистичката судбина на татко ми. Но она што бранителите на југословенскиот (оттука и на македонскиот) комунизам никогаш јасно не успеаја да видат е дека и нашиот социјализам (како и другите тоталитарни идеологии на 20 век, дури и во своите најмеки верзии, ако Југославија ја сметаме за таква), беше заснован на крвави темели. Сите помали или поголеми блокови на забрани и жртви - беа изведеница од тие темели. Се спуштаме, затоа, од широкиве историски слики кон македонската мешавина од комунизам и паланка, од што се состоела таа?

 

Post a Comment