Бумеранг Европа (2009)

Дневник, 24.02.2009

линк

Бумеранг-Европа
Јасна Котеска

Една од легендарните сцени од поновата македонска продукција е сцената од „Еднооки“ (2007), кога Владо Бучковски со различен тоналитет пред своите гласачи држи говор и во него се’ што кажува е еден единствен збор. Зборот е „Европа“. Но, овој збор Бучковски секогаш го кажува различно, секогаш со различен акцент и интонација. Еднаш тоа e: „Е-вро-па“, другпат „Евро-па“, третпат „Евр-ооо-па“, потоа „Ееее-вро-па“, итн. И гласачите екстатично ракоплескаат.

Бучковски од „Еднооки“ всушност произведува звучен ефект кој практично не служи апсолутно за ништо. Оваа сцена во мало го содржи она што Лакан го нарече „празен говор“. Празниот говор е говор што не служи за ништо. Не носи значење, има само емотивно празнење на кое публиката е истренирана да реагира по рефлекс. Што-годе Бучковски да каже, тоа не е она што тој вистински го кажува (и точно затоа што не значи ништо, тој и не кажува ништо!)

Тоа од говорот на Бучкоски прави хиероглиф, што треба да се толкува. Што всушност Бучковски кажува кога ја повикува Европа? Простиот одговор гласи дека тој не кажува ништо надвор од договорените правила за „празното зборување“. Зборува колку да се зборува. Каква врска имаат Бучковски или граѓаните на Република Македонија со Европската Унија? Ако агендата е Европската Унија, ајде да дрвиме за неа, затоа што ионака не знаеме ништо за неа. Кога веќе не живееме во никаква Европска Унија, се’ што ќе кажеме нема да не’ обврзува апсолутно на ништо!

Има еден сонет од Шекспир. Во сонетот разговараат еден старец и едно дете. Секој стих започнува така што старецот му вели на детето: „Ти знаеш дека... животот е тежок (на пример)“, „Ти знаеш дека.... љубовта е курва (на пример)“, „Ти знаеш дека.... парите се проклети (на пример)“, итн. Карикирам, додатоците ги нема кај Шекспир. Но, суштината е дека во устата на својот старец, Шекспир упорно става еден те ист почеток. Фразата: „Ти знаеш“.

Но, поентата е точно обратната. Шекспир повторува за да не’ натера да видиме каде има проблем. По ѓаволите, овој е СТАРЕЦ, го изживејал својот живот и видел што значи животот, но нема никаков начин своето животно искуство да му го пренесе на детето. Старецот знае како изгледа животот. Но, детето не знае. И нема да дознае додека и самото не остари. Кога старецот на Шекспир повторува „Ти знаеш“, тој всушност вели: „Ти немаш поим што значи животот, и нема да имаш никаков поим се’ додека не станеш старец како мене“.

Така е кај Шекспир кој е мајстор за животните мудрости. Шекспир вели дека трансферот не е можен, ако нема реално (политичко) иксуство. Не може да „трабуњате“, а другите да ве разберат. Ќе ве разберат, кога и самите ќе го доживејат она што го заговарате. Кога Бучковски повторува: „Европа“ во десетици верзии, „Еднооки“ точно детектираат дека тој само вели: „Каква посрана Европа? Кога евентуално ќе влеземе во Европа, тие што ќе влезат, кога ќе влезат, само тие Македонци ќе знаат и ќе можат да зборуваат за Европа. Ние, за моментов, само си играме пародија.“

Бучковски од „Еднооки“ е овде важен како феномен што заменува сега повеќе актуелни кандидатски микрофони, што се обидуваат да прозвучат што поевропски (мелодрамскиот ефект е дека Европа во голем дел ги игнорира). Тоа го редуцира кандидатскиот говор до извесен бумеранг-ефект. Кога фрлам бумеранг мојата цел не е да ја погодам метата, овде, на пр. Европа. Вистинската уметност во фрлањето бумеранг е, откако сум ја промашила/а целта, бумерангот да го фатам на враќање, но така што да не ме тресне по глава. Не да ја „погодам“ Европа, туку моите зборови да не ми се одбијат од глава.

Резултатите во фаќањето на европскиот бумеранг на домашен терен се менуваат од момент во момент. Минатата недела, на пример, прво предводеше конфузното интервју на Ѓорѓе Иванов, во кое освен на Европа, се повика и на „покојниот дедо“, „умрените“, итн., како извесен впивач на стравот од губењето тло под нозете (иако посакуван, а што ако влезот во Европската Унија не е чин на отуѓување, „почеток на крајот“, „гушење на изворната национална енергија“, а да ги прашавме мртвите?, итн.), а потоа добивме известување за работната посета на Фрчковски на Брисел. И иако знаеме дека доаѓањето на консултации не значи дека автоматски си го положил испитот, подраматична е самата слика без тон, замислата на евробирократите седнати во пулман фотелјите наспрема нашиот „исконски грев“ (никако да ги стигнеме реформите). Дури, со извесен антиколонијален твист, оваа посета може да ја прочитаме како знак дека Брисел навистина прима поплаки и надежи, но пружа отпор кон македонските аспирации, ако овие не ги задоволат минимумот стандарди дома. И иако различни како политички гест, во моментов и двата обида се сведуваат на магичниот збор Европа, повторуван со различни варијабли на гласот, со различни модулации на тонот и акцентот. Истата пародична слика од „Еднооки“.

Има една приказна што ни ја раскажува Младен Долар. На среде бојното поле една група италијански војници се крие во ископаните ровови. Одеднаш италијанскиот командант издава наредба: „Војници, напаѓајте!“ Ништо не се случува. Никој жив да се мрдне. Изнервиран, командантот ја повторува истата наредба, само погласно: „Војници, напаѓајте!!“. Во тој момент, се јавува одговорот. Еден глас од ровот извикува: „Che bella voce!“ Каков прекрасен глас! Ете на тоа во моментов личат повиците на претседателските кандидати. Тие навистина наидуваат на глуви уши, на едно намерно промашено толкување. И, макар стратегиите на кандидатите биле различни, магичниот збор е истиот.

Но, ако веќе луѓето и не ја слушаат пораката, тие сосема добро го слушаат гласот и се обидуваат да распознаат чие грло дава естетски поубав глас. Во глобалниот свет, таа естетика не значи апсолутно ништо. Но, барем ние сме си доследни на лекцијата од „Еднооки“. Не е важно што проповедаш, кога ионака портите се затворени. Важно е како да прозвучиш со што повеќе модулации и варијации во прекрасниот глас...

 

Post a Comment