Пет забелешки
Пет забелешки за природата на анализите што следат
Извадок од „КОМУНИСТИЧКА ИНТИМА“ на Јасна Котеска, Темплум, Скопје, Скопје, 2008, 436страници, ISBN 978-9989-189-41-8
1.
Во оваа книга го употребив името комунизам а не социјализам, НЕ затоа што: 1. тоа беше жаргонот на победниците во Студената војна (кои никогаш и не го прифатија името социјализам за своите противници), 2. ниту затоа што партиите од реал-социјализмот себеси се нарекуваа комунистички. Туку, затоа што се’ што во стварноста постоеше, беше комунистичката идеологија која последователно се себеврамуваше ВО фантазмот за социјализмот како транзиција, „во него повеќе од него“ (реал-комунизмот во социјализмот, повеќе од социјализмот). Комунизмот што никако да дојде, не доаѓаше токму затоа што веќе беше тука.
Тригодишната влада на Црвените Кмери во Камбоџа (1971-74), кога беа убиени две третини од возрасното машко население („Колку што мене ми е познато, најголемото приближување до социјалистичкиот идеал во историјата“- Шафаревич ) покажува дека бришењето на фантазматската рамка за социјалистичката транзиција –водеше до тотална анихилација на се’ што постои. Во последниот официјален попис од денешна Камбоџа, половина од целото население e помладо од 21 година. Обидот да се спроведе во целост идеологијата на „Комунистичкиот манифест“ (аболиција на државата, на приватната сопственост, на семејството, одвојување на децата од родителите....), би значело уништување на се’, вклучително и на самиот Манифест. Социјализмот не беше „позитивната“ супстанција, туку симптомот, слепата точка, „паразитот“ закачен за телото на комунизмот кој него, парадоксално, го „чуваше“ од исчезнување, кој него го гарантираше.
2.
Се согласувам со Кетрин Вердери, дека да се проучува една земја како типична е неважно затоа што „ниедна социјалистичка земја не била типична“, како што не може да се каже дека Холандија, Нов Зеланд, Јапонија или Америка се типични, туку дека се варијанти на единствениот капиталистички систем. Ова што следи е обид за анализа на заедничките точки преку кои оперирал комунизмот - и како идеологија, но и како реал-социјализам (како разлика помеѓу ветувачката платформа и несимпатичната стварност).
3.
Оваа книга е организирана како анализа на исклучоци затоа што верувам дека исклучокот е поважен од управувањето: „Исклучокот го објаснува и општото и себеси... Ако исклучокот не може да биде објаснет, тогаш ни општото не може да биде објаснето... За општото се мисли без страсти, а со угодна површност. Од друга страна, исклучокот мисли за општото со интензивна страст“, вели Кјеркегор. Но и во смисла на Алтисер – во историјата и нема ништо друго освен исклучоци. „Не постои универзално правило кое дава да се измерат исклучоците во однос на правилото. Во реалната историја, и нема ништо друго освен исклучоци.“
4.
Оваа книга е пишувана со едно јасно побарување – од македонска транзициска правдина. Во 2002 година во Државниот архив на Република Македонија се дадени на чување над 14.000 лични досиеја на Македонци водени од Службите за државна безбедност. Според еден документ на МВР издаден во септември 1993, во Македонија биле затворени 1.054 лица, а 242 биле осудени на смрт или на затвор над 15 години. Пред крајот на Втората светска војна, во Македонија се вршени убивања без судења. Во 1945, педесет и тројца велешани се масакрирани во селото Летевци, а судењето се случило по елиминацијата, познати се убиствата на струмичките студенти, стрелањата во Штип и Куманово, на Зајчев Рид е убиен Димитар Ѓузелов, неразрешени се случаите на Ченто, Брашнаров, Рацин, Пирузе, Шатев, како и бројни судбини на Македонците на Голи Оток, стрелањата за Сремскиот фронт и слично...
5.
Анализата на комунизмот од оваа книга, може да се употреби и надвор од неговиот историски контекст. Некои од опишаните феномени се препознаваат во разни форми на политичкото и популарното живеење во разни етапи од македонската стварност од 1991 до денешна Македонија. Од актуелните, на ум ми паѓаат овие сличности: егзотичноста и еклектизмот (интересот за Хунзите, за античкото наследство наспрема неможноста за дијалог со соседите... - види ја главата „Егзотичност“); владиното повикување на ударништво наспрема вградената акцелерација на времето, својствена за капитализмот – види ја главата „Аритмија на социјализмот“); зголемувањето на улогата на тајната полиција (со ребалансот на буџетот во 2008 на Управата за разузнавање и контраразузнавање и’ се доделени далеку поголеми пари во однос на минатите години - види ги главите посветени на тајните служби) итн. Идеолошките решенија од комунизмот може да се пресликаат во разни форми на политичкото владеење, и без директно-историското, или логично-политичкото наследство. Оваа книга е и потсетување за тие опасности.
Post a Comment