Интелигенција и тајна интелигенција
Интелигенција и тајна интелигенција
(за „затворските школи“)
Извадок од „КОМУНИСТИЧКА ИНТИМА“ на Јасна Котеска, Темплум, Скопје, Скопје, 2008, 436страници, ISBN 978-9989-189-41-8
Има еден тривијален детаљ од биографиите на шефовите на тајните служби кој поблиску ја осветлува опсесијата на „тајната интелигенција“ со интелигенцијата (поетите, уметниците, научниците).
Лидерот на тајните служби својата биографија секогаш ја започнувал во – затвор! Во биографиите на најголемите сојузни и републички џелати и главни шефови на тајните служби – Јосип Броз Тито, Лазар Колишевски, Едвард Кардељ, Александар Ранковиќ, Стане Доланц.... (слично на советските Ленин, Сталин, Троцки...) ја наоѓаме еуфоричната прослава на затворските денови како време „за проширување на своето теориско и политичко образование“. На пример, по пет години „затворски студии“ во Лепоглава и Марибор, Тито станал нешто како инженер, а во неговата биографија, Дедиер, со најголема поетичност го опишува затворот во Лепоглава.
Зошто водачите на тајните служби се воодушевувале од своите затворски денови? Затоа што таму го започнувале своето вистинско школување. Ако, според познатата античка доктрина – телото е затвор за душата, тогаш во комунизмот, затворот станува – слобода за душата. Скратувањето храна, секс, телесното казнување, самиците, го прочистуваат духот и Тито во својата автобиографија опишува како затворските ќелии во Лепоглава полека станувале партиски ќелии. „Со тие малку книги и средства... организиравме студиски курсеви и предавања“.
Во автобиографијата, Тито го фали Моша Пијаде кој сакал да слика пејзажи, а особено бил мајстор за облаци („тоа му се најдобрите слики“ – објаснува Тито), но веднаш додава „Кај мене во централата со особена љубов внимаваше на машините...“ Сето ова значи дека овој партиски кадар, иако понекогаш „буржоаски“ се загледува во небото, во машините ја наоѓа својата земна „должност“. Како што Тито од Пијаде научил да биде интелектуалец, така Пијаде од Тито научил да биде работник. Моша Пијаде во затвор го преведува „Капиталот“, а од Тито учи да работи со машини.
Лепоглава така станува совршен пра-универзитет (Влаисављевиќ) затоа што им открива на комунистите која е смислата на образованието – тоа треба да биде таква технологија на знаењето, таква комбинација од наука и техника во ригорозни услови на аскеза, што потоа нема да биде дозволена фиктивност и поетичност, никаква слободарска, поетска „разулавеност“, знаењето ќе стане комбинација од дух и тело, од наука и техника, тип на сестрано образование. Оттука не чуди што тајните служби имале „посебен“ однос кон интелекталците, особено „отклонетите“ од патот. Комунизмот ги создавал политичките затвореници, но и се плашел од нив. Ги креирал, но и ги демнел. Тоа го правел со причина. Откога ќе излезат од затворот, тие ќе бидат „новите луѓе“, затворот ќе ги „направи луѓе“, подобри од тие што никогаш не ја минале затворската школа.
Кога е отворен Голи Оток, неговото постоење се објаснувало со поимите „школа“ и „преобразба“. Фуко вели дека ниедна социјалистичка земја не функционирала без „помалку или повеќе развиен систем на гулази.“ Гулагот работел на таков начин што во колективната фантазија бил претставуван како тип на зоолошка градина, некакво осамено место надвор од цивилизацијата (Сибир, Голи Оток) населено со секаков тип „ѕверови“ кои се таму за да се очовечат, „за да станат (повторно) луѓе“. На Голи Оток не оделе неработниците или ситните криминалци, туку интелектуалците, дури и оние со најголема репутација во Југославија (знаењето од нив направило ѕверови, затворот треба да им ја врати човечноста). Југославија веќе во 1948 наследила мрежа на релативно модерни затвори, но тие не се користеле за овој тип изроди, туку за ситните криминалци, Голи Оток бил местото за рехабилитација на не-луѓето, местото за ултимативно социјалистичко образование, нешто како складиште на погрешната интелигенција. Тоа од Голи Оток правело вид на „антропо-технологија“ (Влаисављевиќ) - тоа не е некакво „природно место“, туку „нулта точка“ од која почнува врвната технологија за создавање исправна интелигенција. Но и обратно. Самите универзитети во социјализмот (кои во Југославија се отворани со почетокот на социјализмот) стануваат тип на антропотехнологија. Филозофскиот факултет не е филозофски – тој е политички. Ниту Филолошкиот факултет не е филолошки, и тој е политички, итн. Овој однос кон образованието, исто така го покажува сложениот однос на тајните служби и интелигенцијата – едните ги произведувале другите, и обратно.
Во досието на татко ми, на пример, еден од кодошите е универзитетски професор, кој по случајот на нештата, додека студирав книжевност на Филолошкиот факултет во Скопје беше и мој професор. Во оперативната забелешка од 25.11.1985 по иницијатива на РСВР дошло до средба на инспекторот и соработникот, проф. Нада Момировска, средба која се одржала во хотелот „Континентал“ од 11.00 до 11.30 часот на 22.11.1985. Според документот: „Целта на разговорот беше соработникот да презентира безбедносно интересни сознанија и податоци за коментарите на Филолошки факултет, по повод судењето на ПОО Интимист“. Според документот: „Сознанијата се добиени во усмена форма, (а) оперативните трошоци се 300,00 динари“.
Како се објаснува овој однос на тајните служби и интелигенцијата? Овој однос најдобро се објаснува, повторно, преку литературата. Жанрот детективска приказна во светската книжевност го воведе Едгар Алан По. Во најпознатата детективска приказна на Е. А. По, напишана половина век пред глобалниот подем на тајните служби во 20 век, „Украдено писмо“ (1844), се работи за писмото што го украл еден политичар, полицијата го претресува, му ја пребарува куќата, ја проверуваат секоја книга од неговата библиотека, ја превртуваат секоја фиока, го пробушуваат секој душек и го собираат во кесе секое паднато догорче, бараат секаде, но не можат да го најдат писмото. Потоа на сцена стапува Дипен - тој вели дека полицијата греши, само дете крие нешто во скривница, кадешто сите би го барале. Дипен доаѓа во куќата на политичарот и писмото го наоѓа на масата. Писмото што го бара цел свет е оставено на очиглед на сите. Идеална илустрација за ова беше случајот на Радован Караџиќ – нема да те најдат само ако не се криеш. Напишан половина век пред тајните служби да станат масовни, расказот на По за првпат ја направи јавна скриената суштина на тајните служби - тајните служби не бараат нешто што не може да се види, туку нешто што е на очиглед на сите, го бараат најбаналното.
Е.А. По го воведе детективскиот жанр како - интелектуален жанр. „Злосторството го решава еден апстрактен расудувач, а не поткажувачот или невнимателноста на злосторникот“. Тој што ја решава загатката е интелектуалецот кој и’ се потсмева на полицијата. Додека полицајците буквално преоруваат се’ од еден физички затворен свет, само интелигентниот агент (тајната интелигенција) ја решава драмата. Информацијата по која трага кодошот е идентична со овој расказ – тоа е потрага по очигледноста, по баналноста. Во првата детективска приказна на Е. А. По, „Злосторството во улицата Морг“, дадени се и првите параметри за однесувањето на шпионот. И таму приказната не е авантуристичка, туку интелектуална - злосторството е разоткриено со интелектуална операција, а не со акција и пиштоли. Со правилното испитување на народот, а не со негово притискање. Сознанието е смислата на кодошот, но полицаецот повеќе од вистинската случка, ја сака таа што може да се реконструира. Тоа од полицаецот прави писател. Приказната на Е. А. По е раскажана додека градот спие, за да шпионот може „да ги почувстува истовремено и мноштвото и самотијата, кои го стимулираат размислувањето.“ Во расказот на По, детективот (човекот на службите) е „странец“, иако дел од паланката, тој мора истовремено да биде оддалечен човек, се храни од тајните на паланката, но живее различно од неа.
Е.А. По кој за првпат ја воведе темата на полицаецот во литературата, за првпат и ја разби илузијата. Демначот над луѓето не е странец, туку е ист со нас, дел од нашите секојдневни социјални односи, шпионот е мит, но пропагандата го прави шпион-херој, а неговата биографија ја претвора во – хагиографија. Дури и во ерата на Горбачов, пропагандата на КГБ продолжува да го опишува шпионот како спој на супериорни квалитети. Еден месец по смртта на најпознатиот советски шпион, Американецот Морис Коен, рускиот претседател Борис Јелцин му додели постхумна титула Херој на руската федерација. (Забележете колку често шпионот сака да пишува мемоари за да не биде заборавена неговата работа пред историјата. Ричард Томлинсон, офицерот на британската MИ-6, кој учествуваше во операцијата за пренесување на архивата на КГБ на Митрохин во Британија, стана познат по затворањето во 1997, откако објави книга за својата кариера, прекршувајќи го британскиот Официјален таен акт од 1989 за заштита на податоци од национална безбедност. Пензионираниот КГБ агент, Џорџ Блејк објави мемоари во 1990. Францускиот потполковник Ле Рој Фенвил, началник на секторот на француската контраразузнавачка служба СДЕСЕ објави книга „Ги шпионирав своите пријатели“ (1980), која предизвика редица скандали. Шефот на ЦИА од 1995 до 2004, Џорџ Тенет, ги објави своите мемоари во 2007 , итн.).
Наследникот на Е. А. По во литературата, Стивенсон, фрли уште едно значајно светло врз проблемот на тајните служби. Стивенсон е авторот на „Доктор Џекил и мистер Хајд“ (1886), и проблемот со виновникот тој го лоцира во двојноста на личноста - кој би помислил дека убиецот е животно? Злосторникот се открива со помош на итроштина: сведочењето на оние кои влегле во собата пред злосторството, а сите препознале еден зарипнат, туѓ глас. Шпанецот верува дека се работи за Германец, Германецот за Холанѓанец, Холанѓанецот за Италијанец, итн., гласот на злосторникот е животински глас. Во идеолошките приказни, слично, дисидентот редовно добива „мајмунски глас“. Тој е еден од нас, но зборува некакви чудни работи, и кога кажува нешто што сите го разбираат, тој зборува како туѓинец. Директориумот С на КГБ кој беше објавен во 1999 фрли незгодно светло точно на овој факт – и покрај густата разнообразност на професионалните шпиони на КГБ во странство (меѓу нив има од амбасадори во Костарика, до штимачи на пијано за гувернерот на Њујорк), едно од најцрните изненадувања на тајниот директориум на КГБ беше дека, иако наменет за разузнавање во надворешната политика, главната задача на шпионот од КГБ останува да биде работата против домашниот непријател (тој, што иако е наш, има глас на туѓинец), работата на наоѓање и компромитирање на внатрешните дисиденти! Борбата против идеолошката субверзија останува главен приоритет на сите тајни служби на комунизмот. Тоа покажува дека КГБ суштински е измислен за војна со своите. Оние што се дрзнале да имаат различно гледање од „нашето“.
Post a Comment