Техно тела (2007) Јасна Котеска
Глобус, 5.6.2007
Јасна Котеска
ТЕХНО ТЕЛА
Сакам стерео ФМ инсталирано во моите заби.
Зад рафовите со конфекциските уши, чека и новата генерација опијати за поднесување на целата таа прекрасна убавина.
Има еден строфа од песната „Мајмунска шепа“ на Лори Андерсон која оди отприлика вака:
Ќе појдам до продавницата за тела
ќе му речам на дечкото: сакам стерео ФМ
инсталирано во моите заби,
а оваа бемка од грбот
премести ми ја на образ.
И додека сум тука
дај ми едни од оние
петици со штикла.
Техно телата не се повеќе научна фантастика. Тие се дел од секојдневениот избор на нашата цивилизација. Во теорија сите стануваме помалку техно-тела. Ако носите забна протеза или контактни сочива, барем дел од вашите телесни фунции веќе зависат од технологијата. До каде во практиката ќе одите со технизација на своите тела зависи пред се’ од економските фактори и личните одлуки.
Ако имате многу пари и тврдоглава волја, може да го моделирате телото според диктатите на последната мода. Да инјектирате малце ноќен гламур во бојата на кожата, да ја преместувате кожата од едно на друго место на своето тело. Да имате потенок струк и поголеми гради, да ја смените бојата на очите (ова е ефтино, ова секој го може и многу го прават), можe да ставите други заби, да го подобрите слухот (дури и да не ви треба), да го помените изгледот на носот, обликот на своите гениталии, а може и целосно да ги замените за гениталии од спротивниот пол. Техно телата не се само потреба на медицинската наука, ниту само резултат на подемот на технологијата.
Она што е најважно за техно телата е нивната зависност од убавината. Првиот успешен роман во кој главните јунаци беа техно-тела, беше „Неуромансер“ (1986) на Вилијам Гибсон. Прво популарен меѓу софтверските инжињери, по Интернет експлозијата, овој роман стана нешто како техно класика. Главните јунаци, Кејс и Моли, ги третираа телата како меса. Налик на грчки филозофи, тие телото го сметаа едвај за облека на душата, облека која лесно може да се замени за понова. Во свет во кој телото станува месо, се’ станува виртуелно: сексуалноста, патувањата, војната, љубовта, проституцијата, туризмот – се’ се случува во мозокот. Техно-телата беа замислени како концепт најблизок до безтелесен свет. А ако светот е безтелесен, зошто тогаш телата да не бидат убави? Најинтересен лик во „Неуромансер“ беше еден келнер кој одлучи да биде грд. Купуваше застарени протези, антички вилици, секаков тип на одвратни импланти. Во време на козметички достапна убавина, грдотијата за него беше прашање на алтернатива, која вели: Јас имам вкус!
На „Неуромансер“ ми текна деновиве кога на VH1 го фатив новиот спор на Џејмс Морисон „Прекрасен свет“. Морисон доаѓа со гитара и седнува во прекрасната градина на една богата куќа од предградието. Десетина девојки во бикини се сончаат во лежалките околу азурно синиот базен и испиваат исти такви, азурно сини коктели. Лежерната идила е драматично прекината во моментот кога камерата ја покажува слугинката што на количка разнесува коктели. Таа на главата има болничко капче. Камерата се спушта до девојките и гледаме дека тие синхронизирано испиваат коктели, но од апчиња. Оваа куќа на богатата убавина испаѓа дека е болничка установа во која се лечат прекрасните бикини девојки.
Во раните фази на технизација на телото, беше јасно кажано дека техно телата, освен од концептот на убавина, ќе зависат и од деградација на здравјето и од културата на дроги. „Неуромансер“ беше свет на тешки опијати, во кој конфекциските струкови одат заедно со апчиња против болки. Ако телото станува неважно, неважно е и неговото чување.Техно телата го предизвикуваат нашето разбирање за телото како даденост. Телото станува работен простор за манипулирање соогласно со моменталната мода. Зависно од вашиот светонаѕор, на тоа ќе гледате како на позитивна или негативна работа. Без оглед на одговорот, факт е дека утре може да се фатите себеси како се загледувате во излогот на некоја од телесните продавници. Имајте предвид дека зад рафовите со конфекциските уши, чека и новата генерација опијати за поднесување на целата таа прекрасна убавина.
Post a Comment