Машина со тикови (2009)

Дневник, 10.03.2009

линк


Машина со тикови
Јасна Котеска

Десетина дена од почетокот на претседателската трка и веќе може, во груби црти, да ги скицираме првите четири феномени од тековната изборна трка.

Првиот феномен ќе го наречеме: лажно ублажување на радикализмот. Сетете се дека кога до ВМРО стигнаа критики дека не се за компромис со името, веќе во следното обраќање, тие изјавија дека се за компромис со името. Кога СДСМ доби критика дека врши предавство на македонските национални интереси, нивниот кандидат веднаш изјави дека е „македонски националист“, итн.

Овој тип секојдневно „поправање“ на тврдите тези (што наишле на критика или од меѓународната заедница или дома) само навидум значат поместување во партиските платформи. Ниту левите партии ќе стануваат подесни од десните, ниту обратно. Она што овде се случува е извесен колапс на традиционалниот политички говор, кој заради медиумите, денес е претворен во извесен „мртов јазик“, и тој феномен не е само наш, вграден е во самата суштина на западната медиумска демократија - секој ден може да го коригирате она што сте го изјавиле претходниот, а сепак да не ја напуштите својата платформа ниту за момент.

Има една генијалната сцена од филмот „Модерни времиња“ (1936) на Чарли Чаплин. Главниот јунак работи во фабрика како заштрафувач на штрафчиња. Кога му престанува работното време, манијата за заштрафување не го напушта и тој почнува да заштрафува се’ што му личи на штрафче. Прво налетува на хидрант и тргнува да го заштрафува, потоа здогледува една девојка и на нејзината сукња - две копчиња што му личат на штрафчиња, па тргнува и нив да ги заштрафи, итн., до бесконечност.

Оваа сцена не е само марксистичка реплика за експлоатираниот работник од капитализмот, кој во меѓувреме се претворил во автоматизирана машина. Посуштествено – ова е реплика на денешната постполитичка партиска машинерија, што се стекнува со извесни „човечки тикови“. Тие тикови не прават ништо во реалниот политички универзум, но даваат виртуелен привид дека заштрафуват се’ што медиумски личи на разлабавено штрафче.

Второ, се случува зајакнување на извесен, ќе го наречеме, био-етички иниженеринг. Забележете дека освен во телевизиското студио и на заедничката пица, минатата недела кандидатите ги видовме и во различни семејни изданија.

Овие портрети „од по дома“ се еден вид реално шоу, но погрешно би било да ги сведеме само на задоволување на воајерската љубопитност на гласачите (како живејат, што ги радува, дали имаат око за „малите животни радости“, дали ја слушаат музика што ја слушаме и ние, дали споделуваат идеолошка хегемонија на т.н. „позитивна енергија“, итн.). Она што ги тригерира овие портрети е многу посложената системска процедура со која заслугата (минатиот политички труд) автоматски станува некаков „објективен вишок“, елиминиран од големата слика.

Поголемиот проблем настанува околу прашањето: како овие тривијалности да се совпаднат со што повеќе гласачи? Тоа значи дека најуспешен ќе биде кандидатот кој во себе ќе собере што поконтрадикторен пакет (ем либерално отворен, ем религиозно затворен; ем светски човек, ем домороден, итн.), како извесен шизоиден „краток спој“, за да се поклопат што повеќе различни гласачки афинитети. Со други зборови, победата ќе биде однесена од оној кандидат, чиј тим ќе успее да го спакува до што попосакувана, покомпресирана слика за „сите нас“. Еден студент ми рече дека на улица видел постер од кандидатот на СДСМ и во моментот го смешал со кандидатот од ВМРО, затоа што му личеле. Тоа е очекувано, тие мора да се соберат до истите, стандардни, компресирани политички „икони“, она што Манасиевски (додека го опишуваше Ружин) најкратко го објасни отприлика вака: „Да го баравте, да го цртавте, нема да го најдевте овој човек“, што е точно токму во оваа иконична смисла – најуспешен ќе биде кандидатот што ќе биде најдобро „нацртан“, најдобро „произведен“ до лидер за сите.

Трето. Секоја идеологија се потпира на невозможниот поглед. Малку е познато дека уште во 1950-тите Фидел Кастро најмува една американска рекламна агенција за да ја промовира кубанската револуција дома. Ленин е првиот бољшевик кој бара да се искористи филмската индустрија за ширење на револуцијата, итн. Комунистите знаеле дека мора да играат со капиталистичките правила, ако сакаат победа.

Единствената разлика, ако така може да се каже, помеѓу некогашниот комунизам и капитализмот денес, е во - движењето. Комунизмот бил опседнат со парадите и ритуалите, со отворениот простор, со појавноста, со театралноста, сакал поглед што лебди над спектаклите, сакал да ги извади луѓето надвор, сите на слетови, и слично. Капитализмот тоа го реши обратно. Ако не сакате надвор, сега капитализмот ќе ви го воведе супер-его погледот во домот. Жижек пишува за телевизорот што е постојано вклучен. Дури и кога не го гледам, идејата е дека телевизорот со кандидатите ме гледа мене...

Четврто. Забележете дека во ерата на политичките кампањи драматично се намалува разликата помеѓу телевизиските емисии со информации и паузите за реклами. Се сеќавам на одговорот на директорот на француската телевизија TF1, кој на прашањето која би била најидеалната емисија на светот, одговори: „Тоа ќе биде емисијата во која нема да има разлика помеѓу commercial break и news break“. Со други зборови, кога она што ќе се емитува како вест ќе биде исто со она што ќе се продава како реклама.

Бидејќи периодов ја живееме токму оваа „информациска меѓузона“, ред е да се сетиме на изјавата на контроверзниот Чарлс Менсон: „Ако не ми кажевте дека постојат дроги, никогаш немаше да ги пробам“.

И ова е точно во смисла дека ние, всушност, и не знаеме за ниедна кампања што ги ОДВРАТИЛА луѓето од нешто. Секоја реклама продава.

Затоа, клучно за победата на овие избори, освен степенот на народната поддршка, локалната позиција на партиите, итн. ќе бидат и следните две работи. Ќе победи кандидатот со повеќе пари. И ќе победи оној чиј тим ќе успее да го спакува до што „пототална“ икона за што повеќе гласачи. На ведрата страна од изборите, во моментов партиските злоупотреби на медиумите се чинат минимални. За доброто на сите нас, да се надеваме дека такви ќе останат до крајот на изборите.

 

Post a Comment