Interview for Communist Intimacy - Globus (2008)




ГЛОБУС, 9.12.2008

МАКЕДОНИЈА ЖИВЕЕ ВО ТИРАНИЈА НА ПАЛАНКАТА!
ИНТЕРВЈУ: ЈАСНА КОТЕСКА

ПИШУВА: СИНИША СТАНКОВИЌ
ФОТО: АНДРЕЈ ГИНОВСКИ



Има ли солзи на перниците на „неутралните граѓани“ или хибернацијата во самозадоволството на негибнатите и незасегнатите – продолжува? Кој е повиновен во „кодошкиот хор“ - диригентите, пејачите или оние што се правеле глуви?


- Не верувам во колективна вина. Не може да биде виновен цел народ за акциите што ги направила неговата држава во негово име. Може да бидат виновни до 10 проценти, номенклатурата, луѓето со имиња и со презимиња, но сите не се виновни. Кога се обединија двете Германии, дисидентите од поранешна ДДР беа повикувани во телевизиски емисии да ги дискутираат вината и хероизмот. Но, наместо да ги напаѓаат присутните претставници на тогашниот репресивен апарат, почнуваа да се удираат гласно во гради и да тврдат дека „секој од нас е виновен“. Овој ритуал на самопонижување за мене е неприфатлив. Ако сите се виновни, тогаш никој не е виновен! Неутралните граѓани не се виновни, но се одговорни, а тоа е различен концепт. Секој човек е одговорен за начинот на кој се владее со него. Неодамна гледав „Латиница“ на ХТВ, се дискутираше за осмата деценија на минатиот век во Југославија и многу од повиканите алтернативци велеа дека биле аполитични во тоа време. Потоа, еден актер од Сараево им одговори дека затоа што тие биле аполитични, местото на политичкото го пополнил некој друг во нивно име, па потоа ги оркестрирал колењата. Нема место на кое ќе запреш, ќе се симнеш од идеологијата, па ќе живееш мирно, да не те боли глава. Значи, луѓето се одговорни, но виновни се само номенклатурата и кодошите.


Имаат ли кошмари „чкртнатите“ со фломастер во досиејата?

- Не знам дали кодошите имаат кошмари. Претпоставувам дека мислат оти биле дел од еден систем кој и инаку бил неправеден и дека тука завршува нивната вина. Но, „наредбата е наредба“ е неприфатливо гесло. Злосторството останува злосторство што си го извршил ти, дури и да го наредил друг човек. Во КОС и во УДБ-а дури и не се влегувало со потписница, како во Штази, на пример, нашите кодоши ретко работеле под присила, најчесто го правеле тоа на чесен збор и за мали пари.


Дали задоцнетата лустрација во Македонија однапред е осудена на неуспех? Колку таа ќе се сведе на нов „лов на вештерки“?


- Лустрацијата кај нас беше сфатена како лов на глави, а тоа не е добро. Се формираше комисија што ќе ги прегледува досиејата и ќе прави списоци на кодошите. Тоа создава параноја. Има една приказна за Робеспјер, кој на врвот на револуционерниот терор, пред градското собрание, излегува со тетратка и вели дека во неа се наоѓаат имињата на предавниците од членовите на собранието. И додава: „Ако некој во салава се уплаши дека неговото име го има во тетраткава, точно тој страв е доказ дека тој веќе е предавник“. Ако комисијата единствена го посредува минатото, луѓето се прашуваат: дали сум и јас на листата на кодошите, дали мојот страв е веќе доказ дека сум виновен!? Обратно, јас се залагам лустрацијата да почне и да заврши со целосното отворање на архивите на комунистичка Македонија. Претпоставувам дека и жртвите се плашат што ли ќе им извадат од нивното минато? Еве, да извадат дека татко ми бил не знам каков гемиџија, тамам ќе биде херој на едно време, а не жртва. Само мислам дека проблемот е обратен, дека луѓето не сакаат да се соочат дека биле бесмислени жртви на комунистичката идеологија. Знам дека звучи анархистички, но идејата за целосен, нерестриктивен увид во минатото се покажа дека функционира и во практика, дека е најпаметното решение. Независно од стравовите на скептиците дека досиејата ќе предизвикаат реваншизам, сеирџиство и слично, се покажа дека само граѓаните на поранешната Источна Германија кои целосно ги отворија своите архиви не претрпеа никаква штета од увидот во сопственото минато. Од минатото се профитира само таму каде што никој или мала група луѓе има пристап до него.

Како да се тампонираат траумите од минатото? Можно ли е национално помирување и кој со кого би се помирувал?


- Лустрацијата ја сфаќам како нереволуционерен, правен процес, кој овозможува отворање на досиејата заради увид во минатото. Тие помирувања не се не знам каков ѕвезден спектакл, тоа е простото човечко „извини“. Не знам каде „извини“ престанува да биде доволно, секоја приказна е лична, но „извини“ е сигурно потребно на големата историска сцена.


Иако потенцираш дека не сакаш паланечки да се одмаздуваш на дел од „чичковците од лектирите“, колку успеа да го задржиш објективниот, критички став? Не те плаши можноста од дневнополитичка инструментализација на твојата книга?

- Се обидов да останам избалансирана колку што можев. Имав помош од разни историчари што работат врз комунистичките досиеја од своите земји. Со нив работев со години, им преведував делови од тоа што го пишувам и нивните совети ми беа од голема помош. Ме советуваа да немам илузии, дека овие теми се тешки. Но, сите до еден ми го рекоа истото. Дека овие теми прво ги почнуваат жртвените книги, како мојата, дури потоа ги преземаат историчарите. Во поранешните советски сателити, жртвените книги се појавија во 1990-тите, но потоа редовно политички се инструментализираа. Сега е 2008 година и опасностите се помали, левите и десните влади се смениле неколкупати и колку-толку се еманципирале. Еден пријател од Унгарија ми пиша дека дури сега, во 2008, во Унгарија конечно се појавила првата книга со двете страни, со жртвите и со џелатите. И најпосле, мојата книга е лична само во еден дел. Во најголем дел е широка анализа на интимата во комунизмот, со многу настани. Еден пријател ми рече дека ова е првата технокнига за комунизмот, во неа има многу семплови, но добро измиксани. Тоа беше комплимент за книгата, истовремено тој дел го работев многу подолго од личниот, тој увид ми ги смири и личните демони.

Те лазат ли морници кога ги гледаш тезите од твојата книга „во живо“, милионите евра за тајните служби во македонскиот буџет?

- Да. На олкави пари тајните служби ќе се преигруваат. Некои луѓе ми велеа дека татко ми не е парадигматичен за комунизмот, дека просто бил жртва на тајните служби, кои се преиграле. Но, тајните служби ги инсталира власта и потоа власта е одговорна за нивните акции. А поради затвореноста, тајните служби лесно излегуваат надвор од секаква контрола. Тие се тука за да биде почитувана моралноста, истовремено, ништо не е почитувано, тоа е радикално противречна позиција на која се базира успехот на тајните служби. Суштината на постоењето на разузнавачките служби е внатрешната невидливост. Никој не знае ништо за никого. Колку повеќе не знае, толку е поголема можноста работите да излезат од контрола. Мојата анализа покажа дека јакнењето на тајните служби секогаш оди под рака со инсталирањето масовна параноја. Дури и специјалните единици се спорни - еве, „алфите“ се актуелни доста време. Луѓето велат дека се корисни, затоа што се мобилни, оперативни на терен, но за да уапсат еден виновен, попатно ќе легитимираат петмина невини – така знае секој да владее. Кога Ленин стартува во политиката, тој е анархист - не сака бирократија, не сака полиција, не сака војска. Но, тука е трикот. Првиот компромис што го прави Ленин во однос на сопствената анархистичка платформа е точно – тајната полиција. Вели, нема да има регуларна полиција во униформи, ќе има народна милиција, вооружен народ, но тоа е точно патот по кој еден народ ќе го радикализирате до кодоши. Наместо да ги јакне војската и полицијата, луѓето во униформи, сегашната Влада ги јакне тајните служби и тоа е катастрофално политичко решение.

Колку ни е здрава нацијата, можна ли е масовна психоанализа? Каква е менталната матрица на денешниот садизам поради наследството и судирот со новото и (не)очекуваното...?

- Нацијата не ни е здрава, прво, затоа што е сиромашна. Уште Вилхелм Рајх, прв голем комунистички психијатар, вели дека неврозите се поздодевни и поупорни кај сиромашните – Фројд бил презрен како лекар за буржуите, па автоматски отфрлен. Но, Фројд е важен, затоа што прв јасно кажа дека луѓето мора да бидат свесни за своето минато. Кај нас луѓето малку знаат за минатото. Ако во минатото на десет неутрални граѓани имало по еден кодош и по една жртва, тогаш треба да се види каде стојат тие луѓе денес и колку се функционални за ова општество. Кај мене на работа во овие години дојдоа разни луѓе. Еден човек ми кажа дека татко му умрел од инфаркт дента кога го видел досието, затоа што прочитал дека неговиот најупорен кодош бил неговиот најдобар пријател. Друг има документ дека е прислушуван погребот на мајка му. Тие луѓе постојат, тука се, но немаат јазик со кој ќе ја објаснуваат својата траума. Затоа зборував за масовна психоанализа во книгата, таа е можна само со отворање на мрачните страници на Титовата Македонија.

На Македонија и' се случи во ТВ-емисија водител да праша историчар дали не смета оти е време за пресметка со „предавниците“ - застапниците на тезата за поеластичен пристап во поглед на спорот за името... Како Македонија да излезе од идеолошкиот хаос во кој живее?


- По сите анализи што ги направив за комунизмот, ако некој утре, под прозорец, почне да вика „Револуција!“, најмногу што може да направам за светот, за почеток, е да се симнам и да му залепам фластер на устата. Многу е лесно да повикувате на пресметка со предавниците. Пресметките, како и револуциите, се екстатични, на принцип на разбојништво, на криза, се' се распаѓа во колапс и тоа буди неизмерна радост. Но, што ќе правите „утрото потоа“, каква парализирачка реалност ќе ве отрезни? Ни еден Маркс не бил сигурен дека сака револуција, иако цел живот пишувал за неа. Кога Русите со писмо го прашале дали смеат да инсталираат комунизам преку револуција, со недели агонизирал над одговорот. Искинал пет верзии на писмото и на крајот просто испратил одговор дека - не знае. Ултимативната револуционерна емоција е целосното садистичко, театрално уништување на се' околу себе... Политичкиот живот не смее да биде театар. Мора да има начини за разговор, ако ги нема, значи дека се' уште не сте ги нашле.

Жените со пет-шест деца во Романија биле чествувани како „мајки-херои“, а кај нас денес се форсира кампања за трето, четврто... дете? Можеме ли веќе еднаш да отскокнеме од комунистичката матрица и како?


- Романија имала т.н. репродуктивна петтолетка, децата по 1966 година се наречени „деца на декретот“ и, покрај со ова, Никола Груевски се приближува до комуналните решенија од минатото и со други концепти, како што се ударништвото, тајните служби и слично. Тие решенија беа типични за десничарските влади по падот на комунистичките сојузи. Меѓу првите работи што ги направија беше да се побунат против 35-годишната дозвола за абортус во комунизмот. Се зборуваше дека се убиени 17 милиони Полјаци во ембрион, 5 милиони Унгарци во ембрион, а во Унгарија беше подигнат „Ембрионски споменик“ на абортираните ембриони од комунизмот. Жените што абортирале во комунизмот со оваа „ревизија“ станаа сојузници на комунистите, а антифеминизмот автоматски стана капиталистички. Овој тип идеолошка конфузија не е нов за посткомунизмот и не е само наш, моментално ги болуваме болките што некои од полибералните советски сателити веќе ги одболуваа во 1990-тите.

Во Титовата фабрика „Југославија“, Македонија била едно ОЗТ – „Паланка“. Каков е македонскиот паланечки капитализам?


- Па, одвратен е, не кажувам ништо ново. Гледате циркус, кој не е само наш, автохтон, сега е измешан со сеопштата естрадизација што ја зафати светската политика. Политиката се деполитизираше, се појавија фигури како онаа несреќна Сара Пејлин, како Саркози, Берлускони..., и потоа е логично дека луѓето стануваат крајно политични, зборуваат само за политика, се обидуваат да ги држат работите под контрола. Но, Македонија си има и наследена тиранија на паланката, желба за увид на сите во се', со кој паланката се надоврзувала на комунизмот, а сега и на овој транзициски посткомунизам. Достоинството е нешто кое паланечки не се почитувало и луѓето се денес саркастични кон човечкото достоинство, затоа што така се научени. Од она Скопје некогаш се гледаше само Белград, потоа Тетово, а денес Атина, и тука се затвора нашиот поим за светот. Лично немам носталгија за стариот систем, па имам и помалку причина да ја мразам оваа транзиција. Старата федерација ми го одзеде детството, а јас нема да имам друго детство во кое таа ќе ми го врати. Но, немам ни друга земја што ќе биде мојата. Во меѓувреме, научив дека личното е и политичко, што е доволно добро за некаков отпор. Умерен оптимист сум, со сите шумови и глупости што го следат Интернет, новите технолошки решенија сепак ќе збришат нешто од Титовата наследена паланка и веќе го прават тоа. Секако, ќе остават многу нови рани и трауми што допрва ќе треба да ги решаваат нашите деца.


Ти збоктисува ли како на научник, ама и како на обичен смртник, „рекламократијата“ со која не' бомбардираат и која, според теркот на „згуснување на моралот“ и бледнеењето на критичката свест, не' турка во исчезнување на мислата?

- Лично не ми пречи. Не сум класично култивирана, дури мислам дека упорното следење на културата не е нешто што секогаш е достојно за почит. Т.н. интелектуалци имаат еден тип застрашувачко знаење, можат да зборуваат за се', на копче, експерти се за се'. Јас немам такво резервно знаење, се' што учам е за дадената цел, секоја нова книга ја почнувам од нула. Во зборувањето има нешто валкано, пишувањето е почисто; тоа бесконечно дрдорење по конференции, по кафеански маси, по промоции – не гледам како „рекламократијата“ е различна од овој тип интелектуално дрдорење, мислам дека се исти. Не верувам во културата, туку во она што Делез го нарекуваше „средби“, а такви „средби“ може да имате и со добра реклама, како што може да имате со добра музика, филм или книга.



 

Post a Comment