Q&A Marketplace (Globus 2007)




Q&A MARKETPLACE
Глобус, 2007
















This one time at band camp, кога мислев дека имам некои одговори, или кој знае што мислев... 

Евентуално од корист за тинејџери.



прашања - читател/ки/
одговори - Јасна Котеска

ГЛОБУС 24.04.2007


Q: Братучед ми Ико има 45 години. Разведен е, а ќерка му живее со него. Пред неколку недели не’ викна на ручек за да не’ запознае со својата љубовница. И таа е разведена и има дете од претходниот брак. Ми се пожали дека не знае како да ја претставува пред своите роднини. Не му е девојка (девојки имал на 20 години), не му е пријателка, не му е интимна пријателка, а зборот швалерка не му се допаѓа. Како да ја претстави пред своите роднини што му е, а да не мислиме дека е „лесна“ или дека го искористува? Ико не сака повторно да се жени. 
Братучед

A: Нека ја претставува по име. Својата интима не ја должи никому. Дури ни на своите роднини. Што не значи дека тие веќе не смислиле статус за неа. Вие сте ја нарекле љубовница, а нему веројатно и тоа не би му било доволно. Бракот, навистина, значи статус, но честопати и значи само тоа–празен статус. Луѓето ќе продолжат другите луѓе да ги рангираат од лесна до тешка категорија, без оглед на се’. Животот, а особено љубовниот, е бокс меч во илјада продолженија. За некои роднини, Ико ќе мора да стави ракавици. Со понекој братучед ќе може да се симне од рингот и да се одмори. Тоа, во комбинација со жената што ја сака, е повеќе од доволна сила за да се фати за гуша со бескрвните демончиња што ја надлетуваат категоријата „непознат статус“.

***

ГЛОБУС 01.05.2007

Q: Во брак сум, имам дете. И таа е во брак и има дете. Нашата врска ескалираше. Дојдовме до една граница, кога сакам да ја фатам за рака и да оставам се‘. Мислам дека секој тука застанува. Дали да продолжам да живејам во затворот дома? Или да ја преминам цртата, и да продолжам да живејам со неа?

A: Од прва, ми доаѓаат две можни сценарија. Иако ги има мал милион. 1. Ќе ја земеш за рака и ќе се раздените во нов брак, кој нема да биде затвор. За ова ти треба интимната увереност дека луѓето ги прават институциите, а не обратно. Во спротивен случај, ќе се раздениш во нов затвор што ќе вроди во прељубнички брак. А тоа веќе го имаш. Што годе да одлучиш, пред да тргнеш во нова авантура, добро пресметај ги своите ресурси, од емотивни до финансиски. 2. Ќе ја земаш за рака за да отпатувате кон среќната иднина. Има вакви завршници, не само во Холивуд. Но ретки се како скапоцени камења. За ова сценарио ќе ти треба многу трпение за формалностите, кои воопшто не се наивни (разводи, договори и почетоци). Овде клучно ми се чини само едно - во ниеден момент да не заборавиш на твоето и на нејзиното дете.


***


ГЛОБУС 15.05.2007 

Q: Дали љубомората е болест? Зошто некои луѓе се повеќе љубоморни, други помалку, а трети воопшто? Читател

A: Љубоморатa  е страв дека саканиот може повеќе да сака некој друг. Постои еден италијански танц од 15 век со тоа име. Во него тројца мажи и три жени ги менуваат партнерите, но така што во секој момент еден маж стои сам, одвоен од другите. Овој полудраматичен танц бил наменет за психичко празнење на тензијата и имал ослободувачки ефект. Не постои човек испразнет од љубомора. Дури и за тоа што не го сака. Како во се, и овде треба да се внимава на љубовната патологија. Неа ќе ја препознаете или според внатрешното чувство, или според реакциите на партнерот.

Q: Јас сум во средни години (50-тина). Мојата идна сопруга е дваесетина години помлада. Нашата љубов е искрена, чувствителна и исполнета со страст и разбирање. Едно ама, не ми дава мир. Дали нашата љубов ќе остане таква и кога, по некоја година, мене ќе ми се намали сексуалната моќ? Прашање

A: Не гледам зошто не би можеле одново да ја освојувате вашата 50-годишна љубов, кога вие ќе имате 70? Тоа го правите сега кога таа има 30 и би можела да биде со некој 30 години помлад од вас, а не е. Мозокот е најважниот сексуален орган. Луѓето не водат љубов секогаш кога нивните сексуални органи се подготвени. Но, дефинитивно водат љубов секогаш кога тоа ментално го сакаат. Постојат статистики што велат дека сексуалните моќи опаѓаат со текот на годините. Но, статистиките значат многу малку. Тие се сигурен начин да дојдете до погрешен заклучок, но со цврсти научни докази. Што ако вие сте 10-те одсто што не подлежат на ниедна статистика? Ако (или кога) ќе ви се намалат способностите за ерекција, профитирајте од фактот дека живееме во ера на фармаколошки бум. На располагање ви стојат и многу помагала. Старите добри орални техники. И конечно, воајерските игри, ако ве задоволуваат обајцата. Сексуалноста е игра, нешто сосема блиско до уметноста. Љубовта, а не сексот, е всушност она што никој не може да ви го гарантира на долги патеки. Ако имате искрена, чувствителна и страсна љубов, полна со разбирање, вие сте среќен човек. Вашите стравови ми се чинат дел од условите за среќата што сте ја заслужиле.

***


ГЛОБУС 22.05, 2007

Q: Читам во учебниците дека хомосексуалноста е растројство на половиот нагон. Хомосексуалец сум, дали нешто со мене не е во ред?

A: Се’ е во ред со вас. Хомосексуалноста не е растројство на половиот нагон. Половиот нагон не се сведува на прост нагон за размножување. Да било така, луѓето би воделе љубов вкупно десет пати во животот, толку колку што им треба за да направат две деца. Според Светската здравствена организација, хомосексуалноста не е ниту болест, ниту растројство. Нема ништо во психата поради што истиот пол би ви бил забранет за желба. Но внимавајте, дека вашиот партнер мора да биде возрасен субјект, кој правно одговара за себе. Секако, не живеете на Марс и знаете дека на општеството му треба време да ја прифати хомосексуалноста. Претпоставувам дека уште некое време ќе читате како ви се оспорува правото на ментално и сексуално здравје. Бидете пообразовани од вашите конзервативни сожители. Бидете и помудри од нив. Сетете се дека животот е компромис, нужен за животот да биде поднослив за сите. Таа мудрост ќе ви треба за да ги разбирате дури и оние кои не ве разбираат вас.

***


ГЛОБУС 29.05.2007

Q: Имам една симпатија. Работи како келнер во кафичот каде редовно излегувам. Доста сум постара. Очигледно му се допаѓам, но тој има девојка. Не сакам да му ја срушам врската, само сакам секс. Дали е препорачливо жена да се додворува прва?

A: Секако дека е препорачливо жената да се додворува прва. Препорачувам пристап со кој на вашиот келнер само ќе му дадете до знаење што сакате од него, без тоа јасно да му го кажете, за да не го уплашите. Неколку „ама“ се важни. Прво, не знам колку години имате, но ако вашата симпатија е доста помлад од вас, проверете дали е полнолетен и доколку не е, заборавете го целиот проект, и пријавете илегално вработување на малолетни лица. Второ, внимавајте дека во љубовничките кревети лесно се влегува, но од нив тешко се излегува. Ако заглавите во љубовен тријаголник, сите тројца може да имате многу главоболки. Што можеби не е преголема цена за страста која ви се случува. Сепак, имајте на ум дека неговата девојка автоматски ја ставате во ранлива положба, што конечно и не е ваш проблем, но лесно може да стане. Со среќа.

***

ГЛОБУС 12.6.2007


Q: Имам 36 години. Мојот партнер, со кој сум четири години, има 29 години. Поради разликата во години не сакам да ја обелоденам нашата врска, иако тој сака. Се плашам дека разликата во години е преголема. Што да правам?

A: Направете го наједноставното. Направете ја својата врска видлива. Седум години не се никаква разлика за една љубов, како што не се разлика ниту за едно возрасно пријателство. Ќе се изненадите колку на луѓето им е неважен овој детаљ. Возраста е едно од последните подрачја во партнерските односи, што не е загрозено од патологија, особено ако жената е постара, и се’ додека возраста подразбира полнолетство. Практиката на постари жени и помлади мажи ниту е нова, ниту е невидена  во нашата култура. Распрашајте се кај своите роднини. Ќе се изненадите колку често нашите баби биле постари од нашите дедовци. Во минатото тоа се сметало за некакво природно изедначување на различната брзина со која созреваат  двата пола. Вашиот партнер не може да посака ништо поубаво од жена која е доволно млада да сака да истражува, а доволно возрасна да знае како да го прави тоа.

***

ГЛОБУС 19.6.2007

Q: Имам 24 години и се’ уште немам девојка. Причина е должината на мојот пенис, поточно, тој во ерекција е долг само 10 см. Мастурбирам и доживувам оргазми. Ќе ме сака ли некоја и вака хендикепиран?

A: Прво фактите. Должина на „нормалниот“ еректиран пенис е од 13 до 18 см. Со 10 см, вие сте еден од милионите луѓе кои ја чинат долната граница на статистичката „нормалност“. Вагината е долга од 8 до 13 см. Вагиналните нервни завршетоци, чувствителни на допир, се сместени само во првата третина, веднаш по вагиналниот влез. Г-точката кај жените е сместена од 1 см до 5 см од вагиналниот влез. Со вашите 10 см, имате најмалку двојно повеќе „материјал“ одошто ви треба, за целосно да ја задоволите вашата партнерка. Како што гледате, природата е далеку пофер од културата. А сега: со 24 години вие сте во вистинските години за да усреќите некоја жена, но услов за тоа е најнапред да го засакате своето тело. „Хендикеп“ е збор измислен за фашизоидни потреби. Не постои хендикеп, дури ниту за проблеми многу посериозни од вашиот. За мене е запрепастувачко дека цивилизацијата се’ уште ги малтретира своите луѓе со прастарата стигма за должината. Тоа е затоа што мажите во патријархатот, молчат. Не молчете, насмејте се на вицовите за должината. Тие вицови се веројатно и единствениот проблем со кој реално ќе се соочите. Научете да се смеете. Знаењето, како и смеењето, е моќ. Употребете ја таа моќ за да создадете љубов.


***

ГЛОБУС 26.6.2007

Q: Имам 22 години. Во врска сум со убава девојка, но повеќе се „палам“ на нејзината мајка. Дали е тоа нормално?

A: Не е. Раскинете ја врската со вашата девојка. И пред да најдете нова, бидете макар извесно време сам со себе. Претпоставувам дека фантазирате за малку драма во вашиот живот со цел да се „заштитите“ од реалните драми од кои се состои секој еден животот, па и вашиот. Дајте си време да созреете. Сериозните луѓе имаат сериозни проблеми. Полоши од сериозните проблеми, се само измислените проблеми.

Q: Мастурбирам секој ден. Дали е тоа во ред?
Тина

A: Секако. Самозадоволувањето е природен и нормален начин на изразување и на истражување на сопствената сексуалност. Според статистиките, мажите и жените мастурбираат секојдневно (еднаш или повеќе пати) од раната адолесценција па до доцна во животот, со различни интензитети во различните периоди од животот. Фреквентноста на самозадоволувањето не опаѓа ниту кога имаат редовни сексуални односи, а докажана е позитивната врска меѓу фреквентното самозадоволување и фреквентноста на сексуалните односи со партнер.

***

ГЛОБУС 3.7.2007

Q: Сакам да оставам се’ и да одам во манастир. Животот нема смисла и не постои љубов. Што мислите за мојата одлука?
Разочарана

A: Штом сте ми пишале баш мене, не верувам дека очекувате црковен совет. Се согласувам дека животот нема смисла, тој најчесто навистина личи на голема грешка, како и да го вртите. Но, љубов постои и за љубов вреди да се живее. Постојат многу форми на љубов, од љубов кон самите себеси, кон децата и родителите, кон пријателите и партнерите, кон луѓето кои немаат ни половина од тоа што имате вие, до тие кои имаат илјадници пати повеќе од вас. Според тонот на вашето писмо претпоставувам дека страдате од невозвратена љубов. Невозвратената љубов е лекција што се учи, ако за ништо друго, тогаш заради сознанието колку е точно љубовта скапоцена. Добрата вест е дека не се сака само еднаш, туку многу пати, од кој последниот пат е секогаш најдобриот. Манастирот по себе не е погрешна одлука, но не е за секого. Во манастир не се оди поради разочараност, туку исто така од и за љубов.

***

ГЛОБУС 10.7.2007

Q: Имам 35 години. Ја проучувам тантрата, вегетаријанец сум и се обидувам да ја пронајдам врската помеѓу начинот на исхраната и сексуалните и љубовните проблеми. Сметам дека луѓето кои јадат месо, пијат млеко или алкохол не можат да доживеат тотален оргазам. Млекото ги прави луѓето да бидат мазохистички настроени. Ме интересира вашето мислење.

A:, овде гледам најмалку три различни прашања. Исхраната има тесна врска со здравјето на телото и на духот, но иако е нужен, исхраната не е и доволен услов за љубовно и сексуално здравје. Оргазмот е физиолошка и психичка состојба со прецизни технички специфики. Не постои тотален оргазам. Пиењето млеко и мазохизмот се две различни и сосема неврзани работи. Генерално, ваквите концепти се среќаваат во бројни (па и меѓусебе различни) new age движења. Практикувајте ги, ако ви помагаат, особено во деловите кои заговараат здравје и пацифизам. Чувајте се од тоталитарните концепти во нив.

Q: Заљубени сме еден во друг. Си пишуваме мејлови и смс-и. Се слушаме по телефон. Среќен сум поради неа и горам од желба да ја видам и да имаме секс. Во кревет работите се катастрофа. Еднаш свршив пред време, еднаш не ми се дигна. Се плашам повторно да легнам со неа. Има ли помош?

A: Свршувањето пред време и немањето ерекција се привремени проблеми и за нив има помош. Вашиот проблем веројатно произлегува од преголемите очекувања. Виртуелната комуникација има предности. Таа не’ „спасува“ од реалните средби со Другиот, кој, како и ние, e „крвав под кожата“. Претпоставувам дека, како што е вообичаено во виртуелната комуникација, сте си размениле преголеми емотивни „чипови“, уште пред да се видите. Што само по себе не е погрешно. И виртуелниот свет е форма на „реалност“. Но, реалниот свет има различна динамика. Време е да ја запознаете. За почеток, спуштете го посакувањето. Наместо во кревет, на првиот следен состанок, одете в театар. Заљубеноста што ја чувствувате не би требало да е безпричинска. Ако и покрај сите напори, вашата врска не успее, најмалку што ќе добиете е пријател. Што не е малку.

***

ГЛОБУС 17.7.2007

Q: Имам 31 година. Мажена сум веќе шест години. Пред една година, на Интернет, запознав некого. Работите меѓу нас се одвиваа брзо, закажавме средба и водевме љубов. Се договоривме да биде само таа една вечер, и тој го го почитуваше тоа, од тогаш не сме се виделе, ниту сме се чуле. Го сакам мојот сопруг. Дали ова искуство ме прави прељубничка?

A: Во техничка смисла, вашата вечер значи прељуба. Но, човечката интима не е математика, а вие не сте пред ултимативниот тест каде треба да ја положите целата „вистина“ за себе. Затоа што и да соголите се’ што имате во себе како тајна, и во тој случај никогаш нема да кажете се’ за себе. Барањата за моногамија се честопати невозможни. Не затоа што луѓето се добри или лоши, туку затоа што луѓето влегуваат во повеќе социјални односи, одошто културните диктати за верноста, можат да ги поднесат. Секој се снаоѓа со задолжителната моногамија, така како што знае и умее. Ви препорачувам да се чувате од грешките против вашата природа. Ако прељубништвото не е во вашата природа, не ги повторувате искуствата што може да ве повредат. Ако таа вечер е единствената грешка што сте ја направиле против природата на своето битие, чувствувајте се среќни. Луѓето најчесто се изневеруваат себеси на секој можен чекор, пред своите шефови, пред своите родители, пред своите деца и пред своите партнери. Позанимавајте се таа вечер уште толку малку, колку што ви треба за конечно да ја затворите таа тема. Единствената грешка што од тука натаму може да си ја направите е да се опседнете со вашата авантура.

***

ГЛОБУС 24.7.2007


Q: Колку пари треба да имам, за освен мојата девојка да имам уште две љубовници?

A: Ваквото претприемачко прашање, очигледно значи нешто друго од тоа што прашува. Најнапред, треба да имате онолку пари, колку што ќе заработите со чесна работа. Бројот на вашите партнерки не зависи директно од вашата банкарска сметка. Уживањето не е економска категорија, а љубовта и страста не растат со акумулацијата на жени и пари. Секако е полесно да одржувате паралелни врски со повеќе пари, особено ако сакате вашите девојки да останат тајна една за друга. Во тој случај ќе ви требаат и доста логистички маневри. Ако мислите на купената љубов, треба да знаете дека проституцијата во Македонија е криминализирана. Но, конечно имам чувство дека тоа што сакате да ме прашање е сосема обратното прашање: дали може да се сака само една жена? Одговорот e: да.

***

ГЛОБУС 31.7.2007

Q: Имам 31 година. Штотуку запишав докторски студии во една странска земја, каде што ги завршив магистерските студии. Секогаш кога се враќам дома за распуст, како сега, имам толку недоразбирања со моите родители, што ме нервира се’ во врска со нивните сфаќања. Поради стравот дека еден ден ќе станам како нив, не сакам да родам дете.

A: Генерациските недоразбирања се нормални, а понекогаш дури и потребни. Не може, ниту треба, да имате исти ставови со вашите родители, но може да се обидете да вежбате генерациска толеранција. Сетете се дека вашите родители ќе стануваат само постари, ќе имаат се’ помалку енергија и се’ потешко ќе се менуваат. Тоа значи дека дури и да сакаат, се’ помалку ќе можат да ве следат и ќе бидат се’ позатворени за новостите што ќе им ги носите од бурниот и динамичен свет во кој живеете, кога ќе се враќате дома на распуст. Не мора да имате деца, ако не сакате и никој не смее да ве присилува на родителство. Но, ако единствениот страв ви е дека ќе ги повторите грешките на своите родители, размислете повторно. Колку годе да грешеле, вашите родители воспитале жена која е доволно одговорна, самостојна, умна и способна, самостојно да живее и да учи во странство. Ви дале идеја дека човек е сам создавач на својот живот. Што му фали на овој родителски потфат? Дел од оваа жена што сте денес, е и нивна заслуга.

***

ГЛОБУС 14.8.2007

Q: Две колешки сме, работиме во канцеларија со трет колега. Тој става некој парфем во толкави количини што не можеме да работиме. Како да му кажеме да престане со тој мирис?

A: Зависи колку сте блиски. Ако сте блиски, кажете му директно. Ако не сте, употребете хумор. Кажете му нешто од типот: „Супер ти е парфемот, ама како успеваш со нашава плата секој ден да потрошиш по цело шише “. Ако времето за реагирање поминало, и сега сте само толку многу изнервирани што ниедна ваша реченица нема да звучи смешно, обидете се со помош од страна. Разговарајте со човекот во вашето претпријатие, кој е најблизок до вашиот колега, и внимателно замолете го да ви помогне. Ако ништо од наведеното не помага, побарајте шефот да го прераспредели во друга канцеларија. Претпоставувам дека вашиот колега користи индустриски мирис. Интересната работа со парфемите, но и со телесните мириси воопшто, е дека она што на еден му е одвратно, на друг му е пријатно. На тој начин не само што ќе ја подобрите работната атмосфера во вашата канцеларија, туку и на вашиот колега ќе му помогнете да се најде во работно друштво во кое подобро ќе се чувствува.

***

ГЛОБУС 21.8.2007

Q: Сведоци сме дека големите спортисти се откажуваат од натамошната кариера кога се на врвот на славата. До уши сум заљубен во неа, но сакам да ја оставам баш сега кога ни е најубаво. Не сакам да гледам како стануваме досаден пар. Што мислите?

A: Мислам дека играте на најгубитничката можна варијанта. Не се коцкајте со ретката среќа што ја имате, и тоа само во име на експеримент. Спортот има други правила од љубовта. Љубовта повеќе личи на уметност, и тоа уметност на двајца. Почекајте да ги видите падовите во вашата врска. Тие може да ви станат исто толку убави, колку што сега ви е убав подемот. Кога ќе се сопнете, а гледате дека до вас има некој што сака да ве подигне - тоа е отприлика љубовта. Таа не е трка, ниту има зададена цел, до која треба да стигнете, за потоа да седнете на трибините во својство на воајер на сопствената љубовна приказна. Целта на љубовта е самата љубов. Ја живеете затоа што ви се случува. Додека трае. Стравот од успехот е исто што и стравот од неуспехот. Тој страв со две лица не се победува со прогласувањето вештачки крај. Тоа е вистинскиот пораз. Сето друго се само различни форми на победа.

***

ГЛОБУС 28.8.2007

Q: Со сопругот сме долго време заедно, но откако ни се роди ќерката, нашата врска доби нов тек. Поточно, јас се изменив. Повеќе не сум (или многу ретко) заинтересирана за сексот. Сопругот се’ уште го сакам, сакам да се грижам за него, да разговараме, да го бакнам, да го погалам, но самиот сексуален чин не ме привлекува и пострашно – дури ми е одбивен. Сопругот мисли дека имам љубовна врска надвор од бракот, што не е точно. Дали можеби ова има врска со моето ужасно искуство при породувањето? Нашата ќерка сега има 3 години.

A: Искуството што го опишувате е нормално, но главно за првите шест месеци од раѓањето на детето. Толку време му е потребно на вашето тело да зацели, а вие да се свикнете на новиот хормонален статус. На младите мајки и татковци им треба и доста време да научат да се носат со стресовите предизвикани од грижата за детето и од нерегуларниот сон. Ако породувањето ви било посебно трауматско, можеби се плашите од нова бременост, па користете контрацепција. Сепак, ако либидото не ви се враќа и по три години, седнете и сериозно разговарајте со сопругот. Ако проблемот не може да го решите заеднички, побарајте семејна терапија. Ваквите проблеми се многу почести одошто се верува, а постојат стручни лица кои ќе знаат да ви помогнат.

***

ГЛОБУС 4.9.2007

Q: Многу ги сакам празниците. Православна Македонка сум и на нашиот религиозен празник се обидовме со син ми да стигнеме до Матка, но сообраќајот беше толку густ, што застанавме во Сарај, покрај реката Треска. Син ми си играше во водата со другите деца, но сите семејства покрај реката беа албански. Бевме сами со нашето дете и се чувствувавме многу лошо. Зошто ни го земаа и Сарај?

A: Никој не ви го зел Сарај, затоа што Сарај не ви припаѓа само вам. Сте се збуниле, сте се уплашиле и сте си расипале еден убав ден. Сте можеле, за почеток, да учите од вашето дете. Вашето дете знаело како да ги сподели своите кофички и лопатки со албанските деца, без да се уплаши дека некој ќе му ги одземе или дека ќе остане неразбрано. Кога следниот пат ќе одите на излет на Треска, прашајте ги вашите соседи дали може да ви ги позајмат марамчињата, а вие да им понудите вода, затоа што сте понеле дури две шишиња. Гледајте помалку вести, слушајте го повеќе своето срце. Вашите соседи дошле на реката од истите причини поради кои сте дошле и вие. Не постои поголем непријател од стравот. Борете се против него.


***

ГЛОБУС 11.9.2007


Q: Имам 21 година. Живејам сама со мајка ми, татко ми почина пред 3 години и неговата смрт се’ уште не ја преболев. Ретко излегувам, не студирам, немам работа. Сакам да сторам нешто со мојот живот, сакам да бидам некој и нешто.

A: Сте загубиле родител млади и неподготвени, тагувањето ви било и потребно и нужно, но доаѓа време кога ќе мора да се збогувате со тагата, за да не го изгубите својот млад живот, тагувајќи по туѓиот. Со 21 година вие сте толку многу млади, што можете да започнете речиси се’. Најнапред, излезете од дома и најдете работа. Бидејќи знаете да работите со компјутер, стартот ќе ви биде многу полесен. Ако одлучите да се вратите во училишните клупи, за прво време ќе ви треба и малку трпение, упорност, волја и дисциплина. „Некој“ и „нешто“ се станува само со работа и со посветеност, нема друга формула. Да се хибернира се чини лесно, се’ што ви треба е добар изговор. Но, парадоксално, во моментов, вие сте вработени на најтешкото работно место на светот, секој час од секој еден ден, без престан, да ја допирате точката на својата траума, како изговор за да останете во пасивната тага. Поминало доволно време, соземете се и излезете од напорниот круг на тагувањето (дури и тоа да ви нуди привидно задоволство) и вратете си го назад животот што ви припаѓа.

***

ГЛОБУС 18.9.2007

Q: Другарка ми ми е најважна личност во животот. Многу ја сакам, но таа е толку агресивна, што секогаш ми кажува што да правам. Излегуваме со нејзиното друштво, таа ги одбира моите момчиња. Мајка ми и татко ми не ја сакаат. Се плашам дека ако престанам да се дружам со неа, ќе останам сосема сама. Тањичка

A: Тањичка, вие сте си нашле господарка, а не пријателка. Наместо да изградите раскошно пријателство, сте ја воспоставиле најбаналната можна динамика на господар и роб, себеси сместувајќи се на удобното место на робинка, која не одговара ниту за своите одлуки, ниту за своите избори. Вие сте исто толку одговорна за нездравиот однос со вашата пријателка, колку и таа, ако не и повеќе од неа. Господарите, се имено, исто така, темелно заробени од своите робови - тоа е простата вистина за човечките односи. Со право се плашите дека вашата пријателка еден ден ќе посака да се ослободи од непотребниот товар: да биде одговорна за вас. Пораснете и научете да стоите зад своите избори. Вашата пријателка ќе ве сака таква и повеќе од сега. Ако не, ќе ве сакаат сите следни пријатели. Поучени од ова животно искуство, ќе знаете пријателствата да ги градите врз поздрави основи. Пријателството е слично со љубовта, трае само таму кадешто има рамноправни партнери. Идеалната рамноправност, секако, не постои - но постојат мноштво движења околу невидливата линија на рамноправноста. Тоа изгледа отприлика вака: кога тие ќе се уморат, вие ќе ги водите; кога вие ќе се уморите, тие ќе ве водат, но најчесто ќе се среќавате заради убавината од заедничките одлуки и избори.

***

ГЛОБУС 25.9.2007

Q: Мајка ми живее сама во трособен стан. Родителите на мојот сопруг живејат во двособен стан. Сите имаат пензии и релативно се здрави. Живееме солидно, одвоени сме. Караниците со сопругот настанаа кога тој одлучи да ги носи во старечки дом, за да ги издава нивните станови. Тие не сакаат да одат, а јас се согласувам со нив. Кој е во право?

A: Вие. Старечките домови се решение за оние семејства кои немаат услови за достоинствен живот, како на семејството, така и на старите лица. Тоа не е вашиот случај, вашите родители не пречат никому, а јасно кажале каде сакаат да бидат. Старечките домови не се детски градинки, а вашите родители нема да се вратат во 3 часот попладне дома (има и такви домови, но кај нас се’ уште нема, па еве идеја за нечиј, можеби токму за вашиот, иден бизнис). Потребата за дом е нагон, од редот на најбазичните човечки нагони, како храната и сексот. Во старечките домови може да се старее достоинствено, но најубаво се старее и најмирно се умира во домовите, кои самите сме ги стекнале, во кои сме ги родиле нашите деца и сме ги гледале како растат до силни луѓе. Не е лесно да им се оддолее на капиталистичките диктати за „повеќе“ (пари, задоволства, статус), но тие диктати се бескрупулозни токму кон човечкото достоинство. Вашиот сопруг и вие сте сега на врвот на своите биолошки моќи, ги имате сите реални услови за битка за подобар финансиски живот. Користете ги, а така заработените пари ќе ви бидат помили.

 

Post a Comment