За Јадранка: за канцеларијата на вистинскиот учител (2011)




Jasna Koteska: "About Jadranka, About The Study of a True Teacher", Faculty of Philology "Blaze Koneski", Annual, no. 37, Skopje, 2011, 17-25.









Јасна Котеска


За Јадранка: за канцеларијата
на вистинскиот учител




Затоа што сте лав кој дава лавовски дел: живот на сите останати, зајаците и лисиците. Затоа што сте пожртвувани и се гнасите од себеочувување, затоа што за вас „јас“ не е важно, затоа што тоа го знаев од првиот миг.
Марина Цветаева


Клучни зборови: Јадранка Владова, омаж, учител, предавање, етика, социологија на книжевноста.


Веројатно сум меѓу последните што го дадоа својот текст за Зборникот посветен на Јадранка Владова. Не затоа што немав текст. Од четирите мои книги, за творештвото на Јадранка пишував во две. Другите две книги не беа за добри теми и луѓе, инаку ќе ја имаше и таму.
Пишував анализи за нејзините раскази, за нејзината драма, пишував и за нејзината учебникарска дејност. Никогаш не напишав, иако сакав, текст за нејзината речничка работа, но едноставно не се разбирам доволно од лексикографијата. И никогаш не напишав за нејзината детска проза. Но таа проза со години му ја читам на моето дете и не сакам да ја анализирам. Ние дома во неа уживаме.
Секако можев да извадам дел од тие анализи и да ги дадам за Зборников. Но, не го сторив тоа. Не сакав. Долго време не можев да извадам никаков текст за Јадранка од себеси. Затоа што не знаев како за нешто што толку длабоко ме обележало, што ме формирало, што ме образувало и ме водело, за жената што ми била и ментор и поддршка - кога ми се чинело дека наоколу нема баш никој, што била и слушател во исповедите, и пријател во доброто и во злото, и критичар и насочувач, а што не барала ништо за возврат, што никогаш не се наметнала, не побарала, а само ми дувнала ветер во грбот, за таков човек, човек не знае што да напише, а напишаното да не звучи лажно, површно или некако погрешно.
Ја прегледав деновиве нашата преписка од мејловите, и се засрамив. Во сите тие години, низ писмата, сум и’ се обраќала на Јадранка со молба за секакви совети: околу пишувањето, околу читањето, околу животот. На пример, која тема да ја одберам за пишување, која книга да ја читам пред другата, како да разрешам некоја филозофска дилема, како да постапам во некоја животна ситуација... Голем дел од тие прашања биле непотребни или неважни, биле едвај начин да и’ се доближам, да ме забележи, да и’ се допаднам.
Денес, кога навистина ми треба нејзиниот совет како да пишувам за мојот учител, неа ја нема да ми го даде. Така е во ред. Јадранка нè учеше дека треба да пораснеме, дека сè што е човечко е смртно. Така е во ред, па сепак оваа вистина и по толку години, боли.
Јадранка секогаш ми одговараше на писмата со мајчинска грижа, со мирна педагошка разборитост и доследност, со многу интуиција, внат-решен такт и чувство. Денес, понекогаш ги препрочитувам тие писма. Од нив сè уште учам. Денес со такви писма, понекогаш, ми се обраќаат наши-те заеднички студенти. Денес знам нешто што тогаш не знаев. Колку се тие одговори, и тешки и деликатни. Дека бараат ранливост, давање, дека се нишаат на чекор да бидат погрешно разбрани, дека се мегдан за исцр-пувачки, километарски преписки...
Па сепак, Јадранка не зазираше од нив. Напротив. Ниедно мое писмо, Јадранка не го остави неодговорено. А знам дека имаше уште десетици и десетици други студенти, пријатели, колеги што и’ пишуваа во истиот стил, што и’ се обраќаа во истиот тон. За сите нас Јадранка имаше љубов. Не познавам никого што толку многу ја раздаваше животната, читателската и педагошката страст.

Јадранка ја сакаше книжевноста, иако предаваше книжевност. Тоа ви се чини логично, но не е. Сите ние што ја предаваме книжевноста, иако ја сакаме и ја предаваме со децении токму затоа што ја сакаме, знаеме. По многу години работа со книгите, доаѓаат моменти кога книжевноста ви се причинува погрешен избор, кога гледате дека книгата губи на големата планетарна сцена, каде едно од друго, се кршат големите социјални и политички битки, во кои книгата е неретко понижена, небаре самата не е најбитниот дел од големите движења на духот. По толку многу години работа со книгите доаѓаат моменти кога кон книгата развивате потценување, кога книгата ве заморува, кога ви се причинува дека истата работа веќе сте ја прочитале кај некој друг. Кога сте се издресирале да ги ловите книжевните клишеа и уште повеќе - да ги презирате. Кога сте се претвориле во циници што наместо да се опуштат и да уживаат во светот што се раѓа пред вас, сте научиле набрзина да ги препознавате книжевните незграпности, како божем самите никогаш да не сте ги напишале. Кога теоријата ви го замаглила уживањето во естетиката, иако ве учеле дека ќе биде обратното. Кога, со еден збор, сте се претвориле во луѓе што веќе не сакаат да и’ дадат втора шанса на книгата.


Кај Јадранка беше поинаку. Со истата страст во сите години што ја познавав, непроменето ја сакаше книгата. Како ниеден читател од мојата, претходните и од следните генерации. Се сеќавам на една сцена. Дежураше на својот испит по светска книжевност во големата училница на Филолошкиот факултет, а само студентите можат да ви посведочат колку Јадранка не дозволуваше несериозност, дошепнувања, препишување на испитите, колку беше подготвена да го брани знаењето по секоја цена, колку за неа беше важна училницата, и сè што таа значеше и денес значи. Но, тој ден, на тој испит ја видов Јадранка како строго чекори меѓу студентите, како со будно око внимава испитот да биде достоинствен, а во исто време, во рацете држеше книга и ја читаше. Не беше тоа блеф. Јадранка читаше секаде и во секое време. Беше научила дел од вниманието да му го посветува на светот, а дел на книгите. Како кај Пол Кле: „Едното око гледа, а другото чувствува“. Само кај Јадранка, второто око што чувствуваше, чувствуваше преку книгата.
Не помнам колку точно книги Јадранка ми подари: од античката книжевност, од современата македонска проза, поезија, драма, од чешката книжевност, бугарска, турска, американска, француска... Немам евиденција, бидејќи Јадранка не ги потпишуваше книгите што ги подаруваше. За неа книгите беа нешто што треба да минува од рака на рака, а не нешто што треба да се обележува и да се запечатува со себичноста. Затоа не знам колку книги ми подари, но знам дека се’ што ќе ми подареше, читав со љубов.
Јадранка ја сакаше теоријата на книжевноста и ја предаваше со голема страст, на познавач на теоријата, но и на љубител на фикцијата. Ви се чини логично, но не е. Теоретичарите се првите што ќе ја отфрлат секоја книга што не влегува во нивните теориски кутии. Јадранка никогаш не падна во замката во која паѓаат толку многу „познавачи“, кои упорно читаат само коментари и критики, наместо да одат таму каде што критиките ги упатуваат. Кај Јадранка не беше така. Јадранка честопати на своите часови по книжевноста, книгите ги читаше на глас. Гласот е важен, таа знаеше дека кај еден автор најважна е неговата интонација, гласот кој од минатото повторно оживува пред нас. Беше радост да се слушаат нејзините оживувања на гласовите од минатото. Јадранка имаше толку многу почит за книгите, затоа што имаше почит и за луѓето. Затоа не застануваше кај коментарите, затоа директно одеше кон книгите што коментарите и’ ги советуваа. Јадранка не сакаше скратени патчиња, ја сакаше самата есенција на книгите. За неа книгите беа една од ретките форми на среќа што, ние смртните, ја имаме.

Честопати по работа, се враќавме дома заедно, најнапред шетавме низ Бит Пазар, а потоа свртувавме кај неа дома. До долго во ноќта ми зборуваше за книжевноста. Со чај, на масата веднаш до шпоретот, на топло, во најтоплиот дом што го помнам. За Јадранка библиотеката беше битие кое дише, кое живее. Јадранка ја сметаше библиотеката за суштество во кое се скриени најдобрите духови на човештвото. Кога ќе ја отворите добрата книга, велеше Јадранка, духовите од минатото се будат и потоа човек со нив може да разговара, може да им се радува. Домот на Јадранка беше преполн со книги. Книгите на Јадранка се прелеваа од рафтовите на полиците, и ги окупираа столчињата, кујнската маса, креветот... Сите други предмети се само продолженија на човечкото тело, негови протези, велеше Борхес: телефонот е само продолжување на гласот, очи-лата на видот, моливот на раката, но само книгата е свет на фантазијата, поддршка за сеќавањето. На тој Борхесовски, тотален начин, Јадранка ја сакаше книгата.
Јадранка не се интересираше за техничката страна на книгите, ба-рем не во онаа смисла во која за нив се интересираат упорните библиофили. Јадранка беше меѓу првите во Македонија што светот на зборовите го пренесе на екран, објави книга од една од своите бројни електронски преписки, и макар што бескрајно го сакаше мирисот на книгите, немаше против зборовите и тајната што зборовите ја споделуваат, да ја чита преку каков годе друг медиум, па и преку екранот. Беше пред своето време. Книгата ја препознаваше во секаква форма, нешто што за многумина тогаш, па и сега, е несфатливо.
Јадранка не пишуваше за да се „архивира“ себеси, како толку многу други луѓе што ги знам и што тоа го прават од самољубие, а всушност од преплашеност од смртноста на сè што е човечко. Јадранка пишуваше за ги мултиплицира световите во кои живее прославата на фан-тазијата, на радоста, на животот.
Јадранка не ја сакаше премногу хиерархијата. Ниту во книгите, ниту во животот. Беше жив читател, кој читаше многу. Литературата за Јадранка беше форма на љубов. Ништо во неа не работеше со напор. Или со тегобност. Среќата не треба да бара напор. Затоа што книгата е секо-гаш нова форма на среќа. Со секоја нова книга, секогаш стануваш малку подруг, малку поинаков ти. Затоа Јадранка беше толку полна со живот. Секоја книга зрачеше поинаку од неа, затоа Јадранка остави толку многу во толку многу пишани жанрови и затоа се даваше во толку многу раз-лични форми.
Ме изненади кога пред некој ден, на часовите по книжевност, еден студент ми рече дека нејзината збирката раскази „Воден знак“, ја доживеал како збирка есеи. Не се налутив, се насмеав и одобрив. Јадранка пишуваше во толку многу изрази, со толку многу толеранција, што секој читател нека го има правото да ја доживее нејзината книжевност како што ја чувствува. Јадранка тоа ќе го одобреше. Полнотијата беше животот на Јадранка.
Со еден додаток. За неа книгите не беа бегство од одговорноста, сосема обратно. Не еднаш ја имав посведочено нејзината сила, кога во дело го правеше тоа што го кажуваше на часовите. Дека човек треба да се спротивстави на неправдата, секогаш и по секоја цена, дури иако цената е да се распадне твојот видлив универзум. Јадранка не ја сакаше неправдата и се бореше против неа секаде. Нашето време стана толку многу цинично, што денес сме подготвени и правдината да ја сведеме едвај на дискурзивна категорија, за да можеме издрогирани мирно да спиеме. Кај Јадранка тие работи од сферата на моралот, не беа сплеткани. Напротив, Јадранка ја користеше книжевноста за работите да ги направи едноставни. Читајте ги нејзините критики за делата од светската книжевност. Тие не се напишани за работите да ги замаглат, за книгите да станат покомплицирани одошто се. Тие се напишани за да ги појаснат. За да се каже, каде во сета таа противречност на животот, лежи добрината.

Канцеларијата на вистинскиот учител е: да каже каде доброто е, а не само каде било. Помнам, кога студирав кај Јадранка и подоцна кога се вработив на Катедрата по македонска книжевност и јужнословенски книжевности, во тоа доцно- комунистичко, и потоа во пост – комунистичкото време, сивилото на зградата на Филолошкиот факултет во Скопје, на булеварот Крсте Мисирков бб, ги беше обоило сите луѓе и сета зграда. Сите канцеларии од таа зграда беа исти. Сиви. Кај Јадранка беше поинаку. Во нејзиниот кабинет за првпат го видов Ван Гог, го видов Бројгел, видов многу сликари, и нивните ремек-дела врамени во мали, стилизирани парчиња подобар свет, што ги прекриваа скапаните комунистички ѕидови. Јадранка не беше хедонист, но за неа книжевноста не беше само аскетизам, иако самата ја сакаше книжевноста на најаскетски начин. Нејзината естетика се прелеваше низ ситните детали што го осветлуваа нејзиниот мал кабинет, како мало парче светлина во големата мрачна зграда на Кафка: книгите, сликите, фотографиите, шолјите за кафе, тацните, рачните изработки, текстилот, логичките игри на внуците расфрлани ваму и таму низ нејзиниот кабинет..., сето тоа за Јадранка беше форма на книжевно постоење, поредено без исфорсираниот ред, а со вкусот и со постојаниот отпор против сивилото на безличноста. Не беше тоа ексцентричност, толку честа форма на отпорот кај луѓето од таа генерација, кои како и таа, не ја сакаа униформата. Лесно беше да си ексцентрик тогаш: тоа само значеше дека насобраната фрустрација во еден момент едноставно експлодирала пред другите. Кај Јадранка беше поинаку. Кај неа стилизацијата беше израз на најавтентичниот отпор, да се биде естет во времето кога естетиката беше од ретките системски отпор против униформата на светот.
Да нема забуна. Јадранка беше бунтовник, но не од типот на униформираните бунтовници. Лесно е да викате, кога околу вас сите други се дерат на истиот начин. Тешко е да се даде отпор кога околу вас сите други молчат, затоа што за тој еден момент сите помислиле дека наоколу не се слуша ниеден друг глас. Тешко е кога се чини дека никој околу вас не ја гледа очигледната вистина: дека царот е гол. За Јадранка, тоа не беше тешко. Се сеќавам на една сцена. Имавме факултетски состанок околу некое тогаш морално непријатно прашање, па сите молчеа, иако со часови претходно напорно дрдореа. Јадранка ја отседе сета таа сцена со мирно слушање. А потоа зеде збор и ја одбрани невиноста пред неправдата. Потоа сите други што дотогаш зборуваа во хор, замолчеа. Јадранка не молчеше кога другите молчеа. И не викаше кога другите викаа.
Јадранка веруваше дека не треба денес да ги изедеш зборовите што си ги кажал вчера, само затоа што за тој еден момент си помислил дека ќе останеш гладен. Јадранка знаеше дека човек никогаш не умира од глад, туку од немање интегритет. Јадранка беше најдобриот ученик на книгите, и токму затоа беше најдобриот учител на луѓето.
Јадранка не беше навалена под товарот на книгите и под нивната сериозност. Умните понекогаш се чинат тажни. Јадранка не беше тажна, таа беше слободна. Човек не може, а да не се восхитува на таа веселост. Имаше нешто зеновско во нејзиниот пристап кон животот – на животот треба да му се насмееш. Сериозноста се јавува поради преценување на времето. Сериозните не знаат да гледаат со очите на бога, значи со љубов.
Од книгите Јадранка учеше дека човек треба да е противречен, не треба да робува, треба да знае да се насмее, да знае да ја прифати смртноста, да биде хуман: кон човекот, кон животното, кон каменот. Се сеќавам, ми раскажуваше дека пред да дојде на Филолошкиот факултет, студирала медицина. Ги напуштила студиите истиот ден кога на часот по анатомија, требало да сецираат жаба за да ја научат нејзината анатомија. За Јадранка важеше едно правило: не треба да го уништиш светот, за да го разбереш. За Јадранка постоеја два збора: мистерија и прифаќање. Таа ги прифаќаше луѓето, затоа што веруваше во мистеријата на животот. Човек ги испраќа своите шеги во светот, но камењата и растенијата остануваат неми. Но, не и за Јадранка. За неа животот имаше смисла само ако човек може светот на растенијата и на камењата да го погледне со очите на дете – затоа нејзината проза е толку сакана. Но, и со очите на одговорен возрасен. Јадранка беше комбинација од најмалку неколку контрадикторни нешта, и од уште толку многу работи.

Освен тоа, Јадранка беше педагог. Нешто што јас никогаш не научив да бидам. За мене книжевноста беше начин да се пречкрта мина-тото, орудие за битка против корумпираните татковци. Јас ја мразев генерацијата пред мене и таа пред неа. За Јадранка беше поинаку. Јадранка ја имаше смиреноста на некој кој знае дека историјата е игра и дека, ако човек баш не е магаре, треба да научи да и’ се насмее в лице. Јадранка едноставно никогаш не стана доволно цинична за да биде лежерна кон генерациите што доаѓаат, како и кон тие што претходат. Со отворени очи кон лекциите од минатото и со педагошка упорност кон иднината.
Напиша многу учебници, се бореше за правото на писменост. Знаеше дека светот не станува подобар заради еден ден револуција и пијаното утро потоа, кога силеџиите ќе го преземат водството. Јадранка знаеше дека светот не станува подобар со бунтовната униформа. Туку само и исклучиво со знаењето. Посвети многу години за да ги описмени македонските генерации, и денес најдобрите професори по книжевност во Македонија се без исклучок нејзините ученици и ученички.
Јадранка немаше демонска сила во себеси, иако имаше многу причини да биде во тага, да биде нихилист. Едноставно никогаш не го избра патот на зловолието. Не знам дали Јадранка беше верник. Но, предаваше во религиозно училиште и честопати ми зборуваше за Бог, за неговата љубов, за неговата милост, за неговата праведност. Претпоставувам дека сепак беше верник. За Јадранка книгата можеше да биде преполна со грешки што треба да се поправат (и таа ги поправаше, лекторираше ужасно многу книги, дури и на смртната постела, и дел од причината зошто ова мало парче земја, денес е пописмено одошто ќе беше, да не беше таа – да, Јадранка толку многу и до последно ја почитуваше и ја бранеше писменоста). Јадранка можеше да не се согласува со мислењето и со гласот на авторот, но она што без исклучок е точно, е дека за Јадранка книгата секогаш чуваше нешто свето и божествено во себеси. Заради сето тоа, без исклучок, Јадранка никогаш не престана да ги сака книгите. Да ги пишува своите. И да ги негува туѓите.
Ние, пријателите што се зближивме покрај Јадранка, кои се запознавме преку неа, покрај неа, поради неа, останавме пријатели до ден денес. Толку многу други луѓе дојдоа и заминаа од нашите животи, но оние што Јадранка ги допре, тие останаа зближени во заедништвото. И ден денес, кога ќе се сретнеме, зборуваме за Јадранка. Тоа е начинот на кој се доближуваме до нејзината бесмртност. Не само преку книгите, туку и преку живиот збор. Јадранка остави многу книги зад себе, но можеше како Питагора да не остави ниедна. Затоа што беше вистински учител. Вистинските учители се оние што ја афирмираат слободата да им го продолжиш мислењето, но по свое наоѓање. Јадранка ја имаше таа голема сила и таа голема нежност, да ти дозволи да одиш каде што си се упатил, каде што треба да стигнеш. Но, најважно од сè, Јадранка ни ги остави своите книги како крајпатни знаци, како сигнали за сепак по тој пат да не се изгубиме.
Неверојатна е радијацијата што Јадранка ја остави зад себеси. Нејзините пријатели, студентите и познаниците и ден денес одат на гробот на Јадранка, иако поминаа години од нејзината смрт. Не помнам ниеден смртен од мојата генерација, што така активно сè уште живее меѓу живите.
Јас не знам како подобро да ја доближам Јадранка, освен преку овие неколку немушти реда. И тоа малку што го знам, беше нејзина заслуга. Неполираноста и празнината од овие редови, што Јадранка толку многу се трудеше да ги поправи во нашата култура, се само мои.



24.02.2011



Jasna Koteska

About Jadranka, about
the Study of a True Teacher

(Résumé)

Key words: Jadranka Vladova, homage, teacher, teaching, ethics, sociology of literature.

The text is homage to Jadranka Vladova (1956-2004), professor of literature at the Faculty of Philology “Blaze Koneski”, Skopje, author of numerous books: short stories, books for children, essays, texts from the fields of literary criticism and literary theory, high-school text books, dictionaries, etc. The text highlights Vladova’s role in the Macedonian literary history, but also her position as a well-loved professor who taught variety of courses on literature; her professionalism, kindness, and trustiness; her memorable lessons in literature, and her highly ethical approach to students, teaching, knowledge, spirituality and life in general, posing an example not just how to teach, but also how to live the principles one teaches about, in and out of the classroom.



 

Post a Comment