Кремлинологијата како симптом
Кремлинологијата како симптом
Извадок од „КОМУНИСТИЧКА ИНТИМА“ на Јасна Котеска, Темплум, Скопје, Скопје, 2008, 436страници, ISBN 978-9989-189-41-8
Проучувањето на комунизмот се соочува со еден очигледен феномен – несигурноста во фактите што се проучуваат. Да споменеме еден очигледен пример. Кога Хрушчов го наследи Сталин, започна ерата на тивка „десталинизација“. Хрушчов зборуваше за „илјадници“ Сталинови жртви, а најлудите проценки се вртеа околу „скромните“ 2.3 милиони умрени и исчезнати од диктатурата на Сталин меѓу 1930 и 1953. Кога почна да се добива посистематски увид во неговото владеење, разни истражувачи, вклучувајќи го и писателот Солжењицин, зборуваа за нешто помеѓу 8 и 12 милиони убиени. По отворањето на архивите на советските влади, во 1989 година, се дојде до бројката од околу 20 милиони жртви која се’ уште не е финална.
Кога се појави книгата на Конквест со проценката од 20 милиони жртви на Сталин, некои ревизионисти рекоа дека станува збор за анти-комунистичка хистерија, слична на макартизмот во САД. Во американската двогодишна хајка над комунистите, убиени се двајцата Розенбергови, а екскомуницирани се повеќе Американци за про-комунистички идеи. На овие напади Конквест одговори дека аналогијата на советскиот комунизам со макартизмот би била умесна доколку за тие две години, Американците ги стрелале најголемиот дел од своите службеници, 3/4 од членовите на Конгресот, стотици писатели и илјадници воени лица. И тоа само од редовите на политичката номенклатура, не и од редовите на политички „ирелевантната“ категорија: селаните, работниците, секој што изразил сомнеж, напишал песна, раскажал виц, украл јаболко - меѓу 1930 и 1940 во советските гулази, имено, само 20 отсто се политички затвореници, просечниот работник во советскиот Гулаг бил колхозарот кој украл јаболка и бил прогласен за контрареволуционер.
Како и нацистите, и комунистите оставија ужасно многу хартија зад своите најбесрамни злосторства. Но очигледниот проблем настанува околу прашањето како да се дојде до тие хартии? И кога ќе се дојде, колку се тие веродостојни? Со исклучок на Источна Германија, останатите поранешни комунистички земји имаат различно решение за пристапноста до архивите, но не секогаш најдобро. Проблемите се особено акутни во Русија. Во 1989 година советските архиви се отворија за странските и за домашните истражувачи. Потоа претседателските архиви се повеќе беа прогласувани за недостапни додека целосно не ги затворија, а денешните ФСБ архиви се достапни само за семејствата на репресираните и за поранешните вработени.
Науката што ги студира советските досиеја се вика кремлинологија и е именувана според седиштето на советската влада. Кремлинолозите ја изнесуваат генералната поплака која личи на таа на која се жалат и историчарите во Македонија - дека досиејата од комунизмот се непристапни, дека се фабрикувани, дека мора да се читаат „меѓу редови“, дека истражувањата во голема мера се базираат на озборувања (овој слушнал дека оној бил шпион, којшто пак е сигурен дека чул дека во камповите итн...). Дека треба да се внимава на која фотографија кој член од Коминерната бил подоцна фотошопиран; да се гледа кои портрети исчезнале од учебниците по која година (Троцки во Русија, Ѓилас во Југославија, Ченто во Македонија); да се гледа по ситните детали од фотографиите, кој седел до Сталиновиот стол во 1931, а кој во 1933, или кој бил повикан на советувањето кај Тито во Бриони во 1941, а кој во 1966, каде исчезнува Ѓилас по 1950, зошто Кардељ исчезнува од столчињата во 1960-тите, а повторно е вратен во 1973; кој стои до Маршалот на 25 Мај, или кој е на слетот на Црвениот плоштад, на слетовите во Кина и Северна Кореја, и слично. Во сето тоа се испушта очигледниот феномен дека точно таа архивска „невозможност“ е самиот СИМПТОМ, според Жижек, на механизмите преку кои оперирал социјалистичкиот режим како заситен универзум на знаците.
Post a Comment