„Само тука поезијата е почитувана“

„Само тука поезијата е почитувана. Поезијата ги убива луѓето“


Извадок од „КОМУНИСТИЧКА ИНТИМА“ на Јасна Котеска, Темплум, Скопје, Скопје, 2008, 436страници, ISBN 978-9989-189-41-8


Ако комунистите и паланката ја мразеле интимата од која се создава поезијата, ако не ги сакале поетите, како тогаш се објаснува фактот дека досието на татко ми е преполно со кодоши-поети? Тоа се објаснува со парадоксот дека тајните служби и поетите биле во најтесна соработка.

Тајните служби и поетите се спојувале преку неколку сродности. И двете групи сакале слава, нарцистички и’ се восхитувале на својата слика на мисионери, имале креативни фрустрации и го мразеле малограѓанскиот свет, а не можеле да ја дискутираат својата работа со смртниците. Во филмот „Регрут“ (2003) Ал Пачино кој го игра постариот инструктор во ЦИА, на приемниот ден на регрутите им држи говор во кој е сумирана точно оваа „поетичка“ суштина на тајните служби: „Зошто сме ние тука? Не е за пари. Имам плата од 75.000 долари годишно, со неа не можам да купам ни пристоен спортски автомобил. Не е за секс, тука нема многу од тоа. Слава? Нашите неуспеси се јавни. Нашите успеси не се... Значи, не се пари, секс, слава. Тогаш што е? Велам дека сме тука затоа што веруваме. Веруваме во добро и во лошо и го одбравме доброто. Веруваме во праведно и во неправедно и го одбравме праведното. Нашата цел е правдината. Нашите непријатели... секаде.“ Кога работиш во име на правдината, кој е поголем од тебе? Тоа ја објаснува оргијашката природа на тајните служби зад кои не стои никој, дури ни власта, партијата или политиката. Затоа е погрешно профилот на шпионот да се бара само кај садистичкиот сеирџија (кој доколку не бил платен, би го работел истото од чист ќеф), она што го влече шпионот е вградената можност за добивање „нова смисла“, можноста за бесмртност. Шпионот е дојден од нигде. И има можност да стане поетски бог.

И покрај тесната соработка, сепак, тајните служби не ги сакале поетите и интелектуалците. Од Џерзински (Чека) во Русија, до Стане Доланц (КОС) и Ранковиќ (УДБА) во Југославија, сите шефови на тајните служби негувале презир кон уметниците. Кога Темпо доаѓа во Македонија, тој пишува: „Ако во Партијата постојат паметни интелектуалци, ситнобуржоаски елементи, линијата ќе остане мртва. Нашата главна задача е: да се исчисти Партијата од тие елементи, да се стави партијата во здрави работнички раце, макар што тие работници и не знаат многу да зборуваат.“ (подв. мое) Комунистите го сакале неписмениот човек. Но култот кон неписмениот човек не е пронајдок на комунизмот. Во целата западна култура тој е неодвоив елемент од политиката. Неписмениот човек е „посакуван“ затоа што зборува од своето искуство и не дава никакви толкувања за тоа што го доживеал. Русо го велича дивјакот како добар политички „материјал“. Ако е така, зошто тогаш велиме дека за комунизмот важеа драстични услови на творење, зарем и капиталистичката идеологија нема симпатија кон неписмениот човек? Одговорот е во парадоксалниот факт дека комунизмот многу посериозно го сфаќал творештвото одошто капитализмот.

Рускиот поет, Осип Мандељштам, изјави: „Само во Русија поезијата е почитувана. Поезијата ги убива луѓето. Постои ли друго место на светот кадешто поезијата е така чест мотив за убиство?“ Мандељштам умира во 1938 во транзитниот камп близу до Владивосток бидејќи пет години порано, во 1933, ја пишува песната „Сталиновиот Епиграм“ од 16 стиха (популарно наречена, „Смртна пресуда во 16 стиха“).

Изјавата на Мандељштам е точна. Вниманието што социјализмот и’ го посветувал на културата е нешто незамисливо за која било демократија. „Не може ни да го замислиме американскиот Сенат или британскиот Долен дом да се занимаваат со прашањата за книжевноста и уметноста, така како што со тие прашања се занимавале Централните комитети на Комунистичките партии.“ За капитализмот важи друг тип цензура, цензура на пазарот, системот е така поставен што што-годе да кажете или да напишете, тоа ќе се изгуби во морето на реклама и шок за коешто пишуваше Урсула Ле Гвин во есејот „Сталин во душата“ (1973): „Се прашувам дали причината поради која во оваа земја (Америка, моја заб.) го нема Солженицин (и го нема Пастернак, го нема Замјатин, го нема Толстој) е таа што ние и не веруваме дека може да ги имаме. Затоа што не веруваме во стварноста на уметноста. Она чудното кај Русите е дека тие навистина веруваат во уметноста, во моќта на уметноста да ги менува умовите на луѓето.“ Комунизмот верува во потенцијалната сила на пишаниот збор. Зборот е сфатен сериозно, има библиска сила. „(Комунистите) отсекогаш се интересираа да дебатираат со интелектуалците“ вели Жижек. „Од зборот се импресионирани, тоа ги мачи.“

Сериозноста со која комунистите ја сфаќале уметноста е запрепастувачка. Само пет години по советската револуција, до 1922 советското Политбиро станува литературен комитет. Членовите на највисокото советско политичко тело не давале друг да ја следи интелигенцијата, самите ги поделиле меѓусебно областите за читање, и читале буквално се’. Најобразованиот меѓу првите комунисти, Троцки имал брда книги за читање – нему му била доделена задачата да чита воена и религиозна литература, а со Ленин ја имале поделено економијата. Зиновљев и Каменев читале весници, а Руков и Томски индустриска и земјоделска литература. Сталин со Троцки ја делел воената литература, а Сталин бил дополнително задолжен да чита и текстови за етничките прашања. „Станува нужно да преминеме од прелиминарна цензура кон казнена цензура“ – соопштува ГПУ во октомври 1922 година. Не само да се набљудува со цел да се налета на некаков опасен материјал, туку се набљудува за да се шири паранојата. Џерзински, првиот човек на Чека, во 1922 со Ленин договара листа на соработници по весниците, мора да се заземат водечките уреднички места. Бидејќи не знаат како да ги совладаат интелектуалните сфери што ќе ги набљудуваат, Џерзински предлага класификација по групи: „Треба да ги поделиме интелектуалците по групи. На пример:
1) писатели,
2) новинари и политички коментатори
3) економисти (тука ќе имаме подгрупи а) финансии б) енергетика в) траспорт г) трговија д) кооперации, итн)
4) техника (уште подгрупи) а) инженери б) агрономи в) доктори г) општо;
5) професори и наставници.
Секој интелектуалец мора да има досие.... Мора да памтиме дека наша задача не е само депортација туку и ....активна помош на партиската линија со специјалисти, то ест да предизвикаме дезинтеграција во нивните рангови преку форсирање на тие што се спремни без резерва да ја поддржат советската сила.“

Последиците од оваа акција биле фрапантни. Во есента 1922 кремот на руската интелигенција насилно е доведен во Љубљанка и повеќето интелектуалци се прогласени за контра-револуционери. Шефот на ОГПУ, Јагода наредува нивна депортација во Германија, но германскиот канцелар ги одбива со реченицата дека „Германија не е Сибир“. Јагода ги качува на два големи брода и ги депортира од Русија. Тие два брода се „најголемиот подарок од Русија до Европа и Америка“. На бродовите се наоѓаат Трубецкој и Јакобсон (структурна лингивстика и наратологија), Бердјаев (егзистенцијализам), Мелгунов и Кизеветер (историографија). Прага и Париз се збогатуваат со цели теориски школи, а „СССР останува без некои од своите најголеми умови…“ Според Доналд Рајнфилд, „Депортациите од 1922 година беа исто толку катастрофални за граѓанското општество во Советскиот Сојуз, колку и убиствата од 1921.“

Југославија не познавала депортации од олкав (советски) тип затоа што немала отворена (и казнена), туку скриена цензура. Дали тоа значи дека југословенските и македонските уметници биле оставени на мир? Не значи. Иако честопати наидуваме на тезите дека „Во Југославија мал бил бројот на автори и научници кои навистина биле прогонувани од земјата, во Хрватска најмногу биле прогонувани за национализам, а репресијата веројатно била најјака во Босна“ (Предраг Марковиќ), како тогаш се објаснува фактот дека 1/10 од сите филмови произведени во Југославија биле забранети или судски или со самоуправни акти, дека голем број писатели и поети биле во немилост, и дека од половина милион тајни досиеја колку што се воделе за Југословените, голем дел од нив биле за интелектуалци-дисиденти?

Во Југославија дејствувала скриената цензура, но прашањето е: која е пострашна, отворената или скриената? Во ДДР каде што имало политичка цензура цврста како ѕид, било јасно што е подобно. Обратно, ако во 1980-тите во Југославија сте воделе списание и сте се јавеле „кај властите“ за да се консултирате што смеете да објавите, тие ви одговараат: „Ние сме самоуправување, сами мислете“. Кога јавно го отворив досието на татко ми во 2005 и во него констатирав дека претседателот на ДПМ, Гане Тодоровски, не сторил ништо за да го алармира Друштвото на писателите за одбрана на свој член, Гане Тодоровски му кажал на новинарот со којшто разговарав, дека сторил се’ што било во негова моќ – дека отишол да се консултира со Партијата и добил наредба да не го чепка случајот. „Ние сме самоуправување, сами мислете“, оттука секогаш се сведувало на тоа да се мисли така како што сака Партијата. Кадешто нема отворена цензура, кадешто „сам“ ги одредуваш границите на својата слобода, тие се сведуваат на партиската слобода. Уметниците во животот се парализирани да искажат отпор, а во уметноста бегаат во авангарда - создаваат такви апстрактни дела, што во нив ќе биде нејасно што е подобно а што не е. Ако уметниците се штителе со „бегство во авангардата“, останува прашањето како сепак некои уметници во Македонија настрадувале? Одговорот најчесто го дава паланката. Паланечкиот менталитет, во комбинација со комунистичката идеологија, давал тотално шизоиден и хаотичен систем кој се користел за освета над тие што не си ги поднесувал.

Еден пример е Кочо Рацин. Долго време во јавноста се посочува велешанецот Страхил Гигов, висок комунистички функционер и еден од главните кодоши на македонски настроените комунисти, како организатор на убиството на Рацин. Еден помлад историчар ми рече дека македонските историчари располагаат со „99 проценти сигурни факти“ што го поврзуваат Страхил Гигов со убиството на Рацин, поради љубомора за девојка, но македонската историја се’ уште не е подготвена тие увиди официјално да ги објави. Ова е случај кога полицаецот паланечки ја злоупотребува својата моќ за да му се свети на поет.

Поинаков случај, но со сличен одговор: „Не е до нас, Партијата така сакаше“, што ги поврзува писателите и полицајците, е тој на Методија Андонов-Ченто и Коле Чашуле – овде, одличен писател се јавува во улогата на судија на промакедонски, комунистички функционер (заради политичката тежина на случајот, овој е помалку локално-паланечки, а повеќе тврд политички принцип на ликвидација на непријателот). Коле Чашуле е третиот судија (покрај Панта Марина и Лазар Мојсов) во судскиот процес против Ченто кој добива 11-годишна робија. Коле Чашуле подоцна објаснува: „Мене ме викна Видое Смилевски во ЦК каде што беше присутен Елисие Поповски – Марко. Видое објасни дека Ченто бегал преку граница и други работи со кои тој се оптужува и дека треба да му се суди. Кога Видое зборуваше, Марко ја наведна главата и ништо не проговори. Всушност, судењето било однапред подготвено, не само обвинението, туку и пресудата. (...) Значи, пред нас, судиите беше наредено Ченто да биде осуден” (подв. мое). Овде е во игра слично објаснување, како тоа за татко ми - полицајците или нивните поддржувачи се извинуваат дека самите биле немоќни, се’ било во рацете на Партијата која „така сакала“, но како што рековме, станува збор за многу потврда политичка ликвидација одошто вообичаено познавала македонската комунистичка паланка. (За овој случај, во своите мемоари „Македонија е се’ што имаме“ (2001), првиот претседател на независна Република Македонија, Киро Глигоров, признава „еден непријатен факт“ дека: „...(С)е бараше од сите нас поединечно да пишуваме свои сознанија за разни личности... (С)е сеќавам дека и јас пишував, тоа што знаев, за улогата на Чкатров, за Ѓузелов, Драганов...“. )

Во јули 2007 по повод „Рациновото признание“ доделено на Коле Чашуле за романот „Патот од себеси“, а во врска со објаснувањето на Чашуле за неговата улога во случајот Ченто, Жарко Трајаноски пишува: „Чашуле, слично како ’Младичот’ од неговиот роман ’Црнила’, слепо му верувал на Централниот комитет кој решил ’да се премавне еден многу опасен издајник и изрод на нашиот народ.’ Во романот, ’Младичот’ го повлекува чкрапалото и го усмртува Ѓорчета. Чашуле става потпис на пресудата, иако знае дека процесот е наместен. Како резултат на тоа, Ченто излегува од затвор смртно разболен (иако сакал да се лекува во странство, никој не сакал да му издаде пасош). Во романот-лектира од Чашуле, откако ’Младичот’ сфаќа на кого извршил атентат, се самоубива. Во нашиот реален транзициски живот, откако Чашуле по многу години сфаќа кого осудил по нечија наредба, пишува покајнички роман и - добива ’Рациново признание’. Алал да им е на тие што му го доделија! Дали воопшто ќе дочекаме некогаш, покрај толкуте ’Собрани дела’, издавачите да почнат да ги издаваат и ’Собраните недела’ на нашите ’еминентни’ писатели?“

Во 2003 Коле Чашуле е избран за трет почесен член на МАНУ, покрај Јосип Броз Тито и Едвард Кардељ (основачи на првите тајни служби во Југославија). Во 2007, на 40-годишнината од прославата на МАНУ се споменати само двајца почесни членови на МАНУ, Коле Чашуле и Борис Евгениевич Патон (Тито и Кардељ се избришани, а денес ги нема ниту на официјалната интернет страница на МАНУ). Оваа листа на некогашните почесни членови на МАНУ е уште еден доказ за тесната врска на интелектуалците и полицијата кај нас.

Има случаи кога поетите давале директна поддршка на акциите на полицијата, таков е случајот со поетот Ристо Лазаров (уредник на „Комунист“, орган на КПМ) кој на 6 декември 1985, по затворањето на татко ми, објавува текст во кој казната за татко ми ја прогласува за „заслужена“, заедно со редица небулозни пофалби до режимот на Тито („Нашето братство и единство, нашата нераскинлива сплотеност и непоколебливото чекорење по Титовиот пат на социјалистичката самоуправна изградба се такви што не можат да бидат урнати со никакви безумни посегања...“, итн.). Овој текст е пишуван пет години по смртта на Тито и пет години пред распаѓањето на Југословенската федерација и во него не збунува ретроградноста на тезите, смешни дури и за тоа време, туку самоуверената позиција што еден поет ја имал кога казните на судиите ги оценувал како „заслужени“.

Памфлетот на Лазаров не добива критичка реакција меѓу македонските писатели - колеги на татко ми, како што пишува Алекс Букарски: „Ниеден да го заложи својот авторитет и да ја доведе во прашање својата лична и професионална иднина и да смогне сили да напише некаков демант, одбрана, реакција на грозниот памфлет на Ристо Лазаров во „Комунист“. Причината за отсуството критичка реакција е двојна –„индиферентностa“ (неутралноста) секогаш обезбедува удобна позиција „на страната на појакиот“, но, исто така, писателите биле паланечки опседнати со „достоинството“ на својот еснаф, како сега ќе се срамат да реагираат?! Во книгата „Полицајци на духот“ (1979) од Игор Мандиќ (влијателен и немилосрден хрватски критичар, кој првпат во Југославија ја отвори темата за потребата од дијалог помеѓу високата и ниската уметност) налетав на статијата „Писатели и велосипеди“ од 1976 во која го става на потсмев тажењето на Гане Тодоровски (во интервјуто за „Око“ од истата година), дека иако лично сака да се вози со велосипед, не може, и мора да се вози со автомобил затоа што: „(С)рамота е кога со брадата, килограмите и годините и функциите – би јавал на велосипед. Би бил луд, секако. Не за себе, туку за околината.... децата би ме гаѓале со камчиња, а што знам... можеби никој не би дошол да ме слуша на факултетот, гледај го овој, би рекле“ (подв. е мое). Мандиќ го користи Гане Тодоровски како парадигма за паланечката вообразеност од „писателското достоинство“. Писателот себеси се гледа како месија, „(Н)еговото постоење и движење низ светот е од судбинска важност за сиот наш народ“, вели Мандиќ и иронично додава: (Д)обога, кој на улица ги препознава дури и најпознатите наши писатели?. ... (И) кога сето ова не би било смешно, би било трагично“ . Писателот во комунизмот сметал дека мора да демонстрира трезвеност (деловност), навистина тоа го ограничува изборот, ја исцрпува енергијата, духот е во некое тивко очајание, натаженост што не може да се понижува, но „непрашаниот“ дух истовремено е и горделив - тој навистина паланечки ги „дига рацете“ од дреболиите што му се важни, но едновремено „на достоинството му се препушта со сета сила“ затоа што возвратно добива ослободеност од секаква критичка одговорност.

Еден од последните документи во досието на татко ми пред неговото аспење е оперативната забелешка од 3.7.1985, според која, македонскиот поет Анте Поповски бара примем во службата на РСВР на СРМ. Татко ми, според белешката, претходниот ден, на 2.7.1985: „(Г)о замолил Антета да го однесе со колата до дома, а по пат да му соопшти нешто...“ Откако не успеале да проговорат ништо за маката што го мачела татко ми веќе дванаесет години, но откако Анте забележал некаква конфузност и вознемиреност кај татко ми, Анте (цитирам од полициското досие на татко ми): „(П)ред изворот кажал дека цела ноќ не спиел, а идниот ден уште во 7 часот отишол кај изворот“ и на службите на РСВР-СРМ им ја раскажал вознемиреноста што ја видел кај татко ми во текот на возењето. (Види повеќе во главата „Тврдо крило“) Зошто македонскиот поет чувствувал потреба да зборува со полицијата за интимните потреси на своите колеги? Зошто дури и поетот, како гласноговорник на интимните исповеди на луѓето, чувствувал потреба секоја интимност автоматски да и’ ја пласира на полицијата? Македонскиот поет, овојпат во лицето на Анте Поповски, бил вработен, тој бил вработен како културно-политички работник на својата средина – тој творел, но тој и поткажувал. Поткажувал затоа што верувал во идеологијата, но и затоа што ја сакал онаа позиција на „ослободеност од критичката одговорност“ за која што пишува Мандиќ. Ако каже што го мачи Јован Котески, тогаш Анте Поповски е слободен и достоинствен, друг нека му ја мисли. Тој ќе застане на страната на појакиот (за себеси, секако, ќе мисли во термините на угодната „неутралност“) затоа што сака да остане достоинствен. Какви сега интимни маки од неговиот пријател, какви дреболии, треба да бидат предмет на неговата размисла, кога тој ги има своите години и фунции? И Анте би јавал на велосипедот на слободата, но тој е директор и поет, и како и професорот Гане Тодоровски, и тој мора да се вози со автомобил, за децата да не фрлаат камчиња по него, да не мислат дека е блесав. Тоа значи дека ако некој пријател влезе во неговиот автомобил и му ја раскаже својата интимна мака (удбашката уцена со која неговиот пријател живее цела деценија), тој ќе мора таа мака да ја обработува пријателски, ќе мора да го активира членството на писателите, ќе мора да побара евентуална солидарност од нив, но тој и самиот не може да почувствува таква солидарност, затоа тој мора сето тоа да го одработи трезвено, тоа навистина ја исцрпува енергијата, тој не спие са-ноќ, а утрото мора да разговара со некакви дибеци во полицијата, но достоинството чини, зар не? На овој бизнис на поткажувањето, тој му се препушта со сета сила затоа што знае дека е само таа ноќ и само тоа утро. Потоа, со месеци, тој е ослободен од секаква критичка одговорност, тој е слободен да јава на својот идеолошки автомобил. Тоа удобство е уште една од причините за тесната соработка на поетите и тајната полиција на комунизмот. Во системот во кој сите се виновни додека не се докаже спротивното, луѓето кои сакаат каков-таков успех, мора да се подложат на системите на полициско кодошење, за да го одржуваат својот успех.

Врската меѓу поезијата и полицијата, конечно, се заокружува и со крвавиот распад на Југославија кој во најголем дел го „одработија“ точно интелектуалците, па и поетите. Жижек иронично пишува: „Ако стандардната дефиниција за војна е ’продолжување на политиката со други средства’, тогаш фактот дека лидерот на босанските Срби, Радован Караџиќ е поет, е повеќе од чиста случајност: етничкото чистење во Босна беше ’продолжување на (тој тип) поезија со други средства“. (Патем, апсењето на Радован Караџиќ во јули 2008, кога излезе на виделина дека 13 години по Сребреница, тој се криел зад маската на духовен, авангарден исцелител, ја покажува немилосрдната врска помеѓу режијата на етничките чистења и сопственото „поетско“ пресоздавање на идентитетот). За жал, случајот со Караџиќ не е само реторичка фигура. Патот до Осмата седница на ЦК на СК Србија од 23 и 24 септември 1987 (пресвртна точка од која Југославија зачекорува во војна - на таа седница Слободан Милошевиќ станува новиот вожд на Србија и Југославија), беше овозможен точно од работата на уметниците, научниците и интелигенцијата од САНУ. Имено, две години порано, Српската академија на науките и уметностите (САНУ) на 25 мај 1985 изгласува тело што ќе го напише подоцна познатиот Меморандум – критичка оценка за состојбите во тогашна СФРЈ, во чие пишување учествувале 23 редовни и дописни членови на САНУ (околу 1/4 од вкупниот состав на Академијата), документ од 70-тина чукани страници кој го обликуваше воениот распад на Југославија.

 

Post a Comment