Јасна Котеска: Санитарна енигма 2006: Тероризам и расизам


Јасна Котеска: Санитарна енигма, Темплум, Скопје, 2006



2. ТЕРОРИЗАМ И РАСИЗАМ





А Кафка?
Па Кафка воопшто не е Европа. Тој е повеќе Африка.

Виктор Ерофеев: Мажи









СИНОВИТЕ НА КАФКА


1.
Кафка е секогаш веќе на друго место. Ако го мислиме Европа, Кафка е веќе Африка, тој воопшто не е Европа. Ако го мислиме Африка, за тој даден момент, Кафка е Европа. Ликовите на Кафка не се тоа што ги мислиме дека се. Ликовите на Кафка се друго место од она место што сме им го намениле. Тие се терористи. Тие работат на поткопување на сигурното место. Ним не можеме да им го најдеме штабот. Штабот на ликовите на Кафка не е штабот на која било друга идентитетна формација. И други револуционери тврделе дека имаат штаб што не може да биде најден, но ликовите на Кафка не се револуционери, затоа што, како што рековме, тие се терористи.

А терористите се секогаш синови. Терористите се синови на некој татко и тие се синови на поредокот на таткото. Не е случајно што расказите на Кафка се собрани во збирката со наслов Синови.

Најпознатиот од тие раскази е Метаморфоза од 1915 година. Грегор Самса финансиски ги издржува родителите и сестра му и мора напорно да работи како трговски патник. Едно утро се буди во креветот претворен во огромна бубачка. Таа трансформација е абјектна: јаде од под, ползи со гадните, бројни нозе по ѕидовите. Членовите на неговото семејство го затвораат во собата. Кога се обидува да ја напушти собата, татко му го гаѓа со јаболки. Една му се закачува на грбот и предизвикува инфекција од која се разболува. Кога умира, чистачката ги собира неговите остатоци и ги фрла во канта за ѓубре.

Овде се случува една важна лекција за абјектниот крај на терористот- тој редовно завршува со ѓубрето, во ѓубре, затоа што е закана за поредокот, исто како и изметот. Но, овој текст на Кафка е важен заради осветлувањето на механизмот на станувањето терорист на поредокот.

Постојат серија текстови во книжевната критика, кои, иако не покажуваат лоша волја кон телото, покажуваат малку разбирање за неговите тајни. Тие ја читаат метаморфозата на Грегор Самса од човек во бубачка преку економијата и логиката на погледот. Според тие читања, Самса не е бубачка, тој е само како бубачка, неговото семејство гледа бубачка во дотогашниот син и брат. Овој резон е фундаментално погрешен, не само затоа што неговата логика произлегува од морализмот на Модерната, која не сака да се лиши од луксузот на несведливоста на човечкото до анималното, туку пред се затоа што Кафка елегантно го избегнува проблемот на погледот и законите на спектаторството. Првите очи кои ја препознаваат бубачката во дотогашниот трговски патник Грегор Самса се лично очите на Самса: ”Лежеше на грбот, тврд како оклоп, и го виде, кога малку ја подигна главата, својот мев, засводен и темен, изделен на крлушкини лакови, а на врвчето на мевот едвај се држеше покривката, само што не склизнала. Неговите многубројни ножички, бедно тенки во споредба со остатокот на телото, беспомошно му трепереа пред очите.” Тоа е различно од економијата на погледот, клучна за разбирањето на чудовиштето од “Франкештајн” од Мери Шели, кое се соочува со својот идентитет не во лабораторијата, туку по првата средба со луѓето, тој го презема погледот на другиот и така го сознава својот монструозен идентитет, монструозен бидејќи различен од нивниот. Кај Самса анималноста/ монструозноста станува вистинско одредување на телото. Другото тело се впишало во неговото, место заби има челуст, место плунка загасита жолта течност, место две нозе многу ситни ножички.

Во книгата “Илјада платоа” Делез и Гатари го востановуваат анимализмот како идентитетен избор, како одлука за редефинирање на своето постоење. За да ја опишат оваа нова идентитетна позиција тие воведуваат нова филозофска формула станувањето животно (бецоминг анимал) . Во нивната формула, како што гледаме, зборот како е исклучен, во таа формула нема медијатор, затоа што како што објаснуваат Делез и Гатари, ефектот од операцијата на метафората доведува до суштинско неразбирање на законитостите на природата и тајните на телото; сродностите природно не се дистрибуираат преку операција на имитирање, туку преку иманирање на примарниот модел. Исфрлањето на медијаторот значи ослободување од мимезисот, релацијата и парот. Тоа е чин на конфронтирање со Јазикот. Се губи симболичниот ентитет за телото да се препушти на задоволството од бивањето, станувањето едно со природата. Кај Самса трансформацијата при станувањето-животно е законитост врзана за приближување, без аналогија, во соседство со животниското.


2.
Грегор Самса е исклучително важен субјект за темата на абјектот. Имено, во “Моќта на ужасот” Кристева дава и една широка дефиниција за абјектното како она место кое не само што нарушува системи и поредоци, туку нарушува и идентитети. Не е абјектно, вели Кристева, аморалното (револуционер, самоубиец). Абјектно е иморалното: терористот кој се сокрива, пријател кој држи нож зад грбот; насмевка која крие омраза. Терористот е абјектен идентитет. Абјектноста на терористичката позиција е токму во поткопувањето на стабилниот идентитет во поредокот. Сега не сум само син, сега сум син-терорист.

Самса е важен за темата на абјектот и поради изборот на терористичката операција: неа ја изведува преку анимализмот. Анималното е најблиско до абјектното. Она што најчесто се напаѓа кај абјектот, во име на цивилизираноста, е токму ниската, животинска природа на луѓето: откажете се од своето тело, од своите валкани сетила, од своите племенски припадности, придружете се на една глобална сила која ќе н# изедначи како чисти синови на чистиот поредок.

Натаму, неговото станување животно, не е станувањето кое било животно, туку станувањето бубачка, и тоа бубачка во домот. Најомразениот инсект од аспект на санитарноста е точно таа бубачка во домот.

Самса “знае”: за да стане терорист на домот тој треба да ја изведе најомразената операција со која се засега чистотата на еден дом, а тоа е- да стане инсект во домот. Како што аналниот објект (за кој пишувавме во главата “Уште ова ти требаше…”) ”е најпаднатиот објект меѓу паднатите објекти , така бубачката е најпаднатата меѓу паднатите животни. Бубачката е скрутинизирана во културниот свет. Во митологијата и во литературата има доблесни животни и има омразени. Од инсектот не се стравува како од змијата, тој не е омразен како кукавицата, не е злослутен како гавранот, таа е абјектна, таа предизвикува гадење, чувство на нискост и беспотребност. Од сите животни, инсектот и особено, домашниот инсект, најмногу стои на она место кое го пополнува чистиот абјект. Бубачката е означител за абјект.

Основното прашање гласи: зошто телото на Грегор Самса се одлучува на со-живот близок до анималниот? Ова станува јасно откако се види една друга скриена метаморфоза– таа на Таткото. Откако Самса ја презема финансиската грижа за семејството, таткото се повлекува; кога Самса се претвора во бубачка, таткото се мобилизира и се враќа назад на работа. Силината на Самса е резултат на опаѓањето на енергијата на таткото и обратно. Посуптилна метаморфоза од ист тип има и кај неговата помлада сестра: дотогаш издржувана, таа наоѓа работа и се имплицира нејзиниот иден среќен живот. Тоа либидално празнење и напојување има врска со воспоставувањето идентитети во телото на Патријархатот.

3.
Во тероризмот, како и во садизмот, доминира патријархалната тема, но субјектите на тероризмот и садизмот се различни.

Делез пишува дека садистичката тема почива во крајна инстанца на темата на таткото кој ја уништува својата фамилија. Во садизмот, сликата на жената е начинета така што таа експлодира. Во една индикативна сцена сестрата на Самса свири клавир пред кираџиите, кои се глуви за секаква естетика и од музичката епизода прават пародија. Свирењето клавир пред глувата публика е татковска наредба за проституирање на ќерката, а кираџиите се симптом на распуштањето на фамилијата. Садистичкиот татко е оној татко што ги отфрла законите, го распушта семејството и ги проституира неговите членови.

Тероризмот, сметаме, почива на темата на Синот и неговиот системски немир. Одлуката на Самса да се претвори во бубачка има врска со неговата желба да ја проституира капиталистичката идеја: никогаш не седи безработен. Неговата стратегија е метаморфозата, а неговата крајна цел е да го уништи поредокот. Средството за тоа уништување е сопственото тело, телото метаморфозира со цел да го промовира Самса во терорист на поредокот, тоа е тип на телесен тероризам.

Телото најуспешно може да ја крене во воздух патријархалната приказна. Телото на бубачката најуспешно може да го крене во воздух патријархалниот дом.

Станувајќи бубачка Самса веќе не може да работи, може само да седи безработен, значи го доведува во прашање поредокот во кој за да живееш, мора да работиш. Решението на Грегор Самса во крајна линија е единствениот начин да се оствари желбата на шармантната пациентка на Балинт за која пишувавме во делот “Невозможен поредок” (гл. “Празен и пророчки говор”). Решението на Кафка не е само дамско одбивање да се биде врзан со договорот, туку е радикално решение: јас веќе и да сакам, не можам да преговарам со вас како претставници на поредокот, бидејќи веќе не сум човек, немам јазик. С# додека има јазик, дамата на Балинт мора да се мачи, мора да страда од склучување невротични договори и од обиди да ги изигра договорите за да може да ја потврди амбивалентноста на светот. Кога нема јазик, нема ниту договор, всушност нема поредок.

Но, многу поважно, станувајќи бубачка, враќајќи се кон анамалното, тој ја чини натамошната прокреација - невозможна! Тоа е и крајната цел на тероризмот (и во тоа е тој близок до садизмот, иако неговата стратешка позиција е поинаква): прокреацијата да стане невозможна, значи да дојде до активна негација и на мајката (како во садизмот), но и на таткото (што е суштината на тероризмот).

Самса во нејасната мешавина од уживање и понижување- тој што ги издава наредбите на телото, во истовреме заедно со сведоците, ја покажува длабоката солидарност – всушност ја прави можна идејата за постоењето вон Симболичниот поредок. Бидејќи тоа постоење, постоењето вон Поредокот, суштински е невозможно–Синот е убиен. Убиството доаѓа од раката на таткото, кој потоа ја рехабилитира семејната структура и го реставрира поредокот. Тоа е убиство од освета, но и идентитетно убиство – само преку убиство на идниот татко, еден станува (повторно) Татко. На теренот на твоето уништено тело, јас станувам ентитет, единствен и целосен.




ЧИЈ СИН Е ТЕРОРИСТ?



1.
Кафка е многу важно книжевно сведоштво за искуството од живеењето во нашата ера. Заедно со Бекет, Фројд и Маркс, тој е еден од клучните идејни опишувачи на Модерната. Кафка, на извесен начин, прв ја навестува големата тема на тероризмот, најважното глобалнополитичко прашање на денешницата.

Во една друга прилика ја воведов мојата дефиниција на Модерната како проект воден од Синот. Културната симпатија и антипатија кон Синот во 20 век: антиглобализацијата, либерализацијата и индивидуализација, како и конзервативните борби против истите, покажуваат дека културната енергија е сконцентрирана околу Синот.

Оваа ера стана можна дури по капиталната инвестиција што Фројд ја направи во доменот на сексуалната теорија. Неговата теорија објасни дека инфантилниот субјект има неограничен капацитет за сексуалност, а еден од клучните текстови на Фројд е “Инфантилна сексуалност”. Тој текст изврши ревалоризација на сексуалноста на детето, но едновремено освести дека во секој субјект постои “занемарената инфантилност”. Занемарената инфантилност е капацитетот на секој субјект да се повика на детското во себе за да почне да работи против поредокот. Причината за таа желба лежи во неговото примарно позиционирање во Поредокот. Тој станува дел од поредокот само тогаш кога ќе ја изгони инфантилноста, кога свесно ќе ја заборави, кога ќе се случи намерната амнезија. Сексуалните нагони на синот се изгонети во намерна амнезија, во неотеиничност (како што пишувавме во главата “Инфантилност”), за синот да може да се става во служба на Поредокот. Синот во нашата пост-Фројдовска ера ја ослободува инфантилноста, ја прогласува својата желба за валидна и од неа прави позиција.

Јас сум нечиј син, како нечиј син заборавам на мојата желба за да можам да му служам на таткото, следствено за да можам да му служам на поредокот. Сега решавам да ја амнестирам мојата желба, да ја вратам во живот. Таа желба секогаш се коси со поредокот, така станувам терорист на тој поредок. Но, за возврат сепак очекувам да бидам амнестиран, токму бидејќи сум син на таткото и син на поредокот. Тоа е една невозможна ситуација, како што е невозможна позицијата на среќата на синот и еднакво како што е невозможна позицијата на терористичкиот излез од поредокот.

2.
Во колумната на еден македонски дневен весник во 2001 година се појави тезата дека “малолетникот е цел еден народ” (македонскиот), а “нашата малолетност може да има и предност.” Предноста за која станува збор е всушност предност на терористичката инфантилност. Во исто време, откога сум амнестиран како инфантилен и како нечиј син, јас можам да ја изразам својата позиција на револт, на бунтовништво без причина. Оваа ера започнува со оддавањето почит кон синовското право да биде лут “без причина”, да биде лут затоа што е син.

Да се потсетиме, на пр., дека Џејмс Дин е првата реална легализација на позицијата “бунтовник без причина”. Од масовната култура тој беше рано промовиран во Бог на синовите-бунтовници, Бог на тинејџерите, Бог на адолесцентите. Џејмс Дин е епитом, прототип што повлече, “произведе” цела генерација синови управени против поредокот. Генерација на бунтовници. На него секако треба да гледаме како на случаен избор, веќе пред неговото време, културната енергија е насочувана кон создавање нова идентитетна формација: веќе не е дете, а с# уште не е маж. Кој токму заради оваа меѓусостојба (смета дека) ја има секоја (добра) причина да се буни и против првите и против вторите.

3.
Постои една интересна “игра” во доделувањето имиња за терористите. Терористите од Чеченија за руските медиуми се терористи (террористс), но за дел од странските се бунтовници (рабелс). Терористите од Македонија за македонските медиуми се терористи, но за дел од странските се бунтовници. Терористите од ИРА за британските медиуми се терористи, но за дел од странски се бунтовници. Не се ретки ниту текстовите, дури и во самата Америка, кои на нападите врз Светскиот трговски центар од септември 2001 година, гледаат како на бунтовнички акции. За остатокот на светот тие се терористички акции.

Примерот со Светскиот трговски центар е најобскурен за оваа терористичка анализа, но затоа и најинтересен. Последниот голем скандал околу именувањата на терористите што ја нападнаа Америка и нивните жртви е случајот со Вард Черчил, професорот по етнички студии од Универзитетот во Колорадо. Жртвите од нападите на Светскиот трговски центар во Њу Јорк тој ги нарече “мали Ајхмани”, споредувајќи ја американската надворешна политика со нацистичката.

Адолф Ајхман, еден од главните архитекти на Хитлеровиот нацистички режим, никогаш не беше обвинет за директно убивање, туку за обезбедување непречен развој на инфраструктурата што го овозможи нацистичкиот геноцид. Слично, Черчил никаде експлицитно не ги карактеризира сите жртви од 11 септември за декларирани нацисти, но подвлекувајќи дека Америка прераснува во технократска империја, тој автоматски вработените во Светскиот трговски центар ги изедначува со германските индустријалци од 30-40 години на 20 век, а вториве тогаш беа легитимни жртви на Алијансата. За оние што ги извршиле нападите, оваа компарација автоматски значи рехабилитирање, тоест подигање на статусот: од терористи до бунтовници против еден неправеден поредок.

Културната симпатија кон Синот не случајно ги меша овие два феномени. Во дипломатската реторика за терористот се зборува како за бунтовник само ако е тој терорист на туѓиот простор, терорист на туѓиот поредок. Како што пишувавме во главата “Инфантилност”, инфантилноста по себе повикува потреба од поразување на Името, или барем негово реструктурирање. Чинот на именување (кога се врши од надвор) ја дипломатизира културната допадливост кон Синот, организирана околу имагинарна опчинетост од погледот (по својата суштина, наивен) во идеализираната слика за себе како синот во туѓиот симболичен поредок. Обратно, синот-терорист не е допадлив во мојот простор, не му ја дозволувам неотенистичката слобода да се изживее, затоа го именувам така што го реструктуирам и го изложувам на виделина неговиот инхерентен садизам.

4.
Во одговорот што е логиката која функционира зад оваа двосмислена позиција на тероризмот кон поредокот, освен погледот врз идеализираната слика за себе како син во туѓиот поредок, треба да се земе предвид уште еден чинител, а тоа е погледот врз идеализираната слика за поредокот.

Холивудските акциони филмови играат на картата на овој втор поглед: таму сите го почитуваат редот, само шармантниот син е отпадник, тој навистина не ги почитува правилата што се зададени за сите, но тој е допадлив, како што е допадлив грчкиот херој кој се дрзнува да биде различен од другите. Сите граѓани на холивудскиот филм се граѓани во една идеална смисла, тие го почитуваат законот, како да е тој по себе логичен. Обратно, во српските филмови од т.н. пост-југо продукција, синот-терорист не е допадлив. Тој не убива повеќе одошто холивудскиот син, но проблемот е дека системот околу него не функционира. Никој не го почитува редот, сите го субвертираат, и испадот веќе не е смешен, бидејќи тој не е надвор од системот, тој е во системот кој не функционира. Како што гласи репликата од драмата “Буре барут” на Дејан Дуковски “случајот е систем”.

Но, овие два погледа не се симетрични. Во првиот случај, јас инвестирам неотеинична симпатија во синовската желба да се бунтува против поредокот. Во вториот случај инвестирам во предедипалното “ветување” дека системот е идеален и дека тој ќе ги задоволи сите мои желби, дека ќе ми овозможи бесконечно уживање само ако му се покорам на неговите закони.

Навраќајќи му се на Вард Черчил, сакаме да извлечеме уште една важна одредница за бунтот против поредокот. Пред контраверзните текстови за СТЦ, Вард Черчил беше познат во американскиот академски свет како борец за индијанските права, а самиот има индијанско потекло. Се чини дека отпорот, кога ќе се јави (дури и во Америка, каде нацијата е изедначена, тоест асимилирана од државноста), сепак и с# уште се раѓа и се должи на потиснатите проблеми произлезени од “декласираната” припадност кон расата, или нацијата, а не од беспоговорната идентификација со државноста. Оваа назнака е важна за значењето што денес му го придаваме на “заборавениот” идентификационен маркер на раса, нација, племе.

Ако расата (иднијанската) или нацијата (на пр. македонската или албанската) е само просто заменета со државноста (американската, македонската…) и ако вторава ги има наследено истите примитивни механизми на идентификација, еве прашање за нас: дали нешто се подобрило? Ако идентификацијата со државноста, ако државничкиот патриотизам е ист со племенскиот, национскиот, расниот, ако гинењето за својата кауза (сега не својата “крвна” туку својата “идеолошка” кауза) се состои од истата иконографија и од истата логика на повлекување линии, тогаш има ли тука надградба, дали тука воопшто може да зборуваме за сериозен цивилизациски напредок? Или на оваа (веќе не толку) нова идентитена формација (државноста), низ историска призма, треба да гледаме како на историско решение на една дражава (американската) која немала друго врзивно ткиво за своите луѓе?

Теорија на мултикултурноста, со целата верба дека зад неа стои нешто вредно за промовирање/промо(-виреење), ако сака да успее, ќе треба да се позанимава и со овие “потиснати” прашања.


СИНОВИТЕ НА САДАМ


1. Американскиот секретар за одбрана Доналд Рамсвелт во јули 2003 на американската јавност & објасни зошто се објавени крвавите фотографии од мртвите тела на Удај и Кусај Хусеин, синовите на ирачкиот соборен претседател Садам Хусеин. Американската и светската јавност се подели по прашањето дали САД го повредиле човековото достоинство на убиените синови на Садам Хусеин, делејќи ги фотографиите по светските новински агенции. Така во двата дена на месец јули (25 и 26) немаше медиум што не ги покажа труповите на синовите на Садам. Тие што ги следеа главните линии на американската борба против теророт во текот на 2003 година , се спомнуваат дека станува збор за ултимативно абјектни слики -двете тела: крвави, подуени, отечени, едни од оние слики кои се обидуваме да ги гледаме, но со силно внатрешно чувство на отпор. Трупот, да се потсетиме, според Кристева, е ултимативен показ на абјектот - но, не кој било труп: контекстуализираниот труп што се наоѓа на богослужба или во научната лабораторија од контекстот ја влече својата смисла; но трупот фрлен во двор, сликан на среде пат, прикажан надвор од каква било смисла, станува финален, дефинитивен, круцијален и конечен показ на абјектот сам по себе. Нема ништо позазорно од овој труп, каков што беше претставен на сликите на Садамовите синови. Верската заедница во Ирак реагираше со протест до САД точно барајќи контекстуализирање на труповите во рамките на нивната традиција и религија - тие протестираа дека телата требало да бидат измиени, неизложувани и запалени, соогласно муслиманските обичаи. Објаснувањето на Рамсвелт гласеше дека американската администрација на Џорџ Буш смета дека објавувањето на фотографиите ќе помогне да се убедат Ирачаните што с# уште се плашат од режимот на Садам дека тој нема да се врати на власт.
Медиумското претставување на абјектот, како што се гледа, не е никогаш наивно, операциите на репрезентација на нечистото секогаш се моќни средства на политичката манипулација и носат поени на моќ. Неколку месеци пред сликите на Садамовите синови, беше емитувана снимка од испрашувањето на двајца заробени американски војници од ирачката армија. Еднаш емитувана од Ел Џезира, таа снимка станаа достапна на сите ТВ канали, по што државниот врв на Америка побара да се чува достоинството на заробениците според налозите на Женевската конвенција за воени заробеници. Тие бараа деперсонализирање, стерилизирање и “исчистување” на војната од личното, од неговото лице, тоа е лице на телесен, материјален, жив човек. Сликите на измачените американски војници се абјектни и затоа вознемирувачки, како што се на друг начин абјектни труповите на Садамовите синови.


2. Станува збор за режим на продукција на слики кој има идеолошка цена: сечие лице на екранот, но најмногу лицето на нечистото е моќна идеолошка алатка. Лицето на екранот само по себе е иконографски субјект - с# што се случува во војната може да се види на ова лице. Но, нечистото лице на воениот бегалец, крвавото лице на измачениот заробеник или уште повеќе мртвото лице на синот на Садам се абјектниот дел од таа лична порака која го допира субјективното во нас. Абјектното лице посилно од с# друго ја покажува валканата позадина, ни кажува што се случува во котаминираната надворешност на војната.

И обратно, мапата на која нема ликови (иконографски субјекти) - а ако нема субјекти нема ниту абјекти, значи нема нечистотија, валканици на војната и смртта, каде нема прашина, крв, пот, кал - ја деперсонализира војната. Има само мапа со населени места, има стратешки точки заокружени со корпорациски фломастер, има чиста позадина, испеглана воена логика која го следи развојот на трупите низ населените и ненаселените места. Мапата нема податоци за жрвите, не содржи слики на абјект, страдање, страв и смрт. Вака редовно изгледаат воените извештаи од “нашата” страна. Воената мапа порачува: нечистото е изгонето од оваа војна, ние водиме војна против ужасот на чист начин - “валкањето” на војната со сликите на Садамовите синови, се случува само кога треба да се убеди секој еден кој не е со нас да дојде со нас. Оваа медиумска дуалност на чистата и валкана војна е идеолошки режим по кој без исклучок се водат сите значајни кампањи за одобрување нови војни во новиот стил на војување.

Бранка Арсиќ пишува: “Кога Србите го нападнаа Вуковар, српската државна телевизија емитуваше само мапи. Кога, меѓутоа, двесте илјади Срби ја напуштаа Хрватска, повлекувајќи се пред хрватската војска, српската телевизија не емитуваше мапа која би ни ги објаснила движењата на ова повлекување, туку емитуавше слики -сапунски опери, со други зборови, ова повлекување беше снимено “директно”, гледавме изгладнети луѓе кои боси пешачат со километри, жени кои плачат, деца оставени покрај патот, и сл… Идеолошката тактика на оваа продукција на слики е потполно јасна. Кога “ние” напаѓаме, кога ние на друг му нанесуваме штета или неправда, или кога му донесуваме смрт, видното поле е организирано како мапа. Тоа е затоа што треба да се произведе основна идеја дека “ние” не чиниме ништо страшно, или неправедно, дека сме добри, дури и кога убиваме. Секако, кога се “нашите” убиени, тогаш треба да се прикажат сликите на нивните тела, нивните најблиски кои плачат...”

Мапата е чиста, на неа нема абјект; обратно, византиската икона, иконичноста воопшто, која во преден план го истура субјектот е идеален носител на нечистото. Нечистото кое е произведено од субјектот, може да живее, да се претставува и да се репрезентира само во близина на субјектот и од него да ја црпе животната сила, а со тоа и својот ужас. Нечистото затоа нема никаква сила во мапиран простор, кој за погледот е секогаш објективизиран. Структурата на нечистото и неговата врска со субјектот е таква, што ако на објективизираниот простор на мапата се обидеме да му додадеме нечисто -таа операција може да има само пародиски ефект.



КАДЕ И КАКО УЖИВААТ РОМИТЕ?


1.
Освен современиот тероризам со операциите на санитаризација е тесно врзан и современиот расизам.

Словенечкиот публицист и писател Андреј Блатник во 1992 пишува: “Еден од оние љубљански графити кои со години никој не ги брише, се наоѓа во Госпоската улица. БУРЕК, НЕИН ДАНКЕ, пишува… Графитот навистина предлага замена на еден културен модел со друг на очигледен начин, па иако промените во културата се потребни и нужни, ниту стариот модел, ниту новиот, очигледно не се словенечки, тоест од национално-културна перспектива обата се еднакво -невредни.

Во етничките аргументи секогаш е на цена Националната Ствар, прашањето што е нејзината “содржина” и каде таа се лоцира, дали постои такво нешто како “национално битие”, вели Славој Жижек. За Жижек прашањето дали постои она нешто што ја сочинува нашата нација е фундаметанла причина за расизмот, а во случајот на Балканот за митологизирањето на омразата. Во таа смисла прашањето на Блатник од 1992 воопшто не е наивно како побарување. Тоа трагање по агалмата на мојот етнос и претставува политичка операција затоа што ја воспоставува политиката на етносот , на мојот етнос како различен од другите. Етничките референци стојат во основата на операцијата на создавањето нови држави на Балканот во раните 90-ти, а последователно се дел од дискурзивното фабрикување на митот за Балканот како метафора. Во 1992 тоа побарување гледаме не ја заобиколува ниту Словенија, како најлиберална држава на Јужните Словени и воспоставува однос на старите (романтичарски) класификации на државите во однос на етносите (што подразбира заеднички преселби, заеднички јазични црти, сличен фолклор и сл.) наспрема подоцнежните, да речеме денешнни, групирања по принцип на корпорациски капитал, технолошка блискост, интереси за експлоатација, изедначување на медиумските претстави, синдикално-лобирачките интереси и сл..

Кога ги спротивставува двете перспективи: ориенталната и германската Блатник го поставува прашањето: кој културен модел е “наш“, и следствено кој културен модел треба да се исчисти? Ако политички операции се базираат на етнички премиси, тогаш станува јасно дека механизмот на повлекувањето линии, овде на пример меѓу Балканот (бурекот како валкан) и Западна Европа (ироничното: фала многу за бурекот –како исто така валкано, оти не-наше), е еден од клучните кои придонесуваат за конструирање и дефинитивно заокружување на чистото етничко. При тоа со политичка операција се побарува онтолошка, транс/историска, “биолошка” или дискурзивна содржина на оној ентитет со кој ќе се поистоветам.
Изгледот на оваа побарувана “содржина” на националното битие според Славој Жижек има тесна врска со категоријата уживање. Јас сакам да видам како другите етнички заедници го организираат своето уживање, и сакам таа организација да е различна од мојата, за да се уверам дека нивното уживање не е преземено од мене. Омразата кон другиот, според Жижек, редовно е омраза кон него како кон крадец на моето уживање, што е највоопштената формула за модерниот расизам.


2.
Другиот може да претставува закана не само поради стилот на уживање, туку и обратно, поради стилот на работата, пишува Жижек. Тоа е главната “содржина” на расизмот кон имигрантните, кои редовно биваат осудени дека ги одземаат нашите работни места. Овој тип ексклузија ја содржи истата логика која смета на реверзибилниот однос на работата и задоволството. Другиот ужива во самото одрекување од задоволството, ужива во својата фантомска заработувачка и во фактот дека не троши доволно. Тој е стигматизиран токму поради фантазмот дека не може спонтано да ужива, дека прави материјални резерви, дека не знае да се опушти и тоа перверзно му причинува уживање.

Додека Ромите во Македонија се сатанизирани како крадци на моето уживање, вториов тип ексклузија се чини дека е во основата на стигматизацијата на најдоминантниот малцински етнос во Македонија, Албанците (истото делумно важи и за Егејците, Власите и сл.). За нив е врзан фантазмот дека се економи кои се екипираат за да го земат она што мене ми припаѓа. Во коренот на овој современ расизам лежат прастари доктрини за дозволеното уживање. Зад тој расизам се крие претпоставената верба дека никој (освен, се разбира, јас) не смее да ужива во премногу, или во премалку. Албанците се осудуваат за кражба на мојата (за)работ(к)а: нивните села во Западна Македонија се налик на мали, богати градчиња (трансфер на косовската приказна за “нивните” апетити кон “нашите” имоти), “тие” работат ревносно, неуморно, “на Запад” прават материјални резерви, а потоа организирано и круто (а себично во однос на нас), од “нас” бараат дел од “нашите” придобивки, перверзно препуштајќи се на смислувањето начини да профитираат од нашата лежерност. Со други зборови, и кога не ужива, туку се лишува од уживањето, Албанецот наспроти Македонецот наоѓа уживање во самиот чин на одрекување на задоволството. Да се забележи на пример медиумскиот бран коментари во текот на декември 2003 година посветени на декемвриските протести на скопските студенти против државното финансирање на универзитет за Албанците (во с.Мала Речица). Во нив беше забележано дека албанското малцинство со децении работи во полза на своите образовни интереси, додека Македонците може да бидат “активни” само при заканата дека Албанците им одземаат нешто што им припаѓа.

Стравот од кражбата на она што се смета дека е инхернетна сопственост на субјектот во Македонија најчесто ја има формата на страв од одземени територии, “немаме резервна држава”, страв од немањето можност да ме идентификуваат (на попис), формирање фондови за помош на истата националност од странство, можноста да го изгубам идентитетот, да се о-без-личам, да не бидам измамен, с# до стравот од патријархалниот недостаток од голема татковска фигура, тоа е цела структура на кражби и прекрадувања на она што ми припаѓа мене како инхерентно. Секоја нација гради сопствена митологија околу тоа што & било открадено. Сите овие стравови се суштински втемелени во омразата спрема сопственото уживање, сопствениот посед, оти она што субјектот го поседува е лагата.

3.
Во светло на опасноста од туѓото уживање треба да се чита и “загриженоста” на американските медиуми (U.S. News and World Repror), кои во октомври 2003 година објавија годишен извештај под наслов “Богатите Руси трошат како да нема утре”. Тука е повторно во игра стравот од туѓата способност работите да се земат несериозно, опуштено и да се ужива надвор од секоја економска контрола. Оваа вест беше директна последица од неколку настани кои го обележаа "руското" учество во она што се подразбира како тврдо западно капиталистичко крило, на пример фактот дека во 2003 година Роман Абрамовиќ одеднаш ги купи Челзи, петтата (Пелорус) и шесттата (Ле Гранд Блеу) најголема јахта на светот. Агенциската вест, секако, беше американска; за Американците овој нов финансиски феномен беше доживеан како удар на инхерентните принципи на имање, ама со задршка.

Лавиринтите на задоволствата, очигледно, може да ги проучуваме и на примери што навидум немаат директна врска со љубовните и сексуалните задоволства. Затоа што с# што ние луѓето правиме, има врска со желбата. Расипникот е човек што влече задоволство од премногу трошење. Абрамовиќ, на пример, е еквивалент на она што за еротиката е Маркиз де Сад. Расипничкото поведение на рускиот тајкун или на средновековниот маркиз е опсцено, затоа што е очигледна закана. Заканата се состои во претпоставката дека тој го прави видливо претераното уживање: тој не запира кај обичниот хедонизам, туку преминува од онаа страна на дозволената мерка за уживање.

Уживањето е најинтимна категорија и како таква ми припаѓа мене. Уште повеќе, бидејќи ми припаѓа (и) на мене, уживањето наместо да се покажува, треба да се крие. Ова го знаеме од секојдневните искуства. Еден типичен нашинец дури и кога се чувствува добро, на прашањето "Како си?", се чувствува задолжен да се жали. Еднаш (најчесто) нема пари (и навистина нема), еднаш не го служи здравјето, другпат среќата, некогаш љубовта, третпат моменталната сексуална активност, четврти пат боговите, петти пат лотаријата... Ултимативната верзија за претпоставената жалопојка што виси над секој разговор, е содржината на еден постар виц за двете охридски баби што се среќаваат на улица. Нивната редовна поплака им станала толку здодевна и на нив самите, што најновиот дијалог оди вака: - Шо прајш? - Шо да праам? - Шо ќе прајш!

Освен премногу, и премалку е закана. Овој феномен што смета на реверзбилниот однос на работата и задоволството, претполага дека човекот кој не може спонтано да ужива, кој прави материјални резерви, кој не знае да се опушти, а перверзно влече задоволство од својата скржавост е, исто така, доживеан како закана. Слично е со еротскиот минимум. Постојат многу сексуални инстанци (од терапевти до богата литература) чија работа е да ги конвертираат потенцијалните асексуалци. На Дискавери една група за правата на асексуалците (Авен) го објасни своето искуство дека во овој свет на сеопшта сексуализација (но со културно пропишана мерка), веројатно и правото на премалку секс е осуетено како грешно или минимум болно. За американските медиуми, денешниот богат Русин е закана поради стилот на уживање. Обратно, Евреинот и најново Јапонецот е закана поради стилот на штедење. Тие уживаат во самото одрекување од задоволството, уживаат во фантомската заработувачка што не ја трошат на ништо.

Во една постара лектира, "Пеколот" на Данте, може да н# разонодат разни перверзни казни што средновековниот човек им ги наменил на оние што уживале без мерка. Па, така, во 4-тиот круг се опишани страдањата на скржавите и расипниците. Тие се осудени вечно да трчаат во круг, но организирани во двојки. Од лево кон десно трчаат скржавите, а обратно расипниците. Кога ќе се сретнат, взаемно се обвинуваат. Скржавиот му се лути на расипникот затоа што троши без контрола, а расипникот го презира животниот стил на постојано стискање и зашпарување. Ако ги прешифтаме до еротски фигури, скржавите и расипниците ќе заземаат мноштвото форми меѓу двете љубовни крајности, од асексуалецот до Маркизот де Сад. Првиот ќе биде згрозен од вториот и обратно. Средновековниот човек, гледаме, бил против претерувањето. Неговата етика н# учи дека во земните работи човек треба да ја најде средината. Што не е ништо ново. Уште Аристотел ја пронајде формулата за среќа: златна средина. Ништо премногу и ништо премалку. Таа етика е вкоренета во нашата цивилизација. А сепак, таа етика содржи сосема апсурдно барање. Тоа барање е уште поапсурдно ако се примени на љубовта. Кога се наоѓаме во чиста угода, етиката пропаѓа. Етиката, па и таа на мерката, нема никаква врска со задоволството. Нема премалку и премногу во уживањето. Тоест има, но само за тој што гледа од страна.

4.
Најчестата санитарна стигматизација на еден народ кај нас, во Македонија, таа на Ромите, е доказ за врската меѓу модерниот расизам и санитарноста. Стигматизацијата на Ромите најчесто функционира како мешавина од стравот од начинот на кој оваа заедница го структуира своето уживање и од претставата за нивната “валканост”. Еден пример наоѓаме во колумната на Американката Керол Чо во македонското списание “Форум” од 2003 година каде анегдотски е опишана нејзината македонска свадба пред зградата на Матично во Скопје: “Заради мојата среќа с# ми беше прифатливо. Само едно не можев ниту да го замислам ниту да го прифатам – ниту во моите најлуди сништа и фантазии. Дека на мојата свадба околу мене ќе врескаат, трчаат, “пеат”, ќе ме допираат мене и моите гости, ќе удираат по нивните “тамбури” и “тарабуки” како луди, ќе ги грабаат парите од нашите раце, ќе се бесат, ќе го влечат мојот преубав, чист, деликатен бел венчален фустан.. толпа Роми. Тоа, е тоа не можев ниту да го замислам, ниту да го прифатам!!!… тоа воопшто не е фер, многу е грубо и ги преминува сите граници.”

Овој исказ е токму затоа интересен - тука само навидум не е во игра конструирање на Националната Ствар, бидејќи колумната е замислена како серија списи за комичноста на македонската култура кога е перцепирана од странец, што значи инсистирање на дистанцата во однос на колективната идентификација со “националното битие”. Но, во моментот кога во еден чин на иницијација е “вградено” уживањето (свадба), се случува моментална идентификација со истата национална содржина со која ќе го стигматизирам другиот. Другиот ужива “крадејќи” ми го она што мене ми припаѓа: на мојата свадба тие пејат наместо мене, тие трчаат, удираат во тамбури…; наспроти мојот достоинствен стил на уживање, ете го нивното лудистичко уживање. Нивната перверзност, неумереност, различност, едновремено ја скрива паранојата дека Другиот ми одзема нешто што суштински ми припаѓа -мојот простор, мојата приватност. Фактот дека Ромите пред Матично во Скопје навистина пејат песни на јавен простор не ја намалува дозата на параноја и омраза. Интересно е дека пазарната логика за Ромите и некогаш и сега гласи дека тие “треба” да заработуваат во областите од општественото живеење што во колективната меморија се “делегирани” како нивни- лудистичката забава и животната неодговорност. Овој исказ го крие и санитарниот елемент важен за маргинализацијата на Ромите врз хигиенска основа: наспроти “мојата деликатна” белина стојат валканите Роми, кои во колективното несвесно на балканските народи редовно се врзуваат за хигиенските професии. Тоа потврдува дека ритуалната чистота е во коренот на секој расизам и дека тој расизам заживејува како доминантната (мнозинска) перцепција дури и за странците, истовремено потврдувајќи ја “отпорноста” на санитарните стереотипи. Изјавата црни Турци има само едно значење- дека јас сум бел, вели Д. Угрешиќ.
Тука, освен за симболичка, станува збор и за реална експлоатација на Ромите на Балканот, а се однесува на точката која ги сече етничкиот идентитет, родот и професијата. Станува збор за една специфичната “буржоаска” отстапка толерирана во покојната Југославија. Иако, земја со социјалистичката трудова политика, таа строго го почитуваше правилото дека Државата е единствениот работодавач и никој не смее да работи за приватно лице (тоа е “експлоатација”), сепак премолчено се “толерираше” фактот дека Ромките работеа по домовите и влезовите како домашни помошнички и хигиеничарки, без платени државни субвенции и надвор од државниот надѕор. И ден денес за хигиената на становите и влезовите во овој дел од Балканот задолжени се Ромките, во последно време и Ромите. Тие во новите балкански пазарни услови “ја користат” јавната меморија и заработуваат во сферата “запомнета”, “делегирана” како “нивна”- сферата на ритуална чистота.

Слапшак посочува дека од овој не баш нов расизам најуспешно профитираа филмовите за балканските Роми на Емир Кустурица , а слична компликувана манипулација направи и неуспешниот плагијат “Џипси Меџик” на Столе Попов, кој небаре се натпреваруваше со Кустурица во изборот на сомнителни локации за Ромите, сместувајќи ги околу ѓубриштата и депониите.

 

Post a Comment