Andrea Jankovski (2009) for Communist Intimacy






За неактуелноста на блиското минато (2009) од Андреа Јанковски
Репер, за изострен ум, Скопје, година II, број 6-7, април - септември, 2009
линк


Книгата Комунистичка интима на Јасна Котеска е единствената која е напишана со македонска кирилица за потребата да се согледа социјализмот, кој задолжително сонува комунизам, онаков каков што навистина бил.

Кон Комунистичка интима од Јасна Котеска, Скопје, Темплум, 2009.

0. Новооткриениот јас

Коинциденција е истовременост (средба) на два факта. Токму и овој наслов е таков, коинциденција на два факта. Првиот факт е актуелноста на погледот фрлен врз подалечното минато. Причината за погледот упатен кон минатото, e трагањето по самите нас. Вториот факт е излегувањето на книгата Комунистичка интима од Јасна Котеска. Веќе половина година како книгата се смести на рафтовите и укажува дека треба што побрзо да се фрли поглед врз блиското минато. Повторно е причината е иста. Треба да се ослободат вратите на сегашниот систем, да се проучи (не за да се ѕирне, туку да се утврди што направила таа педесетгодишна идеологија од самите нас), потоа тоа да се подреди и да се заземе правец, според она кои сме биле тогаш, со соодветна проекција на тоа кои можеме да бидеме денес. Постојат два фактори кои не се доволно созреани да се соочат со оваа потреба. Првиот е недостаток на доволна критичка подготвеност и капацитет на самата нација да се соочи со времето кое е зад нас, или со нужното прашање: како влијаеше на нас идеологијата од која произлеговме...
Јас, како човек од помладите генерации, добив сосема нов увид, едно ново видување за можностите на тоа време. Добив грст „пазли“ кои интуитивно ми недостасуваа за сложувалката на тоа верме. Но, затоа, повремено, некои други ми подаваат погрешни парчиња, парчиња од друга сложувалка, од друго далечно време. Само ми ја усложнуваат работата или, пак, јас згрешив што почнав да се обидам да дознам кој сум, за разлика од она што сум бил вчера. Иако логиката е: нема што јас да мислам кој сум бил вчера, ќе погледнам подалеку, ќе медитирам и ќе сонувам за тоа кој сум бил некогаш, многу одамна, многу далеку. Така ќе сонувам дека сум некој голем човек, во некоја моќна и голема империја, се` додека случајно не дознаам дека денешниот систем на таа мината империја сакал точно да знае што тоа jaс друго би можел да сонувам. Големиот Фројд откри и потврди дека го сонуваме она што ни се случува, а нас ни се случува непознато, темно минато на првите години од формирањето на нашата национална свест, непознато минато на нашата прва државност.

1.Како се тргаше по себеси

Книгата Комунистичка интима на Јасна Котеска е единствената која е напишана со македонска кирилица за потребата да се согледа социјализмот, кој задолжително сонува комунизам, онаков каков што навистина бил. Секоја тема во книгата е поле за нов увид на факти за тоа време, и нуди простор за идно проучување, разбирање на проученото и негово надминување или ослободување од грешките што се направени под таа масовна хипноза, преточена во идеологијата на социјализмот. Само кога прагот ни е чист, можеме да го оградуваме дворот. Амбицијата да се околчува далечното минато е егбиционизам, зашто што во исто време по архивите ни се заклучува минатото од пред седумдесетина години.
Зашто прагот е она каде што се наоѓаме и само тој е првично важен, а дворот уште не се знае до каде се протегал низ историјата, кој ни скратил, кому сме му подариле, а кој ни го зел... За прагот да позборуваме, најпрво. Да не ни се случи, додека го колчиме дворот, некој да ни застане и на прагот.

2.Од што се вџаши Маркс

Сите теми во книгата Комунистичка интима се достојни за внимание, но јас ќе се задржам на впечатоците кои ми се создадоа при читањето. Сакам да образложам две нови видувања на тогашноста, мутирани во она што може да се види и денес. Кога ја прочитав Комунистичка интима разбрав дека социјализмот е наша развојна преодредница. Да појаснам што мислам со неколку историски факти. Социјализмот се заоснова врз рамката на комунизмот кој потекнува од Запад (дури и според Гринич), од Лондон. Фактите говорат дека онаму каде што настанал и за каде бил наменет, не предизвикува никакви потреси. Западот бил премногу цивилизациски развиен за да влезе во калапот на комунизмот. Таму комунизмот доживеал неуспех. Но, постоело место на Истокот за кое, според цивилизацискиот развој, комунизмот бил напредок и развој. Бидејќи доаѓал од другиот дел на земјината полутопка, бил секогаш во фаза на престигнување а, во меѓувреме од едно педесетина години, се случувал социјализам. Што го натера Истокот педесет години да чека да дојде комунизмот?

Социјализмот има две важни модификации во однос на комунизмот. Комунизмот е програма на државно уредување за екомонска организација на една држава. Социјализмот е државно уредување на едномислие сведено на сеслушното уво на една држава која, во меѓувреме, прави лице кое очекува благосостојба. Се` уште не се зема сериозно фактот што, додека седевме на балкон и мафтавме во очекување да дојде комунизмот, како жртви на боговите олицетворени во диктаторски водачи на социјалистичките држави, истите на кои ние им мафтавме, се принесени/убиени 200 милиони луѓе. За потсетување, нацизмот однесе 20 милиони воени жртви. Зошто, за многу поголемиот злостор се` уште се молчи, не за историјата, таа ова го има апсолвирано, туку за катарзичната, колективна историја на еден народ, кој вчудоневидувачки, нема интерес за тие факти? Човек кој не сака да зборува за својата болест всушност кажува дека се` уште не ја прележал. Народот кој не сака да зборува за тоа знае дека тоа не се изгубило, тоа само мутирало во нова форма во истите нас. Дали знаете нешто за капиталистички социјализам? Погледнете поубаво наоколу.

3. Сите работат за сите - или - сите треба да работат да се дознае се` за сите.

Социјализмот е уредување на државата која не мисли многу, но затоа обемно дејствува. Факт кој говори за ова е начинот на кој се определува сомнителноста. Социјализмот, поради едномислечката доктрина, имал полни раце работа. Тоа е така затоа што набрзо станал параноичен, дури и автопараноичен. Се` и секој е сомнителен. Ако еднаш станеш сомнителен, ти си генерациски сомнителен. Ти, исто така, си носител на вирус и секој што ќе разговара со тебе, веднаш е сомнително инфициран. Со такво мултиплицирање на сомнителноста, социјализмот може да се нарече двокатен систем, каде на првиот кат егзистираат сомнителните и потенцијално сомнителните, значи сите а, на вториот кат, оние кои го утврдуваат, потврдуваат и документираат сомнението за сомнителните. Овој податок може и треба да се гледа на два начина.
Првиот е онаму каде таа сезнајност се слевала. На мое изненадување, фактите укажуваат дека тоа не е во централната апаратура на државата, преку разузнавачките служби, туку во самите служби кои биле самите држави. Постојат случаи, колку, не можеме да провериме, бидејќи не е дозволен научен увид на архивите ширум Источните земји, каде самите лидери на државата не знаеле што се знае за нив самите. Никој не бил поштеден. Системот морал сите да ги опфати на обработка, тој е перпетуум мобиле, систем на кој не му треба никој, сите се неопходна храна за него.

4. Јајцето или кокошката - социјализмот или паланката

Она што го привлекла комунизмот од Запад кон Исток, е потенцијалноста за паланечки менталитет. Најлесно се управува со простите. Најлесно можеш да ги убедиш дека тие се оние кои ја водат дражавата. Комунизмот е голема идеологија. Тој бара целосна верба во неговата остварливост. Само оној кој силно верува дека ќе се создаде (ќе дојде) таква ера, само тој може да ги користи благодетите на таа идна комунистичка ера. Не смеете да се сомневате дека можеби нема да дојде. Не смеете да развивате сопствен мислечки капацитет кој ги надминува другите. Чудно е тоа што и денес постојат цврсти сонувачи, кои се` уште веруваат во таа ера, иако никој не ветува комунизам. Тоа е доказ дека хипнозата не зависи од хипнотизерот, таа може да трае и кога хипнозирачката идеологија одамна не постои. Прашањето што денес бара големо внимание е дали социјализмот ја создаде паланката или паланката го повика комунизмот на помош. Социјализмот, барем македонската варијанта, е незамислива без паланката. Како што наведува авторката Јасна Котеска на едно место во својата книга, за неизбежноста од преплетување на граматиката на комунизмот, со граматиката на паланката. Јас не гледам засегнати страни кои ќе посочат причина да не се истражува овој однос на заемност на тие два феномени. Не сакам да верувам дека одговорот е, баш за инает, иако се` оди натаму. Можеме ние да почекаме и така во сите енциклопедии сме заведени како атипични кон она што се случува во светот.
Погледот упатен врз искуствата од комунизмот ќе донесе промена на свеста и ќе се случи масовната катарзичност која, недоживеана, толку не` тераше и се` уште не тера на војни. Ќе станеме постабилни и како нација и како индивидуалци. Што и да се случи, ќе биде подобро од оваа сегашна ситуација на премолченост на минатото.


Андреа Јанковски

 

Post a Comment