За комунистичкото наследство (2009)

Дневник, 07.04.2009

link

За комунистичкото наследство
Јасна Котеска


Деновиве стаса веста за уште една масовна гробница од почетоците на Титовата Југославија, откриена на границата помеѓу Хрватска и Словенија. Според историчарите, на територијата на некогашна Југославија постојат околу илјада масовни гробници во кои, веднаш по Втората светска војна, завршиле сите оние што не се согласувале со Титовиот режим. Вакви гробници има во Словенија, Хрватска, Србија, но и во Македонија, а убиствата ги вршеле Титовите комунисти.

Минатиот четврток во емисијата „Отворено“ на хрватската телевизија беше емитувано интервјуто со Симо Дубајиќ. Симо Дубајиќ е првиот случај на југословенски „читач“ - терминот е преземен од истоимениот роман „Читачот“ (1995) на Бернард Шлинк, кој зборува за судбината на егзекуторите во масовните историски колења.

Симо Дубајиќ денес има 86 години. Пред смртта одлучи да се исповеда за своите гревови. Дубајиќ е директно одговорен за смртта на 13.000 од вкупно 30.000 луѓе закопани во масовната гробница Кочевски рог во Словенија. Покрај Блајбург (во кој Титовите партизани убиле помеѓу 50.000 и 80.000 луѓе, а според некои словенечки историчари и до 200.000 луѓе), Кочевскиот рог е втората по големина масовна гробница направена од Титовите комунисти.

Според командната одговорност, Симо Дубајиќ стои многу подолу од раководните лица на тогашната југословенска федерација. И овде не станува збор за индивидуални пресметки во воени услови, или по нив, туку за системско елиминирање на идеолошкиот непријател од почетоците на Титовата држава. Воените злосторства не застаруваат и хрватското министерство за внатрешни работи деновиве издаде интернационална потерница по Симо Дубајиќ.

Симо Дубајиќ е првиот човек кој јавно проговори за постоењето на Титовите масовни гробници, за кои приложи и документација. Со што, барем во некоја тегобна историска смисла, им се „оддолжи“ на сите оние луѓе, кои со децении тврдеа дека нивните најблиски исчезнале во Титовите комунистички „Сребреници“, додека сите околу нив со децении одмавнуваа со главите, прогласувајќи ги за луди.

Овој настан, признавам, за мене ги поклопи сите други: и исходот од претседателските избори во Република Македонија, и aftermath-от од настаните на скопскиот плоштад. Потенцијалното судење на Симо Дубајиќ по цели 60 години, би било прво судење на југословенски комунист (не на дисидент, туку на некој кој директно работел според директивите на југословенската идеологија).

Сето тоа значи дека беа потребни цели 60 години, и неколку генерациски смени, за на овие простори да се проговори за системските неправди, вградени во темелите на минатиот систем. Веста за масовните Титови гробници деновиве ги потресува Хрватска, Словенија и Србија, кои заедно со Македонија, некогаш делеа ист политички, правен и безбедносен простор. Затоа, оваа вест е значајна и за нас.

Во моментов не е важно каков идеолошки профил на луѓе завршил во овие гробници (дали тоа биле соработници на нацистите, противници на Титовиот режим, или просто обични цивили). Секој човек има право на фер судење. Но, наместо да бидат судени, овие луѓе биле експресно убивани и масовноста на тие злосторства не може да се оправда ниту со антишистичката борба, дефинитивно најзначајната цивилизациска победа во 20 век. Едно масовното зло не се оправдува со друго. Секое масовно злосторство заслужува најголема етичка будност.

Поголемиот проблем, сепак, се состои во фактот дека во официјалните југословенски учебници немаше ниту збор за овие гробници. За нив знаеле само илјадниците комунисти што директно убивале и уште стотиците илјадници семејства на убиените. Но, сите тие молчеле! За Блајбург и за Кочевскиот рог не зборуваа ниту најлудите дисиденти во Југославија.

За димензиите на овие злосторства, денес знаеме повеќе дури откако, пред неколку години, започна масовната ексхумација на гробниците во Словенија. И прашањето не е зошто Дубајиќ одлучил да се исповеда пред смртта (во интервјуто рече дека се конвертирал во христијанин). Вистинското прашање гласи: како било возможно сите тие луѓе да знаеле за овие гробници, а сепак толку долго да молчеле?

Одговорот го наоѓаме во идеолошкиот фанатизам. Во вербата дека го создаваш најдобриот систем на светот. Малите злосторства се прават од користољубие или од навика. Големите од верба и убедување. Само големите идеалисти прават големи злосторства без каење, идеалите ги ослободуваат од грижата на совеста.

Тоа е една од причините зошто Титовиот режим, никогаш не доживеал сериозен отпор, иако начелно бил поддржуван само од фанатиците и од циниците. Дома, во кругот на семејството, си можел да бидеш ироничен кон режимот, да не ти се допаѓа системската неправда, да се залагаш за националните прашања и сл., но никогаш и надвор од домот. Тие работи ги даваат на показ параметрите под кои е возможно да се случат масовните злосторства. Масовните злосторства се возможни само со премолчената соработка на сите со сите, а обезбедена преку идеолошкиот штит, зад кој се кријат т.н. „неутрални граѓани“.

Жижек ја издвои следната реченица од Марксовиот „Капитал“ (1867) како најтемелна дефиниција на идеологиите: „Не знаат, но го прават тоа“. Но оваа реченица не е доволно прецизна. Луѓето не биле политички несвесни. Тие сепак претпоставувале дека некакво системското зло се случувало околу нив, но сепак одлучувале да молчат. И тоа молчење е индикатор за менталитетот што го имаме наследено од минатиот систем.

Овие сознанија се важни и за нас. Тие, во голема мерка, го кријат клучот и за периодичните нишања на демократија кај нас, во сите овие години од стекнувањето независност до денес. Навикнати сме, по дефиниција (затоа што е полесно), наследниците на комунизмот да ги врзуваме за одредени политички партии.

Мојата анализа на комунизмот од последниве години, меѓутоа, покажа дека не постои логична прераспределба на комунистичкото наследство низ денешните политички партии од Република Македонија. Сите македонски партии се подеднакво отворени за потенцијалните идеолошки девијации и лесно може да стануваат носители на најтврдите идеолошки решенија од минатото, дури и без да бидат свесни за нив. Затоа што и гласачкото тело, во еден дел, е составено од луѓето што биле обликувани од системот, чии темели се креирани од командантите на Дубајиќ.

Системот што не’ обликувал, не’ истренирал на тип политичка анестезија пред неправдите, не’ направил наклонети кон едноумието, кон негувањето култ на личностите и кон „правењето блесав“ пред неправдите на светот. На прашањето: „што е изворот на нашата послушничка поддршка кон власта“, деновиве се појави еден возможен историски одговор. Во форма на исповедта на првиот југословенски „читач“, Симо Дубајиќ. Тој е симптом на еден заеднички ракопис, што некогаш го споделувале сите, денес независни, држави од овие простори. На Македонија и’ останува да најде сили, ова ментално наследство да го согледува што потрезвено може. И од него, како што знае и умее, што побрзо да се ослободува.

 

Post a Comment