Отворање на архивите

Отворање на архивите

Извадок од „КОМУНИСТИЧКА ИНТИМА“ на Јасна Котеска, Темплум, Скопје, Скопје, 2008, 436страници, ISBN 978-9989-189-41-8


Дали би гладувал, би плачел, би се тепал?
Дали би се кинел себеси, дали би пиел оцет?
Би јадел крокодили? Гледаш, јас би…
Шекспир

Во февруари 2006 во "Фокус" излезе истражувањето на Блаже Миневски за пристапноста до полициските досиеја за периодот 1944-1990. Во 2002 година во Државниот архив на Република Македонија се дадени на чување над 14.000 лични досиеја на Службите за државна безбедност. Според еден документ на МВР издаден во септември 1993, во Македонија биле затворени 1.054 лица, а 242 биле осудени на смрт или на затвор над 15 години. На 5 јули 2000 година е донесен "Законот за постапување со досиеја за лица водени од Службата за државна безбедност". Според член 21 од тој Закон, овој Закон важел само една година. То ест влегол "на сила осмиот ден од објавување во 'Службениот весник на РМ', а ќе се применува една година од денот на влегување во сила." Но овој закон е вграден во "Правилникот за користење на досиејата во Архивот" донесен на 1 јануари 2003 година. А Правилникот имаше еден нов елемент што го немаше во веќе неважечкиот Закон. Имено, лицето што сака да го види своето досие, освен фотокопија од лична карта, мора да достави и "изјава заверена кај нотар дека "под целосна материјална и кривична одговорност лицето што има увид во досието нема да пренесува лични податоци за други физички лица што се наоѓаат во неговото лично досие'". Тоа значеше дека "Правилникот за користење на досиејата во Архивот" беше уште попроблематичен дури и од веќе неважечкиот Закон затоа што во Законот не постоеше член со кој се бараше потпишување изјава пред нотар.

Со зборовите на Блаже Миневски: "Кодошот има углед, а жртвата не само што нема углед, туку не смее ниту да помисли да го посочи јавно лицето што му го уништило угледот или, можеби, животот, воопшто… Значи, доколку жртвата го објави името на џелатот, државата ќе му помогне на џелатот неговата стара жртва повторно да биде жртва, а џелатот - џелат". Затоа останува релевантно прашањето: Како беше можно, во Македонија до пред две години се’ уште да е невозможно да се погледнат документи стари и по 60 години, без тој што ги погледнал и што ги направил транспарентни за јавноста, да не одговара пред законот? Да претпоставиме дека Службите за државна безбедност имаат разузнавачки информации кои, за доброто на сите нас, е важно да останат државна тајна. Но зарем е можно сите над 14.000 досиеја да имаат таква тежина што интегралното откривање на тие досиеја да е се’ уште ваков политички проблем?

Во февруари 2006 година бев во Државниот архив на Република Македонија и побарав да го видам интегралното досие на татко ми (значи без пречкртаните делови), но одбивајќи да ја потпишам изјавата кај нотар. Од службеното лице што работи на овие досиеја ми беше речено дека таа заштита е потребна заради мојата безбедност и заради фактот дека може да настанат проблеми – на пр. со зборовите на работникот во Архивот "некој може да посака да убие некого". За мене ова е нелогично не само затоа што со таа изјава не се штити тој што бил директна или индиректна жртва на системот, туку повторно се штити тој што кодошел, и поважно- затоа што главниот аргумент за нетранспарентноста е сосема нелогичен. Жртвата може во осамата на собата во Архивот да види кој бил неговиот/нејзиниот кодош, но со тоа сознание потоа треба да си оди дома, без можност од катарза. Токму во тој случај „некој може да посака да убие некого“. Катарзата може да настане само кога јавноста морално ќе го осуди лицето кое кодошело бидејќи во тој случај, јавноста на жртвата и’ го враќа она што еднаш и’ го одзела - правдината. Конечно, во земја со оваа историја на ужасни подземни градови од кодоши и ужасно блокирана идеја за макар провокација на поредокот, сосема е невозможно дека гордоста е категорија од која овие луѓе, кодошите на еден минат систем, ќе бидат смртно ранети. Тие ќе мора нешто да проголтаат, па нека голтнат по ѓаволите! Што се’ не се наголтале другите во нивно име?

На 22 јануари 2008 македонското Собрание со 73 гласа „за“ и ниеден „против“ го изгласа „Законот за определување дополнителен услов за вршење јавна функција“, предложен од Стојан Андов, лидер на Либералната партија на Македонија, кој се доживеа како прв чекор кон спроведувањето лустрација и кон демистифицирањето на комунистичкото минато. Лустрацијата е замислена да опфати период од 66 години од 1944 до 1990 и да се спроведува пет години, според неа секој сегашен и иден функционер треба да даде изјава дека не бил соработник на тајните служби, а процесот ги опфаќа и наредбодавците и корисниците на информациите! Проверката на веродостојноста на изјавата ја врши комисија избрана од Собранието со двотретинско мнозинство, а составена од претседател, заменик-претседател и деветмина членови. Проблемот со ова решение е дека повторно е вклучена инстанцата на медијација (овојпат тоа е комисијата што посредува помеѓу минатото и луѓето), што значи дека ниту сега архивите начелно не се слободни.

Овој закон беше критикуван и затоа што ги „израмнува“ кодошите и високите функционери, додека нивните одговорности не смее да бидат еднакви. Јавнитe обвинители во судскиот процес против татко ми се повеќемина истакнати политички фигури, Јован Трпеновски (некогашниот претседател на антикорупциската комисија), Ѓорѓи Наумов (министер во првата, експертска влада на Кљусев во независна Република Македонија), а можеби и Михајло Маневски (актуелниот министер за правда на Република Македонија- ова име ми го приопшти еден од истражувачите што се занимава со бомбашката група со која е затворен татко ми и не знам дали е точно, бидејќи го нема во документите кои мене ми се на увид). Според едни луѓе, некои од обвинителите барале по 20 години затвор за татко ми. Според други, некои од обвинителите барале ослободителна пресуда за татко ми која сепак не ја добиле. Од кого ја барале и кој не им ја дал? Дали како корисници на информациите прибавени од кодошите со „Законот за вршење јавни функции“ тие не би смееле да прифатат јавна функција? Дали вака формулираниот закон дава идеја за правдина – тој што како дел од номенклатурите на претходниот систем учествувал во репресијата, сега не може повторно да се вклучи во политичкиот систем?

Како научник, сепак, за мене е суштинско едно друго, нерешено прашање со архивите, а тоа е дека и во ваквиот „Закон за лустрација“ главниот проблем останува – некој повторно го посредува минатото, овојпат тоа е Комисијата која единствена има нерестриктивен увид во минатото. За разлика од некои од комунистичките земји каде што веќе по падот на режимите, во Архивите влегоа некои нови "деца" и направија попис и опис на се’ што најдоа во нив, кај нас од 1990 па се’ до денес (2008) полициските архиви се начелно затворени за јавен увид, односно остануваат пристапни само со сериозни рестрикции. Историчарите се кријат зад податокот дека архивите од поранешна Југославија се горени во бункерите во Босна, но сите разузнавачки документи редовно биле препраќани до најмалку три инстанци, што значи дека ако се горени главните архиви, не се горени и обласните архиви кои се’ уште чуваат материјали за проучување. Во секој случај, со нашите архиви премногу долго време останаа да управуваат луѓето од полициските номенклатури и тие, реално, имаа време сосема да ги префабрикуваат сите досиеја и од нив да направат раскази. И не е исклучено дека, на пр. 20% од сите досиеја се сосема исфабрикувани приказни. Но тие 80% … - нив заслужуваме да ги знаеме.

Горниот дел од зградата кадешто некогаш бил сместен штабот на Штази-службите, контраразузнавачката служба на Источна Германија, во Берлин, денес е претворен во историска и архивска служба (долниот дел е музеј). Досиејата на Штази се достапни за сите. Доколку дојдам од Македонија и побарам да проучам одредено досие, секое досие ќе ми биде дадено на увид. На Германија не и’ е сеедно што се случувало во нивното минато, но уште помалку би и’ било сеедно ако тоа што се случувало, се крие. Vergangenheirsbewältigung е германски термин за „помирување со своето минато“. Во 1990-тите во Германија постоеле бројни дебати што да се прави со досиејата. Денес се смета дека тие треба да се сочуваат и да се проучуваат, со надеж „историјата да не се повторува“.

Цената на траспарентноста не е мала, но парадоксално, таа боли многу помалку одошто таинственоста. Оваа книга пледира за ЦЕЛОСНО отворање на архивите на контраразузнавачките служби од комунистичка Македонија, без исклучок и без разлика на професионалните или лични интереси, без разлика дали станува збор за поединец или за цела заедница (дури и независно од документите што историчарите ги сметаат за недекласирачки документи). Радикалната транспарентност е услов за обичната, проста вистина. Независно од стравовите на скептиците дека досиејата ќе предизвикаат реваншизам, сеирџиство и сл., се покажа дека само граѓаните на поранешната Источна Германија кои целосно ги отворија своите архиви, не претрпеа никаква штета од увидот во сопственото минато. Од минатото се профитира само таму каде што никој или мала група луѓе има пристап до него.

 

Post a Comment