За етичкиот гест (2007) Јасна Котеска
Глобус, 31.7.2007
Јасна Котеска
ЗА ЕТИЧКИОТ ГЕСТ
Од каков материјал е направен човекот кој останува доследен на својот збор?
Нема ништо пострашно од ампутиран дух, затоа што за него не постои протеза
Една од легендарните реченици од поновата историја на филмот е говорот на Ал Пачино (Френк Слајд) во филмот „Мирисот на жената“ (1992) на Брест, кога тој кажува нешто отприлика вакво: „Сум видел момчиња со откинати раце и со пресечени нозе, но нема ништо пострашно од сликата на ампутиран дух, затоа што за тоа нема протеза.“ Френк Слајд е фрустриран полковник во пензија, кој ослепел во некаква воена акција во минатото и сега добива придружник за еден викенд. Неговиот помошник е младиот Чарли, кој и самиот е во неволја. Студентот Чарли ги видел своите богати пријатели како невкусно се пошегувале со автомобилот на директорот на колеџот, но им ветил дека ќе го скрие нивниот идентитет. Штетата од шегата не е материјална и е, всушност, неважна. Но училиштниот совет одлучува да ја искористи случката за да го тренира моралот на учениците. Богатите шегаџии, чии родители финансиски го помагаат конзервативниот колеџ, притиснати од дисциплинската комисија, набрзо започнуваат да се издаваат меѓусебно. Сиромашниот Чарли останува единствениот што не сака да го прекрши зборот даден пред пријателите. Цената што ќе мора да ја плати е одземање на стипендијата, а со тоа и правото на посреќна иднина. Овој филм всушност го постави прастариот проблем со етичкиот гест. Колку чинат твоите зборови, во моментот кога може да го изгубиш личното добро? Реално гледано, Чарли може да изгуби се’, ако остане доследен на својот збор, а да ја добие назад својата светла иднина, ако ги проголта сопствените зборови. Овој филм го поставува прашањето: кога животните околности не одат на добро, од каков материјал е направен човекот што останува доследен на себеси? Колеџот како некаква морална надинстанца, иако сака да тренира етички вредности, всушност започнува да ги „наградува“ оние кои ја проституираат лојалноста. Единствениот кој ја здогледа и ја разрешува етичката дилема, парадоксално, е слепиот полковник, оној чиј живот е составен од темнина. Сите други што гледаат, се слепи. Оној што е слеп, има увид во смислата на добрината.
Етичкиот гест се состои од невидливата граница. Таа граница навидум е бесплатна и навидум лесно се пречекорува. И, ние, луѓето, сметаме дека некогаш треба да се изедат сопствените зборови, со цел да не се остане гладен. Но, точно обратното е она што го чини етичкиот гест. Филмот на Мартин Брест е сличен со структурата на една постара драма, „Филоктет“ од Софокле. Стариот херој Филоктет е оставен од пријателите на пуст остров за да умре. Тој ја има стрелата на Хераклит, а пророштвото вели дека Грците ќе ја добијат Тројанската војна само со неговата стрела. Грците го испраќаат Неоптолем, затоа што тој личи на момче кое може да ја стекне довербата на стариот војник. И навистина, Филоктет го засакува Неоптолем и му ја доверува стрелата на чување. Неоптолем има уште неколку чекори до коработ со кој ќе замине заедно со стрелата, но тогаш застанува и се враќа. Неоптолем е исто толку голем колку и Филоктет. И по цена на пропаста на Грците под Троја– тоа што тој не може да го направи, е да ја изневери довербата на старецот. Се враќа и на Филоктет му ја кажува причината за своето доаѓање. Филоктет му вели: „Дете мое, ти ја направи видлива суштината на твоето битие“.
Книгите и филмовите не’ учат дека постојат моменти кога, и по цена целиот твој видлив свет да се распадне, не треба да ги распродадеш сопствените зборови. Затоа што тие се се’ што имаш. Неоптолем од „Филоктет“ и Чарли од „Мирисот на жената“ ни кажуваат од што се состојат „малите“ етички гестови. Светската арена е отворена за само грандиозните спектакли, на кои публиката е тренирана громогласно да аплаудира. Наградата од малите гестови честопати се состои само од „неважниот“ факт дека навечер мирно се спие. Во време на оваа сеопшта морална инсомнија, тој „аплауз“ на мирниот сон, е можеби единствената музика што се’ уште прави некаква разлика.
Post a Comment