Сиромашни, чисти и чувствителни

Сиромашни, чисти и чувствителни

Извадок од „КОМУНИСТИЧКА ИНТИМА“ на Јасна Котеска, Темплум, Скопје, Скопје, 2008, 436страници, ISBN 978-9989-189-41-8


Паланката негува идеал за чистота и сиромаштија, отелетворен во максимата „сиромашни, но чисти“. И тајните служби го сакале овој спој, на листата на непријателите биле богатите и „нечистите“. Во 1918 Ленин ја прави првата листа од две категории граѓани што треба да се исчистат од лицето на светот: буржуите и „несовесните“ (вторава нејасна категорија ги опфаќала буквално сите, а најмногу работниците и селаните) и таа листа им ја испорачува на првите тајни служби. Кога во февруари 1918 некој му предлага на Ленин, „Министерството за правда“ да се преименува во „Министерство за социјално истребување“, Ленин тоа го отфрла како добра, но неубаво формулирана теза, иако во заднината на проектот на Ленин било точно чистењето на светот (социјалното истребување), санитаризација од сите валкани – луѓето треба да се исчистат за чистата форма потоа да се пополни со Нови луѓе.

Паланечкиот идеал за чистото и во друга смисла се поддржувал кај тајните служби. Регрутите на првата советска тајна служба, Чека, се барале меѓу тие со „жестоко срце, студена глава и чисти раце.“ - Oва најдобро го изрази Герхард Гелен: „Работата на шпионот, тој втор најстар занает на светот, е толку валкана што со неа може да се занимаваат само најчистите луѓе.“ Водачот на првата советска тајна служба Чека, Феликс Џерзински, станува углед за сите подоцнежни лидери. Работел деноноќно, а како и Сталин живеел аскетски. Пиел чај и јадел леб, работел во незатоплена канцеларија и се покривал со својот капут, го негувал идеалот на сиромаштијата, аскетизмот и контролата, што е посакуван и од паланката.

„Духот на паланката е вџашен од богатството, (т)ој понекогаш ... ќе каже и понекој збор за својата бедност, (д)ури и ќе се пожали на неа, (н)о на неговото жалење за сопствената бедност не треба да му се верува: тој ја сака таа бедност, и тој мора да ја сака онака како што се сака еднообразноста“, вели Константиновиќ. Животот во паланката подразбира рутина, а Џерзински (како и Сталин) не сакал никакви потреси, култот на чистото се однесувал како на предметите од материјалниот свет, така и на идеалите, затоа Џерзински ја гонел и најмалата идеја за преобразба („Само еднообразноста е невина.“) Конечно, како и Сталин, и Џерзински валканата работа од убивањето им ја препуштал на другите. Џерзински лично убил само еден пијан морнар кој го опцул - сето друго го сторила комбинацијата од паланката и тајните служби.

Од тајните служби се барало да работат без големи емотивни потреси, па наместо емоции се преферирала сентименталност, истата сентименталност својствена за паланечкото „сочувствување“ со ближниот свој. Денес ни се чини чудно дека сентиментализмот на паланката нашол идеално продолжување во најладнокрвните убиства на тајните служби, но тие делеле слични вкусови. Првиот човек на советската тајна служба, Џерзински читал само полска романтична поезија и марксистички трактати. Дури и Маркс, сето слободно време читал романтични романи од Пол де Кок, масовно популарни во негово време, а се правдал дека чита за да види каков вкус имаат работниците. Џерзински го сакал млитавиот универзум на мелодрамите и шансоните, а Локхарт посведочува: „Немаше ништо во неговиот карактер што би упатувало на нечовечен монструм, како што се претпоставува. Еднаш ми рече дека секогаш кога ќе потпишел смртна пресуда, страдал од физичка болка“. Овој тип на поведение е чест и кај паланката. Кога паланката се изживува над своите жртви, таа заедно со жртвите го искажува својот моментален наплив на сочувство. И не само тоа, паланката возвратно, дури и од жртвата бара повратно разбирање за својот садизам. Но како емпатијата, така и разбирањето, се само привид – и двете се вон-доживувачки, паланката ги перформира затоа што таа однапред веќе е апстрахирана од емоции, паланката живее живот под маски, човекот е претворен во театарската верзија на човекот, оттука сентиментализмот е замена за суштинската емпатија.

Паланечкиот дух на тајните служби може се сврти и против лидерот на службите затоа што колективниот дух е поголем од секоја индивидуа. Некогашниот фабрички директор, подоцна еден од најуспешните дипломати на Ленин, Леонид Красин, за својот лидер запишува: „Ленин полека полудува, и ако некој има влијание врз него, тоа е само другарот Џерзински, уште поголем фанатик, и во суштина, лукаво човече кое го плаши Ленин со идејата за контра-револуција и стравот дека сите ќе не’ снема, а Ленин прв. И Ленин, се’ повеќе сум убеден, е кукавица кој трепери над сопствената судбина. А Џерзински игра на таа карта.“ Иако Ленин во почетокот е против идејата на Џерзински да ги уништи сите контрареволуционери, кога на 31 август 1918 е погоден со куршум (прво се мисли дека атентаторот е анархистката Фани Каплан, но подоцна е утврдено дека е Канегисер), активноста на Чека ескалира и во следните три години се случуваат оргии од убиства и експлозија на криминален садизам што се шири низ Лениновата империја. Убијците на Чека почнуваат да работат на своја рака. Кога Џерзински одобрува убиство на 500 луѓе во Москва, еден од оперативците на Чека, Глеб Боки, на своја рака убива 1.300 луѓе. Ленин во 1918 размислува да воведе практика на бесење наместо убивање за масите да имаат можност да контемплираат врз труповите. И жените учествувале во овие убиства со иста силина. Розалија Землиачка, љубовницата на Бела Кун, со одобрување на Ленин самата убива околу 50.000 офицери на Белата армија. Землиачка, која била образована во Киев и во Сорбона, живи ги горела офицерите во парови, а успеала да доживее мирна пензија. Она што ги разликува почетоците на Лениновите тајни служби од времињата на Хитлер и Сталин е дека чистките од 1918-1922 - (1) биле класно ориентирани а не расно, (2) повеќето преживеани никогаш не добиле можност да ги раскажат своите искуства на Запад, (3) хартиите на тајните служби од овој период се уништувани посистемски одошто подоцна (како што велел Сталин „Победниците не се ставаат пред воен суд“. ). Масовноста на злосторствата од времето на првите тајни служби денес се проценува главно според пописите на населението. Од 1914-1917 нешто под 3 милиони луѓе се убиени во војната, а од 1917-1920 популацијата само во европска Русија опаѓа за цели 6 милиони (5 проценти од населението), а соодветно статистичко исчезнување на населението има и во Украина, Белорусија и во кавкаскиот регион.

Една од најпознатите анегдоти со Ленин е дека кога ја слушал Бетовеновата музика почнал да плаче, па се сепнал и изјавил дека револуционерот не смее да си дозволи површни сентименти затоа што го прават премногу слаб. (Познат е случајот на германскиот публицист Шлам кој во 1919, бил одбиен од високите комунистички структури заради реченицата: „Спремен сум на партијата да и’ дадам се’ освен две вечери неделно кога го слушам Моцарт“ - во советската верзија на комунизам, нема хоби и нема музика, Партијата е и професија, и хоби, и музика). Критичарите на Ленин оваа анегдота ја користат за да ја анализираат неговата студена самоконтрола и суровост, но за Жижек таа е доказ за неговата човечност, тој мора својата чувствителност да ја држи под контрола за да може да ја води политичката борба. И наведува обратен паралелизам меѓу ленинизмот и нацизмот - високо рангираниот нацист без проблем ја комбинира музичката чувствителност со ужасната суровост - архитектот на холокаустот, Хајнрих, по „напорниот ден“ со убиства уживал да се опушти со Бетовен (без проблем ја комбинирал високата култура и политичкиот варваризам затоа што емотивно се апстрахирал) додека Ленин, морал да ја суспендира љубовта кон музиката, затоа што се’ уште барал излез за непомирливиот антагонизам меѓу уметноста и политичката борба. И двете толкувања се погрешни. Суспензијата на емоциите кај Ленин ниту се случува затоа што овој, инаку суров, човек мора да се самоконтролира (критичарите), ниту затоа што овој, инаку чувствителен, човек мора емотивно да се апстрахира (Жижек).

Сталин (слично на Хитлер) бил екстремен аскет - со половина свет под своја власт, живеел во лошо наместена соба и спиел на неудобен кревет; имал многу малку интерес за физички задоволства, се хранел едноставно, не почитувал луксузни вкусови и секогаш проверувал дали храната е затруена, речиси воопшто не пиел и не пушел, а познатото луле било едвај поза. Дали суспендираните емоции значат дека Хитлер бил помалку садист од Хајнрих, а Сталин помалку садист од Троцки (вториов бил уметнички разбранувана душа, едно време и љубовник на Фрида Кало, доказот за „човечкото“ во Троцки-револуционерот)? Садизмот избивал и покрај дисциплинирањето на емоциите (случајот на Ленин, Сталин, Хитлер).

Обратно, во југословенскиот и во азиските комунизми, ги имаме случаите со бесрамните Ким Ил Сунг и Тито, екстремни хедонисти, со лидерска распашаност - тие не сметале дека треба да ја перформираат историската „скромност“ заедно со масите, но сеедно не биле подобри водачи (тоа важело и за останатите од југословенскиот врв – на времето, аеродромот во Сараево бил затворен четири часа затоа што Џемал Биједиќ учел да вози велосипед).

Последниве десетина години, Славој Жижек направи големи напори, преку издавачката куќа „Версо“ на западната Академија да и’ ги пласира предностите на ленинизмот - и генерално на социјализмот (издавајќи ги критичките списи на Ленин, Троцки, Мао Це Тунг), како алтернатива на глобалниот капитализам. Жижековите точки на различностите помеѓу комунузмот и капитализмот се следниве: 1. Нема фашизам со човечко лице, има само социјализам со човечко лице. 2. Разликата меѓу фашистичкиот лидер и комунистичкиот е дека првиот студено го прима аплаузот од публиката, додека вториот започнува да ракоплеска заедно со масата, како порака дека и тој, како и публиката, е „материјал на историјата“. 3. Од Маркузе, Жижек ја презема генералната идеја дека фашизмот е од онаа страна на цивилизацијата, додека социјализмот е се’ уште цивилизација (на оваа поента нема што да и’ се забележи). Но додека Жижековите шармантно разулавени анализи не објаснуваат зошто ленинизмот е добар избор - Ленин е директно одговорен за смртта на над 7 милиони луѓе – тие сепак објаснуваат дека комунизмот е ера на суспендираната емоција.

Комунистичките лидери биле елитисти. Најчестата грешка на проучувачите на Сталин е дека тие потценуваат колку тој бил образован. Сталин бил феноменален, внимателен и опасен читател. Бил ерудит со 20.000 книги во личната библиотека, до 30-тата година од животот прочитал брда класици, западна и руска литература, филозофија и политичка теорија. Читал до 500 страници во деновите кога не бил активен, оставал белешки на маргините од книгите што ги читал, и иако се жалел на дупки во меморијата, можел да се сети на фрази и аргументи од книгите со години подоцна. Меѓу книгите кои не се ограбени од библиотеката на Сталин се наоѓа копијата од романот „Браќа Карамазови“ од Достоевски. Сталин нагласено ја подвлекол реченицата каде отец Зосима размислува за активната љубов: „Активната љубов, во споредба со сонливата љубов, е сурова и ужасна работа“. За Сталин активно да ги сакаш луѓето е одвратно. Љубовта, омразата, трепетот, стравот се спуштени на нивно на паланечка сентименталност.

И кога е аскет (Сталин, Ленин, Хитлер) и кога е хедонист (Тито, Ким Ил Сунг), паланечкиот идеал за чувствителноста го „апстрахира“ лидерот од емпатија за народот. Уште Енгелс, во писмото до Маркс, пишува: „Масите се ужаснувачки глупави“. Социјалистичките мислители се ужасувале од масите, а особено од селаните. На кориците на својата книга Мелије оставил ваква забелешка: „Ги запознав заблудите, злоупотребите, суетата, глупоста и нискоста на луѓето. Ги мразев и ги презирав“, а за селаните напишал: „За нив е праведно да се рече дека не постои ништо порасипано, попримитивно, ништо повеќе достојно за презир од утепаните селани.“ Фурие велел „според својата крајна примитивност, (тие) се далеку послични со животните одошто со луѓето. Лидерот ги мрази масите и е „заморен од сочувството“ кон нив. Иако Ленин декларативно тврдел дека: „Паметниот идеализам е поблизок до паметниот материјализам од глупавиот материјализам“, во сите верзии на комунистичко владеење, обратно, владее грубата материјалистичка математика која е двојното лице на паланката – лидерот се „одвојува“ од баналноста на светот во елитизам, но во својот елитизам тој ја раздвојува (и ја удвојува) точно паланечката чувствителност – чувствителноста кон народот престанува веќе во моментот кога човек се соочува со светот, таа упростена аристократија на духот, аристократија на евтините емоции е заедничка и за лидерот и за паланката.

 

Post a Comment