Ја имав, значи,
секоја причина да бидам таму. Гласноста е она во што верувам. Некои луѓе се
здружуваат во граѓански организации за да работат за поправеден свет. Други
создаваат политички партии во обид да го променат светот. Трети пишуваат филозофски,
книжевни, политички ангажирани текстови. Четврти споделуваат фотографии, видеа.
Јас сум професор. Мојата работа е поделена помеѓу училницата и пишувањето научни
текстови. Но, во последниве години чувствував дека ниту училницата, ниту
текстовите не се доволно гласна алатка против нараснатиот садизам на светот. Дека
понекогаш човек треба да излезе на улица и со своето тело да ја даде поддршката против неправдите, затоа што масата мора
да биде видена и чуена за битката воопшто да има ефект. Моето детство беше
обележано со режимска неправда. Тогаш, како дете не разбирав што точно неправдата
значи, иако ја чувствував. Со текот на годините научив дека неправдите се дел
од животот, но дека единствена работа што им ја дава силата на неправдите е -
молчењето! Тогаш престанав да бидам само професор, и не сакајќи станав
активист. Не секогаш и не секаде, но честопати и за многу повеќе теми одошто
некогаш верував дека ќе ме засегаат.
Така беше и тоа
утро, на 18 август 2012 кога дојдов да протестирам пред амбасадата на Еквадор
во Лондон за ослободување на човекот кој имаше храброст на целиот свет да му ги
даде на увид валканите игри на светските влади, корпорации и банки. Во годиниве
наназад, сум протестирала на десетици настани во Македонија, и по десетици разни
поводи, но разочарувачката глетка што тогаш ја видов ме остави стаписана! Во
големиот бел свет, во 10-милионската метропола, на организираниот протест тој
ден едвај некој протестираше. Амбасадата се наоѓа веднаш до познатата стоковна
куќа Хародс. Додека стотици луѓе влегуваа и излегуваа од трговскиот центар, на само
дваесетина метри подолу, пред амбасадата - улицата беше речиси празна! Всушност,
таа беше далеку од празна, само беше празна од демонстранти. Инаку, пред
амбасадата беа стратешки распределени десетици телевизиски екипи, брда техничка
опрема, комбиња, сателити, антени, камери; снимателите и репортерите седеа по
тротоарите. Потоа таму уште имаше и десетици полицајци во униформа, како и припадници
на цивилното обезбедување пред влезот во амбасадата. И секако ги имаше 10-тината
демонстранти. Тие буквално беа 10 на број! Демонстрантите смееја да
протестираат само во ограничената територија, зад металните платформи на
тротоарот карши амбасадата, и тие тоа го почитуваа. Улицата на која се наоѓа
амбасадата е, инаку, релативно тесна. Таа е само нешто поголема од нашата
Ленинова, на пример. Ако амбасадата би се наоѓала на локацијата на суши
ресторанот Нобу, тогаш десетината
демонстранти би стоеле на тротоарот пред кафичот Бастион – ова го велам за да ви ја доловам димензијата на тој протест. На тој мал простор беа
распоредени сите овие технички луѓе (медиумите и полицијата) - и сите тие
десетици луѓе беа таму само заради овие 10-тина демонстранти!
Ова го пишувам за да
ви доловам за каков тесен простор се работи и колку малку протест имаше на овој протест!
Но, бев тука за да протестирам и застанав зад металните платформи, како и
другите. По некое време седнав на тротоарот до уште двајца други демонстранти, а
уште по некое време извадив книга и почнав да читам. Така поминаа неколку часа,
а бројката на демонстранти не се зголеми на повеќе од 20. Истовремено,
телевизиските екипи носеа уште опрема, снимателите се менуваа според нивното
работно време, минувачите снимаа на своите мобилни, а купувачите од Хародс
влегуваа и излегуваа од стоковната куќа. Во еден момент ми пријде една девојка
и ме праша од каде сум. „Од Македонија“, и’ одговорив. На взаемно запрепастување,
ми одговори дека и таа е родена во Македонија, дека во Скопје студирала режија,
го снимила првиот документарен филм за хомосексуалноста кај нас, потоа заминала
во Лондон, каде живее и работи веќе со децении, а тоа лето имаше добиено прво
место на конкурсот за документарец на БиБиСи. Сања ме запозна со некои од
демонстрантите, речиси сите беа од движењето Окупирај го Волстрит.
Ја прашав Сања дали
бројот на демонстранти е олку мал секој ден. „Горе-долу е вака“, ми одговори, „освен
во деновите кога има најавено обраќање од некого“. „Но“ – додаде – „ние доаѓаме
секој ден, по работното време, демонстрираме, се менуваме на смени, за викенд
сме многу побројни, купуваме храна за тие што остануваат да демонстрираат преку
ноќ, се организираме, а потоа има денови кога доаѓаат многу повеќе луѓе, понекогаш
стотици, понекогаш сите улици околу се блокирани заради демонстрациите, а ни се
приклучуваат и туристи како тебе. Не се сите денови исти, но ниеден ден не
поминува без протест, а тоа ни е важно“ - ми рече. Попладнето Сања и дел од
нејзините пријатели заминаа да демонстрираат на друго место во градот, и по
друг повод, а се вратија по неколку часа. Ноќта си заминав и јас.
Еден дел од денот,
мојот, тогаш 8-годишен син преседа на тротоарот карши амбасадата заедно со
мене. И тој отвори книга, но најголем дел од времето вознемирено гледаше
горе-долу. Ме прашуваше што се случува околу нас, зошто има толку многу полиција,
зошто има камери, кој е човекот во амбасадата, зошто е тој затворен, дали е
криминалец, зошто сме ние тука... Имавме многу време, па полека му објаснував
најдобро што знам. Му објаснував дека понекогаш во светот се случуваат неправди
и дека е наша обврска да дадеме поддршка за луѓето што се помалку среќни од нас
и за луѓето што се борат против неправдите, на единствениот начин што е
исправен - а тоа е без да ги повредуваме другите луѓе. Кога денес мојот син на телевизија
од време на време ќе слушне вест за „човекот од амбасадата“, ме прашува зошто „човекот
од амбасадата“ е се’ уште затворен, и зошто нашето протестирање не помогнало?
Тогаш му одговарам што и на моите возрасни пријатели, кога цинично и бездушно велат
дека демонстрациите против неправдите се бесмислени, дека силните и
корумпираните се едноставно силни и корумпирани и дека ние, слабите не им можеме
ништо. Тогаш му велам дека нашиот глас е важен. Да бевме сите незаинтересирани како
луѓето што купуваа во Хародс тој ден, „човекот од амбасадата“ веќе одамна ќе
беше во Гвантанамо беј, а ние, луѓето нема да знаевме многу за системските
неправди што моќните катадневно ги вршат врз слабите, а сепак ги знаеме заради
храброста на „човекот од амбасадата“.
Постојат илјадници
причини човек да го крева својот глас против неправдите. Понекогаш е тоа
неправда против корпорациското уништување на природата, тогаш возиме велосипеди.
Другпат е тоа протест против полициската бруталност. Третпат, за правата на
жените. Четврти пат, против семејното насилство. Против еколошките катастрофи. За
правата на нашите сограѓани да учат на својот мајчин јазик. За правата на
хомосексуалците. За правата на животните. За... Постојат илјадници причини за протест
против системските бруталности, а за нашите помалку привилегирани граѓани, во
класна, социјална, идеолошка, религиска, етничка, сексуална, родова... смисла, едноставно
- за подобар свет!
Понекогаш сме
разочарани што на граѓанските протести има премалку наши сограѓани. Но, тој 18 август
2012 пред амбасадата на Еквадот во 10-милионскиот Лондон имаше само 10 луѓе!
Тоа е статистички толку мала бројка, што ниеден македонски граѓански протест или
активистичко движење никогаш нема да го „победи“ тој ден по своето неприсуство! Па сепак. Тоа сиво
лондонско утро научив дека бројот на демонстранти не е најважното нешто на
светот. „Веќе следниот ден“, Сања ми објасни, „ќе се приклучи нов човек....“ Некои
денови ќе бидат подобри. Некои ќе бидат полоши. Некои битки ќе ги добиеме.
Некои ќе ги изгубиме. Но, она што никогаш не треба да го изгубиме е идејата
дека отпорот е важен, дека отпорот спасува
човечки животи.
Како човек кој со
години професионално се занимава со идеолошките неправди, знам дека она што
сигурно ги убива луѓето е – молчењето! Пред години ја читав книгата Доброволните џелати на Хитлер (1996) од
Даниел Голдхаген. Кога се појави, книгата предизвика многу контроверзи затоа
што во неа се тврдеше дека бројот на убиените Евреи им бил познат на повеќето
Германци и дека одбивањето да се учествува во геноцидот над Евреите не бил
казнуван со смрт, ниту со каква било неправда: губење работа, екскомуникација,
освета врз член на семејството, и слично. Моралните избори биле возможни за сите
Германци, па сепак речиси сите одлучиле да стават розови очила и да се
однесуваат како ништо да не се случува. Малите злосторства се прават од
користољубие или од навика. Големите злосторства се прават од верба, убедување
и заради премолчената согласност од граѓаните. Тогаш одлучив дека молчењето не
може да биде мојот избор. Лично, не верувам во револуции. Светот не се менува
со неколку испукани куршуми, многу крв, и утрото
потоа, кога оној кој прв ќе се дограби до власта и оружјето, ќе завладее со
луѓето. Светот се менува со учење, разговор, слушање на другиот и со многу
напор да бидеме подобри, повнимателни и поправедни едните кон другите. Битката
за правата на луѓето никогаш нема да престане да биде актуелна. Верувам дека луѓето
се така кодирани што еволуцијата ќе станува само поправедна, се’ додека и
последниот член од нашата планета не се приклучи кон битката за поетичен свет. Тогаш
веројатно еволуциски нема да изгледаме вака. Веројатно ќе бидеме некоја
надградена човечка формација што сфатила дека на светот му е доста од поделби:
етнички, идеолошки, класни, расни, религиски, а кога хомогенизираното човештвото
ќе тргне да го истражува и да го очовечува космосот, тоа сепак нема да значи
крај за активизмот. Напротив, активизмот дури тогаш ќе стане навистина важен.
16 мај 2013
***
Во прилог кон моето
мало искуство, еве ги неколкуте фотографии што ги направив тој 18 август 2012
пред амбасадата на Еквадор. На интернет има стотици поубави и помоќни
фотографии од истите протести. Ова е само денот кога просто научив дека и малку протест не е исто што и ништо протест, и дека секој еден од нас,
едноставно - се брои.
Post a Comment