Despina Angelovska (2008) Review of Communist Intimacy



Despina Angelovska
Towards Communist Intimacy by Jasna Koteska, 2008


Review published in:
Identities, Journal for Politics, Gender and Culture, Volume 7, No 1/2, Winter 2009






Деспина Ангеловска
Identities, Journal for Politics, Gender and Culture, Volume 7, No. 1/2, Winter 2009.

Јасна Котеска,
Комунистичка интима,
Темплум, Скопје, 2008


Книгата Комунистичка интима на младата македонска теоретичарка, есеистка и публицистка, Јасна Котеска, е објавена од ангажираниот издавач Темплум, Скопје, 2008 година. Во неа, оваа суптилно ерудитна, интригантна и родово чувствителна авторка ја анализира феноменологијата на комунизмот во дваесеттиот век – надоврзувајќи се, така, на постојните авторски дела кои се занимаваат со критичко расчленување на комунистичките и тоталитарните системи во поновата историја, меѓу кои можеме да ги споменеме и оние на бугарскиот теоретичар на книжевноста и на културата, Цветан Тодоров[1] – ставајќи, притоа, особен акцент на југословенскиот и македонскиот комунизам, задржувајќи се на неговата специфична паланечка верзија и цензурирањето на интимата што го оперираат тајните служби. Оваа добро документирана и илустрирана со бројни примери книга, истовремено претставува и своевиден „лексикон на ЈУ комунизмот“ : структуирана во два дела, од кои едниот има пет, а другиот шест поглавја, таа изобилува со особено интересни, забавни и драгоцени податоци за комунистичкиот период, плод на долгата и интензивна научно-истражувачка работа на Котеска.

Авторката му ја посветува оваа книга на својот татко, македонскиот поет Јонче Котески (1932-2001) кој барем триесет и шест години од својот живот бил предмет на полициски надзор во рамките на поранешна Југославија. Неговото полициско досие било водено под шифрата „Интимист“. Во 1985 година, непосредно пред распадот на југословенската федерација, во времето кога словенечките Лајбах, со својата провокативно нацистичка иконографија, се една од најпопуларните музички групи во земјата, поетот Јонче Котески е затворен во затворот Идризово и е осуден на 5-годишна робија, под обвинение дека тајно работи на уривањето на Југославија и на создавањето на независна македонска држава.

Сепак, како што тоа го наведува самата авторка, ова дело не е биографија на нејзиниот татко, затоа што „од сите луѓе на планетава, своите родители најслабо ги познаваме. (...) Ова е книга за тоа како мене ме болел комунизмот и паланечкиот менталитет.“[2] Така, иницијалната потреба за настанување на оваа книга, како што пишува самата Котеска, е пред се’ лична, и во неа, настрана од претензијата за некаква тоталитаризирана анализа на Историјата со големо И, таа е водена од една ургентна потреба наспроти сопствената траума, наспроти интимната болка нанесена од паланечката верзија на македонскиот комунизам. Во духот на Хајнер (Heinrich Müller) Милеровата пиеса Хамлет-машина, оваа книга е барање за соочување со минатото, како и со личните влогови во него, со непрепознаената тага, онаа која не можела да биде јавно истагувана, како услов за помирување, закрепнување и живеење во сегашноста. Желбата за феноменолошки увид во комунизмот и расчленувањето на неговата логика, обидот да се одговори на прашањето за тоа „каков човеков инжинеринг бил потребен за да се воспостави таа идеологија“[3], кои ја сочинуваат Комунистичка интима, според зборовите на Котеска, доаѓаат подоцна.

Комунистичка интима истовремено ја читаме и како (феминистички) гест на отпор на авторката, на „нечистиот“,неподобниот женски субјект – ќерката на „Интимистот“ – наспроти македонското (пост)комунистичко и паланечко општество и неговите чистки, јавно проговорувајќи за „срамот“ и за изгонетата интимна траума на нејзиното семејство и анализирајќи ги нив како составен дел од системот, подривајќи ја така и патријархалната поделба меѓу приватната и општествената сфера која го проникнува и современото македонско општество. Ставањето на акцентот, од страна на Котеска, врз нечистото/неподобното и обскурното, интимното и амбивалентното, врз траумата и психоанализата, врз телесноста и женскоста конечно, во таа смисла, е исто така чин на отпор наспроти она што таа го анализира како комунистички „санитарен проект“ и неговата тиранија на јавноста и на општествено подобниот, транспарентниот, единствениот/едноумниот и бестелесниот субјект на комунизмот. И токму во смисла на испишувањето на Комунистичка интима како женско писмо, клучната книга, која го иницирала авторскиот гест на Котеска, е Барањето на Антигона (2000) од култната теоретичарка на родовата теорија, Џудит Батлер (Judith Butler)[4], чиј пресуден пасус што авторката го цитира во сопствен превод, гласи: „Антигона одбива да се покори на кој било закон што одбива да ја препознае јавно нејзината тага, и во тоа ги антиципира ситуациите на оние со јавно неистагувана болка – што болните од сида на пример добро го знаат. На каков тип жива смрт се осудени овие луѓе?“[5] Во духот на Батлерината анализа на ликот на Антигона, анализа во која таа го поврзува храброто барање и залагање на инцестуозно амбивалентната хероина со барањата на оние чии релации не се општествено признаени/препознаени и почестени како релации на соодветно сродство, Комунистичка интима на Јасна Котеска ја подрива комунистичко паланечката генеалогија и се отвора кон поинакви видови на сродство и филијација[6] и, оттука, кон поинакви облици на политичка опозиција и дејствителност.

Во таа смисла, исто така, Комунистичка интима е гест на помирување со „одродениот“ татко, со оној кој бил презрен, абјектен субјект на комунизмот: „Интимистот“. Ова нетипично „писмо до таткото“, кое се отклонува од традиционалниот (книжевен) канон каде генеалогијата е, пред се’, андроцентрична и името се пренесува од татко на син, се испишува како писмо од ќерката „копиле“ во име на понижениот, екскомуницираниот, нелегитимниот, деституираниот од системот татко, и се „изродува“ како обид за негово поинакво рехабилитирање. Во еден критичко помирувачки гест – со сопствениот татко, со сопствената траума и со сопственото минато – во кој ќерката го „усвојува“ таткото и врската е обновена, закрепната, ексклузивната/исклучувачката и нормативна природа на сродството (како основа на општествениот систем) се отвора и кон оние кои општеството и комунистичкиот систем ги екскомуницирале и одродиле како несоодветни, нечисти. Низ редовите од оваа книга, така, ја наѕираме и критиката на комунистичката (патријархална) генеалогија.

Комунистичка интима се испишува и како чин на отпор наспроти она што авторката го анализира како културна амнезија на 150.000 лица и нивните семејства, за кои во Македонија се воделе политички досиеја за време на комунизмот. Издадена во време кога во македонското општество токму се дебатира за законот за лустрација, но архивите на тајните служби од комунистичкиот период, како што тоа го анализира Котеска, и понатаму „начелно не се слободни“,[7] односно „остануваат пристапни само со сериозни рестрикции“[8], оваа книга претставува пледоаје за целосна транспарентност и неселективно отворање на архивите на контраразузнавачките служби во од комунистичка Македонија, како услов историјата да не се повторува. Како што тоа го нагласува самата Котеска: „Оваа книга е пишувана со едно јасно побарување – од македонска транзициска правдина.“[9]

Објавена, исто така, во време кога, во посткомунистичка Македонија, на власт се наоѓа конзервативно - десничарска гарнитура, Комунистичка интима, благодарејќи на своите особено богати критички и авторефлексивни механизми, во ниту еден миг не се препушта на леснотијата и (само)допадливоста и во себе содржи битни зрна отпор наспроти опасноста од присвојување и злоупотребување, во смисла нејзината критика на поранешниот комунистички режим да биде преземена само за величање на актуелната политичка и идеолошка опција. Во таа смисла, клучната алатка на Јасна Котеска во расчленување на македонскиот комунизам е и книгата на Радомир Константиновиќ Филозофија на паланката,[10] која таа ја чита и од каде ја црпи сликата на тиранијата на вулгарниот паланечки дух и понатаму проникнувајќи го современото паланечко македонско општество, како и неговиот културен и политички естаблишмент. Така, во Комунистичка интима, Котеска одбива да ги користи истите методи за разобличување на паланката со кои таа самата оперирала.[11] Истовремено, книгата на Котеска потсетува и на опасноста од можното пресликување на идеолошките решенија на комунизмот во различни форми на политичкото владеење.[12] Еднакво ситуирајќи се и во современиот глобализациски контекст, Котеска во својата книга, не помалку критички им пристапува и на мултинационалниот капитализам и на културниот неоколонијализам, осврнувајќи се и на ексцесите на потрошувачкото општество.

И на крајот на овој приказ, можеме да додадеме дека, со својот есеистичко интердисциплинарен пристап, авторката, во духот на некои од Жижековите (Žižek) култни книги, мешајќи ги жанрите и медиумите, тежината на своите размислувања од областа на политичката философија и на етиката, постојано ја „олеснува“ со еклектично забавни и директно евокативни референци од филмската и поп културата.  Така, Комунистичка интима, која освен тоа, вешто се користи и со алатките на родовата теорија и на психоанализата, па и со примери од теоријата на игрите, се претвора и во книга за филмските аматери, особено за оние со префинет кинематографски вкус.






[1] Види на пример: Tzvetan Todorov: Au nom du people, Témoignages sur les camps communists, éd. de l’Aube, 1992 и Mémoire du mal et tentation du bien, éd. Laffont, 2000.
[2] Јасна Котеска, Комунистичка интима, (Скопје: Темплум, 2008), 9.
[3] Исто, 14.
[4] Исто така, книгата на Јасна Котеска во многу што се надоврзува и на размислувањата кои Џудит Батлер ги развива во својата книга Precarious Life, напишана по случувањата од 11 септември, за тоа кој живот во нашиот современ свет, „заслужува„ да биде предмет на жалост, траор, а кој не, која тага може јавно да биде истагувана, а која не.
[5] Judith Butler, Antigone’s Claim: Kinship Between Life and Death (New York: Columbia UP, 2000), 24, цитирана од Јасна Котеска во Комунистичка интима (2008), 12.
[6] Отворајќи се кон, сродувајќи се и со, во смисла на Батлерната анализа на Барањето на Антигона, оние кои не се членови на „семејството“, кон другите, странците, хомосексуалците...
[7] Исто, 75.
[8] Исто, 76.
[9]Исто, 84.
[10] Радомир Константиновиќ, Филозофија на паланката (Скопје: Лист, 2000).
[11] Јасна Котеска, Комунистичка интима, 81.
[12] Јасна Котеска, Комунистичка интима, 85.

 

Post a Comment