Те сакам(2007) Јасна Котеска

01.05.2007
списние: „Глобус“
www.globusmagazin.com.mk


Јасна Котеска
ТЕ САКАМ

Античкото Те сакам , значело Те сакам додека не те напуштам. Тоа е најдобрата формула за љубовта.
Ако сака да изјави љубов, денешниот љубовник вели: - „Како што би рекла Барбара Картланд: Те сакам“.

1.
Еден виц од психијатриската практика.
Пациентот му вели на психотерапевтот:
- Те сакам.
Терапевтот одговара:
- И јас те мразам.
Денес тешко испраќаме пораки на љубов. Тешко и ги примаме. Ова е време на цинизам. Дури и кога сакаме да слушаме љубовни изјави, социјализирани сме на нив да одговараме со цинична дистанца. Ме сакаш? И јас те мразам. Луѓето се плашат да ја изустат таинствената формула „Те сакам“. Оваа изјава стана параноична, како со неа да барате услуга од 20 литри крв. Живееме во време на чудна диспропорција помеѓу потребата и побарувачката за љубов.
Современиот љубовник е преплашен од љубовните изјави. Ако сака да изјави љубов, денешниот љубовник вели: - „Како што би рекла Барбара Картланд: Те сакам“. Кога изјавува љубов, тој се штити. Од што? Се штити од договорот...

2.
Кога античките луѓе велеле Те сакам и Те мразам, тоа го правеле како што ќе им паднело на ум.
Античките луѓе знаеле дека ДИСТАНЦАТА е вградена во секое ветување.
- Ќе те сакам засекогаш, значело дека може утре да те напуштам.
- Ќе дојдам на пладне, значело дека можеби ќе доцнам половина час.
3.
Те сакам - денес личи на корпорациските работни договори. Ме сакаш? Супер! Што треба сега да одработам?
Луѓето инстинктивно го чувствуваат тоа. И се штитат против корпорациската логика. Чувствуваат дека зборовите се разменуваат како да се монети за поткусурување. Зборовите се претворени во стока со која се тргува. Нашата европоцентрична идеја за љубовта гласи: Криј ја својата љубов, кажи ја кога НАВИСТИНА си сигурен. Па кога ќе ја кажеш, препотен и преплашен, тоа да биде како да си ја кажал формулата за Кока Кола. За од неа да може да профитираш.
Постои и друга примордијална логика. Тоа се случува кога ќе сретнете некого кому сакате да му кажете Те сакам. Без идејата дека со тоа губите, туку дека со тоа добивате енергија. Кога со некого се врзувате во наивноста на своите верувања.

4.
Античкото Те сакам , значело дека Те сакам додека не те напуштам.
Ако те напуштам, сакам да биде без плачки.
Тоа е најдобрата формула за љубовта.
Ултимативниот договор гласи дека не може да го изневериш својот партнер. Времето не е линеарно. Тоа е секвенцијално. Те сакам, значи Те сакам денес.
Еден пријател еднаш ми рече: „За разлика од неа, јас го сакам и страдањето.“ Тоа ми зазвуче како победничка позиција. Ако еднаш си бил среќен, немој да бидеш лицемер. Не се преправај дека не знаеш, дека исто така подоцна може да бидеш и несреќен.

5.
Сето погоре речено, важи за партнерската љубов. Со децата работите стојат поинаку. Децата не се врзуваат со никаков договор. Нив ги сакаме надвор од сите зборови. Децата знаат нешто што ние сме заборавиле. Дека е сосема убаво да си веруваме и без договори. И без фамозното Те сакам. За крај само да ве потсетам на една убава порака. Ако не сте го гушнале своето дете денес, фрлете го весников, и сторете го тоа веднаш.

 

0 comments:

Post a Comment

Post a Comment