Цинизам (2009)
Дневник, 03/02/2009
Линк
Цинизам
Јасна Котеска
Има еден тип ужасна осаменост кај циниците. Циникот е човек кој смета дека поседува застрашувачко парче вистина за светот. Тип мудрост која никој друг не ја видел пред него. Циникот е човек што со пригушен глас ќе ви шепне на уво: „Зарем не сфаќаш дека се’ е ова за пари/секс/моќ, какви виши принципи, не биди наивен/а.“ Овој циничен одговор, на пример, е чест околу големите историски прекини. Сетете се на падот на Берлинскиот ѕид. Иако знаевме дека комунистичките режими се корумпирани и злосторнички, никој вистински не веруваше дека ќе се распаднат. Дури и кога се распаднаа, луѓето вртеа глави во неверие: „Знам дека падот на комунизмот се случува пред моиве две очи, но одбивам да прифатам дека се случува...“, итн. (Исто важи и за обратното, како што вели Жижек, кој можел да прифати дека таков тип трагични немисливости како холакаустот, гулазите, итн... воопшто можеле да се случат?) Циниците се распоредени и од двете страни на оските Добро-Зло, затоа што луѓето најчесто се едноставно очајни, предолго гледале сурови глупости, садистичко иживување, ужасни можности на системите и сакаат да бидат претпазливи.
Но, деновиве се појави еден чуден прекин во цинизмот - победата на Обама во Америка. Како некој воскреснат Џон Ленон, Обама со месеци им скицираше на своите гласачи свет без војни, со бесплатни училишта и болници, наместо касарни и затвори, и одеднаш луѓето одлучија да престанат да бидат циници и да му поверуваат. А што ако промените се навистина возможни? Што ако силата на концептите е иста со силата на реалноста? Што ако концептот може да ја менува реалноста?
Ми текнува на еден обратен, но оперативен пример. Пред два месеци едни мои пријатели направија перформанс во Будимпешта. Изнајмија руиниран спрат од една стара комунистичка стоковна куќа и во неа направија инсталација на фантазмите на првиот документиран случај на шизофренија во светот од времето на француската револуција од 1789 година. Практично со перформанс ги материјализираа стравовите на овој човек, кој страдал од ужасни конспиративни фантазми. Ги инсталираа неговите фантазми, точно така како што тој ги опишал во своите дневници. Тројца од учесниците во проектот се разболеа физички. Ги покажуваа симптомите на истите неврози во своето секојдневие. Сакам да речам, силата на концептите е еднаква со силата на реалноста. Светот што што ќе го конструирате не е помалку реален и физички, од она што инаку го нарекуваме материјален свет.
На ова ми текна деновиве. Додека безинтересно ги листав портретите на македонските претседателски кандидати (Џоле-who - апсолутен анонимус, Фрчко - тепач од паркинг, Слаѓана Тасева - онаа што ја избркаа од Академија, брат Љубе - лежеше во Хаг, итн, итн...), никој во Америка особено не го истакна Обама како „типот што дуваше трева на студии“ и тоа не стана пресудно за неговото политичко портфолио. Победи едноставно затоа што имаше концепт кој далеку го надминуваше концептот на неговиот противник – и тоа точно во пораките на хуманоста (секако, имаше ужасен претходник, но кај нас тоа е редовна појава). Тешко веруваме, но сепак, што ако концептите може да го менува материјалниот свет? Што ако го прават тоа веќе во моментот кога ќе бидат декларирани како такви? Конечно, Обама не победи затоа што е црнец (настрана што расниот маркер кај него остана чудно дубиозен, дури и имплицитно негативен, сетете се како во неговите семејни портрети имаше чудна бинарност: неодговорниот татко, црнец/муслиман наспроти добрата мајка/белкиња, итн), но суштината е дека сите тие лични фелери останаа во дебела сенка во однос на визијата што ја заговараше – свет без војни, свет на училишта, на луѓе што имаат пристап до бесплатно здравство, итн. И заради таа визија - победи.
За моментов не е важно (подоцна ќе биде клучно), дали тој не е само „Буш со човечко лице“ (Жижек), за моментов Обама успеа во речиси невозможното. Да ја натера оваа генерација да се откаже од цинизмот, макар за момент. Не гледам што од поново време може да се носи со оваа голема интимно-политичка победа во глобални размери. Нешто што лесно може да ја обликува генерацијата што доаѓа, во сите области, во науката, во уметноста, во хуманоста, и тоа не само во Америка. Затоа колку и да се наивно-небулозни „ефектот Обама анализите“ во Македонија, тие не се беспредметни. Луѓето се обидуваат да се истренираат да се откажат од цинизмот. Цинизмот кај нас е национален спорт, но така е секаде во светот. Колку што за нас „овој“ може да биде тепач од паркинг, „оној“ апсолутен анонимус, итн., толку и за нив Обама можел да биде тек црнецот што дува трева. Затоа колку и да е наивно, да ги слушнеме најнапред концептите што ги нудат претседателските кандидати. Можеби тие не се така партиско-војнички како што во моментов сме сигурни дека ќе бидат. Ако веќе доцниме во апсолутно се’ зад светот, ете момент кога може да се приклучиме кон еден глобален тренд на враќање на вербата во концептите на хуманост. Којзнае кога пак ќе имаме шанса да бидеме дел од генерацијата што макар за момент го победила цинизмот.
Post a Comment