Неутрални граѓани

Неутрални граѓани

Извадок од „КОМУНИСТИЧКА ИНТИМА“ на Јасна Котеска, Темплум, Скопје, Скопје, 2008, 436страници, ISBN 978-9989-189-41-8

Кога во 1996 година се појави книгата на Даниел Голдхаген „Доброволните џелати на Хитлер“ таа предизвика многу контроверзи затоа што во неа се тврдеше дека: 1. бројот на убиените Евреи им бил познат на повеќето Германци; и 2. дека одбивањето да се учествува во геноцидот над Евреите не бил казнуван ниту со смрт, ниту со каква било неправда. Отворањето на Штази-архивите во Германија го потврди истото – дека оние што одбиле да соработуваат со тајните служби на комунизмот не претрпеле никаква лична штета. Моралните избори биле возможни, особено за интелектуалците. Проблемот е дека интелектуалците најчесто се слуги на државата и парично се зависни од неа, тие се истурената рака на машинериите на образованието, воспитувани да ги поддржуваат професионалните и етичките кодови на апстрактната државна машинерија.

Овие увиди ги даваат на показ параметрите под кои е можно да се случат масовните злосторства. Масовните злосторства се возможни само со премолчена соработка на сите со сите, а таа е обезбедена преку идеолошкиот штит. Бирократската машинерија на комунизмот, слично како фашизмот и капитализмот, се засновала на употребата на „голото месо“, на безимените бирократски штрафчиња. Тие не се кодошите, ниту жртвите. Тие се таканаречените - неутрални граѓани.

Социјализмот беше кадарен да ги изнедри големите злосторства затоа што го чуваше идејата дека е најдобриот систем на светот. Иван Катиќ пишува: „Малите злосторства се прават од користољубие или од навика. Големите од верба и убедување. Само големите идеалисти прават големи злосторства без каење, идеалите ги ослободуваат од грижата на совеста.“ Ако интелектуалците во страшните режими најчесто знаеле или претпоставувале што се случува, тогаш прашањето гласи: зошто, забога, комунистичките режими никогаш не доживеале сериозен отпор, иако беа начелно поддржувани само од фанатиците, од садистите и од циниците? Титовиот режим најчесто доживувал вербален отпор, во кругот на најтесното семејство – таму си можел да го мразиш Тито, да си ироничен кон слетовите, одвратна да ти е системската неправда, да се залагаш за национални прашања и сл., но никогаш и надвор од домот.

Кога обвинителите во Нирнберг им ги поставија на сведоците против Ајхман прашањата: „Зошто не протестиравте? Зошто се качивте во возот? Петнаесет илјади луѓе стоеја таму, а стотици чувари ве гледаа – зошто не се побунивте, не се растрчавте или зошто не ги нападнавте?“, Хана Арент со право вели дека прашањата се сурови и глупави. Целиот триумф на садистичката структура на СС-овците се базирал на таков тип измачување што потоа жртвата да дозволи самата да биде одведена до јамата без протест, самата да се одрече од секаков квалитет на човечки отпор, како што кажува еден поранешен затвореник на нацистичките логори „системот кој ги уништува жртвите пред да стапат на губилиштето е... неспоредливо подобар за држење на цел народ во ропство“. Најдобро е да создадеш таков систем, во кој луѓето доброволно ќе одат како „кукли кон сопствената смрт“. Во комунизмот, режимот го уништувал суштинскиот отпор на ист начин како и нацизмот, затоа режимот начелно се одвивал без поголеми потреси.

Студиите за затворската тортура го потврдуваат истото. Тортурата во најопшта смисла воопшто не функционира, од оној што го измачуваш никогаш не можеш да добиеш никаков релевантен податок, тортурата се одржува како мит, со причина. Во книгата „Тортура и демократија“ (2007) Дариус Реали вели: „(Т)ортурата не е корисна за собирање информации. Луѓето мислат дека тортурата била ефикасна за Гестапо, на пример. Не била. Тоа што го правело Гестапо така застрашувачки ефикасно била неговата зависност од соработката на народот. Шпионите се главната причина за долгогодишното уништување на отпорот во Европа, и сите го знаеле тоа, но позгодно било да се каже дека Гестапо го извлекол тоа од нас – тепајќи не’.“ Овие два увида, во извесна смисла, ги „рехабилитираат“ неутралните граѓани. Неутралните граѓани биле свесни, не биле без знаење, но исто така, тие знаења не можеле да им бидат од суштинска корист за критичкиот отпор. Режимот се базирал на системско утепување на отпорот.

Жижек ја издвои следната реченица од Марксовиот „Капитал“ како најтемелна дефиниција на идеологиите: „Не знаат, но го прават тоа“ (They do not know it, but they are doing it). Но оваа реченица не е доволно прецизна. Луѓето не биле политички несвесни на принцип на слепило, тие секогаш претпоставувале дека нешто се случува, но одбирале да не реагираат. Сметам дека поточна дефиниција за идеологијата е дијалогот од „Чекајќи го Годо“ на Бекет. Кога Естрагон нервозно му вели на Владимир: „Ти велам дека не сум направил ништо“, Владимир смирено одговара: „Можеби не си. Но важен е начинот како го правиш тоа“. Водачот на идеологијата е Владимир, „неутралниот граѓанин“ е Естрагон. Идеологијата најнапред те анестезира ништо да не правиш, а отпосле те утешува дека твоето ништо неправење - е сосема во ред. Тој спој од две идеолошки тупаници меѓу кои е стиснат „неутралниот граѓанин“, како и неговата нервозна реакција, е она што ја чини идеолошката перница во која е удобно залулкан нервозниот „неутрален граѓанин“.

 

Post a Comment