Интервју со ИВАНА ТАСЕВ
Теа Модерна, 29.04.2009
*Пролет, а се утепа од врнење дожд. Те депримира вакво време или напротив ти ги остри креативните ќелии?
Не ме депримира, ама и не ме инспирира. Немам однос кон природата, работам ноќе и ако не морам да излегувам од дома, не излегувам со денови, па ретко и гледам природа. Кога ја гледам, ме ужаснува и во двете варијанти, и кога грее сонце и кога врне дожд. И мислам дека ова не е само филозофска болест. Сите луѓе имаат анксиозен однос кон природата. Ако огрее сонце, вадат очила, крем, шапки, чадори. Ако одат на излет, со себе влечат столици, маси, фрижидери, радио, кревети на склопување, носат половина куќа. И таа рамка ја разбирам, немам снобовски однос тука, ова поведение не ми е смешно. Ова е најтемелната операција со која луѓето и’ додаваат филозофски вишок смисла на природата, културен додаток, за воопшто да може да ја поднесуваат природата. Ако не и’ додадете фантазматска рамка, таму, во природата, всушност нема ниедна причина за да се чувствувате комотно. Природата е неподнослива.
Дури би одела и подалеку. Првата и вистинска природа на човекот не е природата, туку културата. Кога на нашите деца им купуваме мини комплетчиња за “преживување”, оние детски сетови со компас, јадица за риби, мрежи против комарци, итн, целата таа пионерска процедура е сосема нереална. Овој извиднички тренинг за опстанок во нашево време веќе станува тотална небулоза. На кого денес се’ уште му треба ова знаење? Денес не може да се изгубите во ниеден правец, а на следните 200 километри да не ве дочека нов хабитат. За преживување денес се десет пати покорисни идиотските книги од типот: “како да бидеш поснаодлив од својот колега”.
Иронијата е дека вистинската драма во денешниот постиндустриски свет воопшто не е тензичниот однос помеѓу човекот и природата, Хемингвејската борба на старецот со морето. Драмата денес гласи: како подобро да го изманипулирам и овој работен ден, а другите да ме повредат што помалку? Како и денес да се изборам за своето место пред касата во супермаркет, на шалтер, пред шефот и слично. Не случајно последнава деценија Холивуд извади блескави блокбастери токму на тема исчезнување на светот во природните катаклизми: судири со џиновски метеори, поплави, земјотреси, цунами. Стравот од исчезнувањето на земјата е веќе дозволен фантазам, токму затоа што е нереален или станува ирелевантен. Вистинската драма денес лежи на друго место, а тоа гласи: како да се снајдам во овој крајно агресивен, натпреварувачки свет, а да не ме боли премногу?
*После наедаш ќе удри жега, лето, сите млитави, па одмори, па пак есен, па зимо, кочан студено и потоа пак дошла пролет, се одново и така цел живот, како во луп. Или не се чувствуваш така?
Така се чувствуваат сите. Човекот е автомат. Живее живот на автомат, истите ритуали секојдневно. Но, тој автоматизам е двоен, тука всушност зборуваме за две различни времиња. Првото е физичкото време, годишните сезони, земјоделските циклуси. Но има и едно идеолошко време, време владеено од идеологиите.
И во судирот на тие две времиња – физичкото и идеолошкото, се јавува тој луп што го зборувате, тоа чувство на празнина. Секоја идеологија ги владее луѓето преку манипулација со времето. Укини едни празници и воведи други, и веќе ги владееш луѓето. Времето е најдиректно врзано за чувството на “нормалност”. Ако немате “стабилно” време, се чувствувате несигурни и идеолошките водачи го знаат тоа многу добро.
Сетете се на комунизмот. Тој го организираше времето како аритмија. Имаше ударништво, но имаше и периоди на чекање, чекаш да купиш детергент, масло за јадење, го чекаш лидерот да помине по улицата на твоето детство, и слично. Овој цик-цак феномен на забавување и забрзување, комунизмот го користеше за да го имобилизира телото. За никогаш да не знаеш кога ќе има рестрикција на струја, кога ќе може да купиш храна, кога да патуваш, кога да водиш љубов, и слично.
Капитализмот тоа го реши сосема обратно, но не значи дека го реши подобро. Капитализмот не’ организираше како воено-политички тела, за од нас да извлече што поголем профит. Не’ стави во акцелерација, и сега со нас владее брзината. Денешната фасцинација со автомобилите, авионите, мобилните телефони, сето тоа е потреба за што поголема брзина, како водење автостоперска љубов, кога ќе се изгубите со часови на некој автопат со тотален странец. Само сопирањето е смрт. Тоа е акцелерација на телото на принцип на лудило. А во доцниот капитализам ова заврши со спојување во виртуелните, непостоечки точки на интернет, во извесен “свет без светот”, што го живееме сите, дури и ние од т.н. транзициски земји. Никогаш не сме се сретнале, но сме најдобри пријатели на светот. Никогаш не сме се допреле, но сме најдобри љубовници на светот.
Само јас би одела подалеку. Времето не е само идеолошки проблем. И не е само физички. Времето е и капитален проблем на метафизиката. Кога проблемот на времето би бил решен, се’ би било решено. Но, за среќа, проблемот не е решен и не верувам дека има решение. Како инаку би биле неспокојни?
Од сите теории на времето, лично сакам две. Идејата на Плотин, дека има три времиња и сите три се сегашни. И моментот кога се сеќавам, и кога планирам, и кога сум сега и овде, сите три времиња се случуваат во сегашноста. А втората е идејата на Бредли. Кој интензивно го чувствувал проблемот со времето. И рекол дека се’ се случува обратно. Дека времето тече од иднината кон минатото. Дека кога иднината ја претворам во минато, тоа го нарекувам сегашност. Ова е, за мене, најресистентната теорија против идеолошката манипулација со времето. Најдобрата позиција од која може да тргне отпорот, дека имаш избор да го менуваш светот.
*Ај годишниве времиња, немаме избор да излезе од тој луп, ама барем животов требаше да ни биде своевиден кардиограм, осцилации, качување вертикали, па и паѓање, ама нешто различно да се случува, а вака 19 транзициски голтарски години се вртиме во концентрични и еднолични кругови. Не ти се чини така?
Транзициското време е грубо време, лишено од вкус. Затоа што е време на “утрото потоа”, кога ќе се разбудите по долга, пијана оргија. И кај нас тоа будење трае две децении, затоа што и системот од кој излеговме беше толку пијан. На нашава генерација и’ се падна таа рапидна промена во брзините. До падот на комунизмот делумно дојде и поради големиот лом од судирот на млитавиот комунизам со капиталистичкото забрзување. Кога доцните комунисти велеа дека брзината на капитализмот ги гази, кога Горбачов велеше дека “треба да се надомести заостанувањето, да се отфрли тромоста”, тоа беше точно реплика за времето. Но, за нас во Македонија се појави друг радикален проблем. А што ако сте ја постигнеле бараната брзина, а наоколу нема нов пејсаж? Тоа, исто така, предизвикува лудило, тип на Мебиусова лента. Прогресираш во една насока, за на крајот да те дочека стравичното сознание дека си се нашол на истото место од кое си пошол.
*Како ти успеваш да се избавиш од оваа радикална и атрофирана монотомија, имитација на живот, да не речам животарење на рати, каде го наоѓаш предизвикот?
Во градењето концепти. Во љубовта. Во играта. И во литературата. По таков некаков ред. Секој живот е монотон. Кога луѓето се жалат дека животот е прекраток, проблемот е дека животот е истовремено и предолг и прездодевен. За мене книгите се лек. И тоа не кои било книги. Добрата книга е таа што не бара напор. И Монтењ е во право, ако те мачи некоја книга, фрли ја. Библиотеките се како соби во кои се наоѓаат најдобрите духови на човештвото. Кога ќе отвориш книга, тие духови се будат. А може и цел живот да читаш само една книга. Никогаш нема да ја читаш на ист начин. Монотонијата не е прашање на повторливост, туку на неквалитет. Треба да се бега од неквалитетот.
*Како го еманципираш сопствениот карактерен поглед за да ја восприема реалноста од инаков агол и дали воопшто успеваш во тоа?
Некогаш успевам, некогаш не. Мене ми пречи вревата на светот и живејам осамено. Се обидувам да не се заплеткам во феномените, туку да стојам надвор од нив. Кога ќе успеам, тогаш имам чувство на некаква слобода.
*Знаеш што ме буни? Како тоа човештвото еволуира во научна и технолошка смисла, а во емотивна и чувствена стануваме се повеќе дрва, плитки, ефтино се продаваме, промискуитетно патетични сме, кич на тони, девијација на моралот, на естетиката на етиката во крајна линија...
Има еден филм “Карневал” од Шуман. Сe' се случува под маски, но работата е дека не знаеш што се крие зад маските. Дали “вистинскиот” човек, машината, некоја лигава полу-животна супстанција што само глуми човек, или најстрашното, дали маската само крие друга маска? Ова е прастар проблем. Кога ќе ја извадиш фантазматската рамка што му ја додаваш на светот, дали таму воопшто постои свет? Или се’ е само привид? Сетете се на филмот “Матрикс”. Светот е голем матрикс, а луѓето во него се само протези, батерии закачени за големото тело на матриксот, кое преку нив се одржува во живот. Додека во реалноста луѓето јадат школки по рестораните, патуваат со автомобили, водат љубов, во “вистинската” реалност тие се само автомати, протези за хранење на злиот Гениј. И филозофите отсекогаш биле вознемирени од оваа можност. Дека светот е всушност голема илузија.
Но, мислам дека Фројд имаше најдобар одговор тука, затоа тој е литература што најмногу ја сакам. Тој рече дека секако ќе стануваме дрва, протетички жители, но дека ова не е секогаш погрешно. Знаеме дека Фројд во староста боледувал од рак на грлото, и носел протеза. Протезата била огромна, нешто како зголемо забало, направена така што устата била одвоена од назалниот дел, била ужас за гледање и луѓето ја нарекувале “чудовиштето”. Но, Фројд лично уживал во предностите на протезата. Тогаш ја напишал најзначајната студија за неудобноста во културата што до денес ја имаме. Во која го дијагностицирал ова што го зборуваме. Дека културата е крајно неудобна: патетична е, плитка, кич, садистичка. И рекол дека единствениот начин да се тампонира агресијата на културата е да се прифати протетичката природа на човекот. Кога на себеси ќе ги стави сите свои протези, дури тогаш човек се чувствува величенствено, или барем комотно. Дека немаме избор, освен да бидеме хибриди од органското и механичкото. Тогаш можеби и можеме да бидеме етични, да се залагаме за подобар свет, за подобра уметност, за повеќе смисла и најважно, за повеќе милост, љубов и емпатија кон другите.
*Многу ме јаде во последно време лагата, нечесноста на луѓето, немањето храброст да се погледнат во огледало и да си направат чесен и индивидуален опит, кои се и што вистински сакаат. Јасна, сакаш ли ти да се соочуваш со вистината, каква и да е или полесно ти е да скршнеш по некои темни сокаци и таму да се сокриеш?
Не знам, мислам дека човек и нема начин да ја каже вистината за себеси или за светот. И при најдобра желба да ја каже, не може. Не зборувам за политичката вистина, ниту за родителската, човечката, пријателската, љубовничката, туку за филозофската вистина. Ако ја кажете вистината за себеси, треба или да се самоубиете потоа или да полудите. Сите се однесуваме фабуларно. Кога зборуваме за себеси, ние едвај кажуваме фабрикувана вистина за себеси. Нема друг начин. Но, работата е дека секој говор, па и лажниот, почива на вистината. Парадокс е, но и светот е голем парадокс. Кога ви бараат биографија за работно место, дали сте тоа вие на тие две бирократски страници? Ако во својата биографија додадете и некаков сочен детаљ, само уште повеќе лажете. Или кога некоја двојка ќе отиде на терапија за да го спаси бракот, таа не оди со цел да побара решение. Ние знаеме дека се’ што луѓето прават, прават од задоволство. Тегобниот брак е исто така место од кое и двајцата партнери влечат перверзно задоволство. Ако ги прашате луѓето што прават со своето слободно време, тие веднаш почнуваат да лажат. Ќе ви одговорат дека се дружат со своите пријатели, на пример. Ако е ова точно, тогаш на своите пријатели им се качиле на глава. Но, не е точно. Вистината е дека слободното време го трошиме на нашите најупорни, мали перверзии. Некој опсесивно игра солитер до бесвест. Друг се кара на интернет форуми со години. Трет се вози во лифт со непознати дами, четврт пополнува спортска до изнемоштеност, итн.
Затоа, не верувам во вистината, туку во нешто што се вика верност. Верност кон дете, кон пријател, кон партнер, кон идеја. Тоа е различно од вистина. Верноста не е јазичка категорија, таа е нешто пред-јазично. Кога нема начин да излажеш. Има луѓе со кои немате исти ставови ама за ништо, па сепак на некое длабоко, дури мистичко ниво, се разбирате и верни сте едни кон други, до крајот на животот. Затоа што верноста е прашање на инстинкт. На тоа место, кадешто има припадност, има и верност, и во неа верувам.
*Те трауматизира ли лагата, полувистината, давањето вистина на лажиче, дозирано?
Ме трауматизира политичката лага, на пример. И една од ретките критички позиции што сметав дека има смисла јавно да ја туркам последниве години беше врзана за демонтирање на минатиот систем, за конфронтацијата со комунистичкото наследство. Но, кога денес гледам дека најрадикалните политички противници ја користат истата комунистичка етикета за меѓусебно да се дисквалификуваат, сфаќам дека историјата е голема игра. И тоа треба да се прифати. Светот е голема игра во секоја смисла.
*А женава денес се е нешто пококетна, посамостојна, поразголена, попромискуитетна, понашетана, демек еманципирана, поеволуирана, ама, по сама некако. Добро е тоа или лошо?
Мислам дека ова и не се лични избори, туку културни диктати. Нема штета од повеќе искуство, самостојност, знаење, еманципација. Но, самотијата, за жал, не е врзана за овие избори. Луѓето се темелно сами, и кога се со партнери, и кога се без нив. Тоа е некоја базична премиса, сами доаѓаме на овој свет и сами си заминуваме од него. Се’ во меѓувреме се само различни форми на травестија. Машкоста и женскоста се среќаваат само со посредство на маски, како фантазматска игра без победници и поразени, но со многу сентименти и тага.
*Кога ќе видиш сите се посами и мажите и жените, а ефтин секс фрчи на сите страни, ништо не ми е јасно. Инстант секс. Без осет, мислам каде е вистинското уживање и предавање?
Ова е инстант свет, токму заради брзината што ја зборувавме. Има инстант кафе, инстант туризам, инстант војни, инстант студирање, инстант желби, па и сексот е инстант. Ако и има уживање во него, тоа е уживање во метонимијата, во голтањето на истото нешто.
*Што сакаш ти Јасна, што е она што тебе ти недостасува и сакаш и се обидуваш да го промениш?
Не знам. Немам класични желби за себеси од типот здравје, среќа, успех. Здравјето ми се чини целосно пролупан концепт, ако имаме предвид дека луѓето се стопроцентно смртни. Не верувам во живот по смртта, мислам дека овој живот е се’ што ни е дадено. Ова е антички концепт, идејата дека го живееш животот без утеха. Го заобиколив христијанството во голем лак и среќна сум поради тоа. Човек треба да е брутален со овие вистини, ако сака да живее автентично. Старите Грци ја имале таа идеологија. Иако развиле триста концепти за задгробен живот, начелно биле темелни скептици. Верувале во трошењето на животот, или преку уметноста, или преку дисциплината, но трошење. И ова ми се чини единствена валидна позиција.
Post a Comment