Кодните имиња на УДБА

4.
ПОЕЗИЈАТА ПОМЕЃУ ПАЛАНКАТА И ТАЈНИТЕ СЛУЖБИ

Извадок од „КОМУНИСТИЧКА ИНТИМА“ на Јасна Котеска, Темплум, Скопје, Скопје, 2008, 436страници, ISBN 978-9989-189-41-8


Кога за првпат аналитички му пријдов на досието на татко ми, на ум ги имав само тајните служби. Тие, набрзо, се покажаа недоволни за да ја објаснат димензијата на неговата комунистичка голгота. Кога се обидов досието да го читам само преку паланката, повторно нешто недостасуваше – овојпат недостасуваше точно „таинствениот“, полициски фактор. Се покажа дека досието може да се чита само како комбинација од тајните служби и нашата паланка.
.


Кодните имиња на УДБА


Кога тајните служби ги отворале полициските досиеја, како ги смислувале кодните имиња? Татко ми за полицијата се викал „Интимист“, што е несомнено убаво име, но како дошло до тоа татко ми да стане Интимист?

Одговорот го наоѓаме во начинот на кој функционира паланката, кога им ги дава прекарите на луѓето. Ако некој има истакната особеност за нешто, или физичка мана од кој било вид, за паланката таа особеност или мана станува прекар, црта според која тој човек се разликува од другите. Но таа особеност не се истакнува „за да биде почитувана и уважувана, туку за да биде исмевана и на некој начин постојано пред очи на паланечкиот дух кој памети се“, ништо не пропушта, ништо не остава незабележано“.

Во комунизмот се случува слично паланечко театрализирање на човекот. Никој не е особен, конкретен, жив човек, туку е особеност издигната до прекар, до кодно име на тајната служба. Овој човек е Интимистот, другиот е Суровиот, третиот е Љубовникот, четвртиот е Ковачот, петтиот е Смртта, итн. Луѓето стануваат симулација, испразнета од нивните „полни“ содржини, како коцки во таблицата на комунизмот, клишеизирани ролји од комедијата дел арте расфрлани по големата сцена на животот, каде што се одвива битката на Доброто и Злото.

Оваа споредба навидум е чудна - додека паланката подразбира тиранија на јавноста, увид на сите во се’, дотогаш тајната полиција имплицира само тајност. Парадоксот со оваа тафтологија, меѓутоа, е дека јавноста е веќе вградена, имплицитно опредметена во самиот живот на УДБА. Јавноста е основната суштина на тајната полиција и таа може да работи само додека ја цензурира точно таа своја функција, само додека ја „крие“ оската околу која еквилибрира желбата на УДБА. (Друг ваков пример е прашањето зошто во ЈНА не дозволуваа педери - не затоа што педерлукот претставуваше активна закана за фалоцентричната воена моќ , туку затоа што војниците во армијата се врзуваа точно преку „педерскиот код“ на машкоста, онаа машко-братска блискост која ја гарантира социјалната кохезија во армијата). Цензурата секогаш ја промашува својата поента (Жижек), не затоа што цензурата влијае на зголемувањето на статусот на маргиналната сила, туку затоа што со цензурата се прави раскол во самата сила на социјалната група. Цензурата ја дава на показ точната причина заради која е изграден системот. Во случајот на УДБА, причината за да постои тајната служба - е јавноста на најпаланечки начин. За УДБА да функционира и’ треба сета јавност, сите комшии со кои си киселел зелка, колеги со кои си пиел кафе. Службата ќе „остане“ тајна токму затоа што ја има најшироката платформа на јавноста.

Тајните служби биле трудољубиви на истиот начин на којшто и паланката е постојано вработена како „дух на кумување кој никогаш не се заморува“ . Тајната полиција ги „вградува“ луѓето во својот театар, во симболичка табела на вредности, едното кодно име се преплетува со другото, и во тоа, светот на тајната полиција е бесконечно обновлив систем. Тоа не е реален систем, но е „животворен“. УДБА секогаш наоѓа полна причина одново да се враќа во долните сфери, меѓу народот, затоа што го сака секојдневието, во неговата најчиста глупост, во најбаналната тривијалност. Оттука парадоксот - кога луѓето ги отвораат своите тајни досиеја, нивниот најчест коментар е дека досиејата им се преполни со најголеми баналности, со тривијалности што тајната служба ги архивирала со најголема педантност додека сите очекувале дека во нив ќе видат „херојски“ и „тајни“ детали.

Тајната полиција ги кодира луѓето со цел да создаде жив театар, симулација на животот. Луѓето не се овие конкретни луѓе, туку некаква апстракција на „чистите“ содржини – „Интимистот“, „Суровиот“, „Ковачот“ и слично. Човекот не е некаков човек-по-себе, туку дел од таблицата на комунизмот. Човекот ја толкува својата улога, дури и без да знае, тој е театарски материјал. Не е само човекот приморан да се „игра себеси“, туку и предметите и појавите. (Романскиот дисидент Србулеску пишува: „Во социјалистичкиот блок луѓето и предметите постојат само преку своите досиеја. Целата наша егзистенција е во рацете е на тие што ги поседуваат досиејата, а ја вообличува тој што ги составува. Вистинските луѓе се само одраз на своите досиеја.“ )

Погледнете го примерот од првите години на рускиот комунизам. Кога во Петроград се прославувале три години од Октомвриската револуција, прославата со наслов „Јуришот на Зимскиот дворец“ (1920) личела на масовен театар, а ја режирал Николај Евреинов. Во приредбата учествувале 10.000 актери од редовите на војската и морнарицата, и тоа истите тие војници и морнари кои и фактички учествувале во Револуција од 1917. „Иако (Јуришот на Зимската палата) била глума а не стварност, иако пушките не биле наполнети, војниците и морнарите се играле себеси“ , а кон Зимскиот дворец се однесувале како кон „џиновски актер.“ Во овој жив театар се вклучила и 100.000 публика (1/4 од жителите на тогашниот Санкт Петерсбург), а „играњето“ на Револуцијата се изведувало на истото место каде што пред три години фактички се случила Револуцијата. Познатиот руски формалист, Виктор Шкловски, рекол: „Некаков елементарен процес се одвива таму кадешто живото ткиво на луѓето е претворено во театар.“ Тој елементарен процес е претворање на човекот во симбол, не во апстрактен симбол на уметноста, туку во жив човечки материјал, „театар без ѕидови и без завеси, театар чија сцена се наоѓа насекаде“. Естетизација на политичкото, подразбира формално одвојување на човекот и на театарската верзија на човекот.

Друг пример е судбината на словенечкиот комунистички револуционер Јоже Јуранчич кој по капитулацијата на Италија во 1943 го предводи востанието на југословенските затвореници од концентрациониот камп на островот Раб, во кој 2.000 изгладнети затвореници ги разоружуваат 2.200 италијански војници. По војната, тој е уапсен и сместен на Голи Оток и оттаму во 1953 е мобилизиран, заедно со другите голоотокаши, за да го гради споменикот за прославата на 10-годишнината од востанието на Раб, со други зборови, за да го изгради споменикот за самиот себеси. Пораката гласи дека овој човек не е конкретен човек. Не е тоа Јоже Јуранчич, предводникот на востанието на Раб. Тој е кој било комунист, на местото на Јоже можел да биде кој било друг. Нема индивидуалност, туку само воопштување. Нема индивидуален чин, секој чин е направен од заедницата. Само во култура без индивидуалност е можно најбрзо да се развие култот кон личноста – ако нема личности, тогаш позицијата на Личност ја добива лидерот и тој станува личност, за сите други.

Лидерот станува некаков режисер - тоталитарните водачи се однесуваат кон животот како кон голема сцена, Хитлер бил нешто како филмски режисер, сакал да ја руши декадентната европска цивилизација, Сталин сакал да го направи светот „тотално уметничко дело“, и слично.

Зошто комунизмот сакал живото, човечко ткиво да го претвори во театарско? Одговорот лежи во поимот „перманентна револуција“ (смислен од Маркс и Енгелс некаде помеѓу 1845 и 1850). Кога Маркс му предвидувал на пролетеријатот петнаесет, можеби и педесет години граѓанска војна, Мао Це Тунг бил спремен да оди подалеку и рекол дека во име на константна револуција е спремен да се помири со тоа половина од современото човештво да биде истребено во атомска војна. Ќе бидеме постојано во револуција само ако животот се претвори во голем, масовен театар.

Ултимативно посакуваната револуционерна емоција е целосно садистичко уништување на се’ околу себе. Кадрите од филмот „Октомври“ (1927) на Ејзенштејн, во кои војниците влегуваат во винските подруми на Зимската палата и ги кршат скапите шишиња вино, и за Русија и за светот набрзо започнале да се третираат како историски, документарни снимки од руската револуција. Нема разлика помеѓу вишокот еуфорија на театарот/филмот и тој што го сака револуцијата. Затоа најточна дефиниција за револуционерот е онаа на Бакуњин: „Разбојникот е – прв и единствен револуционер во Русија“. (Бакуњин не бил осамен во врзувањето на револуционерот со бандит - погледнете ја апсурдната прекумерност со која Маркс го воспева производниот капацитет на криминалецот, во 4-иот том на „Капиталот“: „Криминалецот не произведува само криминал туку и криминални закони, професорот по криминално право пишува книги... Криминалецот произведува полиција и криминално судство, судии, порота... Самата тортура даде подем на ингениозни механички направи и вработи многу чесни занаетчии за да ги произведат тие инструменти…Криминалецот произведува и романи, дури трагедии…. Криминалецот ја прекратува монотонијата и секојдневната сигурност на буржоаскиот живот и на тој начин го чува од стагнација… Дали бравите некогаш ќе го достигнеа сегашниот степен на сигурност ако немаше крадци? Дали правењето банкноти ќе доведеше до сегашната перфекција ако не беа измамите?“)

Револуцијата мора да биде екстатична, на принцип на разбојништво, на криза, се’ да се распаѓа во колапс и тоа да буди неизмерна радост. Во едно писмо Енгелс му пишува на Маркс: „Со мене се случува исто што и со тебе. Откога во Њујорк дојде до крах на берзата, не можев да најдам мир во Џерси, се чувствував извонредно заради тој генерален распад. Кризата ќе му користи на мојот организам како капење во море. Баш така се чувствувам“. Маркс му вели: „Драг Енгелсе! Дури сега го добив твоето писмо, кое ми ги открива сите пријатни перспективи на економската криза.“ Во друго: „American crash е извонреден и уште е далеку преминувањето на кризата. Трговијата повторно ќе биде во следните три-четири години уништена. Во тоа ќе гледаме шанса.“ Тоа е слично со радоста со која Мао Це Тунг ги сакал кризите: „Се’ пропаѓа, значи се’ е во ред“. Кризите му годат на организмот, ... револуцијата треба да ги научи луѓето на „радикално сонување“,да го посакуваат она што е невозможно (во смисла на геслото од 1968 „Да бидеме реални, да го бараме невозможното“) кое точно ја насетува својата крајна цел – таков тип на масовност во која животот станува театар, и обратно. Во 1917 Ленин ги броел деновите за да докаже дека Советската револуција ќе трае подолго од Париската комуна, но ако револуцијата е слична на совршен театар, што се случува „утрото потоа“ кога револуционерот ќе се разбуди и ќе ја почне „прозаичната работа на социјалната реконструкција?“

Реализмот што се случува „утрото потоа“ е парализирачки и тој покажува дека театарот не смее да престане да се случува. Кога Тито ја посетува Македонија за последен, 16-ти пат, во 1978, го дочекуваат 400.000 граѓани на Скопје, а Маршалот одржува еуфорична здравица во Собранието на СРМ: „Стотици илјадници граѓани веќе два дена непрекинато се на улиците. Што значи тоа? Тоа значи дека ние сме на добар пат“. „Тоа не можеше да го скрои ниту каков било маестрален протокол, ниту каква било наредба на државни или партиски органи. Тоа беше спонтан израз на чувството на народот“, восхитено пишува П. Карајанов во 2005 (?!) и тој е во право. Таа масовност можела да ја оркестрира само целосната театрализација на животот во Македонија, победата на лудилото. Театарот ја има тензијата што и’ треба на револуцијата, оној вишок емотивен ексцес, а самата револуција личи на масовен спектакл. Кога во 1972, Тито го дава своето прво интервју за македонски весник, во „Нова Македонија“, тој објаснува како ги доживеал посетите на Скопје, Куманово и Тетово: „Кога човек минува и ги гледа радосните лица на луѓето, има впечаток како да се тоа денови по ослободувањето...(Л)уѓето веќе три- четири дена стојат на улица кога минуваме“ (подв. мое). На Тито му требаат цели 27 години по Револуцијата за да ја удостои Македонија со интервју, но она што е поинтересно е дека и толку долго ПО Револуцијата, народот на лидерот навистина му ја испорачува револуционерната емоција како да се „тоа денови по ослободувањето“ – масата е подготвена да го игра револуционерниот театар и толку долго по фактичката револуција.

Како е можно тоа? Одговорот го наоѓаме во тајните служби. Кога Едвард Кардељ во 1977 ги критикува југословенските маси дека продолжената револуција не значи тие „да го изговараат зборот револуција со три Р“ , тој објаснува како секојдневно ќе изгледа продолжената револуција: Партијата „секогаш да се наоѓа таму кадешто се одвива... активноста на масите“. (подв. на Кардељ). Идејата на Кардељ е можна само преку тајните служби кои постојано ја „театрализираат“ масата, неа ја делат по ролји и подролји, по групи на актери кои постојано глумат дека се во револуција. Во тие поделби, голем дел од граѓаните ќе добијат кодни имиња и досиеја, а овој концепт својата крајна реализација ја најде во тезата на Мао Це Тунг дека културната револуција (што и да значи тоа) е услов за секоја револуција –културната (перманентанта) револуција сега мора да биде радикална револуција, „никогаш доволна“ во емоции, а таа може да се стабилизира САМО преку методите на паланката. Истото го кажува Тито во споменатото интервју за „Нова Македонија“ (1972), кога на лицата на Македонците ја гледа воената еуфорија: „Секој комунист мора да е свесен дека тој е војник на револуцијата..., постојано да се има на ум дека народот гледа во него“ (подв. мое). Нема опуштање, револуцијата трае и во мир, секој комунист е војник.

Се сеќаваме на тезата на Бранка Арсиќ дека играњето „Не лути се човече“ (омилената детска игра во Југославија) беше некаква проекција на касарна - ако шахот е игра на кралеви, прашање на контрола и моќ - „не лути се човече“ беше подготовка за идните војници, за масовната воена психоза, за режирањето револуционерен театар - „Да живееме како сто години да ќе биде мир, а да се подготвуваме како утре да ќе биде војна“. (Наспроти масовноста на револуцијата, постоеја и детските игри и книги од типот „Дружината братско стебло“, утопии за идеалната детска заедница која има се’ што и’ треба - двор, градска куќа, дрво и некоја сестра што бдее над нив, како паралелен универзум, капиталистичката сентиментална проекција за интимното место за „нас“, наспроти јавноста на револуцијата).

Иако Маркс предвидувал дека првите комунистички револуции ќе се случат во технолошки најразвиените земји, успешното освојување на власта се случи само во периферните зони на светската економија, Русија, Источна Европа, Кина... Комунизмот успеа само кај полуразвиените држави со паланечки менталитет и (полу)феудализам. Тоа е затоа што успехот на комунистичката револуција се должеше токму на тајните служби кои целосно одговарале на паланечкиот дух. Паланката има „нагон за ’приказната која се’ уште не е слушната’, за тајната која е осветлена и обелоденета“. Паланката постојано фрла светло врз тајните на луѓето, живее од тие тајни, од интимата. Паланката ја сака приказната заради самата приказна. Таа не знае зошто ги прераскажува трачевите врзани за луѓето. Трачот се прераскажува без некоја подлабока цел, освен за да се „исцрпи потребата за доживување“, кога го прераскажувам трачот за некој друг, тоа е како самата да го доживувам. Едновремено, додека раскажувам јас ја неутрализирам опасноста во таа приказна. Значи, констатирам дека животот не е никако немирен, трагичен; секој ЧИН со прераскажување ќе „го претворам во брборење“. Во тој нагон за трачот, паланката е анти-трагична (Константиновиќ), трачот се раскажува за да се каже дека нема причина да се вознемируваме. Цврсто стоиме на земја. И кога ги прифаќаме искушенијата што ни ги носи животот, ние на животот гледаме со ведри очи. Комунизмот се засновал на сличен филозофски оптимизам. Секаква трагика е изгонета од нашите животи, метафизичкиот немир е конечно смирен, но услов за рационалноста и трезвеноста (во комунистичкиот жаргон: дијалектички материјализам) е да се воспостави служба која ќе ги знае сите тајни. Тајните полиции (иако својствени за сите тоталитарни режими), најдобро успеваа каде што имаше база на граѓани кои паланечки го поддржуваат увидот на сите во се’.

Тајните служби оперираат скриено, но нивната мрежа е сеопфатна само ако зависи од паланечката соработка. Така, врската помеѓу паланката и полициската држава се воспоставува најприродно. Доказ е советска Русија, која не треба да не’ збунува поради својата големина, паланката е нешто што е природено на менталитетот а не на територијата. Тајните служби на советска Русија директно се надоврзале на претходната практика на увид во сечии лични писма. Уште од царска Русија личните писма на граѓаните се читале со запрепастувачка упорност, а во 1882 перлустраторите (читачите на личните писма) читале по 28.000 приватни писма годишно , што речиси одговара на бројката на вкупните писма што се испраќале (иако според законите ова било илегално, како што било и подоцна, според советскиот устав). Базирана на оваа паланечка логика на увид во се’, советска Русија набрзо станува редок случај на исконска верба во баналното - се’ станува важно. Кон крајот на 1923 година пет милиони лични писма и осум милиони телеграми биле читале од страна на ГПУ секоја година, од тоа секој кодош (перлустратор) читал по 250 лични писма и 2.500 телеграми на ден. Системот се развил на таков начин што секој што се допишувал морал да биде сигурен дека ќе биде читан од службите. И советска Русија станува место на најконкретно отелотворување на желбата на паланката од увид во се’.

Ленин е креаторот на првата советска тајна служба, Чека. Првата единица на Чека била создадена во екот на самата Револуција за да го чува револуционерниот штаб во Петроград, но на 20 декември 1917, Чека добива многу поголеми овластувања, а веќе во февруари 1918 добива овластувања да убива без испрашување и без судење. Во двата месеци, септември и октомври 1917 Ленин убива околу 10.000 луѓе, повеќе одошто за цел еден век во царска Русија. Само осум месеци по Револуцијата, во јуни 1918 секој дел од Советската империја добива своја Чека-служба. Дури и про-болшевичките адвокати биле извадени од памет од брзината со која растеле тајните служби на Советската револуција. Само две години по револуцијата Чека броела над 20.000 вооружени мажи и жени со најразлично потекло, кои ако не биле регрутирани од ентузијазам, учествувале од паника - подобро било да си Чека одошто не. Во Петроград, шефот на Чека бил заменуван на неколку недели, никој не бил сигурен дека утре ќе биде жив. На една од паролите на раниот Советски Сојуз пишува „Добре дојдовте во црвениот терор“. Чека многу брзо броела преку 300.000 паравоени сили, кои ја чувале Револуцијата затоа што Ленин велел дека „на еден чесен човек, има девет бандити“. Тоа со други зборови значи дека само еден е избран од десет, другите немаат живот што треба да се чува. Во 1918 Ленин и Троцки ги отвораат првите концентрациони кампови, а Троцки ја кажува гласно Лениновата агенда „Човечкиот живот нема свет карактер“, што значело дека паланечката игра со тајните конечно завршува со целосно нацифицирање на животот. Југословенската симбиоза на паланката и на комунизмот заврши со сличниот трагичен исход. Најдобрата филозофска книга во Југославија беше маестралната студија „Филозофија на паланката“ (1969) на Радомир Константиновиќ која даде најопсежна анализа на југословенскиот паланечки менталитет, а книгата заврши со две визионерски поглавја, „Поетика на српскиот нацизам“ и „Српскиот нацизам и јазикот“. Уште во 1969 Константиновиќ, врз филозофските анализи, го прогнозираше она што се случи со распаѓањето на Југославија во 1989–паланката (во комбинација со комунизмот) ја доби логичната разрешница во крвавата „нацификација“ на Југославија.

 

Post a Comment