Лошиот Тито?

Лошиот Тито?

Извадок од „КОМУНИСТИЧКА ИНТИМА“ на Јасна Котеска, Темплум, Скопје, Скопје, 2008, 436страници, ISBN 978-9989-189-41-8


Од каде да започне идеолошкото заздравување? Во следниве четири поглавја (од „Лошиот Тито?“ до „Голи Оток“) се сумирани неколку цензорски феномени, познати за историчарите, можеби и за пошироката публика, но сеедно, важни да се повторат.

Ако постоеше цензура во Југославија, таа се однесуваше единствено на овие четири теми:

1) не смееше да се напаѓа култот на Тито,
2) не смееше да се пишува за Блајбург и за сродните настани,
3) не смееше да се доведува под прашање начинот на кој беше изведена југословенската револуција во Втората светска војна, и
4) не смееше да се пишува на национални теми.

(Дури и Голи Оток не беше сосема забранета тема, барем по 1985 (?!). Сите други теми беа релативно отворени за критика.

Но токму затоа што постоеја само овие четири генерално цензурирани теми, тие се симптомот врз кои се формираше Југославија. Секоја сериозна критика мора да започне од овие точки на забрана.

* * *

Во рускиот документарен филм „Тито, посмртна автобиографија“ (2003) на Сегеј Костина, личниот лекар на Тито, Предраг Лалевиќ, во една сцена соопштува дека кога Маршалот го посетил Хамбург, градоначалникот на Хамбург ја подигнал чашата за да му наздрави на Маршалот и го прашал: „Знаеме дека пред 50 години бевте работник во Германија, и се прашувам, што ќе се случеше, ако останевте тука?“ Тито му одговорил: „Ќе бев најголем капиталист од сите“. На состанокот во Неапол од август 1944 Тито му вели на Черчил дека не сака во Југославија да воведе комунизам. Тоа не е само дел од игрите на Тито со Британија и со Сталин. Постојат бројни сведоштва за Тито како најголем југословенски капиталист. Можеби најапсурдната ни ја соопштува неговиот личен готвач, Јожеф Осели - дека кога Маршалот паднал во кома, добивал храна за космонаути!? За благосостојбата на Тито се грижеле помеѓу 1.000 и 1.500 лица: телохранители, технички персонал, готвачи, екипи со лекари, масерки, лаборанти за проверка на храната што ја јадел, воени техничари за преглед на објектите кадешто престојувал и сл. Во 1968 Тито за прв и последен пат, на отворањето, ја посетил подземната воена база Жељава (близу Бихаќ), која чинела 4 милијарди тогашни долари, се градела десет години, имала инфраструктура за живот и работа на илјада луѓе, a била уништена во 1992, од истата армија што ја изградила.

Постојат бројни портрети за Тито, кој е најточниот? Дали е тоа творецот на идејата за „социјализам со човечко лице“, единствениот жив човек на планетата што му се спротивставил на Сталин, а останал жив? Или пак е тоа најголемиот капиталист на својата фабрика „Југославија“?

Некогашните Југословени тешко се носат со фантазмот за лошиот Тито, и ден-денес им течат лиги кога гледаат документарци за Тито и кога слушаат анегдоти за Тито. Го сакаат се’ уште, речиси непроменето. Кога во октомври 2006, се славеше 60-годишнината од победата над фашизмот, претседателот на Република Македонија, Бранко Црвенковски, предложи да се подигне споменик на Јосип Броз Тито.

Точно една година подоцна, во октомври 2007, меѓутоа, германскиот неделник „Билд“ објави незгоден список на десетте најголеми убијци на 20 век. Почесното последно место му припадна на Јосип Броз Тито, за кого весникот претпоставува дека во 35-годишното владеење со Југославија убил еден милион луѓе. Апсолутното прво место му припадна на Мао Це Тунг со 50 милиони жртви, второто на Сталин со 40 милиони, третото на Хитлер со 20 милиони, Ленин, на пр., е на петтото со 6 милиони, и сл. Секако дека десничарскиот „Билд“ претерува, Хитлеровото крваво конто е смалено до 20 милиони, за сметка на Сталиновото кое е дуплирано до 40 милиони. Дуплирана е веројатно и крвавата сметка на Тито. Но, тие половина милион жртви?

Според разни извори, Тито е одговорен за ликвидација на 450.000 до 600.000 политички противници. А и овие бројки се „ниски“ прогнози, во услови на немање увид во архивите, дел од досиејата на тајните служби на Југославија се уништувани во бункерите во Босна, иако тоа ми е сомнително – досието на татко ми покажува дека разузнавачките материјали се препраќани до повеќе инстанци, ако се уништувани централните архиви, невозможно е да се уништувани со иста доследност и сите општински архиви. Имајќи ги предвид советските искуства пред и по отворањето на архивите, кога бројките на комунистичките жртви испаднаа многу поголеми и од најфантастичните прогнози (од 2.3 милиони жртви на Сталин, по отворањето на советските архиви, се стигна до најмалку 20 милиони), дури лесно може да се рече дека проценките на „Билд“ за Титовите злосторства не се безпричински и не се десничарски претерани.

Во документите на американската разузнавачка служба ЦИА, кои беа декласирани од тајност во август 2006, во еден допис до Труман стои: „Тито уби повеќе од 400.000 опозиционери.“ Податоците се однесуваат само на првите две децении од југословенското живеење, од 1945 до 1964. Џон Кабот, агент на ЦИА вака ја гледа Југославија во 1947 пред информбировскиот судир со Советскиот Сојуз: „(Режимот) е сомнителен, арбитрарен, брутален, нетолерантен кон различности, фанатичен и склон кон тортури, како и рускиот...“

 

Post a Comment