Interview. The Freud Reader (2013) in Macedonian - Tea Moderna


Interview about the book: The Freud Reader. Early Psychoanalysis, volume 1.
Publisher: Kultura, Skopje, 1 November 2013, 862 pp.

Published in: Tea Moderna, No. 684 XIV, 13 November 2013, Skopje, p. 12-15.


















Author: Ivana Tasev
Photography: Marko Markoski


Интервју во Теа Модерна, 13 ноември 2013

Автор: Ивана Тасев
Фотографии: Марко Маркоски


 Деновиве од печат излегува томот „Фројдовска читанка - Рана психоанализа“. Таа е уредник и толкувач. Покрај професорувањето, почна да ги собира плодовите од нејзината неколку годишна истражувачка и аналитична дејност за раниот периодот од работата на овој психоаналитичар. Резултатот од оваа работа се протега на 800 пишани страници.

-Последниот пат кога се дружевме во нашето списание бевте доцент на Филолошкиот факултет. Во меѓувреме, станавте редовен професор по книжевност, родови студии и теориска психоанализа. Кои предмети денес им ги предавате на Вашите студенти?

Првата моја специјалност беше словенечката книжевност од 18 и 19 век, а денес предавам редица предмети за постмодерната, родовите студии, филмот, па се’ до двете крајности, го предавам најпрактичниот курс на мојата Катедра, методика на наставата по книжевност, а истовремено предавам многу апстрактни, субспецијалистички курсеви за психоанализата, кои се целосна негација на практиката.

Иако парадоксален, овој спој точно го опишува мојот истражувачки, универзитетски, па и животен интерес, а тоа е комплексот наречен „култура“, но, не во онаа смисла да се биде култивиран, да се следат промоции, да се оди по изложби, туку пред се’ кондензираните културни искуства, што Делез ги нарече „настани“, моментите кога хуманистиката доживува револуционерни откритија.

-Досега имате објавено четири книги, преведувани и на други јазици. А издавачот „Култура“ штотуку на пазарот ја претстави најновата книга на која работевте изминативе три години „Фројдовска читанка - Рана психоанализа“. Том распространет на 800 страници. Вие сте уредник и толкувач. Што тоа значи?

Деновиве имам две причини да славам. Мојата книга „Комунистичка интима“ излегува на англиски јазик со издавачот од Вашингтон, а „Култура“ штотуку ја објави новата книга „Фројдовска читанка“. Зборот читанка од насловот не е употребен во смисла на педагошко помагало или учебник, туку речиси обратно, како вознемирувачка книга.

Раѓањето на психоанализата е драматичен момент за хуманистиката, почеток на модерното дефинирање на поимите субјект и љубов. Исто така, зборот читанка е употребен на начин на кој се употребува во англосаксонскиот свет кога се објавуваат мислители кои имаат огромни опуси.

Само основниот фонд на Фројдовото учење, без неговите невролошки студии, има преку 5.000 страници. Тоа значи дека оној што го објавува Фројд треба или одеднаш да ги објави сите 24 тома на Фројдовото учење, или да направи авторска селекција и да го протолкува својот избор, како во мојот случај.

Оваа читанка е составена од пет внатрешно поврзани книги и во центарот на секоја од тие книги е една студија од раниот Фројд, преведена од германски и потоа толкувана на стотици страници. Преводот од германски е на Марија Костоска и Ива Фиданчева. Овие студии, досега не се преведени на другите јужнословенски јазици, па Ива и Марија направија прометејска работа, први во регионов воспоставувајќи ја соодветната словенска терминологија за раниот Фројд.





-Две петини од читанката се преводи, како што го нарекувате, на раниот Фројд на македонски јазик, а три петини се Ваши толкувања на неговите текстови. Толкувањата се замислени како обид за што или на што?

Ми беше предизвик да го разберам најраниот и најзагадочниот Фројд од годините помеѓу 1893 и 1899, кога психоанализата се раѓа како дисциплина, а Фројд се’ уште не е филозоф и културолог на Едиповата нарација, туку е доктор, невролог, психопатолог и семантичар на хистеријата.

Толкувањата го објаснуваат оној специфичен историски миг, кога, на крајот од 19-тиот век, од германската и од француската неврологија, се одвојуваат еден корпус прашања, што веќе не може да бидат објаснети само со медицината, а гласат отприлика вака: Што е его, а што е свест? Што е „одмор“ од свеста, а што е „пукнатина“ во свеста? Што е хистерија? Кога се случува естетизацијата на болката? Како се поврзани човекот и животното? Зашто Фројд вели дека не постои разлика помеѓу емоцијата и мислата? Што е срам? Што е умор? Дали мислењето е бесмислено? Што е желба? Како да направам разлика помеѓу реалноста и халуцинацијата? Дали реалноста навистина постои? Зошто минатото ме боли? Што е траума? Какви временски парадокси се поврзани за сеќавањето?

Дали постои меморија на детството, или детството секогаш се помни како лага? Дали постои нормалност? Зошто човек „бега“ во болест? Дали телото може да „зборува“? Кој знае да го чита моето тело? И конечно: дали зборувањето лекува?

-Зошто Фројд токму сега? Земајќи предвид дека денес знаеме за десетици феномени што Фројд целосно ги промашил...

Фројд не бил во право кога верувал дека зборувањето ќе лекува повеќе од лековите. Денешната фармацевтска индустрија напросто го згази Фројд во и надвор од клиниките, и додека Фројд верувал во бавното лекување со зборувањето, нашите фрагментирани разговори денес и не може да започнат без дневните дози бензодијазепини на кои е навлечена половина планета.

Понатаму, Фројд целосно го промаши местото на жената во модерното семејство и во современата цивилизација, и за тоа ја плати цената на столбот на срамот во феминистичката литература. А делумно се оствари и најстрашниот кошмар на Фројд дека не успева да создаде „затворена наука“ и дека ќе биде избркан од академијата и заборавен од „сериозните науки“. Па сепак наспроти се’, тој и денес е жилава научна референца.



-И покрај сите негови превидувања и грешки, парадоксот на Фројд е дека, како ниедна друга фигура, тој е се уште еден од највлијателните мислители на денешницата. Како го објаснувате овој феномен?

Фројд се’ уште не’ прогонува, ние се’ уште живееме во ерата на Фројд. Иронија е дека Фројд заврши како икона на современата поп-култура, машина што служи за толкување на се’: од декларации на шампони до холивудски филмови, од воена историја до зен-будизам, иако самиот целосно ја игнорирал и зазирал од современата уметност, филм и култура.

Сепак, Фројд опстојува, меѓу другото, и затоа што е непоправлив оптимист, затоа што својата дисциплина ја поставува врз премисата дека е погрешно да си несреќен и дека анксиозноста може да се лекува.



-Дали Фројд Вам Ви помогна околу интроспекцијата во Вашето секојдневие?

Психоаналитичарите велат: „Нема фризер со добра фризура“. Сепак, верувам дека знаењето ја зголемува, а не ја намалува среќата.



 

Post a Comment