За политичкиот хумор

Дневник, 03.03.2009

линк

За политичкиот хумор
Јасна Котеска

Минатата недела Иванов го услови Фрчковски со извинување за навредите искажани пред почетокот на претседателската кампања (претпоставувам заради ангедотата „Пак-и-стани“), во спротивност Иванов одби да учествува во дебата со него. И додека јавноста се подели: „Иванов има право да се лути, тоа е прашање на достоинство“, односно: „Што има Фрчковски да се извинува, ’Пак-и-стани’ е сепак само анегдота?“, еве материјал за анализа. Ако, за моментов, „Пак-и-стани“ го третираме само формално (како хумор), а не и суштински (како разобличување на против-кандидатот до „антички фундаменталист“), тогаш влегуваме во сложениот проблем на политичкиот хумор.

Што, точно, значи политичкиот хумор? Минатата година на насловната страница на угледниот „Њујоркер“, осамна карикатурата со Обама како муслимански екстремист во Белата Куќа, покрај сликата на Бин Ладен и покрај сопругата со пушкомитраљез. „Њујоркер“ ја објасни контроверзната карикатура како исмевање на десничарските противници на Обама. Пораката гласеше: „Еве го вашиот страв. Гледате ли дека е смешен?“.

Но, читателите не беа подготвени за волкава доза хумор. Бројот и силината на реакциите до „Њујоркер“ покажа дека луѓето се згрозени, хуморот го доживеаја како навредлив и нефер. Тоа значеше дека освен лошиот вкус, нешто друго ги дразнеше во карикатурата, некаков вишок идеолошки Zeitgeist. Каков?

Политичкиот хумор, всушност, се сведува на прашањето: до каде може да одите со слободата на говорот? Од една страна, само онаа нација што знае да се смее самата на себеси е витална. Вицовите не ја рушат, туку напротив, ја гарантираат стабилност на системот. Се смееме, значи се’ е во ред. Историјата не’ научи дека системите без хумор, не биле добри. Бољшевиците не го сакале хуморот (само во ерата на Сталин 200.000 луѓе завршиле по гулази заради раскажувањето вицови).

Сличен одговор даде и еден од поддржувачите на „Њујоркер“: „Обама не треба да се вознемирува од карикатурата што го прикажува како муслимански екстремист. Оти знаете ли кој се вознемирува од овие карикатури? Само муслиманските екстремисти.“

Но, веќе овој одговор драматично ја ротира почетната теза. Дали постои вистинска разлика помеѓу простиот, „чист“ расизам и мета-расизмот? Досетките од типот: „Не ги мразам црнците, само расистите“, или вон-расистички: „Нема повеќе канибалисти, вчера го изедовме последниот“ и сл., со други зборови, дали со расистичките вицови го исмевам расизмот, или само го ПОТВРДУВАМ на друго ниво? А што ако мета-јазикот во политиката воопшто и не постои? Што ако вицот за расизмот веќе и самиот не е расизам?

Сетете се на исламските протести поради данската карикатура на пророкот Мухамед од 2005. Веќе следната година, едно иранско списание реши да ја тестира екстремната издржливост на хуморот. Списанието објави конкурс за најскапата карикатура на светот од 12.000 долари. Тема беше Холокаустот. Објаснувањето на редакцијата гласеше: „Сакаме да сфатиме каде е границата на слободата на говорот?“. (Ова, и инаку е често прашање на најрадикалните левичарски интелектуалци од Запад, а во најекстремната форма го постави Бадју: дали неможноста да се пледира и да се гласа за фашизмот како партиска платформа, денес, не е веќе ограничување на западната парламентарна демократија)?

Како што гледаме, ако го тегнеме политичкиот хумор до своите екстреми, тој почнува да ги кине самите рабови на идеолошкото ткиво. Идеологијата, најпросто речено, НЕ може да поднесе СЕ’. Здраво е да се смееш, но добро е да знаеш да престанеш на време.

Ова го знаеме и од сопствените елементарни искуства. Ако сте на семејна вечера, и одеднаш некој од вашите пријатели почне да се смее продолжено, ако тоа смеење потрае десетина минути и ако нема изгледи набрзо да престане, за вас хуморот престанува да биде смешен и станува алармантен. Итно ќе посакате да го суспендирате вишокот хумор кај пријателот, за да го вратите во „нормала“.

Или, во случајот со скараните кандидати, дури и вистинската намера на Фрчковски да не е хуморот, туку суштинската порака: „Сакам да го разобличам мојот против-кандидат како антички фундаменталист“, Фрчковски всушност само го тестира капацитетот на својот против-кандидат за слободата на говорот. И овде не само што се појавува истиот одговор од „Њујоркер“: „Ако анегдотата го вознемирува Иванов, тој и не е ништо друго освен антички фундаменталист“, туку се јавува и поважното прашање: но, зарем Иванов (под услов да не е антички екстремист!) го нема истото право на достоинство, како и сите други луѓе? Зарем нема право да се лути и да одбие дијалог? Одговорот е едноставен и гласи: нема. Затоа што за него не важат истите правила што важат за нашите семејни вечери, и тоа од сосема трети причини.

Власта, имено, подразбира извесно „испразенето место“, „празно тело“, претседателот е некаква „протеза“ на народот, она што Хамлет најкратко го нарече вака: „Кралот е предмет“ (The King is a Thing). Носителот на власта е „предмет“ кој мора да биде отворен за потсмев на народот, не заради комедизација на политиката, туку од многу повитални причини - за да се тампонира самиот демонски карактер на власта. Имено, иако народот доброволно му ја делегира власта на водачот, власта сепак останува некако „одземена“ од народот и само хуморот може да го неутрализира овој трансфер на многуте во еден (или на „едниот за сите“).

Како што стојат работите во моментов, кога ќе престане хуморот, ќе бидеме соочени со две прости алтернативи. Или патетично-трагичното достоинство (Иванов одеднаш се стекнува со херојската доблест, тоест обратно, брутално е соголен до смешно суетен), или ако Фрчковски го влече хуморот до бесконечност, само го претвора во радикалната спротивност, во одвратноста.

Затоа површински гледано, почетната разлика помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ во претседателската трка се сведе на разликата помеѓу трагичарската достоинственост (ВМРО) и карневалската игра (СДМС). Она што воопшто не е смешно е дека македонската јавност, заради тие почетно искористени „смешни џокери“, веројатно ќе остане без дуел помеѓу двете водечки партии. Не е првпат, а не и невидено. Некои луѓе ми рекоа дека Груевски сфатил дека дебатите се само губење време, отклонување од вистинските работни задачи. Можеби. (Иако, последните парламентарни избори во Полска покажаа дека токму дебатата го пресуди победникот).

Но, дури и симболно, суштината на демократијата е дека точно тие „отклонувања“, „вишокот“ делегирана власт што народот може да си ја „присвојува“ назад преку хуморот ако сакате, се едиствениот услов за тестирање на „носивоста“ на работните задачи. Единствениот вистински гарант дека смеењето нема да стане мртво сериозно.

 

Post a Comment