Биографии-лексикони

Биографии-лексикони


Извадок од „КОМУНИСТИЧКА ИНТИМА“ на Јасна Котеска, Темплум, Скопје, Скопје, 2008, 436страници, ISBN 978-9989-189-41-8


Рано е за последниот збор, ви велам,
зборувам скоро од крајот – прв,
јас не бев на сцената за што ме обвинувате
јас бев самиот сцена во крв!
Евтушенко

Значи, постојат најмалку два типа биографии. И секако, тука се третите, најчестите биографии- оние кои се помалку или повеќе составени од факти. Фактите за Јован Котески собрани од разни лексикони – еве што има во нив:

Јован Котески (1932-2001) е поет кој припаѓа на т.н. трета генерација македонски писатели, што се јавува во 1950-тите години, на која припаѓаат Живко Чинго, Петре М. Андреевски, Радован Павловски, Богомил Ѓузел, Влада Урошевиќ, Петар Т. Бошковски… Роден е во селото Присовјани, Струшко, како четврто од петте деца на Петкана и Васил Котески. Детството го поминува како овчар-измеќар, чувајќи туѓ добиток. Во 1946 се запишува во Охридската гимназија, живее во интернат. Во 1948 година, татко му, кој работи како шеќерџија во Братислава, Словачка, е затворен од страна на словачкото Информбиро и е осуден на 9-годишна робија. Со татко му, се среќава само двапати во животот, еднаш на седум, и вторпат на 26 години. За втората средба од 1958 Јован Котески подоцна пишува: При враќање, се јавил кај една моја тетка, а таа го довела во мојот ќумез, кај што престојував под кирија како студент. Приквечер, кога се вратив од факултет, во собата гледам – гостин. И еве една прегратка на еден опустен, тегобен живот. Во 1954 година се сели во Скопје, запишува студии по литература, кои никогаш не ги завршува. Три децении работи како новинар во Радио Скопје. Во 1958 година ги објавува збирките песни: “Земја и страст” и “Насмевка пред зорите”, а следат: "Злодоба" (1963), Тежина” (1965), "Пеплосија" (1966), “Сенки” (1972), “Зелени порти” (1975), “Хераклеја” (1978), “Поморија” (1981), “Бденија и сновиденија” (1982), “Полилеј” (1983), “Плодови” и “Тапија” (1985), "Живожарица" (1990), "Сончева белегија" (1990), "Морници" (1991), "Глувчето со двоглед" (поезија за деца, 1991), "Ралица" (1992), "Злодоба" (1992), "Лелејка" (1994), "Самотија" (1994), "Празник" (библиофилско издание во ракопис, 1995), "Трагач" (поема, 1995), "Решетки" (1996), "Приќе" (1997), “Одрон” (1998), "Разор" (1999), "Кртечина" (2000).

На 2 септември 1985 година е уапсен и осуден на 5-годишна робија. Обвинението го товари за илегално работење на уривањето на Југословенската Федерација и за создавање независна македонска држава, што фактички се случува седум години подоцна. Припаѓа на последната група политички затвореници-интелектуалци во поранешната Југословенска федерација. На Јован Котески му се суди на затворен процес, без пристап на јавноста. Еден од обвинителите за татко ми бара обвинителна пресуда од 20 години.

Најголем имплус за негово ослободување од затвор меѓу македонските писатели (акција, која, инаку, никогаш не се случува) во текот на 1986 година покренува американскиот поет, Ален Гинзберг, како тогашен претседател на Комисијата за заштита на правата на писателите и новинарите во светскиот ПЕН-центар, кој таа година престојува на Струшките вечери на поезијата, како добитник на Златниот венец. По интервенцијата на југословенскиот ПЕН-центар (со седиште во Загреб), во јули 1987, по нецели две години робија Котески е пуштен на слобода. За неговото ослободување најмногу е заслужен франкофонскиот писател, тогашниот потпредседател на светскиот ПЕН-центар и претседател на хрватскиот ПЕН-клуб, Предраг Матвеевиќ, кој организира петиција со светски познати писатели за негово ослободување од затворот, а кој во текот на 1990-тите години и самиот паѓа во немилост на националистичкиот режим на Фрањо Туѓман во Хрватска.

Со писма до Окружниот суд во Скопје и до Сојузниот суд на Југославија во Белград, Матвеевиќ успева да издејствува преиспитување на пресудата за Котески и негово експресно ослободување од затвор во јули 1987. Котески е примен на работа како библиотекар во библиотеката "Другарче", каде што останува да работи се’ до пензионирањето. Патува во Хрватска и се среќава со Предраг Матвеевиќ. Во 1995 добива награда на анонимниот конкурс за поема. Последната деценија од животот ја поминува во релативна изолација во својот дом во Скопје, страдајќи од параноја. Во 2000 година излегува тротомен избор од неговата поезија на македонски јазик. Во ноември истата година, седум месеци пред смртта, успева да види селективни делови од своето досие за апсењето. На повеќе од 300 страници е забележано дека бил предмет на иследување во текот на најмалку 40 години од животот. Умира на 12 јули 2001 во Скопје, во кругот на најблиското семејство.
(Татко ми за првпат бил притворен во 1948 кога имал 16 години, веројатно заради тоа што татко му, дедо ми, Васил Котески, кој работел како печалбар-шеќерџија во Братислава, Словачка во 1948 е затворен од страна на словачките тајни служби и осуден на 9-годишна робија затоа што во станот на дедо ми во Братислава нашле слика од Тито, истиот Маршал во име на кој, за иронијата да биде поголема, подоцна му се суди на татко ми. Вторпат, татко ми е притворен во 1952 за време на една младинска акција во Маврово, итн., а полициското досие под кодното име “Интимист“ под кое татко ми бил воден во УДБА, е отворено дури во 1961 година. Последниот документ од досието на татко ми е од 1988 година, но нема никаква причина да веруваме дека набљудувањето не траело до 1990. Ако (со право или без) сметаме дека набљудувањето врз татко ми престанало во 1990 година, тогаш набљудувањето траело само цели 42 години. Ако (со прекини) продолжило до неговата смрт, тогаш татко ми бил предмет на полициско набљудување цели 53 години. Дека југословенските тајни служби соработувале со тајните служби на другите комунистички земји од Источниот блок е општопознато. Татко ми станал сомнителен за Службите на внатрешни поради невозможно суровата комунистичка логика која вели– татко ти е сомнителен, значи и ти си сомнителен.)

 

Post a Comment