Фатална заводливост (2007) Јасна Котеска

Глобус, 26.06.2007

Најчестата претстава за големата љубов е љубов пред или по бојното поле.

Луѓето никогаш не ја прежалуваат својата одамна „умрена“ средношколска љубов. Главно, затоа што таа не е повеќе тука за да го посведочува здодевниот живот, со своето очајно присуство.

Јасна Котеска
ФАТАЛНА ЗАВОДЛИВОСТ

Во филмот „Wedding Crashers“ (2005) на Добкин е раскажана приказната за Џон и Џереми, бизнис партнери и пријатели од деца. Нивното заедничко хоби е заведувањето жени. Џон и Џереми во минатото прочитале некаков заводнички прирачник во кој пишувало дека свадбите се идеални места за заведување. Искористувајќи ја романтичната атмосфера, таму заводникот лесно може да си обезбеди лесен секс со некоја од сваќите.
Драмата настанува кога Џон се вљубува во една од гостинките на свадбата, извесната Клер, и сака да излезе од кругот на инфантилните заведувања. Неговиот пријател, Џереми, останува сам во проектот и очаен го посетува гуруто на целата идеја, авторот на прирачникот, за да побара совет како да го врати својот пријател назад.
Неочекувано, наместо на свадба, гуруто го наоѓа на погреб. Гуруто му објаснува дека својата идеја ја доразвил понатаму. Некогаш мислел дека моментите на генерална веселба, како свадбите, се најдобрите места за заведување жени. Но, открил уште подобар извор на еротска желба. А тоа се погребите и генерално местата каде се ослободува голема тага.
Гуруто, всушност, кажува дека чинот на заведувањето е најуспешен ако се движи околу апсолутната фаталност, околу смртта сама. Животот е заснован на баналности и на дневни стереотипи, кои никако не можат да ја обезбедат драматичноста што и’ одговара на љубовта. Но, смртта може.

Иако парадоксална, оваа теза го содржи најтемелниот човечки фантазам за љубовта. Најчестата претстава за големата љубов, што ја споделуваат луѓето од сите култури, е љубов тесно врзана за смртта. Најславните љубовни приказни на светот се групирани околу смртта: од античките епови, преку индиските филмови, до најпознатите западноевропски парови: Ромео и Јулија, Ана Каренина и Вронски - во сите нив, услов за величественоста на љубовната приказна е самата смрт.
„Во најголем дел од времето, љубовта е нуспроизвод на убиството“, рекла Агата Кристи, која била кралица на книжевните убиства. Иако жанровска, нејзината изјава сосема одговара на нашите секојдневни претстави за љубовта. Најчестата претстава за големата љубов е љубов пред или по бојното поле. Најмногу се сакаат љубовниците пред да избувне голема војна. Или пред некој од нив да умре.
Ситуацијата на недостаток на еден од партнерите е идеална, затоа што ги спасува луѓето од невештото прикривање на омразата кон оние што се’ уште се тука. Како што најопшто знаеме од психоанализата, најдобрите соседи се мртвите соседи. Исто и љубовниците. Најдобрите се оние што не се со нас. Тоа го знаеме и од сопствените елементарни искуства. Луѓето никогаш не ја прежалуваат својата одамна „умрена“ средношколска љубов. Главно, затоа што таа не е повеќе тука за да го посведочува нашиот здодевен живот, со своето очајно присуство.

И тоа е вистината што ја кажуваат книгите. Но, постои и друга елементарна вистина, што невешто ја кажува самиот живот. А тоа е дека кога љубовта ќе се случи, таа најчесто не се создава како љубов за Стварта која е недостапна и „нечовечка“, предсмртна или посмртна љубов. Тоа не е љубов која не’ тера да го воздигнуваме посакуваниот/ната до достоинството на Стварта. Туку сосема обратно. Вистинскиот подвиг што и’ го должиме на љубовта, е дека таа со сигурна рака не’ тера да го спуштиме посакувањето до надмоќта на достапното. Тоа е кога засакуваме преку најбанална потреба да се залепиме за телото на посакуваниот/ната. Сосема независно од фаталните фантазми. Делумно, и како сигурен штит - баш од нив.

 

0 comments:

Post a Comment

Post a Comment