Поглед и допир (2007) Јасна Котеска
Глобус, 25.9.2007
Јасна Котеска
ПОГЛЕД И ДОПИР
Погледот ниту е алатка за сознание, ниту за допаѓање.
Кога во „Снежана и седумте џуџиња“, Кралицата го крши огледалото, таа го уништува невозможниот поглед и го ревоспоставува здравјето.
Францускиот филозоф, Сартр, кој имал проблеми со видот, а на крајот од животот и физички ослепел, ни ја оставил приказната за човекот кој гледа низ клучалката. Тоа е најчестата воајерска сцена што ја познаваме. Двајцата водат љубов во соседната соба, а воајерот ги ѕирка низ клучалката. Воајерот гледа се’ додека не биде предупреден од звукот на некој четврти кој доаѓа, од неговите чекори. Тој момент воајерот вистински може да ужива, затоа што е „фатен“ од погледот на вториот воајер. Или, кога е здогледан од самите актери на љубовната сцена. Секој што студирал филм, може да се присети дека во класичните филмови имаше едно ригорозно табу, кое вели дека актерот никогаш не смее да гледа во камерата. Актерот секогаш мора за малку да ја „промаши“ средбата со гледачот, за гледачот во кино салата да не биде разоткриен во своето воајерство. Но, денешната филмска уметност, со право, го разби табуто на погледот.
Погледот суштински не гледа ништо. Сетете се само на фројдовската пракса. Најчестите карикатури со Фројд се нацртани околу фамозниот кауч, каде лежеле пациентите, а тој седнувал на фотељата зад нив. Тоа бил разговор без погледи, чудна визуелна драма на отсутниот поглед. Фројд ќе го видел лицето на првата сесија, и потоа се лишувал него, не за да го исклучи допаѓањето, туку поважно - за да го „види“ другиот, за да го спознае проблемот. Тоа „откажување“ од погледот, интуитивно, го практикуваат сите љубовници. Кога гледаме во лицето на саканиот/ната, почесто бараме нешто „преку“ тоа лице, нешто „од онаа страна“ на лицето, на пример, интензивно гледаме во очите „за да влеземе во душата“ (како што гласи познатата фраза), што љубовниот поглед го прави поглед кој го укинува гледањето. Зошто е тоа така? Затоа што погледот е бикуларен поглед, тоа е поглед на две очи, но ние никогаш не гледаме две слики, туку само некаков превод на двете слики во една. Тоа покажува дека ние, всушност, и можеме да бидеме апсолутно сигурни во точноста на преводот.
Еден пример е анорексијата. Анорексијата не е желба да се моделира женското тело според машката желба - забележете како машките списанија никогаш немаат слики од многу слаби девојки. Анорексијата е болест на погледот, кога жената во огледалото здогледува поинакво тело од тоа што стои пред огледалото. И започнува да се изгладнува. Кога во „Снежана и седумте џуџиња“, Кралицата го прашува огледалото: „Која е најубава на светот?“, а огледалото одговара со гримаса, таа го крши огледалото, и, треба да се рече, Кралицата, со тоа, го ревоспоставува здравјето! Затоа што го уништува невозможниот поглед. Ако не го скршиш ти погледот на огледалото, погледот на огледалото ти се одмаздува, кршејќи те тебе и твојот вознемирен поглед.
Уште Беркли пишуваше дека погледот е вештачки. За да има сетило, тоа треба да биде „веднаш“. Погледот не е „веднаш“, затоа и не е сетило, туку тек некаков тип на разбирање, на мислење. Погледот е само превод, но допирот не е, допирот е „веднаш“, допирот не лаже. Се сеќавам кога во 2005 година козметичката куќа „Лореал“ на пазарот исфрли една реклама за масло за сончање. Новитетот што се рекламираше беше дека шишенцето имаше спреј. Девојката се прска со спрејот, а момчето од пристојна телесна далечина, набљудува. Рекламата завршува со размената на заводливи погледи. Некогаш за овие реклами беа карактеристични еротските игри со допирот. Двајцата се допираат на пуританската плажа, затоа што имаат изговор. Но, сега „валканиот“ допир е заменет со достоинствениот, апстрактен поглед. Не се допира телото, туку се допира погледот. Парадоксот е дека нема ништо валкано во еротскиот допир, нечист е само погледот на третиот, кој не може да ја издржи туѓата телесност. Лакан посведочува дека во светската цивилизација нема ниеден текст за „доброто око“, за „окото што благословува“, постои само завидливото око, окото на стрвноста, злото око. Ние негуваме иконографска симпатија за еротскиот поглед („се гледаат со љубов, колку е тоа убаво“) но, она на што се радуваме, парадоксално, не е ветувањето за допирот што ќе следи, туку за можноста целата афера да се распадне, да остане на ниво на погледи, овие двајца некогаш да се сретнат телесно! Не постои добро око, постои само добар допир.
Допирот е најдиректниот од сите сетила. Затоа е најчесто на удар на нашата култура. Ние добиваме пораки дека само „примитивните“, само „варварите“ меѓу нас, се допираат. Се гушкаат кога ќе се сретнат, предолго се држат за рака кога се поздравуваат, блиски се. „Културните“ само се гледаат, од безбедна дистанца. Нашата цивилизација е епоха на изгонување на допирот и негова замена за погледот, кој ги „голта“ другите сетила. Зашто да водам љубов, кога сега може да бидам воајер? Ерата на доцниот капитализам драстично ја радикализираше дистанцата меѓу луѓето, преку прецизно уништување на сите сетила, за сметка на погледот. Прецизно градиме ѕидови за да не се сретнеме со другите. Ако се сретнеме, тоа да биде преку симболната рамка што ја претставуваат: родител, сопруг, шеф, службеник на шалтер, просјак. Исповедните телевизиски емисии, четовите во сајбер просторот, парите што ги оставаме за бездомниците, сето тоа се модови преку кои се штитиме од вистинската средба со другиот, од допирот со другиот.
Post a Comment