Дворска љубов (2007) Јасна Котеска

Глобус, 28.8.2007
Јасна Котеска
ДВОРСКА ЉУБОВ

Дворската љубов е вечна увертира, таа е љубов како бесконечен пролог.
Звукот на дворската љубов е звук на аплаудирање само со едната рака.

Постои една архетипска љубовничка ситуација. Тоа е кога човек сака една личност, но може да спие само со други за кои не му е особено грижа. Тоа е случајот во кој љубовникот на таков начин ја воздигнува саканата личност, што со неа никако не може да биде „овде“ и „сега“. Најчестиот изговор што си го дава љубовникот во оваа ситуација, гласи: Да се сретневме во некое друго време, да се видевме на некое друго место, јас да не дојдев во 21.00 часот ноќта кога ти дојде во 23.00 часот, да бевме само малку помлади, да бевме многу постари, да бевме од ист град, ти да беше.., јас да бев...Овој тип „невозможно“ посакување е прастаро. Петрарка, најпознатиот љубовен поет на средновековната цивилизација, ја воспевал недостапната Дама, иако тоа не го спречувало, истовремено, да биде оженет и да има љубовници. Таа „профана“ верзија на неговото љубовно секојдневние, на некој начин, била и главниот услов, до бесконечност да ја негува токму беспоговорната љубов за никогаш освоената Дама. Страдањето околу недостапната Дама е практика позната под името дворска љубов. Дворската љубов потекнува од времето на трубадурите, од раниот 13 век и означувала љубов на витезот за никогаш освоената жена. И во случаите кога можел, и тогаш кога не можел да ја освои, витезот верувал дека благородниот човек треба сиот свој живот да и’ го посвети на посакуваната, но отсутна Дама. За неа немало место во бракот. Бракот бил социјален договор чија крајна цел било потомството. Соодветно, целибатот бил најпрепорачаниот облик на поведение во бракот.

Да се зборува за дворска љубов, денес, се чини смешно. Ова е навидум време на дозвола од секакви сексуални задоволства. Но, парадоксално, модерните манири во ништо суштински не се разликуваат од фантазмот за недостапната, совршена Дама. Од мистериозната Дама во филм ноарот (film noir) која брзо доаѓа и уште побрзо си заминува од канцеларијата на детективот, оставајќи зад себе малку зборови и многу чад од цигари, до бесмисленото оплакување на никогаш освоената девојка од турбо-фолк песните– сите овие искуства зборуваат за се’ уште живата практиката на дворската љубов. Дамата од дворската љубов е агентура на моќта, таа е каприциозна и господарствена, а љубовникот е во потполност зависен од ситните амплитуди во нејзиното, генерално студено, поведение. Но, истовремено, Дамата е и објект кој нема уста со која ќе го искаже своето искуство. Поточно, Дамата нема ниеден атрибут од редот на човечките атрибути. Таа е нехуман партнер. Очекувано, најчестото драматуршко решение за „излез“ од дворската љубов е – саканата да падне во кома. Од филмот „Talk to Her“ (2002) на Алмодовар, до хрватската сапуница „Обични луѓе“ (2006), љубовните приказни се вртат околу немата партнерка, која ете паднала во кома. Комата ја става посакуваната во идеална позиција. Таа, и да сака, не може да одговори на љубовниот повик. Затоа што е во кома. Од што се состои потребата на овој љубовник саканата да ја замрзне до нем објект на посакувањето, додека истовремено себеси беспоговорно се дава на секоја една друга од низата „достапни“ љубовнички? Тоа решение се состои од потребата во Дамата да се лоцира љубовната трансценденција, она нејасно „океанско чувство“ кое вели дека животот, најпосле, можеби и има љубовна смисла. И таа потреба е толку поголема од „отелотворената“ љубов „овде“ и „сега“, толку поголема од самата љубов, што парадоксално, секогаш ја промашува - токму љубовта. Дворската љубов е љубов како бесконечен пролог, тоа е љубов како вечна увертира. Наспроти бесконечните изливи на љубовно страдање, она што суштински недостасува од ваквата љубов, е самата љубов. И поважно. Дворската љубов е љубов лишена од Другиот. Каков е звукот на дворската љубов? Тоа е звук од аплаудирање само со едната рака.

 

0 comments:

Post a Comment

Post a Comment