Биографии на „пријателите“
Биографии на „пријателите“
Извадок од „КОМУНИСТИЧКА ИНТИМА“ на Јасна Котеска, Темплум, Скопје, Скопје, 2008, 436страници, ISBN 978-9989-189-41-8
Вие сакате да свирите на мене, сакате да го дознаете мојот клуч; сакате од срцето да ми ја искорнете тајната; би сакале да може да одекнам од најнискиот тон до врвот на својата скала. А еве го овој мал инструмент во кого има прекрасен глас и обилни тонови, па вие сепак не можете да го натерате да проговори! По ѓаволите, мислите ли дека може полесно да се свири на мене одошто на една фрула? Наречете ме кој сакате инструмент; вие може да ме пипкате, но не можете да свирите по мене.
Шекспир
И потоа, секако, ги има тврдите биографии. Нив вообичаено ги пишуваат оние што ти се смешкаат и држат нож зад грбот. Твоите пријатели, македонските поети и писатели ….
Кога во ноември 2000 година татко ми, за првпат, ми го покажа досието, тоа беше само неколку месеци пред да почине. Толку време имавме, време за помирување. Некои меѓу нас, децата на политичките затвореници, немаа ни толку среќа. Првото нешто што ми го покажа беше графата: "Соработка со Внатрешни Работи: немал!" А потоа ги читаше тие 300 (од којзнае колку) страници, што му дозволија да ги види од своето досие и да ги има, со само неколку имиња, со половина страници ичкртани со фломастер, за да го констатира тоа што го знаеше цел живот. Дека најмалку 42 од својот 69-годишен живот бил предмет на иследување! И потоа, сфативме дека паранојата не била параноја, дека стравот не бил ирационален луксуз, туку виша состојба на сознание. И потоа, читаш, те боли, ама барем гледаш дека не си луд.
Кога татко ми излезе од затвор, му се случуваше на улица да му свртат глава неговите најдобри пријатели, нашите литературни доајени, нашите лектири. Истото и’ се случуваше на целата моја фамилија. Разбираме, им било тешко, не знаеле како да се поздрават, а да не се повредат. Ги разбираме, ама да се разбереме, нема никогаш да ги разбере поетот и детето во татко ми, затоа што за тоа дете, тие механизми не може да бидат разбрани. И во име на тоа дете што не ги разбра, во име на татко ми што веќе го нема, имам само едно да им порачам, од устата на хрватскиот рапер, Едо Маајка: Да ви ебам матер...
Кога татко ми ми го остави досието, основното прашање во прво време за мене не беше кој, како и зошто, туку едно сосема друго, инфраструктурно прашање. Како изгледала конкретно таа машинерија? Кој ја отчукал оваа страна? Како се викала таа дактилографка? Кој ја направил оваа печатна грешка? Дали овој пропуст е минималниот знак здравје? Кој го прислушкувал брат ми додека се договара за тренинг по атлетика? За какво добро била таа информација? Вредело ли? Како се викал телефонистот? Дали кога ја пренел "информацијата", тој, конкретен доушник, писател, таа наша лектира, имал чувство дека работи нешто корисно? Како изгледал "информаторот"? Што појадувал тоа утро? Со која реплика ги испратил децата на училиште? Дали со платата што ја примал за својата подземна работа, направил од своите деца среќни и добри луѓе? Затоа што ако направил, барем тоа е некаква галактичка утеха. А, ако не направил, мене ни тоа не ме теши…
Исто подоцна, додека чекаш автобус, одеднаш ќе ти светне и едно лично прашање. Мене ми се случи тој автобус едно утро. Кога ми стана јасно дека тој апарат за прислушкување кај нас дома е ставен во времето кога сум му го рекла првото ало на мојата прва симпатија. Тој бил тајна за сите мои пријателки, но не и за државната структура. Да можам да бирам, нема да сакав да е така. Да можеше брат ми да бира, нема да сакаше да е така. Но гледате, ние немавме избор.
Тоа се фундаментални работи и многу се важни. Не можете да прислушкувате една нација без никакви последици и потоа да очекувате дека таа нација ќе ви биде нормална. Не можете, потоа, едно утро да им кажете: треба да влегуваме во Европа, немојте да преминувате улица на црвено. Тие со своите трактори ги изгазиле сите интимни координати на нашите човечки животи, минувајќи секогаш и задолжително на црвено, ги минале сите семафори на една човечка интима, а потоа од нас бараат да застанеме на зелено и да бидеме лојални на нивните конвенции. Нема тоа. За да има фер, мора да биде фер од двете страни.
Во досието на татко ми има документ дека е ставена направа за прислушкување кај нас дома, но нема документ дека некогаш е извадена. Ќе речете, никој луд нема да се занимава со прислушкување на пензионерските разговори на мајка ми, денес, но гледате не можеме да знаеме. Затоа што таква е таа логика на системот. Тој мора да те држи во параноја. Тој нема да ти каже кога почнал да те прислушкува и нема да ти каже кога престанал. Намерно нема да ти каже кога престанал за да не се опуштиш. Тоа е малобоговска логика: никој не те прашува дали сакаш да дојдеш на овој свет, никој не те прашува дали сакаш да си одиш. Да си одиш од нивниот паноптички поглед. Тие одлучуваат. Тоа е позиција на семоќ.
И точно затоа што цели генерации деца на бившите политички затвореници молчат како и јас, токму затоа таа семоќ е фактички можна, иако никој никогаш нема и нема да има легитимитет да им ја даде… Едно од основните прашања на оваа држава е да створи механизми со кои ќе ја направи видлива таа страница од своето минато, страдањата на цели генерации и наследници на жртвите во политичките пресметки. Се извинувам, ама ако може денес во секој трет весник да се отвора медиумски простор во кој луѓе ќе се жалат колку болела липосукцијата, ќе мора да дозволат да се каже дека и ова болело. Татко ми беше политички затвореник во време кога во Словенија веќе се случија Лајбах и НСК. Во време кога реално се’ се распаѓаше. Во време кога ништо не остана, ние Македонците (всушност вие, Македонците) (и) тогаш решивте да се екипирате за да ги расчеречите оние со еретички мисли.
Ми се случувало да го спомнам Идризово и луѓе со кои се познавам со години, да ми кажат дека нивниот татко, очув и сл. биле политички затвореници. Прво што во тие моменти ми паѓало на памет е прашањето: па добро, мајку му, колку не’ има? Навистина, колку не’ има? Базичното прашање останува: ако имате цели генерации "Судени за Македонија", главното прашање е како ова Македонија ги инкорпорира нивните искуства, како ги канализира нивните енергии? Зборувам во име на сите деца на политичките затвореници, иако сите наши приказни се различни од сите други. Толку е комплексно, и ви останува со сите нас да се занимавате. А она што не’ спојува е прашањето: дали знаете на што се осудени овие луѓе? Тие се осудени на живејачка во која културата од нив побарува покорување на еден тип културна амнезија. Како да постои општоприфатен консензус со кој ние се договараме никогаш да не зборуваме за загубата. Не е проблемот во рехабилитацијата. Ќе добиете документ дека сега е се’ во ред, но со тоа може да се сликате. Ќе се вработите во институциите на системот и ништо нема да ви биде полесно. Ќе изгледате вклопени. Ќе биде се’ во ред. Но вие знаете. Вашите татковци (и мајки) се жигосани. Цели делови од нивните животи се маркирани со црн фломастер, како деловите од нивните досиеја. Исто и животите на вас, нивните потомци. Вие потомците, не знаете што да правите со црниот фломастер. Ако боговите му намениле на татко ти да страда, ти не можеш да живееш во благосостојба, па не знам какви координати да воспоставиш за себе. Нема такво нешто како логика на здравје, ред и разум. Нема. А затоа што нема, нашето општо прашање гласи: каде се тие луѓе, колку се функционални за ова општество, што со нивната јавно непризнаена болка? Каде со неа?
Не сакам никого да навредам, ама реално гледано во една ваква (нова) држава, а со ваков стар багаж, сите ние сме помалку пролупани. Не сме имале друг избор. Џабе ние, луѓето од културата, се занимаваме со егзистенцијалистичките прашања. Ние веќе не смееме да ги прескокнуваме фундаменталните прашања на нашето историско време, на нашата мисла во нашето историско време, а таа мисла гласи: што направија од нас нижите облици на политичкото боговластие? Нашите најважни културни и субјективни прашања, со кои ќе треба да се занимаваме во следниве неколку децении, мора да бидат прашањата што прават луѓето што трпеле без субјективна вина, а во име на локалниот политички бог? Ако сакаме автентична постмодерна, таа ќе мора да личи на нас. Ако една нација сака да биде здрава, таа мора масовно да се психоанализира себеси. За да ги сознае подобро своите механизми. За да знае што и’ се случувало и каде стои сега. Нас и тоа не’ мрзи. Во име на сето ова, ги повикувам децата на бившите политички затвореници да ги отворат досиејата што ги чуваат дома. Знам дека ги заобиколуваат фиоките затоа што ги боли, ама ако ги отворат, еднаш, можеби ќе почне помалку да боли.
Post a Comment